Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – септември 2020
октомври 7, 2020
СОДРЖИНА
ПОЛИТИЧКО–ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Престанаа да важат мерките за превенција и заштита од коронавирусот, хронично болните оставени на (не)милост на вирусот
Тесно толкување на законските одредби за работници заболени од Ковид-19
Владата го усвои четвртиот пакет економски мерки
За новиот Закон за работните односи
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
50 текстилни работнички пријавија прекршување на работничките права во септември
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Дискриминација врз основа на пол и род во МВР- полициска службеничка спречена да напредува на работното место
Дискриминаторско толкување на уредба за породилно отсуство
РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО
Дали нереспонзивноста на институциите резултираше во фемицид?
ТОРТУРА И НЕХУМАНО ПОСТАПУВАЊЕ
Неосновано лишување од слобода и примена на прекумерна сила и средства на присилба врз момче во Скопје
Осуда за бруталното постапување на полицијата и апел за недискриминаторски однос кон Ромите
ГОВОР НА ОМРАЗА
Неоходни се итни мерки за справување со говорот на омраза
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Хелсиншкиот комитет во својот извештај за септември дава осврт на почитувањето на работничките права, случаите на дискриминација, родово базирано насилство и тортура и нехумано постапување, а се осврнува и на состојбата со говорот на омраза.
Преговарачката рамка за пристапување која беше претставена од германското претседателство за преговори помеѓу Унијата и Северна Македонија констатира дека клучен предуслов за членство се “стабилни институции кои ја гарантираат демократијата, владеењето на правото, човековите права, како и почитување и заштита на правата на не-мнозинските заедници.” За ова, Хелсиншкиот комитет очекува дека новиот состав на Владата на Република Северна Македонија ќе ги возобнови сите механизми на соработка и консултација помеѓу сите засегнати страни во областа на владеењето на правото, имајќи предвид дека од почетокот на 2020 година беше поставена т.н. пржинска Влада и државата се соочи со глобалната пандемија што воедно резултираше со серија на прогласи за воведување на вонредна ситуација во државата за справување со Ковид-19. Оваа ситуација придонесе кон пренасочување на ресурсите за справување со кризата, сепак искуството на Комитетот од работатата во областа на бесплатната правна помош и бројот на примени претставки од страна на граѓаните, упатува на несериозност и крајна интертност на институциите, особено на тие кои испорачуваа услуги кон граѓаните. Принципот на префрлање на вина и изговорот со глобалната пандемија треба крајно да се ограничат, т.е. отстранат.
Имајќи ја предвид севкупната ревизија на процесот на пристапување во делот на политичките поглавја, процесот на преговори ќе започне и заврши со првиот фундаментален кластер (имено и Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права). Предлогот на Преговарачка рамка има за цел да овозможи доволно време и ресурси за воспоставување на неопходната правна инфраструктура за примена на правото на ЕУ и градење на досие на успешност во спроведување на преземените реформи пред затворање на преговорите и потпишување на Договор за пристапување во Унијата. Ова е возможно со итно рестартирање на сите расположливи капацитети на државата во подготовката за почетокот на преговорите и успешно спроведување на реформските процеси кои си ги зададе Владата во нејзината програма за работа 2020-2024 година.
Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена. Она што го обележа овој месец е повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во контекст на новата коалициона влада помеѓу Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и Демократската Унија за интеграција (ДУИ) и високиот број на случаи врз основ на етничка припадност кои бараат итна реакција од страна на надлежните институции.
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Престанаа да важат мерките за превенција и заштита од коронавирусот, хронично болните оставени на (не)милост на вирусот
На четвртата седница, Владата одлучи дека од 23 септември нема да важат мерките за превенција и заштита од коронавирусот што се однесуваат на хронично болните работници, вработените кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство и родителите на деца до десетгодишна возраст. Мерката за ослободување од работа продолжи да важи само за бремените работнички. Така, работниците со хронични заболувања што беа ослободени од работа, почнувајќи од 23 септември 2020 година се вратија на своите работни места и на редовно извршување на работните задачи. Единствениот исклучок предвиден во овој поглед е во однос на лицата кои имаат малигна болест и/или кај кои болеста е во фаза на влошување и кои тоа можат да го докажат со потврда со наод и мислење од лекар специјалист.
