Месечен извештај – октомври 2015
ноември 11, 2015
Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за септември 2015 година ги опфаќа темите: Средношколски марш; Специјално јавно обвинителство; Апелациониот суд Битола во заштита на полициското малтретирање; Фемицид – последица на неефикасна системска заштита на жените; Случај – Непристапност до градинките за дете со лесна интелектуална попреченост; Случај – Дискриминација врз Ромите на граничните премини на Република Македонија – препораки за надминување на дискриминаторската практика; Случај – Драѓе Николовски.
Месечниот извештај може да го преземете на следниов линк .
СРЕДНОШКОЛСКИ МАРШ
Во текот на изминатиот месец до Хелсиншкиот комитет беа доставени пријави со наводи за закани врз средношколците кои учествуваа на протестниот средношколски марш против лошите реформи во образованието кој се одржа на 21.11.2015 година. Наводите беа доставени од страна на средношколци, но и родители. Особено загрижувачки се наводите за затворање на учениците во училиштата од страна на службени лица, преку затворање на училниците и вратите од средните училишта, како и фактот што одредени медиуми известија дека средношколците добивале паричен надомест за учество на протестот, поради што денеска осамнаа графити пред две средни училишта со ваква содржина. Со ова се повредува честа и угледот на децата кои сакаат да го изразат незадовоството од образовните реформи.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека ваквите притисоци врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди за заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест. Впрочем, Уставот на РМ го гарантира правото на граѓаните, вклучително и децата мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Во Конвенцијата за правата на децата, која Република Македонија ја има ратификувано и претставува дел од нашата правна рамка, ова право им се гарантира на децата во член 15 каде е наведено дека државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање и во однос на остварувањето на ова право не може да се наметнуваат никакви ограничувања освен оние кои се во согласност со закон и кои се неопходни во демократско општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот поредок, заштитата на јавното здравје или морал или заштитата на правата и слободите на другите. Државите имаат позитивна обврска да го штитат ова право на децата и да ги едуцираат државните, јавните и полициските службеници за правото на децата да протестираат, со цел полесно практикување на ова право. Позитивната обврска на државата за посебна заштита на децата кои учествуваат во протести се согледува и низ праксата на Европскиот суд за човекови права. Во случајот Castle and Others v Great Britain, Европскиот суд за човекови права го утврдува правото на децата да учествуваат во протести, потенцирајќи дека треба да се сметаат за ранлива група и затоа државата треба да им обезбеди посебна заштита, особено од страна на полициските службеници, при практикување на ова право. Дополнително, затворањето на децата во училиштата со цел да не присуствуваат на протестниот марш претставува противправно лишување од слобода, кое е забрането согласно Кривичниот законик на Република Македонија. Во член 140 став 3 од Кривичниот законик е наведено дека „Ако противправното лишување од слобода го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.„ Врз основа на овој член постои можност јавното обвинителство да постапи по допрен глас и да ги истражи информациите за лишувањето од слобода на средношколците.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет смета дека ваквото ограничување на слободата на движење го ограничува и правото на протест на децата и правото да ги изразат своите ставови за процес кој директно ги засега како што впрочем претставува образовниот процес, поради што препорачува да се почитува член 21 од Уставот на РМ, со кој се гарантира правото на мирен собир и ставовите на средношколците да бидат земени предвид од страна на надлежните институции.
СПЕЦИЈАЛНО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
На 15 септември 2015 година, а согласно Договорот од Пржино, Собранието на Република Македонија едногласно го усвои Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Со овој закон и официјално се предвиде постоењето на специјален јавен обвинител кој беше експресно избран од страна на Собранието на РМ со претходен договор меѓу четирите најголеми политички партии.
