Месечен извештај – јуни 2016
Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јуни 2016 година ги опфаќа темите: Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура; Хелсиншкиот комитет за човекови права изврши посета на ЈУ Специјален завод – Демир Капија; КЗД утврди дискриминација врз трансродово лице; Говор на омраза кон ЛГБТИ популацијата; Македонија нема прогрес во реализација на економските, социјалните и културните права и Република Македонија не обезбедува социјална сигурност за своите граѓани.
МЕЃУНАРОДЕН ДЕН ЗА ПОДДРШКА НА ЖРТВИТЕ ОД ТОРТУРА
На 26 јуни сe одбележа меѓународниот ден за поддршка на жртвите од мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување. Во своето обраќање до нациите, генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки Мун порача „Правото е кристално јасно: мачењето е недозволено во било кое време и под било кои услови, вклучително и за време на конфликт или кога постои опасност за националната безбедност. На овој Меѓународен ден за поддршка на жртвите од тортура, ја изразуваме нашата солидарност и поддршка кон стотиците илјади жртви на тортура и нивните семејства низ светот“.
Во текот на 2015 година, Европскиот суд за човекови права донесе рекордни 5 пресуди против Р. Македонија што се однесуваат на член 3 од Европската конвенција за човекови права – Забрана на мачење. Во сите пресуди се работи за тортура извршена од страна на државни службеници, но и покрај тоа што овие случаи биле пријавени во обвинителствата, за нив или воопшто немало никаква истрага или истрагата била целосно неефективна. Хелсиншкиот комитет во последните три години има регистрирано дузина слични случаи за кои обвинителствата не спроведуваат ефективна истрага или државата не ја надоместува штетата. Дел од овие примери се брутално нападнатиот граѓанин на улица во Охрид од страна на полицијата, осуденото лице кое по напад на затворски полицаец изгуби еден бубрег и слезината, нападот на голем број полициски сили против граѓани од ромската заедница во населбата Топаана, претепувањето на невино момче во Полициската станица во Демир Хисар тепањето на малолетни деца Роми од страна на Полициската единица „Алфа“, врзувањето со јаже на малолетниот Леон погрешно сместен во установа за лица со телесна попреченост и употребата на загадена вода во Затворот „Куманово“
Во текот на март 2016 година, Хелсиншкиот комитет испрати 49 барања за информација во врска со заведени предмети по кои основните јавни обвинителства и судовите постапувале по кривичните дела Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување (предвидена затворска казна од 3 до 20 години) и Малтретирање во вршење на службата (предвидена затворска казна од 1 до 5 години) за периодот од 2009 до 2015 година. Беа добиени повратни информации од 21 (од вкупно 26) суд и 20 (од вкупно 23) основни јавни обвинителства. Според добиените одговори од судовите, за период од шест години, тие постапувале по 22 предмета поврзани со тортура и по 56 предмети поврзани со малтретирање. За кривичното дело тортура немало ниту една осудителна пресуда со која некој бил осуден на затворска казна. Биле донесени само осум пресуди со условна осуда, како алтернативна мерка. Што се однесува до кривичното дело малтретирање во вршење на службата, била донесена само една пресуда со утврдена затворска казна (шест месеци) и 16 пресуди со условна осуда. Основните јавни обвинителства постапувале по 32 предмети за тортура. Само во седум од нив имало истрага и било поднесено обвинение. За малтретирање во вршење на службата обвинителствата постапувале во 138 предмети, истрага имало за 30, а обвинение било поднесено во 22 предмета.
Препорака: Хелсиншкиот комитет се приклучува кон одбележувањето на овој меѓународен ден и упатува апел до властите конечно да го препознаат постоењето на тортурата и да развијат политики за заштита од овој варварски чин. Властите мораат да спроведат политика на нулта толеранција за акти на тортура од страна на службени лица. Крајно време е да се соочиме со феноменот на неказнивост и солидаризирање на јавните обвинителства и судовите со полицијата. Главниот фокус мора да се насочи кон жртвите на тортура за кои државата сè уште не обезбедува соодветна правна, медицинска, психолошка и социјална поддршка.
