Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија Мај 2020

јуни 10, 2020

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

  • Позитивна пресуда за работничка за време на кризната состојба

ДИСКРИМИНАЦИЈА

  • Дискриминаторска содржина на Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за средно образование за време на вонредна состојба

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

  • Повеќе текстилни работнички од иста конфекција во Штип позитивни на КОВИД-19

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

  • Потфрлија примарните институции за заштита на жртвите на семејно насилство
  • Феминистички дијалози

ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

  • Образовни асистенти
  • Онлајн-активности за поддршка во домашни услови

ГОВОР НА ОМРАЗА

  • Говор на омраза за време на пандемија

СУДСКИ СЛУЧАЈ

  • Судскиот совет утврдил нестручно и несовесно вршење на судиската функција од страна на судија во пензија

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ

            Во контекст на глобалното ширење на вирусот КОВИД-19 и со цел успешно справување со пандемијата во државата, Претседателот на Република Северна Македонија на двапати во месец мај ја продолжи вонредната состојба во државата.

Во соопштението на 15 мај 2020 година, како објаснување за продолжување на вонредната состојба се наведува дека „Причина за ваквата одлука е потребата од имплементирање на економско-социјалните мерки за ублажување на последиците од пандемијата, кои веќе сега се чувствуваат како резултат на фактот што огромен број фирми не работеа и сè уште не работат. Кон крајот на месецот бев информиран дека се очекува да склучиме кредитен аранжман со ЕБРД, со Европската банка за обнова и развој, од околу 160 милиони евра. Се разбира, исто така, многу важна, веројатно најважна причина за оваа одлука беше и тоа што на таков начин ѝ се овозможува на Владата да продолжи преку уредбите со законска сила да овозможува на целокупниот здравствен сектор поуспешно да се справува со пандемијата.“

Од почетокот на кризата во март 2020 година, Хелсиншкиот комитет редовно спроведува мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Имајќи го предвид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет во својот извештај за мај особено дава осврт на спроведувањето на мерките и нивното директно влијание врз граѓаните. Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена. Она што го обележа овој месец е повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми што е директен резултат околу релаксирањето на заштитните мерки и укинувањето на полицискиот час, непочитување на мерките на Владата од страна на дел од религиските лидери, како и зголемување на бројот на КОВИД-19 случаи кон крајот на месецот. На политички план, доминираше дискусијата околу одржувањето на предвремените парламентарни избори. Политичките партии не постигнаа согласност околу датумот за одржување на изборите, понудувајќи различни толкувања околу можноста за нивна реализација.

На 30 мај 2020 година, Претседателот на државата уште еднаш ја продолжи вонредната состојба во Република Северна Македонија со објаснување дека „…Јавноста е веќе информирана дека бројот на новозаболени и, за жал, на починати наши сограѓани започна да расте во последниве денови. Точно е дека во најголемиот број од општините ситуацијата е стабилна, но, за неколку општини постои сериозна загриженост.“ На крај, Претседателот повика  „До политичките лидери кои учествуваат на т.н. лидерски средби – државата нема парламент, постои техничка влада која има лимитирани овластувања, ситуацијата е премногу сериозна. Затоа барам од сите нив да бидат на висина на историската одговорност и да се договорат за датумот на следните парламентарни избори за да добиеме институции со полн капацитет и политички легитимитет. Државата едноставно не може и не смее со месеци да функционира само ако има воведена вонредна состојба.“

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

ПОЗИТИВНА ПРЕСУДА ЗА РАБОТНИЧКА ЗА ВРЕМЕ НА КРИЗНАТА СОСТОЈБА

  1. Прекршувања на работничките права

Овој месец во Хелсиншкиот комитет за човекови права беа пријавени 20 случаи на прекршувања на работничките права кои опфатија 218 работници. За разлика од почетокот на кризната состојба, кога Хелсиншкиот комитет регистрираше 60 случаи во март и 85 случаи во април, ова претставува значително намалување по подолг период. Сепак, како и минатиот месец, во текот на мај регистриравме противзаконски откази, намалени и/или неисплатени плати и принудно спогодбено раскинување на договорите за вработување. Оттука, во четири случаи поднесовме барања за спроведување на вонреден инспекциски надзор до Државниот инспекторат за труд. Едно барање е поднесено поради намалување на платите на група хронично болни работници кои се ослободени од работни обврски, две барања се поради неисплатени плати на над 200 работници за време на кризната состојба и последното барање се однесува на незаконски отказ на бремена работничка.