Иако изборот на специјалната јавна обвинителка беше по итна постапка, сепак обвинителството се уште нема започнато со работа, поради опструкциите од страна на Советот за јавни обвинители во однос на бараниот тим од страна на обвинителката. Имено, Советот на јавни обвинители повеќе од месец и половина се спротивставуваше на барањето на обвинителката нејзиниот тим да има 14 обвинители, така што најпрво избра седум, за потоа да избере уште пет јавни обвинители. Закочувањето на работата на специјалното јавно обвинителство следеше по закочувањето на преговорите за исполнување на Договорот од Пржино, што дава основан сомнеж за политичко влијание и врз одлуките на Судскиот совет. Дополнително, беше пробиен и законскиот рок од 35 дена за обезбедување на финансиски средства за работа на специјалното јавно обвинителство, што дополнително ја закочи неговата работа.
Земајќи го предвид и фактот што до неодамна специјалното јавно обвинителство немаше ниту канцеларии, може да се донесе заклучокот дека засега темпото на работа не соодветсвува со причината поради која е избрана обвинителката – поведување итна истрага против сите лица за кои постои сомнение дека извршиле кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите, вклучително и за највисоките државни функционери.
Препорака:
Избраните јавни обвинители што поскоро да формираат тимови и специјалното јавно обвинителство конечно да започне со работа.
АПЕЛАЦИОНИОТ СУД БИТОЛА ВО ЗАШТИТА НА ПОЛИЦИСКОТО МАЛТРЕТИРАЊЕ
Хелсиншкиот комитет, од август 2013 година, го следи предметот М.В. (жртва на полициско насилство и малтретирање), против Т.А. (полициски службеник во СВР Битола). М.В. во јуни 2013 г., од страна на полициски службеник од Полициската станица Демир Хисар бил повикан на информативен разговор, без да му се каже причината за тоа. Според сведочењето на М.В., веднаш по влегувањето во станицата, еден полициски службеник почнал да му вика и да го навредува, обвинувајќи го за кражба на акумулатори. Во просторијата тогаш влегол Т.А. и без никаков повод го удрил М.В. со колено во пределот на ребрата, потоа го удирал по главата и го газел по телото.
Од ваквиот напад М.В. паднал на подот, по што полицискиот службеник го кренал и го однел во друга просторија во која се наоѓале малолетници. Децата биле осомничени за кражба на акумулатори. Т.А. започнал да им се заканува и да им врши притисок да признаат дека и М.В. бил со нив кога краделе. И покрај притисокот, децата не ја потврдиле оваа теорија. На крајот, Т.А. го известил М.В. дека неговиот камион е проверен, дека во него нема украден акумулатор, по што го ослободил. М.В. заедно со својот татко веднаш се упатил кон болница во Демир Хисар од каде бил испратен на хируршкото одделение во ЈЗУ Битола. Поради болките и повредите, М.В. бил задржан на дводневно лекување. За овој настан М.В. поседува лекарски уверенија, медицински наоди и судско-психијатриското вештачење за нематеријална штета.
Правниот застапник на М.В. до Основниот суд во Битола поднел приватна кривична тужба за кривичното дело „телесна повреда“, по што Судот отпочна со постапка која во целост беше набљудувана од страна на Хелсиншкиот комитет. Според Член 49, став 3 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), Основниот суд требаше да утврди дека пријавеното дело („Мачење и друг вид на сурово, нечовечно или понижувачко постапување“ од Член 142 КЗ) се гони по службена должност, а не по приватна тужба и тужбата да ја препрати до Основното јавно обвинителство Битола. Тоа не се случи па судењето се одвиваше во спротивност на ЗКП.
Во текот на 2014 година, Основниот суд ја донесе Пресудата К-432/13 со која полицискиот службеник беше огласен за виновен и му беше изречена условна осуда во траење од 30 дена, со проверка од 1 година. Постапувајќи по жалбата на обвинетиот полициски службеник, Апелациониот суд Битола со Решението КЖ-684/14 ја укина пресудата на Основниот суд и предметот го врати на повторно судење. Според Апелациониот суд не било јасно како настанале телесните повреди кај жртвата. По повтореното судење, а имајќи ги предвид напатствијата на Апелациониот суд, Основниот суд донесе Пресуда К-564/14 со која обвинетиот беше ослободен од обвинението. По жалбата на жртвата, Апелациониот суд, преку Пресудата КЖ-277/15, ја потврди ослободителната пресуда на Основниот суд.