Престана да важи и мерката за продолжено породилно отсуство, па работниците што беа ослободени од работа врз оваа основа, повторно почнаа да ги извршуваат своите работните задачи. Оваа одлука беше донесена на владината седница и покрај тоа што само неколку дена претходно беше објавено дека Комисијата за заразни болести до Владата доставила предлог важноста на мерката за продолжено породилно отсуство да трае до крајот на годината. На своите работни места се вратија и вработените што ја користеа мерката за ослободување на еден родител на дете до десетгодишна возраст што посетува настава на кое било ниво од воспитно-образовниот процес (градинка или основно училиште).
Ваквата одлука предизвика низа реакции кај работниците што ги користеа овие мерки. Преку организирани протести пред Владата на 17ти и на 21ви септември тие го искажаа своето несогласување со одлуката, апелирајќи дека ним им е потребна правна предвидливост. Претставници на Владата остварија средба со родителите, каде што на барањето да се продолжи мерката за продолжено породилно отсуство од еден до два месеци за полесно приспособување на новонастаната ситуација, родителите добија ветување дека Владата ќе покаже слух и разбирање за нивните барања. Сепак, тоа не се случи, па засегнатите родители, нивните деца, како и хронично болните работници останаа без системска заштита во поглед на справувањето со последиците предизвикани од коронавирусот.
Тесно толкување на законските одредби за работници заболени од Ковид-19
Ударот од економската и здравствена криза што го доживеаја работниците по нивниот квалитет на живот и егзистенција се забележува и од безизлезните ситуации во кои секојдневно се наоѓа еден македонски работник. Таков е и примерот на работничка во конфекција која неколку пати по ред имала позитивен тест на коронавирусот и била принудена да остане дома поради спреченост да ги извршува своите работни задачи на работното место. Работодавачот ѝ исплатил надоместок на плата за спреченост на работа поради болест и медицинско лекување за првите 15 дена од боледувањето, но Фондот за здравствено осигурување го одбил нејзиното барање за надоместок на плата за останатите денови, поради тоа што не го исполнувала условот да работи најмалку шест месеци непрекинато кај работодавачот.
Со оглед на тоа што работните задачи предвидени за нејзиното работно место се од таква природа што не може да се изведуваат од дома, таа морала да користи боледување за овие денови кога била спречена да работи. Во спротивно работничката би продолжила да оди на работа, но тоа ќе значело прекршување на решението за лекување и изолација во домашни услови издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во овој случај, и покрај тоа што ова заболување согласно Правилникот за листата на професионални болести е третирано подеднакво исто со сите останати ситуации на спреченост за работа, треба да се има предвид дека ова е пандемија со којашто досега се немаме соочено. Ширењето на вирусот е опасност за целото општество и сите работници и како такво е различно од која било друга болест која го засега лично работникот. Затоа, не смее да биде прифатливо работникот да треба да избере дали ќе остане дома без никаков надоместок, но со загрозена егзистенција или да продолжи да оди на работа и да ги загрозува своите соработници, што воедно претставува кривично дело и е казниво согласно Кривичниот законик.
Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство при одлучувањето треба да ја имаат предвид специфичноста на ситуацијата во која се наоѓаат работниците во моментов и да не ги толкуваат претесно правните акти во ситуација која сама по себе е преседан.
Владата го усвои четвртиот пакет економски мерки
На 28 септември 2020 година, Владата соопшти дека е усвоен четврт пакет економски мерки како продолжение на претходните три, насочен кон овозможување директна финансиска поддршка, поддршка за ликвидноста на приватниот сектор и стимулирање на претпријатијата за враќање и задржување на работниците на работните места. Четвртиот пакет економски мерки опфаќа поддршка на приватните фирми за исплата на плати за последниот квартал на годината, но повторно не е избегната опасноста од злоупотреба ако се има предвид дека парите не им се исплаќаат директно на работниците. Владата објави малку информации и во однос на тоа дали овие мерки ќе ги користат и големите фирми кои оствариле голема добивка на штета на малите и средни претпријатија и нивните вработени, како што беше случајот со претходните сет-мерки.
Целта на државната финансиска поддршка на претпријатијата за справување со кризата предизвикана од Ковид-19 мора да биде зачувување на работните места на работниците, а не работодавачите незаконски да профитираат на грбот на работниците за време на најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме.