ХЕЛСИНШКИОТ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ИЗВШРИ ПОСЕТА НА ЈУ СПЕЦИЈАЛЕН ЗАВОД – ДЕМИР КАПИЈА
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија согласно стратешката определба и долго воспоставената пракса за посета на затворените институции во Република Македонија, изврши посета на ЈУ Специјален завод – Демир Капија. Посетата беше остварена на 5 февруари 2016 година, по претходно одобрение на Министерството за труд и социјална политика бр. 10-241/2 од 15.01.2016. Целта на посетата беше утврдување на фактичката состојба на условите и остварувањето на основните човекови права нa лицата со интелектуална попреченост кои се сместени во оваа установа, а кои поради нивната ранлива состојба претставуваат чувствителна категорија на граѓани и имаат право и на посебни права во зависност од нивните посебни потреби.
Претставниците на Хелсиншкиот комитет забележаа низа недостатоци во однос на условите за живот на штитениците, здравствената заштита, третманот и грижата на штитеници, програмските содржини и активности. Особено загрижува наодот, проверен во Книгата на смртни случаи. Според книгата, од 1993 до 5 февруари 2016 година, во Специјалниот завод починале 375 лица. Поголемиот дел од смртните случаи се резултат на белодробни заболувања кај штитениците. Најголемиот дел од штитениците кои починале од белодробни заболувања се неподвижни штитеници со длабока интелектуална попреченост кои биле сместени во блокот Б2. Блокот Б2 нема врата, а штитениците кои се сместени во него се подложени на постојан провев, па воопшто не изненадува фактот што повеќето од нив имаат белодробни заболувања. Поголемиот дел од смртните случаи се резултат на белодробни заболувања кај штитениците. Најголемиот дел од штитениците кои починале од белодробни заболувања се неподвижни штитеници со длабока интелектуална попреченост кои биле сместени во блокот Б2. Блокот Б2 нема врата, а штитениците кои се сместени во него се подложени на постојан провев, па воопшто не изненадува фактот што повеќето од нив имаат белодробни заболувања.
Од смртните случаи особено загрижува смртниот случај на еден штитеник чиј старател бил Центарот за социјална работа. Кај штитеникот биле забележани стомачни тегоби, по што тој почнал да повраќа измет. Персоналот одлучил штитеникот да биде испратен во ЈЗУ Општа болница Велес каде било извршено снимање, но бидејќи не билe откриенi причините за тегобите, штитеникот бил вратен во Демир Капија. Бидејќи повраќањето на измет продолжило, штитеникот бил испратен на третман во Скопје, но при транспортот со медицинското возило тој починал. По извршената обдукција во дебелото црево на штитеникот била најдена цуцла, што укажува на запоставеност од страна на вработените во специјалната установа, но и непрофесионалност при третманот во болницата во Велес. Бевме известени дека извештајот од обдукцијата бил доставен до директорката на Специјаланиот завод во Демир Капија, како и до Центарот за социјални работи – старател на починатото лице. За овој случај Хелсиншкиот комитет ќе поднесе кривична пријава до надлежното јавно обвинителство.
Целосниот извештај можете да го најдете на веб страната на Хелсиншкиот комитет на следниот линк:
http://www.mhc.org.mk/system/uploads/redactor_assets/documents/1551/Izvestaj_Specijalen_zavod_Demir_Kapija_2016.pdf
Препорака: Со цел итно надминување на регистрираните проблеми од посетата на Специјалниот завод во Демир Капија, Хелсиншкиот комитет препорачува:
1. Целосна имплементација на Националната стратегија за деинституционализација 2008-2018 во Специјалниот завод во Демир Капија;
2. Зголемување на бројот на лекари специјалисти, вклучувајќи и вработување на постојани доктори интернисти (општ лекар, гинеколог и стоматолог) кои во континуитет на дневна основа би ја следеле здравствената состојбата на пациентите и како би можеле пациентите да ги остварат сите права од здравственото осигурување;
3. Зголемување на бројот на медицинските сестри и негователки за да можат да се посветат на помал број на пациенти;
4. Зголемување на бројот на хигиеничарите, посебно во оние одделенија каде лицата не се способни да помагаат во одржувањето на хигиената;
5. Подобрување на инфраструктурата на специјалната установа, особено во делот на внатрешното уредување со поставување на нови врати и прозорци, промена на амортизираните кревети и постелнина и поставување на шкафови во собите во кои престојуваат штитениците;
6. Спроведување на целосна истрага за смртниот случај на штитеникот при чија обдукција била најдена цуцла во дебелото црево и иницирање на кривична постапка против можните сторители.