Препорака: Покрај советувањето работниците самите да ги користат заштитните механизми во случај на прекршување на нивните права, препорачувавме и да не потпишуваат спогодби за раскинување на договорите за вработување. Работниците кои веќе имаат склучено договори за вработување на неопределено работно време ги советувавме да не потпишуваат договори за вработување на определено време, а во повеќе случаи ги објаснувавме и мерките донесени од страна на Владата кои се однесуваат на различни категории работнички и работници.

  1. Економски мерки на Владата

Месецот започна со успешното застапување во однос на повлекувањето на уредбата на Владата со која на фирмите кои користат државна финансиска помош за исплата на плати им се дозволуваше да отпуштат до 15 % од нивните вработени. Согласно на сегашната формулација на таа Уредба, се утврдува дека работодавачот кој ќе користи финансиска поддршка за исплата на плати не смее да има намален број на вработени во месеците април и мај 2020 година, како и два месеци потоа заклучно со месец јули 2020 година.

Од друга страна, Владата при презентирањето на третиот економски пакет ја презентираше мерката „Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020“ како усогласување со барањата на синдикатите и граѓанските здруженија. Хелсиншкиот комитет, заедно со повеќе граѓански организации и синдикати, уште од почетокот на здравствената криза укажуваше на бројните злоупотреби на „спогодбените“ раскинувања на договорите за вработување и изнудените изјави за престанок на работниот однос од страна на работниците. Поради тоа, многу работници и нивните семејства беа оставени без никакви примања и без можности за ново вработување за време на вонредната состојба. Со оваа мерка, сите лица кои ја изгубиле својата работа вклучувајќи ги и оние кои го прекинале својот работен однос преку писмена изјава, спогодбено или добиле отказ од работодавачот, ќе добиваат паричен надоместок од Агенцијата за вработување и тоа е несомнено добар почеток. Со надоместокот се опфаќаат најмалку 8.000 работници чијашто егзистенција беше сериозно загрозена затоа што беа оставени без единствениот основ по којшто остваруваат примања.

Сепак, Владата не го испочитува договорот кој беше постигнат на состанокот на 30 април, кога се направи договор овие лица да бидат опфатени со системското решение за осигурување во случај на невработеност, односно да добиваат надоместок во временски период кој зависи од нивниот стаж, а не само од 2 месеца.

Со тоа што Владата не остана на зборот и ретерираше од првичната одлука покажа колку ги почитува работничките и работниците и синдикатите како нивни застапници. Во наредниот период се очекува Владата да ја усогласи и оваа мерка со логиката која стои зад Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и временскиот период на осигурување да го усогласи со работниот стаж, наместо со паушално одреден рок од два месеци за сите работници без разлика на нивниот стаж.

  1. Судска пракса

На почетокот на 2019 година, до Хелсиншкиот комитет со барање за бесплатна правна помош се обрати работничка вработена во здравствена установа. Таа нѐ информираше дека работодавачот повел дисциплинска постапка против неа за наводно непочитување на усни наредби дадени од страна на нејзината претпоставена, односно поради нарушување на работниот ред и дисциплина затоа што одбила да ги оствари работните задачи. Дисциплинската постапка утврдила одговорност кај работничката и против неа била изречена дисциплинска мерка во вид на парична казна во висина од 15 % од последната исплатена плата, во времетраење од два месеци. Работничката тврдеше дека постапката била тенденциозно спроведена без нејзино присуство и дека сведоците на настанот воопшто не биле сослушани, а одлуката со која ѝ била изречена дисциплинска мерка не содржела никакво образложение. Во одлуката не било наведено ниту каква усна наредба ѝ била дадена на работничката и конкретно кои работни задачи таа одбила да ги изврши. Затоа, таа ја обжалила оваа одлука, но жалбата била одбиена.