По набљудувањето на сите судски рочишта и разгледувањето на списите во предметот, Хелсиншкиот комитет изразува жалење и загриженост за постапките на Основниот суд Битола кој не смееше да постапува по приватна тужба. Предметот мораше да биде препратен на истрага до Основното јавно обвинителство. Особено загрижува односот на Апелациониот суд кој преку своите напатствија до Основниот суд се стави во заштита на полициското насилство и самоволие. Поради сите овие причини, Хелсиншкиот комитет жртвата ќе ја застапува пред Европскиот суд за човекови права.
Препорака:
Властите да спроведат политика на нулта толеранција за акти на тортура од страна на службени лица. Државата да се соочи со феноменот на неказнивост и солидаризирање на судството со полицијата. Фокусот да се насочи кон жртвите на тортура за кои државата сè уште не обезбедува соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка. За постигнување на оваа цел, потребно е најитно да се имплементира ЕУ Директивата 2012/29 за воспостувавуање на минимум стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминал.
ФЕМИЦИД – ПОСЛЕДИЦА НА НЕЕФИКАСНА СИСТЕМСКА ЗАШТИТА НА ЖЕНИТЕ
Во текот на месец октомври 2015 година, јавноста беше известена за уште еден фемицид, во кој жена беше брутално убиена со секира од страна на нејзиниот сопруг. Во билтенот на дневни настани, Министерството за внатрешни работи како причина за убиството ги наведе нарушените семејни односи, а неофицијално, на настанот му претходела расправија. По само два дена, во медиумите беше објавен настан во Кочани, каде што маж си го одзел животот со бесење, откако претходната вечер физички ја малтретирал својата сопруга и ја прободел со нож во раката.
Хелсиншкиот комитет со загрижување потсетува дека овие два настани се само продолжение на многубројните настани на родово базирано насилство и насилство во семејството кои завршиле со смртни случаи во изминатите две години. Имено, во месец мај годинава, постара жена беше пронајдена мртва во својот дом во скопската населба Пржино, со видливи траги на насилство, за што прв осомничен бил нејзиниот син. Во јануари, бремена жена беше убиена на детската клиника во Скопје, а потоа фрлена од кровот од страна на сторителот. Во текот на 2014 година, државните органи за спроведување на законот потфрлија во спречувањето на 5 случаи на родово базирано насилство со смртни последици. Во почетокот на месец мај, 2014 година, беше пронајдена мртва жена во Кавадарци, за чија смрт беше обвинет нејзиниот сопруг. Кон крајот на месецот, маж од Скопје со огнено оружје ја убил својата партнерка со која биле во љубовна врска, а потоа се самоубил. Жртвата подолго време се жалела на закани дека ако го напушти, ќе ја убие. Кон крајот на месец јули, маж од Скопје, со огнено оружје ја убил својата партнерка и нејзината сестра, по што се самоубил. По само три месеци, во ноември, следуваше трократното убиство во Кавадарци, каде што маж ги уби мајката, таткото и сестрата на сопругата со која воделе постапка за развод. Сторителот бил неколку пати пријавуван за насилство во семејството, но институциите не обезбедиле заштита на жртвите. Кон крајот на месец ноември пак, повторно беше извршено трократно убиство, во Злетово, каде што маж ги уби родителите на сопругата со која се разведувал, и нивни познаник, чичко на момче со кое сторителот се сомневал дека е во врска со поранешната сопруга. Сторителот бил пријавуван пред надлежните органи за семејно насилство.