7. Преземање активни мерки за намалување на високата стапка на смртност на штитениците во Специјалниот завод во Демир Капија.
КЗД УТВРДИ ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ
Комисијата за заштита од дискриминација на 10.06.2016 донесе мислење со кое утврди дискриминација врз основа на родов идентитет. Се работи за случај кога на едно трансродово лице му бил забранет влез во објект кој дава јавни услуги – базен, односно му бил ограничен пристап до услуги врз основа на неговиот родов идентитет. Хелсиншкиот Комитет за човекови права како застапник на жртвата поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација со која побара да се утврди дискриминација врз основа на родов идентитет.
Иако во мислењето на Комисијата се дефинира дека дискриминацијата е врз основа на пол, во самото образложение се констатира дека родовиот идентитет на жртвата бил клучниот фактор поради кој на лицето му бил забранет влезот. Комисијата во мислењето исто така му посочи на дискриминаторот да и надомести штета на жртвата во рок до 30 дена.
По добивање на Мислењето и при советување со Хелсиншкиот Комитет, жртвата како оштетена и дискриминаторот како причинителот на штета се спогодија вонсудски да го решат настанатиот спор. За таа цел тие склучија спогодба за надомест на штета во која дискриминаторот ја призна својата вина за настанот и со која двете страни се спогодија за висината на сумата на надоместот како и за условите за нејзино исплаќање. Оваа спогодба е првата потпшишана вонсудска спогодба за надомест на штета поради дискриминација врз основа на родов идентитет.
Препорака: Ова претставува голем чекор напред во борбата против дискриминација и треба да биде поттик и охрабрување за сите оние кои биле или во иднина ќе бидат жртви на дискриминација да го пријават прекршувањето на нивните права. Исто така би сакале да го поздравиме донесеното Мислење на Комисијата и да упатиме апел до нејзините членови во иднина да продолжат во оваа насока како во рамки на своите надлежности ефикасно би ги заштитиле подеднакво сите граѓани.
ГОВОР НА ОМРАЗА ЛГБТИ ПОПУЛАЦИЈАТА
На 12.06.2016 година, во Орладно, Флорида беше извршен застрашувачки напад на геј клубот Пулс, при кој беа убиени 50, а посериозно повредени 53 луѓе. Жртвите на нападот беа припадници и поддржувачи на ЛГБТИ заедницата. Настанот предизвика реакции од многубројни држави, при што беше осуден и именуван како исход на долгогодишна хомофобија и омраза кон ЛГБТИ заедницата.
Хелсиншкиот комитет, при следењето на говорот на омраза во јавниот простор, забележа значителна појава на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет на домашниот интернет простор, како непосредна реакција на известувањата за хомофобичниот напад. Говорот на омраза кој е забележан на интернет порталите и социјалните мрежи се состои во застрашувачко оправдување на нападот врз ЛГБТИ заедницата, како и зборови за поттикнување и охрабрување на напади врз ЛГБТИ луѓето воопшто. Хелсиншкиот комитет најстрого ги осудува случаите на ширење говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет и потсетува дека ширењето говор на омраза претставува кривично дело. Неговата особена опасност се препознава во неговото предизвикување и поттикнување на дела од омраза.
Препорака: Да се преземат итни мерки од страна на институциите на национално ниво за покренување на свеста кај граѓаните за правата на ЛГБТИ заедницата, меѓу кои особено ќе се назначи спречувањето на говорот на омраза врз основа на род, пол, сексуална ориентација и родов идентитет. Апелираме до надлежните институции навремено да преземат соодветни мерки за гонење и казнување на сторителите кои шират, поттикнуваат и промовираат говор на омраза во јавниот простор.
