Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – јануари 2020
февруари 14, 2020
СОДРЖИНА
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
- Работникот има право на регрес за годишен одмор под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач во стопанството
МОНИТОРИНГ НА СУДСКИ ПОСТАПКИ
- Случај „ТНТ“
ДИСКРИМИНАЦИЈА
- Дискриминација во учебник по социологија
РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО
- Секое однесување од полов карактер што го повредува достоинството на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост, е забрането
ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
- Државниот просветен инспекторат не утврди дека претходната директорка на СУГС „НИКОЛА КАРЕВ“ упатувала закани кон учениците
Јануари 2020
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
РАБОТНИКОТ ИМА ПРАВО НА РЕГРЕС ЗА ГОДИШЕН ОДМОР ПОД УСЛОВ ДА РАБОТЕЛ НАЈМАЛКУ 6 МЕСЕЦИ ВО КАЛЕНДАРСКАТА ГОДИНА КАЈ ИСТ РАБОТОДАВАЧ ВО СТОПАНСТВОТО
Во јануари, Хелсиншкиот комитет за човекови права обезбеди правна помош во 30 случаи на прекршување на работничките права, кои опфатија приближно 45 работници. Комитетот ги информираше работниците и им даде правни совети за:
- Правото на регрес за годишен одмор;
- Регистрирањето на непријавени работници;
- Постапката за заштита од вознемирување на работно место;
- Остварувањето на правата кај работодавачот и можноста за нивна судска заштита; и
- Роковите во постапката во споровите од работните однос.
- Регрес за годишен одмор за 2019 година
Овој месец, Хелсиншкиот комитет регистрираше 16 случаи на неисплатен регрес за годишен одмор и 3 случаи на исплатен регрес во износ помал од предвидениот минимум. Дополнително, Комитетот во 6 случаи правно ги советуваше работниците во врска со:
- Стекнување на правото на регрес за годишен одмор на вработените во јавниот сектор,
- Постапката пред Државниот инспекторат за труд за пријавување на неисплатениот регрес и роковите за постапување,
- Правото на регрес за годишен одмор на работничките и работниците кои користеле породилно отсуство, и
- Исклучоците од правилото за исплаќање регрес за годишен одмор.
Дел од работниците ги пријавија прекршувањата на нивните работнички права во Државниот инспекторат за труд, а во 9 случаи правниот тим на Комитетот се обрати до Инспекторатот со барање за спроведување на вонреден инспекциски надзор. Од Инспекторатот, во текот на месец јануари, не пристигнаа одговори на поднесените пријави.
Во однос на случаите на исплатен регрес во износ помал од предвидениот минимум, работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја својата економско-финансиска состојба, можат да исплатат регрес за годишен одмор под загарантираниот минимум. Сепак, еден од предизвиците при остварување на правото на регрес за годишен одмор е непостоењето на јасни критериуми за утврдување дали навистина постоеле објективни тешкотии при работењето и соодветна проценка на големината на проблемите. Ова пак, од своја страна, доведува до можност за злоупотреба и изигрување на членот 35 од Колективниот договор за приватниот сектор од страна на работодавачите. Дополнителен проблем е тоа што во случаи кога работодавачот има тешкотии во работењето, повторно нема јасни критериуми за намалувањето на износот на регрес за годишен одмор. Целосно е нејасно колку помал износ oд предвидениот минимум му е дозволено на работодавачот да исплати vis a vis тешкотиите во работењето.
Препорака: Државниот инспекторат за труд да постави јасни критериуми и постапки за утврдување дали, а доколку е тоа случај, и во колкав обем, работодавачот навистина се соочува со финансиски тешкотии во работењето.
- Итно решавање на работните спорови
Во ноември 2018 година, Трајан Стојчевски до Хелсиншкиот комитет за човекови права пријави дека по спогодбено раскинување на договорот за вработување со неговиот работодавач е иницирана судска постапка против него. Работодавачот повел постапка за надомест на штета поради повреда на конкурентската клаузула од страна на работникот. Основниот граѓански суд Скопје го усвоил тужбеното барање на работодавачот, на штета на работникот, иако согласно со Законот за работните односи, конкурентската клаузула може да се договори само доколку договорот за вработување престане по волја или по вина на работникот. Во конкретниот случај станува збор за двострано изјавена волја, па оттука е нејасно врз која основа Судот ја донел ваквата одлука. Основниот суд го задолжил работникот да му исплати 600 000 денари на работодавачот, како и околу 90 000 денари за судски трошоци.