Споменатите примери, Хелсиншкиот комитет ги смета како директна последица на неефикасна системска заштита на жените од родово базирано насилство. Државата има обврска да обезбеди навремено информирање, згрижување и помош на жртвата на семејно насилство, со цел да го спречи сторувањето на фемицид, како и да прави проценка на ризик на состојбата во кој се наоѓа жртвата. Дополнително, при случаите на фемицид, неопходно е државата да спроведе детална истрага за околностите на случајот, да ја утврди вината на сторителот, но и на сите кои не обезбедиле соодветна заштита и соодветно да ги казни за стореното дело. Овие обврски на државата се предвидени во Истанбулската конвенција за спречување и борба со насилство врз жените и семејно насилство, која е потпишана од страна на Република Македонија, но се уште не е ратификувана.
Препорака:
Поради очигледната неефикасност на институционалната заштита на жените како жртви на насилство и зголемување на бројот на родово базирани убиства, Хелсиншкиот комитет смета дека е неопходно државата што побрзо да ја ратификува Истанбулската конвенција и да ги спроведе обврските кои произлегуваат од неа.
СЛУЧАЈ – НЕПРИСТАПНОСТ ДО ГРАДИНКИТЕ ЗА ДЕТЕ СО ЛЕСНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ
Со барање за правна помош за заштита од дискриминација до Хелсиншкиот комитет се обрати родител на 4-годишно дете со интелектуална попреченост, поради непристапноста до предучилишно образование – градинка. Во конкретниот случај се работи за хиперактивно дете со лесна интелектуална попреченост и проблеми со говорот. Според мислењето на Заводот за ментално здравје – Скопје детето треба да се вклучи во логопедски и дефектолошки третман и треба да биде вклучено во предучилишна возраст.
До април 2015 година детето било вклучено во градинка, но поради притисоците од страна на вработените, несоодветната грижа и отсуство на човечки капацитети за работа со деца со интелектуална попреченост, родителите биле приморани да го отпишат од градинката, со цел да најдат градинка (јавна или приватна) која има и просторни и човечки капацитети за грижа за децата со лесна интелектуална попреченост. Од овој момент родителите направиле повеќе обиди да го вклучат детето како во јавна, така и во приватна градинка, но сите обиди се неуспешни.
Земјаќи ги предвид ваквите пријави, но и историската дискриминација кон лицата со интелектуална попреченост и нивната маргинализација во општеството, Хелсиншкиот комитет спроведе тестирање на ситуација преку телефонско јавување преку кое ја истражи потенцијалната дискриминација од страна на градинките кон децата со интелектуална попреченост. Една од целите на тестирањето беше и да се утврди дали слабите просторни и човечки капацитети на градинките влијаат во пристапот до градинките на децата со интелектуална попреченост. Беа тестирани вкупно 70 градинки на ниво на целата држава, од кои 56 државни и 14 приватни градинки. Врз основа на сите собрани податоци може да биде констатирано дека не постојат ниту просторни ниту човечки капацитети во градинките за згрижување и воспитание на сите деца од предучилишна возраст кои имаат потреба за запишување во градинките.
