февруари 10, 2011

Месечен извештај (јануари 2011)

ВОВЕД

Во рамките на своите надлежности, Хелсиншкиот комитет во текот на изминатиот месец обработи одреден број на предмети каде беа детектирани повреди на човековите права во повеќе сегменти и области.

Во прилог на изработка на Извештајот одделивме неколку случаеви кои по карактерот на својата содржина, заслужуваат посебен осврт и анализа, во кои што непочитувањето на тие права беше најизразено.

Почнувајќи од неможноста да се лоцира Комисијата за заштита од дискриминација, во буквална смисла на зборот, каде зборот нетранспарентност добива уште едно толкување, преку последната кампања на Владата против абортусот “Избери живот”, каде истата на експлицитен и недвосмислен начин ги загрозува репродуктивните права на жените и правото на избор, па се до апсурдноста на судските лавиринти кои не само што ја подриваат довербата на граѓаните кон правосудниот систем, туку ја оневозможуваат воопшто заштитата на човековите права и слободи, било тоа да се работи за слободата на вероисповед, каков што е случајот со барањето за преименување на Православната Охридска Архиепископија во Грко – Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија, чии членови на крајот заштитата на своите права останува да ја бараат пред Судот за човекови права во Стразбур, каде веќе имаат оформено свое барање со помош на Хелсиншкиот Комитет како нивен застапник, односно маратонскиот судски процес на Славчо Митевски, кој цели 13 години и 4 месеци е во потрага по својата правда.

Достојна за одбележување е и одлуката на Уставниот суд да го прифати разгледувањето на иницијативата на Хелсиншкиот комитет за оценување на уставноста на спорните членови[1] од Законот за градење.

ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ

____________________________________________________________________

o Во потрага по Комисијата за заштита од дискриминација

o Кампањата „Избери живот“ – хипокризија на државата

o Законот за градење пред Уставен Суд

____________________________________________________________________

Во потрага по Комисијата за заштита од дискриминација

Комисијата за заштита од дискриминација, која требаше да започне со работа на 1.1.2011 година се уште јавно нема објавено каде и кога започнува со работа.

Врз основа на информации добиени од Министерството за труд и социјална политика претставници на Хелсиншкиот комитет на 27.1.2011 година беа упатени во зградата на Македонската Радио Телевизија, но за жал и покрај упорната потрага од таму добивме одговор дека Комисијата за заштита од дискриминација не е сместена таму, ниту имаат информација дека треба да биде таму сместена.

“Досега до неа пристигнале неколку претставки, но се очекува тој број нагло да се зголемува“. Ова е изјава за медиумите на Г-нот Душко Миновски, актуелен претседател на Комисијата.

Останува отворено прашањето на кој начин странките кои наводно поднеле претставки до сега, ја пронашле Комисијата и што е со сите оние кои сакаат во моментов да поднесат претставки. Да потсетиме само дека Законот предвидува рок од 3 месеци од настанатата повреда за пријавување на истата до Комисијата. Рок кој тешко може да се испочитува ако жртвата не е информиран каде да ја поднесе пријавата.

Хелсиншкиот Комитет кој го мониторира имплементирањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација на 28.1.2011 година се обрати и писмено до Министерството за труд и социјална политика со барање информација за тоа каде е сместена Комисијата, но се уште немаме добиено одговор на истото.

Дали ова претставува прв чекор во бојкотирање на законот или суптилен обид да се избрише постоењето на ваквата Комисија од колективната меморија, останува да видиме.

Бараме итно објавување на сите потребни информации во однос на Комијата и потсетуваме дека таа е предвидена во законот за заштита на жртвите, а не за нивна дополнителна виктимизација и малтретирање.

Кампањата „Избери живот“ – хипокризија на државата

Последната кампања на Владата на Република Македонија „Избери живот” директно ги загрозува репродуктивните права на жените и правото на избор, феномен кој мислевме дека е надминат пред педесетина години. Пропагандните материјали кои се на линија на идеолошката матрица на актуелната власт, повторно го актуелизираа овој дискутабилен и достоен за подлабоки анализи проблем, каде што со голема леснотија се употребуваат зборови како „насилно” и „убиство”, за прекинувањето на бременоста, не водејќи сметка дека со тоа жените се стигматизираат како „насилнички” и „убијци” со што повторно се промовираат стереотипите поврзани со овој дискриминирачки, застарен и напуштен модел на градење на општествените односи, како директно спротивен на демократијата и уставно загарантираното право на избор.

Несфатливо е наметнувањето на оваа дебата повторно во јавниот дискурс, имајќи го предвид Четвртиот и Петти Периодичен Извештај по Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жената (CEDAW) од 2010 година, во кој Министерството за труд и социјална политика вели: Со оглед на распространетоста на употребата на абортусот како метод на контрацепција а и поради ниската стапка на употреба на модерни контрацептиви (9.8%), во 2008, Институтот за Јавно Здравје со подршка на UNFPA изработи Стратешка проценка на политики, програми и состојби во земјата. Оваа проценка ја потврди потребата за системско и континуирано ангажирање на сите сегменти во опшеството за да се подобри нивото на едукација и да се превенира несаканата бременост како и да се зголеми потребата и користењето на модерните методи за контрацепција. Министерството за здравство со поддршка на Фондот за население на Обединетите Нации (UNFPA) формираше работна група за изработка на Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2010 – 2020 година со поддршка на UNFPA.

Во истиот извештај стои и дека: Заради потребата да се стандардизира и подобри квалитетот на абортус, Министерството за Здравство со поддршка на UNFPA во 2010 година изработи Стандарди за квалитет и грижа за абортус.

Оттука, со кампањата „Избери живот”, нејасно е дали под „изработка на стратегии за подобрување на абортусот”, Владата мислела на негова целосна забрана?!

Меѓутоа, кампањата се заплетка во сопствената мрежа со трагичниот настан со притвореничката од случајот „Пајажина” каде после губењето на плодот, државните институции ја анулираа сопствената одговорност со неверојатна одбрана, која е во спротивност со нивната кампања и на виделина ја разобличи нивната хипокризија, според кои во овој случај, се работи за фетус, а фетусот не е бебе![2] И во една ваква констелација јавните институции инволвирани во овај случај, не најдоа за сходно да се оградат од кампањата, по што не наведуваат на заклучок дека се согласуваат со истата.

Следствено, се наметнува препораката, наместо да се занимава со мерки со кои на сила ќе го зголемува наталитетот преку повреда на основните права на жената, подобро би било државата да се посвети повеќе на барање алтернативни начини за намалување на несакана бременост, особено преку стимулирање на младите брачни парови во полето на планирање семејство, начини за подигање на свеста кај адолесцентната популација, едукативни програми за сексуалното здравје како и можност контрацептивните средства да се стават на позитивната листа на лекови, со што тие би станале подостапни, имајќи ја во предвид сиромаштијата која е со загрижувачки процент во државава.

Во контекст на погоре наведеното, Хелсиншкиот комитет го поздравува и го поддржува проектот на организацијата Х.Е.Р.А. за воведување на сексуално образование, како најсоодветен модел за зголемување на познавањето на сексуалниот живот, како превентива од несакана бременост. Освен ова, сексуалното образование ќе донесе еден нов квалитет во образовниот процес, подготвувајќи ги младите за одговорно сексуално однесување и здрав живот.

Уште еднаш ја повикуваме Владата на Република Македонија да работи на остварување на човековите права на своите граѓани загарантирани со Уставот, да изготви стратегии за намалување на сиромаштијата и подобрување на условите за остварување на правото на здравје и живот, да почне со имплементација на веќе постоечките стратегии и акциски планови, како и да ги прифати темелно разработените иницијативи од невладините организации, како таа на Х.Е.Р.А. за воведување на сексуално образование, наместо да ја дефокусира јавноста со понижувачки и дискриминирачки кампањи.

Законот за градење пред Уставен Суд

Со Законот за градење донесен во 2009 година е предвидено дека доколку објект е изграден или дограден без одобрение за градба, а лицето не ја исполни обврската за отстранување или усогласување на градбата со одобрението за градење во рокот определен во решението и/или не плати пенали три месеца едноподруго, надлежниот орган ќе пристапи кон присилно извршување со стекнување на сопственост на земјиштето и на објектот – делот кој е изграден со одобрението за градење.

Со оглед на тоа дека ваквата одредба претставува директно прекршување на одредбите на Уставот на Република Македонија и Европската Конвенција за човековите права, ратификувана од страна на Република Македонија, Хелсиншкиот Комитет поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со која бара да се донесе Одлука за поништување на овие одредби од Законот за градење.

Уставот на Република Македонија го гарантира правото на сопственост и предвидува дека сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, никому не можат да му бидат одземени или ограничени, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, и тоа само и исклучиво во случај на експропријација на сопственоста, а за спроведената експропријација се гарантира и праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Правото на сопственост е гарантирано и со Европската конвенција за човековите права, каде е наведено: “Секое физичко или правно лице има право на непречено уживање на својата сопственост. Никој нема да биде лишен од својата сопственост освен кога е тоа во јавен интерес и под услови определени со закон и општите принципи на меѓународното право.”

Вака темелно гарантираното право на сопственост може да биде одземено и конфискувано единствено само врз основа на судска одлука, со која е утврдено извршување на кривично дело под условите предвидени со Кривичниот законик, каде се предвидува дека “Имотната корист ќе се конфискува со судска одлука со која е утврдено извршување на кривично дело под условите предвидени со овој законик.”

СУДСКИ СЛУЧАИ

____________________________________________________________________

o Слобода на вероисповед – Македонија via Стразбур

(Случај – Православна Охридска Архиепископија)

o Судење во разумен рок – 13 години!!!

(Случај – Славчо Митевски)

____________________________________________________________________

Слобода на вероисповед – Македонија via Стразбур

Хелсиншкиот Комитет во рамките на својот мандат континуирано ја следи состојбата со практикувањето на правото на вероисповед во Република Македонија и во своите извештаи во неколку наврати укажуваше на проблемите со кои се соочуваат граѓаните по ова прашање. Комитетот досега се осврна на повеќе случаи кои претставуваат повреда на новиот закон за правната положба на црквите, верските заедници и религиозни групи, кој требаше да претставува појдовна основа за уживање на правото на вероисповед.

Ставот на Комитетот за несоодветна примена на законот која генерира повреда на слободата на вероисповед на верските заедници што сакаат да се регистрираат како такви е поддржан и во извештаите на ЕУ за прогресот на Македонија и Извештајот на Стејт Департментот за верските слободи, како и во извештајот на Европската Комисија против расизам и нетолеранција.

За жал, укажувањата на Комитетот и меѓународните организации очигледно не допреа до судските инстанци кои продолжуваат со рестриктивната примена на законот оневозможувајќи регистрација на голем број нови верски заедници. Оваа пракса на судските органи се протега се до Уставниот Суд кој решава по барањата за заштита на слободата на уверување и вероисповед.

Имено, претставници на Православната Охридска Архиепископија (ПОА) откако им е одбиено барањето за нивна регистрација и под ново име како Грко – Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија од надлежните органи, до Уставниот Суд поднеле барање за заштита на слободата на уверување и вероисповед.

Сепак и покрај обврската која произлегува од Уставот на РМ која пропишува дека Уставниот Суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слобода на уверување, совеста и мислата кога истите се повредени со поединечен акт[3], Уставниот Суд одлучил дека не се исполнети процесните претпоставки за да се впушти во мериторно одлучување по барањето, па оттука во случајов се прогласи за ненадлежен за обврски кои му произлегуваат директно од Уставот а се однесуваат на заштита од дискриминација и слобода на уверување, особено при обидот за регистрација на повеќе верски заедници, со што уште еднаш докажува дека во државата нема ефикасно правно средство на располагање на граѓаните при повреда на овие права.

Во неможноста да ги остварат своите права во Република Македонија преку институциите на системот, претставниците на Грко – Православна Охридска Архиепископија на Пеќката Патријаршија останува правдата да ја бараат пред Судот за човекови права во Стразбур, каде веќе имаат оформено свое барање со помош на Хелсиншкиот Комитет како нивен застапник.

Хелсиншкиот Комитет апелира на соодветна имплементација на законот за правната положба на цркви и други верски заедници како би се овозможил верски плурализам во државата, како и до Уставниот Суд да се препознае во улогата на ефикасен коректор при повреда на слободата на вероисповед, со што би се избегнале жалбите против Македонија пред Европскиот Суд за човекови права.

Судење во разумен рок – 13 години!!!

Посебен облик на неефикасност на судовите е нивната негрижа за спроведување на сопствените одлуки. Оваа ситуација е посебно загрижувачка во низата случаи кога извршувањето треба да биде спроведено од страна на државни органи и институции, меѓутоа, ниту тие ниту судовите не чувствуваат обврска судските одлуки да ги спроведат. Неизвршувањето на судските одлуки (било да станува збор за конечни одлуки или за одлуки на повисоките судови кои треба да бидат спроведени од страна на пониските) значи повеќегодишно пролонгирање на заштитата на одредено право односно спроведувањето на одредена санкција. Проблемот добива размери на апсурд кога се појавува на ниво на неспроведување на одлуките на Врховниот суд на Република Македонија.

Славко Митевски својата битка за правда ја започнува во 1997 год. кога на истиот му престанува работниот однос во АД „Селена” Штип поради отворање стечајна постапка над правниот субјект. Тој поднесува барање до Бирото за вработување Штип за признавање на правото на паричен надоместок поради невработеност, право кое му се признава според Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност. Бирото за вработување му признава паричен надоместок во времетраење од 15 месеци, но според укажувањата на странката пресметката на висината на паричниот надоместок и времетраењето на правото се неправилно одредени, по што била вложена жалба.

Наместо грешката да биде исправена од второстепениот орган – Министерството за труд и социјална политика, истата се потврдува од нивна страна, по што странката се одлучува да побара и судска заштита пред Врховниот Суд (а подоцна и пред Управниот Суд) со поведување на управен спор.

Врховниот Суд на Р.М. утврдува неправилност па го поништува решението на Министерството на труд и социјална политика и предметот го враќа на повторно одлучување со конкретни напатствија по кои ЗАДОЛЖИТЕЛНО треба да постапат органите.

По некоја логика на нештата, оваа приказна би требало да заврши тука. Но…

Бирото за вработување во Штип тврдоглаво го определува истиот износ а Министерството за труд и социјална политика ги потврдува решенијата. Очигледен е игнорантскиот однос на двете надлежни институции кои не ги почитуваат насоките дадени од страна на Судовите.

Досега биле донесени 7 негативни решенија за странката од страна на Бирото за вработување Штип, 11 решенија од Министерството за труд и социјална политика (со кои се потврдува решението на Бирото), 3 пресуди од страна на Врховниот Суд со кои решенијата на Министерството за труд и социјална политика се ПОНИШТУВААТ и предметот се враќа на повторно постапување и одлучување, 2 вакви пресуди на Управниот Суд и 1 решение.

Се поставува прашањето, зошто Управниот Суд не пресудил. Истиот има надлежност самиот да ја реши работата, во случај кога повторното водење на постапката пред надлежните органи ќе предизвика штета за странката, односно еднаш веќе е поништен управниот акт а надлежниот орган не постапил по пресудата на судот.

Но, вината дефинитивно не треба да се бара само кај Бирото за вработување во Штип и Министерството за труд и социјална политика, бидејќи и за Управниот Суд не било доволно тоа што постојат голем број на решенија спротивни на нивните пресуди и искажани мислења, по што водењето на оваа постапката стана бесмислено!

Врховниот Суд на Република Македонија постапувајќи по барањето на странката за заштита на правото на судење во разумен рок, се обидува да ја исправи сторената грешка со симболично обештетување на странката за нејзините долгогодишни маки, но загрижува тоа што заборава да пресече со определување на рок во кој надлежните органи треба да одлучат.

Хелсиншкиот комитет ја потенцира важноста во иднина вакви небулозни ситуации да не се повторат и да не се дозволи надлежните институции со своето ноншалантно однесување да фрлат сенка врз целокупниот систем!

——————————————————————————–

[1] Хелсиншкиот Комитет поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Македонија со која бара да се донесе Одлука за поништување на член 138 ставовите 4, 5, 6, 7 и 8 од Законот за градење, објавен во Службен весник бр.130/2009 од 28 Октомври 2009 година.

[2] Дневник, петок, 4 февруари 2011г., стр. 2 и 3

[3] Член 51 од Деловник на Уставен Суд