Трајан ја обжали оваа пресуда до Апелациониот суд Скопје во ноември 2018 година, но досега Апелациониот суд Скопје нема донесено одлука за жалбата на работникот, иако се поминати повеќе од една година и два месеци, спротивно на предвидениот законски рок.1
Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права неколкупати ургираше до Апелациониот суд Скопје да го почитува рокот од 30 дена во споровите од работни односи и да донесе одлука во најскоро време за жалбата на работникот.
- Одјавување од задолжително социјално осигурување во случај на прекин на работниот однос
Пред извесен период, една работничка се обрати со барање за бесплатна правна помош поради тоа што по прекинување на работниот однос, работодавачот не ја одјавил од задолжителното социјално осигурување. Согласно со член 13 став 11 од Законот за работните односи, доколку работодавачот по престанокот на работниот однос, во рок од осум дена од денот на престанокот на работниот однос, не го одјави работникот од задолжителното социјално осигурување, одјава на работникот може да се изврши по барање на работникот.2 Покрај тоа што работничката побарала записник од страна на Државниот инспекторат за труд – Скопје, за да ѝ послужи за одјавување од задолжителното социјално осигурување, Инспекторатот сѐ уште нема одговорено на нејзиното барање.
Препорака: Во вакви случаи Инспекторатот треба да одговори на барањето во рок од 30 дена од денот на неговото поднесување. Комитетот апелира трудовите инспектори во вакви случаи да реагираат и пред истекот на овие 30 дена. Имено, ваквиот рок е несоодветен поради тоа што се работи за заштита на права од работен однос кои се директно поврзани со егзистенцијалниот статус на работниците и таквата заштита бара посебен приоритет и итност.
МОНИТОРИНГ НА СУДСКИ ПОСТАПКИ
СЛУЧАЈ „ТНТ“
Дел од одбраната во судскиот случај познат во јавноста како „ТНТ“ се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права поради суштествени повреди на постапката од страна на судечкиот совет.
Причината за нивното обраќање до Комитетот беше соопштението објавено од страна на Основниот кривичен суд Скопје од ден 31.12.2019 година. Со ова соопштение се известува јавноста дека поради ефикасност на постапката на предметот кој е во завршна фаза, доследно почитување на начелото на судење во разумен рок со што ќе се овозможи на одбраната да се подготви за постапување во други предмети, како и почитување на правата на обвинетите и на оштетените, надлежниот судечки совет определил нови термини за продолжување на расправата по предметот „ТНТ“ и тоа во секој работен ден во период од 13.1. до 17.1. и секој работен ден во период од 20.1. до 27.1.
Одбраната објаснува дека најпрво било закажано само едно рочиште на ден 17.1., за потоа да се закажат рочишта секој работен ден. Ваквата интензивна динамика на судење оневозможува ефективно учество во судењето, подготовка на одбраната во предметот, а спречува и дел од бранителите да ги застапуваат обвинетите бидејќи рочиштата за предметот „ТНТ“ се преклопуваат со веќе закажани судски рочишта каде што се ангажирани овие бранители.
Иако е важно постапката да се спроведува брзо, тоа не треба да се прави на штета на странките. Имено, судењето во разумен рок е релативна категорија и зависи од повеќе фактори како големината на доказниот материјал и бројот на инволвирани лица во постапката. Судењата никако не треба да се одвиваат со голем интензитет, туку е потребно да се одвиваат во разумно време кое би било доволно брзо, но и доволно долго со цел да се овозможи адекватна подготовка на сите учесници во постапката.
Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека членот 6 од Европската конвенција за човекови права упатува на минимални утврдени права на секој обвинет во постапката, помеѓу кои предвидено е и обезбедување на адекватно време и услови за подготвување на одбрана. Овој член се однесува на можноста одбраната да биде подготвена за кое било дејствие кое е предвидено да се преземе на главната расправа, особено во фаза на доказна постапка во предмети каде што се предложени голем број материјални докази и сведоци.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
ДИСКРИМИНАЦИЈА ВО УЧЕБНИК ПО СОЦИОЛОГИЈА
Хелсиншкиот комитет заедно со останатите членки од Мрежата за заштита од дискриминација документираше случај на дискриминација врз основа на род, сексуална ориентација, семеен и брачен статус, здравствен статус и припадност на маргинализирана заедница во учебникот „Социологија“ за втора година на реформирано гимназиско образование, од авторите Нелко Стојановски, Милева Ѓуровска и Зоран Матевски.