Ова е системски недостаток кој особено се рефлектира врз децата со интелектуална попреченост и го ограничува или пак може да го ограничи правото на пристап во градинките. Проблемот произлегува од тоа што во член 64 од Законот за заштита на децата е предвидено дека во редовните групи може да се вклучи едно дете со лесни пречки во менталниот развој или телесна попреченост, во кој случај бројот на децата во групите се намалува за две деца. Дополнително, оваа одредба ретко се почитува, поради тоа што поголемиот број градинки, особено во општините на градот Скопје, вклучуваат поголем број на деца во групите од предвидените стандарди, со цел што повеќе деца да бидат згрижени и вклучени во воспитниот процес во градинките. Оттука, се доаѓа до заклучок дека слабите просторни и човечки капацитети на градинките влијаат на пристапот до градинките на децата со интелектуална попреченост, кои имаат различни потреби од децата кои немаат попречености. Сметаме дека овој системски проблем доведува до нееднаков третман на децата со интелектуална попреченост наспроти децата кои немаат попречености во пристапот до градинките. Дополнително, со ова истражување беа утврдени и неколку случаи каде постои основано сомнение дека се врши директна дискриминација кон децата со лесна интелектуална попреченост, поради што Хелсиншкиот комитет на 15.12.2015 година достави претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, за која се уште немаме добиено одговор.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет смета дека е неопходно да се обезбедат услови за непречен пристап на децата со лесна интелектуална попреченост во предучилишна возраст и да се почитуваат уставните и законските одредби кои гарантираат еднаквост на сите граѓани. Особено треба да се почитува член 64 од Законот за заштита на децата, чија цел е да го олесни пристапот до градинките на децата со лесна интелектуална попреченост, да ја гарантира соодветната грижа за овие деца, со цел полесна интеграција во сите општествени процеси.
СЛУЧАЈ – ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ РОМИТЕ НА ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА – ПРЕПОРАКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ДИСКРИМИНАТОРСКАТА ПРАКТИКА
Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ, на 14.10.2015 година, организираа конференција на тема „Ограничување на правото на слобода на движење на Ромите на граничните премини“, а со цел давање на препораки и активности за надминување на дискриминаторската пракса.
Учесниците посебно ја поздравија иницијативата за организирање на конференција на оваа тема и активно се вклучија во дискусијата од која произлегоа следниве препораки 1. Прекинување на праксата на системска дискриминација врз основ на етничката припадност и расното профилирање на Ромите на граничните премини, без разлика на личните предрасуди и стереотипи на овластените службени лица. Притоа расното профилирање се разбира согласно Општата препорака бр.11 на Европската комисија против расизам и нетолеранција на Советот на Европа и значи “користење од страна на полицијата на основи како што се раса, боја на кожа, религија, националност или национално или етничко потекло при контрола, набљудување или истражни активности, без објективно и разумно оправдување”. 2. Усогласување на националните миграциони политики со меѓународните стандарди, а посебно судската пракса на Европскиот суд за човекови права. 3. Надградба на нормативата со цел создавање на правен основ за донесување на образложена одлука во писмена форма за недозволениот излез од државата со што ќе се обезбеди правна сигурност и понатамошна заштита на правата на граѓаните преку право на жалба. 4. Обезбедување на ефикасна истрага во случаи на наводна расна дискриминација и расно-мотивирано противправно постапување на полицијата од страна на Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи како и јавното обвинителство. 5. Создавање на законски предуслови за остварување на ефикасен пристап до правдата за жртвите на дискриминацијата преку добивање на бесплатна правна помош и системи за поддршка, од страна на државата. 6. Собранието преку надлежните комисии и стручната служба активно да се вклучи во разгледување на прашањето на дискриминација на Ромите на граничните премини со организирање на надзорна расправа, формирање на Анкетна комисија и разгледување на прашањето пред Комитетот за односи меѓу заедниците. 7. Да се измени Законот за полицијата во насока на обезбедување на задолжително носење на идентификација со име и презиме на секое овластено службено лице. 8. Обезбедување на законски услови со кои правото на азил нема да се ограничува арбитрерно од страна на државата и да се прејудицира од 3 страна на овластените службени лица дали некој би има статус на барател на азил или не. 9. Од страна на Министерството за внатрешни работи преку Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди да се преземат активности за јакнење на капацитетите и компетентноста на службените лица за гранична контрола за принципот на недискриминација и расното профилирање преку едукативни содржини и работилници систематизирани во Акциски план. 10. Министерството за внатрешни работи да спроведе истражувања за расното профилирање и да се мониторираат полициските активности со цел идентификување на практиките на расното профилирање, вклучително преку собирање на податоци разделени по дискриминаторски основи за релевантните полициски активности. 11. Промена во јавниот дискурс креиран од повеќе национални медиуми кој создава искривена слика за Ромите како потенцијална опасност за укинување на безвизниот режим во државата. Во таа насока, Министерството за внатрешни работи да пристапи кон изработка и дистрибуција на информативни материјали за правата и обврските на лицата кои ги преминуваат граничните премини, документите потребни за излез, како и механизмите за заштита при повреда на правата од страна на овластените службени лица на граничните премини. 12. Конечно, се препорачува сите надлежни органи и институции и сите други субјекти кои можат да придонесат во надминување на состојбата со расното профилирање на Ромите на граничните премини во државата да покажат иницијатива, посветеност и соработка во насока на реализација на овие препораки.