МАКЕДОНИЈА НЕМА ПРОГРЕС ВО РЕАЛИЗАЦИЈА НА ЕКОНОМСКИТЕ, СОЦИЈАЛНИТЕ И КУЛТУРНИТЕ ПРАВА
Комитетот за економски, социјални и културни права при ООН и препорача на Република Македонија да преземе мерки за забрана и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, за бришење на стереотипите и стигматизацијата кон ЛГБТИ лицата и да преземе ефикасна истрага за разрешување на случаите на насислство против ЛГБТИ лицата, да го ревидира Законот за спречување и заштита од дискриминација, да ги подобри животните услови во транзитните центри за бегалците, да престане незаконската ретроактивна примена на Законот за социјална заштита и незаконското укинување на правото на социјална парична помош, да овозможи ефикасна и соодветна заштита на сите жртви на домашно насилство и да спроведе ефикасна и навремена истрага за сите случаи на пријавено домашно насилство и да ги преземе сите потребни мерки за спречување на сегрегација на децата Роми во образовниот систем.
На 58-та седница на Комитетот за економски, социјални и културни права при ООН, претставникот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги посочи проблемите кои се однесуваат на заштита на правата на мигрантите и лицата кои бараат азил, дискриминација на ЛГБТИ лицата во пристапот до социјални услуги, незаконско укинување на правото на социјална парична помош, неприменувањето на на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство од страна на релевантните институции, неефикасниот здравствен систем и попречениот пристап до здравствени услуги, сегрегација на децата Роми во образовниот систем и пристапот до образование во малолетничките затвори.
Во своите заклучни препораки Комитетот за економски, социјални и културни права при ООН, меѓу другото и наложува на државата да изврши ревидирање и промена на Законот за заштита и спречување на дискриминација со внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како посебни основи за дискриминација. Комитетот и препорачува на државата да ги преземе сите мерки за забрана и спречување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, да осигура дека истополоивите парови да имаат пристап до предностите кои ги имаат брачните парови, да ги искорени негативните стереотипи за стигматизација на ЛГБТИ луѓе преку ревизија на учебниците и кампањи за подигање на свеста на јавноста и здравствените и социјалните работници, соодветна примена на законските прописи и преку спроведување на ефикасна истрага и гонење во случаите на насилство врз ЛГБТИ лицата.
Во однос на заштитата на правата бегалците и луѓето кои бараат азил, Комитетот и препорачува на државата да ги подобри животните услови во двата транзитни центри за бегалци, со тоа што ќе овозможи лицата сместени во тие центри да имаат пристап до здравствена заштита, образование и останати неопходни сервиси, како и да ги задоволи посебните потреби на жените, децата, лицата со попреченост и болните лица. Комитетот исто така и препорачува на државата да ги преземе сите потребни мерки за да им овозможи пристап до сите активни мерки за вработување на лицата под супсидијарна заштита. Исто така Комитетот препорачува на државата да го повлече амандманот на членот 8 од Законот за азил и привремена заштита со што ќе се намали периодот на чекање за семејно обединување на лицата под суспсидијарна заштита.
Комитетот е загрижен за ретроактивната примена на Правилник за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош, со која на голем број на лица во социјален ризик незаконски им е укината социјалната парична помош, а дополнително овие лица се задолжуваат да враќаат парични средства и им се ограничува користењето на правото на социјална парична помош во иднина. Комитетот и препорачува на државата да престане со ретроактивната примена на Правилникот и да им овозможи пристап до социјална парична помош на сите лица чие право било укинато со незаконската ретроактивна примена на Правилникот. Воедно Комитетот и препорачува н државата да го зголеми износот на социјалните бенефиции на ниво кое ќе овозможи адекватен животен стандард на корисниците на овие бенефиции.