Со помош и поддршка на Хелсиншкиот комитет, преку адвокат со кој нашата организација има воспоставено соработка, работничката поведе судски спор против ваквите одлуки пред Основниот граѓански суд Скопје. Судот овој месец ѝ достави одлука на работничката со која нејзиното тужбено барање го усвои, а двете решенија донесени од страна на здравствената установа и Управниот одбор при здравствената установа ги поништи како незаконски.

ДИСКРИМИНАЦИЈА

ДИСКРИМИНАТОРСКА СОДРЖИНА НА УРЕДБАТА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА СРЕДНО ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Со Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила примена на Законот за средно образование за време на вонредна состојба (Сл. весник бр. 116/2020 од 5.5.2020) се ослободуваат од полагање државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење во средното гимназиско образование, средното стручно образование, средното уметничко образование и средното образование за ученици со посебни образовни потреби, учениците од завршните години на образованието во учебната 2019/2020 година.  На овие ученици училиштата им издаваат диплома за завршено средно образование.

Од друга страна, со истата уредба се пропишува дека учениците кои во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година, не се ослободени од државна матура и за истите се организира полагање на испитите за државна матура. Учениците кои во претходните учебни години започнале со полагање на испити од државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење или завршен испит со четиригодишно траење, но не ги положиле и се пријавиле за повторно полагање во учебната 2019/2020 година, за истите се организира полагање на испитите за државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење или завршен испит со четиригодишно траење.

Хелсиншкиот комитет реагираше за оваа спорна одредба од Уредбата до Министерството за образование и наука.

ЗАКЛУЧОК: Ваквата одредба од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила примена на Законот за средно образование за време на вонредна состојба претставува нееднаков третман на двете споменати групи ученици.

ПРЕПОРАКА:   Апелираме до Министерството за образовение и наука да изврши дополнување и измена на оваа Уредба и да ги ослободи од полагање државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење во средното гимназиско образование, средното стручно образование, средното уметничко образование и средното образование за ученици со посебни образовни потреби сите ученици од завршните години на образование.

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

ПОВЕЌЕ ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ ОД ИСТА КОНФЕКЦИЈА ВО ШТИП ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19

Во мај заедно со партнерската организација Гласен Текстилец документиравме случај на повеќе заразени текстилни работнички со КОВИД-19. Имено, во текстилна конфекција во Штип во мај регистрирани се 10 позитивни текстилни работнички на КОВИД-19.

Од разговорите кои параправничките на Хелсиншкипот комитет ги имаа со работничките од оваа конфекција добивме сознанија дека во погонот за производство на конфекцијата е обезбедена пропишаната дистанца меѓу работничките при вршењето на работните обврски и дека редовно се врши дезинфекција на просторот. Ова е потврдено и по извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за труд, при што е констатирано дека не постојат прекршувања на почитувањето на мерките.

Од друга страна, според нашите сознанија добиени од работничките од конфекцијата, не се почитувале мерките за превоз на работничките до конфекцијата и при превозот не била обезбедена потребната дистанца меѓу работничките. Имено, дел од заразените работнички живеат во села близу Штип и до работното место менуваат две превозни средства, прво, од местото на живеење до Штип патуваат со комбе, а потоа на автобуската станица во Штип се префрлаат во автобуси кои возат работнички од повеќе конфекции и се возат до работните места. Во ниту еден од двата превози не биле почитувани препораките за држење на дистанца меѓу работничките, од причина што во двата превози се возеле повеќе работнички од пропишаниот капацитет.

Во однос на почитувањето на мерките од страна на работничките, имаме сознанија дека голем дел од работничките во автобусите и на работното место не секогаш носеле маски и/или неправилно користеле маски.

Иако досега се регистрирани 10 заразени работнички од оваа конфекција, загрижувачки е што во истата има повеќе работнички со симптоми на КОВИД-19 и тие дополнително ќе се тестираат. Исто така, загрижува фактот што членови на потесните семејства на заразените работнички, кои исто така се позитивни на КОВИД-19, работат во други текстилни конфекции во Штип, што дополнително ја зголемува опасноста за ширење на вирусот меѓу текстилните рабонитчки во Штип.

По позитивните тестови на првите тестирани текстилни работнички, работодавачот времено ја затворил текстилната конфекција.