СЛУЧАЈ – ДРАГЕ НИКОЛОВСКИ
До Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија беше поднесена барање за бесплатна правна помош од страна на лицето Драѓе Николовски, кое не може да ги оствари правото на инвалидско пензиско осигурување и правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
Во доставените документи е утврдено дека лицето има трајни промени во здравствената состојба, која не може да се отстрани со лекување а неговата работна способност е трајно намалена за повеќе од половина во споредба со физички и психички здрав осигуреник. Тој живее во субстандардни услови, во својата куќа,сам, без ниеден член од неговото потесно семејство бидејќи се сите починати. Единствен финансиски извор за егзистенција е оствареното право на социјална помош кое изнесува 1.200,00 ден. месечен износ. Неговото барање за инвалидско пензиско осигурување било одбиено од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, поради неисполнување на стажот за осигурување.
Според наодите на странката, стажот кој недостасува во пресметките на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување се годините во периодот од 2002-2009 година кога Драѓе Николовски бил осигуран како инвалидно лице во заштитно претпријатие за вработување на инвалиди, согласно Законот за вработување на инвалидни лица, со тоа што за вработеното лице е предвидено ослободување од плаќање на персонален данок и обврски за плаќање на придонеси на плата бидејќи овие средства се обезбедуваат од страна на Буџетот на Република Македонија.
Лицето Драѓе Николовски го обжалил првостепеното решение, а второстепениот орган ја одбил жалбата како неоснована со образложение дека не го исполнувал стажот кој изнесува 1/3 од работниот век поради тоа што придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за периодот од 28.02.2002 до 01.10.2009 година не биле платени. Ова Решение било донесено и покрај тоа што лицето во тој период било вработено како инвалидно лице, кога трошоците се предвидени да бидат обезбедени од страна на Буџетот на Република Македонија, со уредно доставени документи кои служат како доказен материјал. Странката по одбивање на жалбата од второстепениот орган повела управен спор до Управен суд во Скопје, каде тужбата на тужителот се уважила и предметот бил вратен на повторно разгледување и одлучување пред управните органи.
Исто така залудни се и неговите обиди да оствари право на парична помош за нега од трето лице, бидејќи со Решение од Министерство за труд и социјална политика е образложено дека врз основа на Наодот, оцената и мислење по решавање по поднесени жалби против првостепеното Решение е утврдено дека лицето нема потреба од помош и нега од друго лице, бидејќи може сам да ги остварува основните животни потреби.
Поради огромниот пропуст на институциите во работењето за остварување на правата на лицето Драѓе Николовски, Хелсиншкиот комитет за човекови права поднесе дописи до ЈУ Меѓуопштински цнетар за социјална работа на град Куманово и до Фонд на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, за повторно разгледување на овој случај и решавање во корист на странката. Исто така ќе ги преземе и сите идни дејства за кои ќе се јави потреба при решавање на самиот предмет.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет препорачува итно решавање на овој случај, на начин што ќе се овозможи лицето Драге Николовски да го оствари правото на инвалидско пензиско осигурување, загарантирано со член 35 од Уставот на РМ, во кој е наведено дека републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност и дека им го гарантира правото на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани, обезбедувајќи им посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.