Комитетот и препорачува на државата да ги преземе сите мерки за соодветна заштита на жртвите од домашно и родово базирано насилство, да спроведе навремени и ефикасни истраги за сите случаи на пријавено домашно и родово базирано насилство и да осигура дека сите сторители на домашно и родово базирано насилство ќе бидат изнесени пред лицето на правдата. Во исто време Комитетот препорачува државата да ја ратификува Истанбулската Конвенција, да го зголеми бројот на шелтер центри и да овозможи бесплатна правна, здравствена, физичка и психолошка помош на жртвите.
На крај, Комитетот и препорачува на државата да ги интензивира напорите и да ги преземе сите мерки за да се спречи преголемата бројка на деца Роми во специјалните училишта и специјалните одделенија во редовните училишта со ревидирање на критериумите за категоризација и усвојување на инклузивни и интегрирачки едукативни програми.
Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија ги поздравува заклучните согледувања на Комитетот за економски, социјални и културни права при ООН и апелира државата веднаш да започне со преземање мерки и активности за спроведување на заклучните препораки, како би се овозможила целосна имплементација на Меѓународниот пакт за економските, социјалните и културните права.
РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НЕ ОБЕЗБЕДУВА СОЦИЈАЛНА СИГУРНОСТ ЗА СВОИТЕ ГРАЃАНИ
Република Македонија согласно Уставот се декларира како социјална држава која се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на своите граѓани, почитувајќи го начелото на социјална праведност. Социјалната заштита граѓаните на Република Македонија ја остваруваат во постапка утврдена во Законот за социјалната заштита преку различни облици на заштита меѓу кои и правото на социјална парична помош. Условите за остварување на ова право е лицето барател да биде лице способно за работа и домаќинство, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција.
Меѓутоа, случајот на лицето Ј.И., кое се обрати до Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за правна помош, го потврдува заклучокот дека социјалната сигурност и социјалната праведност се само декларативни начела кои всушност немаат своја реална импликација на животот и благосостојбата на лицата со социјален ризик.
Имено, ЈУ Меѓуопштински Центар за социјални работи Куманово постапувајќи по службена должност му го ограничил правото на социјална парична помош на лицето Ј.И. поради тоа што лицето примило износ од 1.112,00 денари за изработка на рамки за слика преку Општина Куманово во 2013 година. Ваквото решение било најпрво поништено од страна на претходниот министер за труд и социјална политика, Фросина Ременски, по што ЈУ Меѓуопштински Центар за социјални работи Куманово донел идентично решение кое потоа било потврдено од страна на сегашниот министер за труд и социјалана политика.
Би сакале да истакнеме дека посочениот износ воопшто не може да се смета за остварен приход поради тоа што не го надминува ниту износот кој лицето го прима како социјална парична помош, односно 1.200,00 денари, како што впрочем е наведено и во Законот за социјалната заштита. Дополнително, ова е износ кој е еднократен и засметан на годишно ниво. Доколку истиот се подели на месечно ниво произлегува дека лицето на месечно примило по 92 денари, што никако не може да се смета за приход кој ја менува неговата материјална и имотна состојба.
Дека примениот износ не треба да се смета за приход кој треба да се пријави како промена на материјалната состојба произлегува и од изменетиот член 2 став 2 од Правилникот за дополнување на правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош донесен на 14 септември 2015 година во кој се наведува дека: „По исклучок од став 1 точка 4 на овој член, пријавените или остварените нето приходи од Управата за јавни приходи на сите членови на домаќинството кои влегуваат во категоријата други приходи согласно прописите од областа на даноците, во висина до 30 000 денари на годишно ниво, не се сметаат за приход при остварување и користење на правото на социјална парична помош“. Овој член треба и мора да се примени и во конкретниот случај поради, особено поради можноста предвидена во Уставот на република Македонија во член 42 став 4 каде е наведено дека „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.”
Препорака: Изразувајќи ја својата загриженост за начинот, условите и постапката според кои граѓаните што претставуваат ранлива група во општеството ги остваруваат своите права од социјалната заштита, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека измените во Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош треба доследно да се спроведуваат за да се постигне целта на социјалната заштита – надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита.