Месечен извештај – декември 2015
јануари 20, 2016
Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за септември 2015 година ги опфаќа темите: Специјалното јавно обвинителство; Укината одлука за определена парична казна за непочитување на судот; Различни пресуди во различни судови за ист кривично-правен настан; Криумчарење и дела од омраза против бегалци.
СПЕЦИЈАЛНОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
На 14 декември СЈО донесе одлука за засновање стварна надлежност над 34 предмети, вклучително и на предметот познат во јавноста како „Пуч во кој еден од обвинетите е и лидерот на опозицијата, Зоран Заев. Поради тоа што главната расправа за случајот беше закажана за 21 декември, СЈО побара одложување, со цел детално запознавање со фактите и доказите во случајот. Судот го прифати баранатото одложување и расправата ја презакажа за во месец јануари 2016 година.
Во меѓувреме, СЈО даде и позитивно мислење за предлогот за укинување или замена на мерката притвор на обвинетите Зоран Верушевски и Ѓорги Лазаревски поднесен преку нивните бранители. Врз основа на ваквото мислење, Кривичниот совет на Оделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје, одлучи да ја укине мерката притвор, при што беа определени забрана за напуштање на живеалиштето и привремено одземање на патна исправа како мерки на претпазливост.
Хелсиншкиот комитет ја поздравува ваквата одлука на Кривичниот совет на Оделението за организиран криминал и корупција, особено поради фактот што обвинетите беа во притвор повеќе од 10 месеци.
Препорака:
Повторно потсетуваме дека судовите треба да ги применуваат останатите мерки на претпазливост за обезбедување на присуство на обвинетите од притворот, кој поради лошите услови, кои се деградирачки и нехумани, може да се смета како казна.
УКИНАТА ОДЛУКА ЗА НЕПОЧИТУВАЊЕ НА СУДОТ
Хелсиншкиот комитет ја следи судската постапка на приватната тужителка Јасминка Ангелова, сопруга на лидерот на политичката партија Достоинство, поради сторена телесна повреда од страна на полициски службеник на протестот одржан на 8-ми мај 2015 година.
Во текот на постапката, која е се уште во фаза на помирување, судот ја казни приватната тужителка со паричен износ од 500 евра поради навреда на судот. Имено, судијата сметал дека објавениот фејсбук статус на приватниот профил на тужителката во кој изјавила дека обвинетиот не се појавува на закажаните судења и судот не бил во тек со предметот е навреда за судот. На ваквата одлука дополнително влијаел фактот што фејсбук статусот бил преземен од страна на интернет порталот Народен глас, поради што судијата сметал дека се работи за колумна.
Ваквата одлука беше обжалена од страна на тужителката и Кривичниот совет одлучи да ја уважи жалбата и да го укине спорното решение. Во својата одлука Кривичниот совет има наведено дека е нејасно на кој начин и со кои зборови тужителката го навредила судот, поради отсуствувото на навредувачки зборови во нејзиниот фејсбук статус, потоа преземен од интернет портал. Дополнително, за судот е нејасно како судијата утврдил дека тужителката го навредила и обвинетиот, особено поради тоа што е очигледно дека не постоела согласност за преземање на нејзиниот статус од интернет порталот Народен глас.
Препорака:
Хелсиншкиот комитет ја поздравува ваквата одлука на Кривичниот совет на Оделението за организиран криминал и корупција, особено поради фактот што обвинетите беа во притвор повеќе од 10 месеци. Повторно потсетуваме дека судовите треба да ги применуваат останатите мерки на претпазливост за обезбедување на присуство од притворот, кој поради деградирачките и нехуманите услови може да се смета како казна.
РАЗЛИЧНИ ПРЕСУДИ ВО РАЗЛИЧНИ СУДОВИ ЗА ИСТ КРИВИЧНО-ПРАВЕН НАСТАН
Јавноста беше информирана за случајот на жртвата на семејно насилство и грабнување од Крива Паланка, а која подоцна стана обвинета во постапка за кривично дело лажно пријавување на истиот настан. Овој случај е уште еден пример како жртвите на семејно насилство се виктимизирани и од страна на самиот систем кој треба да ги заштити.
Имено, жртвата беше гонета од страна на јавното обвинителство во Крива Паланка за давање лажен исказ дека нејзиниот претходен партнер ги сторил кривичните дела силување и грабнување, иако за истиот кривично-правен настан лицето се јавува како субсидијарен тужител пред Основниот суд Куманово. Постапувајќи по ваквиот предлог, Основниот суд во Крива Паланка донесе одлука со која утврди вина на страната на жртвата за давање на лажен исказ, која потоа беше потврдена од Апелациониот суд во Скопје.
Во втората постапка за истиот настан, која се водеше пред Основниот суд Куманово, и во која жртвата се јавува како супсидијарен тужител, судот донесе пресуда со која го прогласи за виновно истото лице кое се јавува како оштетен во горенаведената постапка што се водела пред Основен суд Крива Паланка. Оваа одлука се уште не е правосилна.