ЗАКЛУЧОК:       Останува констатацијата дека работниците и работодавачите нецелосно ги почитуваат и применуваат заштитните мерки за превенција од ширење на КОВИД-19 на работните места. Работодавачите и превозниците не ја почитуваат Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба, согласно со која при вршење на јавниот превоз на патници, за време на траење на вонредната состојба, превозникот во возилото е должен да го организира превозот со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и може да има најмногу 50 % патници од вкупниот број седишта, не сметајќи го седиштето на возачот.

ПРЕПОРАКА:   Апелираме до работодавачите и работниците целосно и континуирано да ги почитуваат мерките за заштита и превенција од КОВИД-19 при работа, во поглед на правилно носење заштитни маски, одржување дистанца при вршење на работниот процес и дезинфицирање на работниот процес. Работодавачите и превозниците да го организираат превозот на работниците до работните места во согласност со Уредбата со законска сила за примена на Законот за превоз во патниот сообраќај за време на вонредна состојба. Ги повикуваме сите текстилни работнички кои сметаат дека нивните работодавачи не ги почитуваат мерките за заштита и превенција од КОВИД-19 при превозот до работните места и/или за време на работниот процес, тоа да го пријават во Хелсиншкиот комитет или Гласен текстилец. Апелираме до Министерството за внатрешни работи да врши засилени контроли на превозниците кои вршат превоз на текстилните работнички до работните места.

РОДОВА ЕДНАКВОСТ

ПОТФРЛИЈА ПРИМАРНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЗА ЗАШТИТА НА ЖРТВИТЕ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Уште во март оваа година, со почетокот на кризната состојба предизвикана од коронавирусот кога за прв пат се воведе вонредна состојба на територијата на нашата држава, Хелсиншкиот комитет го вклучи алармот за веројатноста бројот на случаи на семејно насилство драстично да се зголеми. Како и претходно така и во време на оваа состојба, будно се следи работата на надлежните институции кои имаат обврска да преземат мерки за превенција и заштита на жртвите.

Центарот за социјална работа е една од институциите кои претставуваат примарен заштитен механизам за жртвите на семејно насилство, а службените лица вработени во тие институции се најчесто првиот контакт на жртвите. Овој месец, загрижувачки беа претставките кои пристигнаа од две жени жртви на семејно насилство, кои се однесуваа на Центарот за социјална работа во Крива Паланка. Едниот случај се однесуваше на жртва на која службените лица одбиле да ѝ пружат помош и поддршка поради нејзиното место на живеалиште, кое било во друг град според нејзиниот документ за идентификација, па така истата била препратена случајот да го пријави во друг град. Имено, сите постапки поврзани со семејно насилство согласно со законот треба да бидат итни. Недостатокот на итност, препраќањето на жртвите од една во друга институција придонесуваат за дополнителна виктимизација на жртвите, а особено во оваа кризна состојба кога жртвите се во изолација со насилниците и ризикот за нивното здравје и безбедност е дополнително зголемен. Заштитата на жртвите е потребно да биде главен приоритет, без разлика кое е нивното место на живеење според личната карта. Тоа во ниту еден случај не треба да претставува критериум по кој треба да се водат институциите при нивното постапување во вакви исклучително итни ситуации.

Вториот случај се однесува на повозрасна жена со телесна попреченост која трпи семејно насилство од страна на нејзиниот син. Иако таа во повеќе наврати го има пријавено насилството во надлежниот Центар за социјална работа во Крива Паланка, сè уште ја нема добиено потребната заштита, а нејзиното живеење во заедничкиот дом со насилникот е секојдневен ризик за нејзиниот живот и здравје. Министерството за труд и социјална политика по пријава на Хелсиншкиот комитет изврши вонреден инспекциски надзор над работата на овој Центар, но резултатите од овој надзор сè уште ги очекуваме.

Загрижувачка беше и информацијата која ја добивме од страна на една жртва од Скопје, која трпи семејно насилство од страна на нејзиниот син. По последниот физички напад таа се обидела да го пријави случајот на телефонскиот број 192, но иако неколкупати се обидела да ја добие полицијата, обидите биле безуспешни. Со помош на Хелсиншкиот комитет, жртвата успеа да го пријави насилството преку телефонскиот број на полициската станица според нејзината општина на живеење и преку контактите на дежурниот тим при Центарот за социјална работа.

