февруари 16, 2016

Месечен извештај – јануари 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за септември 2015 година ги опфаќа темите: Недостаток на непристрасност и независност кај Судскиот совет; Утврдена повреда на право на судење во разумен рок; Селективна правда во случаи на навреда, клевета и говор на омраза; Отстранет говор на омраза од социјалната мрежа Фејсбук; Интензивирање на криумчарењето и делата од омраза против бегалците; Позитивни измени во правилникот за социјална парична помош.

НЕДОСТАТОК НА НЕПРИСТРАСНОСТ И НЕЗАВИСНОСТ КАЈ СУДСКИОТ СОВЕТ

На почетокот на месец јануари, Европскиот суд за човекови права ги објави одлукитеза случаитена пет разрешени судии против Република Македонија (Геровска- Попчевска против Република Македонија, апликација бр. 48783/07,Јакшовски и Трифуновски против РМ, апликација бр. 56381/09 и  58738/09 и Попоски и Дума против РМ, апликација бр.  69916/10 и 36531/11). Во сите пет случаи, Судот утврдил повреда на член 6 став 1 (право на правично судење) од Европската конвенција за човекови права, што ги потврдува досегашните наводи за недостатокот на независност и непристрасност на Судскиот совет.

Во првиот случај, судијката Геровска Попчевска се жалела на учеството на претседателот на Врховниот суд и Министерот за правда (кои се членови во судскиот совет по службена должност), во одлуката на Судскиот совет за нејзиното разрешување, кога и двајцата од претходни позиции веќе имале оформено и изразено негативно мислење за нејзе. Во останатите четири случаи, поединечните судии биле разрешени со едногласна одлука на Судски совет во чиј состав бил и предлагачот на таквата мерка. Жалбите за разрешувањето пред Советот за жалби на Врховен суд им биле отфрлени на сите судии.

Според важечкиот Закон за судски совет во тој период, членовите во Комисија за утврдување нестручно и несовесно вршење на судската функција (член 80) се избираат од редовите на Судскиот совет. Меѓутоа, Законот не прецизира кои членови, што подразбира дека доколку предлагачот е од редовите на Судскиот совет, истиот не е задолжително да се појави како член на Комисијата. Дополнително, при донесувањето на одлука врз основа на извештајот на Комисијата, право на глас има секој член на Судскиот совет. Законот не прецизира дека доколку предлагачот на мерката е од редовите на Судскиот совет, може или треба да биде исклучен од донесувањето на одлуката. Судот во Стразбур објаснува дека самото учество на предлагачите на разрешувањето при донесувањето на одлуката на Судскиот совет ја загрозува објективната непристрасност на телото.

Под слични околности, државата во јули, 2015 година го загуби случајот против Митриновски, судија во Апелационен суд кој беше разрешен откако ја уважил жалбата на притвореник и го заменил неговиот притвор со домашен притвор (апликација бр.  6899/12). Судот утврди дека се прекршени права од член 6 од Конвенцијата, со тоа што недостигала потребната непристрасност на Судскиот совет кој расправал за неговото разрешување. Имено, судијата на Врховниот суд кој го поднел барањето за негово разрешување, учествувал и во Судскиот совет кој одлучувал за разрешувањето.

Овие случаи особено влијаеја Судскиот совет да добие остри критики од стручната и меѓународната јавност за влијанијата на извршната власт врз одлуките за дисциплинска одговорност и разрешување на судии. Од овие причини се пристапи кон измени на целата постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и разрешување на судии и формирање на ново тело – Совет за утврдување на факти, кое може да покренува постапка за утврдување одговорност на судија пред Судскиот совет. Ваквите законски измени беа донесени во брза и скратена постапка, без консултации со засегнатите страни и без јавна расправа, поради што содржат бројни недостатоци во смисла на нејасни законски решенија, особено во делот на формирањето на Советот за утврдување на факти. При ваква состајба може да се заклучи дека не е постигната целта за подобрување на независноста и самостојноста на судскиот систем како што наведува предлагачот на законите и формирањето на новиот Совет за утврдување на фактите воопшто не ја постигнува целта за обезбедување на независност во на одлуките.

Препорака: 

Хелсиншкиот комитет препорачува да се пристапи кон измени во Законот за судски совет, со целосно вклучување на експертската јавност и зајакнување на составот на Судскиот совет со независни експерти, со што ќе се овозможи поголема доверба во одлуките на Судскиот совет и судството во целост.

 УТВРДЕНА ПОВРЕДА НА ПРАВО НА СУДЕЊЕ ВО РАЗУМЕН РОК 

Хелсиншкиот комитет утврди повреда на правото на судење во разумен рок во судски спор за поништување на решение за отказ, за што веќе известивме во месечниот извештај за ноември 2015 г.

Во случајот се работи за лице кое во својство на тужител 3,5 години водело судска постапка за поништување на решение за отказ дадено од казнено поправната установа во кое работело. Во овој временски перод Oсновниот суд Скопје 2 Скопје еднаш го поништил спорното решение за отказ, но поради тоа што оваа пресуда била укината од страна на Апелациониот суд Скопје, била донесена негативна пресуда за тужителот, која потоа била потврдена од второстепениот суд.