Истиот учебник и пред неколку години предизвика реакции кај јавноста кога се појави дел од неговата содржина која вели дека: „припадниците од повисоките слоеви ги тераат своите деца да завршат елитни училишта иако немаат економски причини за тоа и дека тие можат да ги вработат своите деца без да завршат некое особено образование“. Овој текст е проблематичен бидејќи, повторно, еднострано и некритички ги претставува состојбите.
Министерството за образование и наука ниту тогаш не презеде никакви дејствија и мерки за овој учебник да биде повлечен од употреба, овозможувајќи денес веќе 17 генерации млади луѓе да го употребуваат овој учебник. Учениците се учат на нееднаков третман меѓу мажите и жените, патријархални вредности, стереотипи и предрасуди кон маргинализирани групи и се учат да ја девалвираат и етикетираат жената и нејзината улога во општеството. Наместо да се промовира еднаквоста, недискриминацијата и инклузијата на маргинализираните групи, со учебникот се врши вознемирување како облик на директна дискриминација кон жените, еднородителските семејства, вонбрачните заедници, ЛГБТИ луѓето, луѓето коишто употребуваат дроги и алкохол, сексуалните работници, сиромашните граѓани, луѓето што питачат итн.
Хелсиншкиот комитет, заедно со членките од Мрежата за заштита од дискриминација, за овој слулај поднесе претставки до Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат.
Препорака: Бараме Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат да поведат постапка за заштита на уставните и законските права на граѓаните и заштита на начелото на недискриминација и да донесат мислење и препорака до Министерството за образование и наука да го повлече од употреба учебникот „Социологија“ за втора година реформирано гимназиско образование согласно со член 26 став 2 од Законот за учебници за основно и средно образование и да започне постапка за издавање нов учебник кој ќе ја промовира и почитува родовата рамноправност, согласно на домашните позитивни закони и меѓународните стандарди за правото на образование.
РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО
СЕКОЕ ОДНЕСУВАЊЕ ОД ПОЛОВ КАРАКТЕР ШТО ГО ПОВРЕДУВА ДОСТОИНСТВОТО НА ВРАБОТЕНИОТ, А КОЕ ПРЕДИЗВИКУВА ЧУВСТВО НА СТРАВ ИЛИ СОЗДАВА НЕПРИЈАТНОСТ И ПОНИЖЕНОСТ, Е ЗАБРАНЕТО
Во текот на месец ноември, Хелсиншкиот комитет за човекови права регистрираше случај на родово базирано насилство на полициски службеници кое траело повеќе од година дена. Полициските службенички биле изложени на сексуално вознемирување и полови дејствија со закани и континуирано психичко малтретирање, понижување и повредување на нивното достоинство со притисоци на работното место од страна на раководно полициско лице. Полициските службенички го пријавиле случајот во Министерството, дел од нив усно, а дел од нив се обратиле писмено, но и покрај тоа, раководното лице продолжило сексуално да ги вознемирува.
Хелсиншкиот комитет побара надлежните институции сериозно и неодложно да се зафатат со расчистување на случајот и веднаш да ја утврдат одговорноста на сите лица инволвирани во настанот. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во јануари 2020 година нѐизвести дека по извршување на непосредни проверки, потврдени се наводите наведени во пријавите. Имено, според Известувањето на Одделот за внатрешна контрола, командирот на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба подолг временски период наназад, искористувајќи ја својата службена положба, сексуално ги вознемирувал полициските службенички. Тој континуирано им се наметнувал со непристојни предлози и понуди за задоволување на неговите сексуални потреби, што на крајот резултирало со упатување на закани кон полициските службенички поради одбивање и несогласување за обљуба.
По ваквата констатирана состојба, Одделот за внатрешна контрола повел постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за потешко кршење на работниот ред и дисциплина против командирот на ПС Гази Баба, и е наложено тој да се отстрани од работното место до завршување на постапката за дисциплинска одговорност. Дополнително, Одделот нѐизвести дека доставиле писмено известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, заради понатамошно постапување.