За новиот Закон за работните односи
Новиот Закон за работните односи почна да се изготвува уште во првата половина на 2018 година, но тој сѐ уште не е влезен во собраниска процедура. По подолг период, на 23 септември 2020 година беше одржан координативен состанок на работната група за изработка на овој закон. Работната група за изготвување на законот договори дејствување преку неделни работни состаноци со физичко присуство на претставниците на релевантните чинители. Министерката за труд и социјална политика предложи во групата да има по еден претставник од секој релевантен чинител, со тоа што репрезентативните синдикати ги гледа како посебни чинители, а граѓанските организации како еден, што значи дека граѓанските организации ќе настапуваат заеднички, по претходни меѓусебни координативни средби.
На координативниот состанок беше дискутирано настојувањето да се постигне компромис за неколкуте спорни членови од новиот закон, за кои претставниците на работниците и на Организацијата на работодавачи имаат спротивставени гледишта. На средбата беше разгледувана и неопходноста од подетално разработување на деловите на законот кои ќе го регулираат флексибилното работно време и институтот „работа од дома“ – потреба наметната од специфичната ситуација во која беа затекнати работниците, предизвикана од коронавирусот.
Министерството за труд и социјална политика ги сподели своите очекувања новиот закон да влезе во собраниска процедура во јануари следната година, а да биде донесен во првиот квартал на годината.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
50 текстилни работнички пријавија прекршување на работничките права во септември
Во септември 50 текстилни работнички од повеќе градови од државава пријавија прекршување на работничките права. Најголемиот дел од случаите се однесуваат на исплата на плата под износот на законски утврдената минимална плата, проблем кој трае од почетокот на кризата предизвикана од КОВИД-19 вирусот.
Во најиндикативниот случај, неколку работнички од текстилна фабрика од Штип, во која се вработени повеќе од 100 текстилни работнички, пријавија дека воопшто не им е исплатена платата за август. По добиеното правно советување работничките беа мотивирани да го пријават случајот во Државниот инспекторат за труд. Работничките одлучија да разговараат со работодавачот пред да го пријават случајот. Работодавачот ги уверил работничките дека ќе им биде исплатена минимална плата, за следниот ден на сите работнички да им исплати плата во износ од 7.000 денари, износ далеку понизок од законски утврдената минимална плата.
Заклучок: Неисплаќање минимална плата е и понатаму горлив проблем во текстилната индустрија. Со намалувањето на обемот на работа на текстилните фабрики во периодот кој следи, многу е веројатно дека овој негативен тренд ќе продолжи.
Препорака: Хелсиншкиот комитет за овој случај иницираше постапка за вонреден инспекциски надзор. Апелираме Државниот инспекторат за труд да продолжи со праксата на постапување по ваквите барања и доколку утврди прекршувања на работничките права и неправилности, да го задолжи работодавачот да им исплати минимална плата на вработените во фабриката. Воедно апелираме Управата за јавни приходи да воспостави подобра соработка со Државниот инспекторат за труд и навремено да го информира за случаи на неисплаќање на минимална плата од страна на работодавачите.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Дискриминација врз основа на пол и род во МВР- полициска службеничка спречена да напредува на работното место
Полициска службеничка вработена во 2013 година во Министерството за внатрешни работи се соочува со дискриминација врз основа на пол и род на работното место поради неможност да напредува во кариерата ниту стручно и професионално да се обучува во работата.
Имено, службеничката е вработена на работно место Полицаец за операции Категорија Е ниво Е4 во Единицата за специјални задачи. Според ова работно место таа треба да добива плата во износ од 520 бодови и додаток на плата од 45%.
Министерството за внатрешни работи во меѓувреме донело нов Правилник за систематизација на работни места во Министерството за внатрешни работи. Поради оваа промена, а врз основа на член 111 став 1 алинеја 2 од Законот за внатрешни работи, колегите од машки пол од генерацијата на полициската службеничка кои биле на истото работно место како нејзиното, добиле решенија за распоредување на работно место за кое е предвидено износ на плата од 580 бодови и додаток од 10 бодови.
Во генерацијата на полициски службеници на странката, единствени жени на нејзината работна позиција се таа и уште една вработена, кои иако ги исполнуваат сите услови, немаат добиено решенија за распоредување врз основа на новиот Правилник. Против нив никогаш не биле поведени дисиплински постапки, напротив, тие до сега совесно и професионално ги имаат обавувано своите работни ангажмани во рамки на Министерството.
Поради донесувањето на новиот Правилник за систематизација на работни места, службеничката поднела барање за зголемување на износот на бодовите за плата односно нејзино распоредување на работно место согласно новиот Правилник. Примерок од барањето вработената не поседува, а писмен одговор од страна на Раководителот на Одделението се уште нема добиено. Усно била известена дека такво распоредување нема да добие од причина што го користела своето право на породилно отсуство, а жени во Единицата за специјални задачи не биле посакувани.