За да ја донесе првата пресуда на првостепениот суд му била потребна 1 година и 7 месеци.Со ова првостепенот суд постапил спротивно на член 405 став 4 од Законот за парнична постапка кој утврдува дека постапките од работен однос пред првостепениот суд мора да завршат најдоцна во рок од 6 месеци од поднесување на тужбата, додека пак второстепениот суд, постапувал по жалбата на тужителот повеќе од 1 година и 2 месеци, што е спротивно на член 405 став 5 од Законот за парнична постапка кој утврдува дека постапките од работен однос пред второстепениот суд мора да завршат најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на жалбата, односно во рок од 2 месеци доколку пред второстепениот суд се одржи расправа. Во конкретниот случај не била одржана јавна расправа, од што произлегува дека второстепениот суд го надминал рокот за донесување на одлука за 1 година и 1 месец.

Поради очигледната повреда на правото на судење во разумен рок, тужителот поднесе барање за заштита на ова право до Врховниот суд на Република Македонија, повикувајќи се на националното законодавство, но и на одредбите од Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Постапувајќи по ова барање, Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото за судење во разумен рок и оцени дека во конкретниот предмет должината на постапката била прекумерна, по што во месец јануари 2016 г. донесе решение во кое на тужителот му беше одреден правичен надоместок во износ од 30.000 денари.

Препорака:

Хелсиншкиот комитет потсетува на важноста од ефикасност на судските постапки, како на кривичните и граѓанските, така и на управните, препорачувајќи да се почитува правото на судење во разумен рок, со цел граѓаните да можат навремено да ги остварат своите права.

СЕЛЕКТИВНА ПРАВДА ВО СЛУЧАИТЕ НА НАВРЕДА, КЛЕВЕТА И ГОВОР НА ОМРАЗА

Со пресуда на Апелациониот Суд Скопје се потврдува пресудата на Основен Суд Скопје 2 Скопје, со која се утврдува граѓанска одговорност на граѓанскиот активист и борец за човекови права, Жарко Трајановски, за штета нанесена врз честа и угледот на новинарот Миленко Неделковски, затоа што Трајанновски го нарекол Неделковски “медиумски шарлатан”, што според толкувањето на судот значи нечесен човек, односно измамник.  Трајановски се задолжува да му плати на Неделковски справедлив паричен надомест за нематеријална штета за повреда на  честа и угледот во износ од 20.000,00 денари и судски трошоци во износ од 52.170,00 денари.  Изјавата заради која на Трајановски му се утврдува граѓанска одговорност за штета нанесена врз честа и угледот на Неделковски беше дадена во дневните вести на А1 телевизија и следеше како реакција на јавните изјави на Неделковски за ликвидација на новинарите кои се негови неистомисленици.

Хелсиншкиот Комитет е загрижен за селективната правда и пристап на надлежните органи во постпаувањето во сличаи на навреда, клевета и говор на омраза. Селективната правда го доведува во прашање владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Имено, Хелсиншкиот Комитет заедно со Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници има поднесено две кривични пријави против новинарот Миленко Неделковски за кривични дела Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, Ширење на расистички и ксенофобен материјал по пат на компјутерски систем и Расна и друга дискриминација. По првата кривична пријава на Хелсиншкиот Комитет и Коалицијата против Неделковски, Основното јавно обвинителство се уште нема постапено по пријавата иако се поминати 3 години и 1 месец од поднесувањето на пријавата. Во однос на втората кривична пријава против Неделковски, Основното јавно обвинителство донесе Решение со кое ја отфрла кривичната пријава бидејќи пријавените дела не се кривични дела за кои се гони по службена должност. По поднесена жалба против ваквото решение од Хелсиншкиот Комитет и Коалицијата, Вишото јавно обвинителство донесе решение со кое ја уважува поднесената жалба и го задолжува Основниот јавен обвинител да ја продолжи постапката по кривичната пријава. 10 месеци по решението на Вишото јавно обвинителство, Основното јавно обвинителство се уште нема постапено. Дополнително, Хелсиншкиот Комитет има обезбедено бесплатната правна помош за поднесување на кривична пријава од физичко лице против Неделковски за сторени кривични дела Предизвикување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост, Ширење на расистички и ксенофобен материјал по пат на компјутерски систем, Расна и друга дискриминација и Загрозување на сигурноста. После 2 години и 7 месеци од поднесувањето на кривичната пријава, Основното јавно обвинителство се уште нема постапено.

Препорака: 

Хелсиншкиот Комитет е загрижен за пристапот на селективна правда и постапување на надлежните органи кога е во прашање говор на омраза преку средствата за јавно информирање и социјалните мрежи. Хелсиншкиот комитет аплеира надлежните органи активно, еднакво и без селективност да ги следат и да постапуваат по сите пријавени случаи на говор на омраза.