Препорака: Насилството врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените. Истанбулската конвенција им наложува на државите да се водат од принципот на должно внимание, односно предвидува обврска за државите да се воздржуваат од учествување во каков било акт на насилство врз жените и да обезбедат државните органи, функционерите, службениците, институциите и другите актери коишто дејствуваат во име на државата да постапуваат во согласност со ваквата обврска. Хелсиншкиот комитет го поздравува постапувањето на Одделот за внатрешна контрола во конкретниот случај и очекува сите надлежни институции со должно внимание да постапуваат во случаите на родово базирано насилство, при утврдување на одговорноста на инволвираните лица.
ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР
ДРЖАВНИОТ ПРОСВЕТЕН ИНСПЕКТОРАТ НЕ УТВРДИ ДЕКА ПРЕТХОДНАТА ДИРЕКТОРКА НА СУГС „НИКОЛА КАРЕВ“ УПАТУВАЛА ЗАКАНИ КОН УЧЕНИЦИТЕ
Средношколците од повеќе градови низ државата на ден 20.12.2019 година со бојкот на наставата решија да го искажат својот револт кон институциите за непреземањето мерки против загадениот воздух. Дел од учениците слободно го искажаа својот револт, а дел од нив се соочија со закани од наставници и директори дека ќе бидат санкционирани доколку ги напуштат часовите.
На социјалните мрежи циркулираше видеоснимка од средното училиште „Никола Карев“ во Скопје на која сега веќе претходната директорка им се заканува на учениците дека не гарантира за последиците поради мирниот протест3, а до Хелсиншкиот комитет за човекови права пристигнаа и неколку други претставки од страна на ученици од повеќе градови низ државата кои се пожалија дека директорите даваат наредби да се затворат вратите од училиштата и да не им се дозволува на учениците да излегуваат на одмор, како што беше случај во средното училиште „Гоце Делчев“ во Куманово.
Согласно со член 21 од Уставот на Република Северна Македонија: „Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба.“
Заканите и притисоците од директорките на училиштата и ограничувањето на правото на мирен протест на учениците претставува повреда на Уставот и на позитивните законски прописи.
Хелсиншкиот комитет за човекови права побара од Државниот просветен инспекторат сериозно и неодложно да се зафати со расчистување на овој случај, веднаш да утврди одговорност на сите инволвирани лица и да ги преземе сите дејствија и мерки со цел учениците да можат слободно да го остварат нивното право на мирен протест.
Откако инспекторатот спроведе вонреден инспекциски надзор во средното училиште „Никола Карев“, нè извести дека не можел да дојде до видеоснимката во која е прикажано како директорката на училиштето им се заканува на учениците, а новиот директор и стручната служба на училиштето дале писмени изјави дека не се запознаени со упатените закани на претходната директорка кон учениците. Оттука, Државниот просветен инспекторат не можел да утврди дека претходната директорка на училиштето им се заканувала на учениците поради што ја запрел инспекциската постапка.
Најпрво, инспекторатот спровел вонреден инспекциски надзор само во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, но не и во средното училиште „Гоце Делчев“ во Куманово за кое Комитетот во иницијативата приложи материјален доказ (принтскрин) од каде се гледа дека лице од стручната служба на училиштето дава наредба да се затворат вратите од училиштето и да не се дозволува учениците да излезат на одмор.
Понатаму, нејасно е како Инспекторатот не успеал да дојде до видеоснимката од училиштето „Никола Карев“ за која речиси цела јавност беше запознаена, а од Комитетот не беше побарано ниту дополнително да ја достави. Разговор не бил спроведен ниту со учениците кои се директно засегнати од овие случувања, туку, напротив, писмени изјави биле побарани само од стручните служби и сегашниот директор.
Целта на Просветниот инспекторат е да врши надзор над спроведувањето на законите, другите прописи и општи акти од областа на воспитанието и образованието, а заради надзор над квалитетот на образовниот процес преку евалуација на работата на воспитно-образовните установи.
Вака спроведениот инспекциски надзор содржи низа пропусти и упатува на тендециозно постапување на Просветниот инспекторат кој очигледно паушално ја спровел целата постапка. Инспекторатот не смее да затвори ваква постапка без да разговара со учениците, а особено постапка за која има јасни докази на социјалните медиуми.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе побара испитување на работата на Државниот просветен инспекторат, односно дали постапката за овој конкретен случај била законски и професионално спроведена.