Поради горенаведените причини жртвата има поденесено барање за законитост до Јавниот обвинител на РМ на 30.12.2015 година против пресудата на Основен суд Крива Паланка заведена под број К.бр.72/2015 од 06.05.2015 и против пресуда на Апелациониот суд Скопје заведена под број КЖ.бр.1047/15 од 28.10.2015 година, за кое се уште нема добиено одговор.
Хелсиншкиот Комитет смета дека со ваквите контрадикторни одлуки се повредува начелото на законитост. Имено, првостепениот суд во Крива Паланка не увидел дека во обвинителниот предлог на ОЈО Крива Паланка никаде не е наведено на кој начин и од кои причини обвинетата дала лажен исказ. Не е земен предвид ниту фактот дека обвинетата има поднесено субсидијарен обвинителен акт пред Основниот суд Куманово за пријавените дела „Силување“ и „Грабнување” и тоа за истите оние кривични дела за кои според наводите на ОЈО Крива Паланка во оваа постапка се товари дека дала лажен исказ во својство на сведок. Поради тоа што жртвата ја продолжила постапката со субсидијарен акт, Основниот суд Крива Паланка требало да ја прекине постапката и да почека да се донесе одлука по однос на постапката пред Основен суд Куманово.
Хелсиншкиот Комитет изразува загриженост за ваквото постапување на основните судови во Крива Паланка и Куманово затоа што за еден ист кривично-правен настан се донесени сосема спротивставени пресуди, а со тоа се повредува начелото на правна сигурност.
Препорака:
Да се заштитат жртвите на семејно насилство на начин што судскиот систем ќе им овозможи ефикасна правда, почитување на начелото на законитост и почитување на правната сигурност.
КРИУМЧАРЕЊЕ И ДЕЛА ОД ОМРАЗА ПРОТИВ БЕГАЛЦИ
Криумчарењето и кривичните дела сторени од омраза против бегалците во Република Македонија претставуваше сериозен проблем во текот на 2014 и првата половина од 2015 година. Проблемот беше резултат на третирањето од страна на државата на сите бегалци како „нелегални мигранти“ на кои не им беше дозволено користење на јавниот превоз поради што тие беа принудени територијата на државата да ја поминуваат пешки или преку нелегален превоз. Ваквата состојбаопстојувашесè до месец јуни 2015 година кога преку измените на Законот за азил и привремена заштита се овозможи 72-часовен легален престој за сите бегалци што изјавиле намера за поднесување на барање за азил.
Усвојувањето на измените на Законот за азил и привремена заштита придонесе кон заштитата на човековите права на бегалците, како и кон намалување на бројот на македонски граѓани што во минатото беа притворани и осудувани за кривичните дела поврзани со криумчарење и омраза. Во текот на месец ноември 2015 година започна дискриминаторска селекција за прием на бегалците врз основа на нивната земја на потекло од страна на Словенија. Ваквата пракса како верижна реакција се одрази на сите гранични премини на балканската рута. Како последица на тоа, низ Република Македонија се пропуштаат само бегалци кои потекнуваат од Сирија, Авганистан и Ирак, а бегалци со документи за потекло од други земји не се пропуштаат. Ваквата состојба предизвикуваилегални преминувања на државните граници од страна на сите бегалци што не се државјани на една од споменатите држави.
Голем број на бегалци што во државата влегле нелегално стануваат жртви на криумчари и дела од омраза. Во текот на месец декември медиумите на седмична основа известуваа за голем број инциденти поврзани со криумчарење и дела од омраза. Хелсиншкиот комитет регистрираше 4 (четири) инциденти како резултат на дела од омраза. Сите инциденти беа регистрирани на потег на железничкиот и патен Коридор X, на потегот од Гевгелија до Валандово. Нападнати и ограбени беа најмалку 8 (осум) бегалци од Мароко. Од регистрираните 4 (четири) инциденти полицијата успеа да ги пронајде сторителите само во еден случај. Разбојничките напади имаат слични карактеристики, односно на жртвите или им се нуди лажен превоз или се пресретнати, по што сторителите со сериозна закана или измама дека се полицајци, со ладно оружје (но понекогаш и огнено оружје како и електрошок-палки) ги преплашуваат, напаѓаат, повредуваат и ограбуваат. Повеќе детали за секој напад одделно, како и за други регистрирани напади може да се пронајдат на порталот за регистрирање на дела од омраза на Хелсиншкиот комитет – www.zlostorstvaodomraza.mk.
Препорака:
Согласно домашното и меѓународното право Република Македонија има обврска да дозволи влез на било кој странец што на граничен премин или на територијата на државата ќе изрази намера за азил. Поради таа причина, ги повикуваме властите да ја запрат дискриминаторската политика на пропуштање на бегалци само од одредени држави. Со тоа би биле надминати проблемите на повреда на човековите права на бегалците преку нивни напади и криумчарење од македонски државјани, дел од кои за минорна финансиска заработка завршуваат во притвор и затвор.