ОТСТРАНЕТ ГОВОР НА ОМРАЗА НА СОЦИЈАЛНАТА МРЕЖА ФЕЈСБУК

Во текот на месец јануари 2016 година, на социјалната мрежа Фејсбук беше забележана страната PЕGIDA Macedonia, на која континуирано се споделуваа содржини со исламофобичен карактер, ширејќи верска нетрпеливост и омраза. Хелсиншкиот комитет случајот го пријави во Одделот за електронски криминал при Министерството за внатрешни работи, а многубројни корисници испратиле пријави до социјалната мрежа Фејсбук, за содржини кои шират и промовираат насилство, односно содржат експлицитен говор на омраза. По краток период, страната беше отстранета од Фејсбук, со објаснување дека таа ги прекршува „стандардите на заедницата“.

Препорака:

Да се следи позитивниот пример на отстранување на говорот на омраза, не само на социјалните мрежи туку и на останатите онлајн медиуми.

ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА КРИУМЧАРЕЊЕТО И ДЕЛА ОД ОМРАЗА ПРОТИВ БЕГАЛЦИТЕ

Третирањето од страна на државата на голем број на бегалци како „нелегални мигранти“ и забраната за користење на јавени превоз ги принудува бегалците територијата на државата да ја поминуваат пешки или преку нелегален превоз. Поради таа причина, голем број на бегалци што во државата влегуваат нелегално стануваат жртви на криумчари и дела од омраза. Овој проблем беше особено загрижувачки во текот на месец јануари 2016 година кога се случија најмалку 6 (шест) сериозни инциденти на разбојништва против бегалци, а Министерството за внатрешни работи и медиумите безмалку секојдневно известуваа за криумчарење на бегалци.

Во текот на месецот, Хелсиншкиот комитет регистрираше 6 (шест) инциденти како резултат на дела од омраза. Како и во минатото, сите инциденти беа регистрирани во близина на потег на железничкиот и патен Коридор X, во близина на Демир Капија, Скопје и Куманово. Нападнати и ограбени беа најмалку 18 (осумнаесет) бегалци од Мароко и Ирак.

До завршување на овој извештај немаше информација за тоа дали полицијата успеала да ги пронајде сторителите. Разбојничките напади имаат слични карактеристики, односно на жртвите или им се нуди лажен превоз или се пресретнати, по што сторителите со сериозна закана или измама дека се полицајци, со ладно оружје (но понекогаш и огнено оружје како и електрошок-палки) ги преплашуваат, напаѓаат, повредуваат и ограбуваат. Повеќе детали за секој напад одделно, како и за други регистрирани напади може да се пронајдат на порталот за регистрирање на дела од омраза на Хелсиншкиот комитет – www.zlostorstvaodomraza.mk.

Препорака: 

Министерството за внатрешни работи да ја искористи картата од порталот на Хелсиншкиот комитет на која се мапирани „црни точки“ каде најчесто се извршуваат ваквите дела (Коридор X, Гевгелија до Демир Капија и Скопје до Табановце) и да делува превентивно во насока на спречување на ваквите инциденти и откривање на сторителите.

ПОЗИТИВНИ ИЗМЕНИ ВО ПРАВИЛНИКОТ ЗА СОЦИЈАЛНА ПАРИЧНА ПОМОШ

Хелсиншкиот комитет за човекови права  ја поздравува Одлуката на Министерството за труд и социјална политика за измените во „Правилникот за начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определување на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош“ донесена на  25 јануари 2016 година.

Хелсиншки комитет за човекови права, постапувајќи по поднесените преставки од страна на корисници на социјална парична помош за несоодветна примена на законските одредби од горе наведениот Правилник, ја виде потребата за нужни измени во овој Правилник. Поконкретно се јави потреба точката 7 од чл. 4 став 1 да се стави вон сила со цел да се заштитат корисниците од одземање на доделеното социјално право поради прием на парични средства преку брз трансфер на пари во висина до 70,000 денари, износ кој влезе во категорија имот од кој корисникот може да се издржува и на тој начин стана пречка за користењето на социјалната парична помош.

Од страна на Комитетот беа поднесени повеќе од десет преставки до Министерството за труд и социјална политика, за несоодветна примена на законските определби од Правилникот и покрај забраната за користење на  повратно дејство на прописите, гарантирана со Устав на РМ.

Со оваа измена, се подобрува можноста на корисниците на социјална парична помош за прием на средства преку брз трансфер на пари, кои ќе можат да ги искористат за настаните потреби во однос на нивната социјална и здравствена состојба (долготрајно лекување, купување на ортопедско помагало) без притоа да им бидат сметани како имот од кој се издржуваат.

Исто така би сакале да упатиме препорака до Министерството за труд и социјална политика во идните стратегиски планови да се стреми кон зголемување на висината на социјалните парични средства со цел, корисниците да бидат во можност да ги покријат своите месечните трошоци и да ги задоволат своите основни животни потреби.

Документи