По завршување на породилното отсуство на службеничката, нејзината теренска работа била заменета со канцелариска односно раководителот на единицата со усна наредба и има наложено да обавува работни задачи во тимот за планирање чија позиција не е воопшто предвидена согласно Правилникот за систематизација. Поради ова, службеничката се соочува и со исплата на пониска плата од онаа која треба да ја добива согласно нејзиното Решение. Ваквото постапување е уште еден индикатор за дискриминаторското однесување на раководителот кој има тенденција да ги оттргне жените од теренска работа и нивно унапредување во кариерата.
Покрај непреземање на дејствија за распоредување на жените полицајки за операции на работно место со поголем износ на бодови за плата согласно новиот Правилник, раководителот одбива да им овозможи на жените присуство на обуки со цел нивна квалификација и доквалификација.
Мажите и жените имаат еднакви права во унапредување на работното место, а ова е признаено и од едни од најважните меѓународни тела и конвенции за човекови права. Покрај ова, жените имаат права на еднакви можности и под еднакви услови со мажите да имаат пристап во вработување, да присуствуваат на обуки со цел нивна стручна и професионална квалификација и доквалификација и да бидат еднакво платени за еднаква работа или работа од еднаква вредност. Поради ова, Хелсиншкиот комитет апелира, Министерството за внатрешни работи итно да ги преземе сите дејствија и мерки за да го спречи понатамошното дискриминаторско постапување спрема жените и да им овозможи под еднакви услови со мажите да ги уживаат своите права на работното место.
Дискриминаторско толкување на уредба за породилно отсуство
Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, на 2 април 2020 година Владата на РСМ донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, со која породилното отсуство се продолжува до истекот на времените мерки за заштита од ширење и превенција од вирусот КОВИД – 19, а надоместокот за отсуството продолжува да се исплаќа. Работничка на која договорот за вработување склучен на определено време ѝ истекол во декември 2019 година, го користела своето право на породилно отсуство до април оваа година. Откако Владата ја донесе уредбата со законска сила, по барање на работничката Фондот за здравствено осигурување усно ја информирал дека таа е опфатена со владината мерка и нејзиното породилно отсуство се продолжува. Од причина што на работничката не и бил исплатен надоместокoт за плата за месеците април и мај, таа повторно се обратила до Фондот за здравствено осигурување од каде овој пат и дале информација дека нејзиното породилно отсуство не е продолжено бидејќи нејзиниот договор за вработување истекол во декември 2019 година.
Заклучок: Законот за работните односи во членот 170 став 2 предвидува дека работничката на која и престанал договорот за вработување на определено време поради истек на договорот и користи надоместок на плата за време на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, продолжува да го користи правото до истекот на отсуството на товар на органот надлежен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување. Оттука, без исклучок, на сите работнички на кои им престанал договорот за вработување на определено време додека го користат породилното отсуство имаат право на продолжување на породилното отсуство и исплата на надоместокот се до истекот на времените мерки.
Препорака: Хелсиншкиот комитет за човекови права е во очекување на официјален одговор од страна на Фондот за здравствено осигурување и исправка на ваквиот начин на толкување на Уредбата со законска сила кое оваа група на работнички ги става во нееднаква положба.
РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО
Дали нереспонзивноста на институциите резултираше во фемицид?
Во текот на месец септември во медиумите излезе веста за убиство на жена од страна на нејзиниот сопруг во нивниот дом во Гостивар, со што од почетокот на оваа година ова ќе биде трет случај на фемицид во државава, односно убиство на жена затоа што е жена, што претставува најтешка форма на насилство врз жената. Според информациите кои беа споделени од медиумите, постои сомнение дека непостапувањето на полицијата по претходна пријава за насилство. Доколку ова се потврди, ќе се потврди и сомнението дека најчестата причина за фемицид е несериозниот пристап на институциите кон родово базираното насилство, односно несоодветното постапување по пријавите на насилство што дополнително ја намалува довербата на жртвите во надлежните институции.
Истражувањата во нашата земја говорат дека во повеќе од 80% од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер, со што нереспонзивноста на релевантните институции можат да ја зголемат веројатноста насилството да прерасне во фемицид. Република Северна Македонија во 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција со што ја презема и обврската за препознавање на фемицидот како посебно кривично дело за кое ќе се води и посебна статистика, како и за усогласување на националното законодавство со Конвенцијата.
Препорака: Хелсиншкиот комитет веќе во неколку наврати апелираше инситуциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција, а особено да се пристапи кон итно донесување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство кој беше предвидено да се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието.
ТОРТУРА И НЕХУМАНО ПОСТАПУВАЊЕ
Неосновано лишување од слобода и примена на прекумерна сила и средства на присилба врз момче во Скопје
До Хелсиншкиот комитет за човекови права во месец септември пристигна претставка за полициска бруталност врз момче од страна на полициски службеници вработени во Полициската станица Бутел. Имено, на 26.08.2020 година околу 03,00 часот додека момчето се враќало накај својот дом од роденденска забава, било пресретнато од страна на двајца полициски службеници. Тие побарале момчето да се легитимира, неосновано му извршиле алкотестирање, му ставиле лисици и без никакви причина го привеле во полициска станица. Полициските службеници воопшто не го поучиле момчето за причините поради кои го приведуваат ниту за неговите права при лишување од слобода. Дополнително, на момчето му биле одземени личните ствари, односно мобилниот телефон и паричникот поради што тој не можел ниту да исконтактира со своето семејство.
Лицето било држено во станица до 05,30 часот изутрина, а во меѓувреме цел час било држено со лисици на рацете. Во одделни временски интервали лицето било удирани со шамари и боксови во пределот на главата од страна на еден полициски службеник, додека другите гласно се смееле на таквото постапување и му упатувале различни закани на лицето.
Пред напуштање на полициската станица на лицето му биле вратени неговите лични ствари и му била упатена закана никому да не кажува за она што се случило. Повредено, дезориентирано и уплашено, момчето веднаш го контактирало својот родител по што му била пружена и лекарска помош.
Случајот истиот ден бил пријавен во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи од каде до надлежното обвинителство е поднесена кривична пријава против полициските службеници вработени во Полициската станица Бутел.
Осуда за бруталното постапување на полицијата и апел за недискриминаторски однос кон Ромите
На 24.09.2020 година на социјалните медиуми беше објавено видео на кое јасно се гледа како во Битола полициски службеници тепаат лица, припадници на ромската заедница. Полициската бруталност, особено кон Ромите станува честа практика за која многу пати сме реагирале. Бараме од МВР интензивно да работи на расчистување на случајот и да постапи согласно нивните овластувања и надлежности утврдени со закон, како и да го известат јавното обвинителство за случајот со цел започнување на кривични постапки против полицските службеници, кои очигледно дејствуваат надвор од нивните овластувања и со тоа ги прекршуваат основните човекови права. Истовремено бараме за целокупниот процес на истрага и за превземените дејствија спрема полициските службеници, јавноста навремено да биде информирана. Практиките на неказнивост на полициските службеници кои го прекршуваат законот се клучна причина за ваквото брутално однесување и злоупотребата на моќ за да се малтретираат и понижуваат припадници на маргинализираните групи. Бараме МВР веднаш да отвори инклузивен процес на измени на Законот за полиција и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи, како и да донесе подзаконски акти кои ќе го адресираат проблемот на расистичко постапување. Според изјавите на инволвираните лица настанот се случил во вторник, 22 септември 2020 година, кога тројца Роми со автомобил направиле сообраќајна несреќа и удриле во бетонски ѕид. Во непосредна близина на сообраќајката имало сообраќајна полиција, која без никаква причина ги извадила лицата од автомобилот и започнала брутално да ги тепа, без притоа да прашаат дали им е потребна медицинска помош. Дополнително во полициската станица биле задржани до 5 часот наутро, навредувани и вознемирувани со различни изрази. Лицата сакале случајот да го пријават во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, но биле одбиени. Особено загрижува тоа што полициската бруталност врз Ромите е практика, а не исклучок. Пред само три месеци информиравме за бруталното однесување на полицијата кон бездомните Роми кај Железничка станица.
Заклучок: Овие случаи говорат за постоење на расистички предрасуди и го потврдуваат самоволното, непрофесионалното и незаконското постапување на полициските службеници.
Препорака: Како и сите досега случаи на полициска бруталност, Хелсиншкиот комитет за човекови права и во овие случаи будно ќе го следи постапувањето на заштитните механизми за спречување и заштита од тортура и нехумано постапување од страна на полициските службеници се до нивната разрешница. Очекуваме позитивен исход со изрекување на најстроги казни против полициските службеници, што е еден од начините да се влијае во иднина да нема случаи на вакво брутално измачување на граѓаните и враќање на нивната доверба во полицијата.
ГОВОР НА ОМРАЗА
Неоходни се итни мерки за справување со говорот на омраза
Хелсиншкиот комитет за човекови права во септември 2020 година, слично како и за изминатиот период, забележа висок број на пријави поврзани со говор на омраза, кој веќе од овој стадиум може да ескалира и во дела од омраза. Двата инциденти во една седмица, предизвикани од навивачка група во Скопје, се најсвежи меѓу бројните докази дека повеќе не смее да се игнорира потребата од вистинско, а не само декларативно справување со овој деструктивен феномен, како што апелираше Комитетот во соопштение за медиумите. И покрај големиот број на јавни апели за активно дејствување на терен и на социјалните медиуми, сеуште постои интертност и нерспонзивност од страна на институциите, особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство.
Сепак, Владата на Република Северна Македонија на својата 4-та седница го разгледа случајот со говор на омраза кој се случи на плоштадот “Македонија” и “најостро го осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа.” Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поздравува оваа политичка заложба и очекува нејзино преточување во конкретни мерки од страна на надлежните институции задолжени за превенција и санкционирање на овој феномен. Исто така, Хелсиншкиот комитет цени дека за оваа проблематика треба да се отвори поширока јавна дебата во која ќе учествуваат сите заинтересирани страни. Треба да се унапреди процесот за креирање на јавни политики во областа, имајќи предвид дека говорот на омраза има свој соодветен третман во Поглавјата 23 – Правосудство и темелни права и Поглавјето 24 – Правда, слобода и безбедност. Хелсиншкиот комитет цени дека постојаниот висок број на случаи поврзани со говор на омраза се должи на недоволното познавање на материјата, нејзиното третирање во рамки на Европската Унија и нејзините земји членки и непостоење на судска пракса (како и постојаната неказнивост при прекршување на член 319 од Кривичниот законик).
Уште еднаш, Хелсиншкиот комитет ја информира јавноста дека во 2019 година во периодот од 16.03.2019 до 20.09.2019, комитетот регистрираше вкупно 379 пријави поврзани со говор на омраза, од кои 130 пријави за говор на омраза врз основ на етничка припадност. За споредба, во 2020 година за истиот временски период, регистрирани се 662 пријави, од кои 353 кои се однесуваат на говор на омраза врз основ на етничка припадност, што воедно претставува зголемување за околу 280% во споредба со лани.
Комитетот верификуваше вкупно 90 пријави за септември, 2020 година, во споредба со 45 пријави за истиот месец лани. Најголем број од случаите во септември се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност што е во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија во март годинава. Негативната реторика ескалираше овој месец на социјалните медиуми што придонесе кон висок број на пријави за говор на омраза на социјалните медиуми врз основ на етничка припадност, дури 44% од вкупниот број на сите пријави за месецот.
Говор на омраза на социјалните медиуми за септември, 2020 година
Тренд на говор на омраза, септември 2020 година
Токму затоа сметаме дека е крајно време за суштинско справување на овој проблем, при што, покрај строгото санкционирање на говорот и делата од омраза, ќе се применат и други мерки од земјите кои имаат позитивни разрешници на ова поле. Тоа особено се однесува на навивачките групи, како голем генератор на говор на омраза во нашето општество. Многу хулигански навивачки групи низ Европа, денеска се конструктивен дел од заедницата, а насилството и дивеењето го заменија со хумантирни активности и поддршка на позитивни каузи. За да биде можно поместување како во овие примери, клучно е институциите неселективно, строго и доследно да го спороведуваат законот. Од подеднаква важност е и директната работа со припадниците на навивачките групи, решавање на конфликтите на ненасилен и мирен начин и давањето поттик за да се преобмисли нивното постоење во конструктивна насока. И најважно од се, неопходна е политичка волја за да се изведе еден ваков процес.
Високиот број на пријави, како што Хелсиншкиот комитет потенцираше и во претходниот период, се во корелација со одржувањето на предвремените парламентарни избори и немањето соодветна реакција од страна на надлежните институции. Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивната надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.
Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред се’ во начинот на кој надлежните институции (не) го третираат говорот на омраза и неговите последици. Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија на своите седници редовно да го следи овој феномен и соодветно да презема мерки кои ќе придонесат за превенција и санкционирање на говорот на омраза, особено помеѓу помладата популација која воедно е една од најактивните групи кои се активни на социјалните медиуми.
Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.