Препорака: Кризата предизвикана од коронавирусот само дополнително ги кристализира и ги прави уште повидливи недостатоците во системот за заштита од семејно насилство. Овој период, државата и институциите беа ставени на тест во однос на мерките и сервисите кои ги нудат за заштита на оваа ранлива категорија граѓани. Но, иако мерки беа донесени, сервисите засега во повеќе наврати се покажаа како нефункционални. Полицијата и центрите за социјална работа не смеат да останат недостапни за жртвите и пасивни во нивното постапување како во случаите пријавени во Хелсиншкиот комитет.

ФЕМИНИСТИЧКИ ДИЈАЛОЗИ

Во текот на месец мај започна со реализирање нова акција преку платформата Медуза наречена Meduza Talks: феминистички дијалози за животот во и по кризата. Целта на оваа активност е во рамки на неколку епизоди, низ дијалози, да се адресираат релевантни теми и прашања од областа на родовите политики, феминизмот, човековите права, маргинализираните групи и нееднаквости, кои на некој начин испливаа на површина во текот на овој период, еднакво важни како и прашањето за јавното здравје во време на пандемија. Во првата епизода „Дома не е безбедно за сите“ за семејното, партнерското и родово базираното насилство во време на домашната изолација, разговараа Санела Шкријељ (дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика) и Елена Димушевска (извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство). И двете говорнички посочија дека кризата, домашната изолација, акутниот стрес и губењето на чувството на контрола, се фактори кои значително придонесуваат кон пораст на насилството во домот каде тоа веќе постои, но и појава на насилство во семејства каде порано немало насилство, но биле присутни конфликти. Според Димушевска, разочарувачки е што во изминатиов период, со исклучок на Министерството за труд и социјална политика, ниту една друга надлежна инстутуција не презела соодветни мерки, ниту споделувала информации во однос на пријавување на насилство. Она што го напомена Шкријељ во истата насока е дека иако пандемијата веројатно наскоро ќе има крај, пандемијата на насилството во домот ќе продолжи, со оглед на тоа што корените на проблемот се наоѓаат во различната распределба на моќ во општеството, а за сеопфатно справување со проблемот, потребно е активно вклучување на сите институции, не само на Министерството за труд и социјална политика. И двете говорнички дадоа акцент на важноста од заедницата во овој период и граѓанската одговорност да им се помогне на жртвите на насилство, со конкретни алатки за постапување доколку некој е сведок или има сознание за домашно и родово-базирано насилство.

ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

ОБРАЗОВНИ АСИСТЕНТИ

Во текот на овој месец до Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за бесплатна правна помош се обрати лице ангажирано како образовен асистент за ученици со попреченост, од страна на општина во Скопје. Странката нѐ информираше дека како дел од Програмата за општинско-корисна работа, неколку лица имале склучено договор за финансиска поддршка со општината за времетраење од пет месеци, почнувајќи од јануари до јуни оваа година. Поради кризата предизвикана од коронавирусот која беше причина и за затворање на училиштата, општината на средината на овој месец усно ги известила асистентите дека договорот се укинува и не важи од април. Дополнително, тие биле известени дека нема да им бидат исплатени средствата за април, мај и јуни. Ангажираните асистенти продолжиле да работат со учениците преку алтернативните начини за одржување на наставата во текот на месеците април и мај и покрај тоа што наставата во воспитно-образовните установи беше прекината поради пандемијата.

Странката до Хелсиншкиот комитет достави примерок од Договорот во којшто е наведено дека која било страна може еднострано да го раскине договорот, под услов ако ја извести другата страна за раскинување на договорот најдоцна 15 дена пред раскинувањето на договорот. Со тоа што во месец мај, општината усно ги известила дека им го откажува договорот на ангажираните лица како образовни асистенти ретроактивно од месец април, таа сторила повреда на одредбите на договорот.

Хелсиншкиот комитет ги советуваше асистентите да побараат писмено известување за откажувањето на договорите, а заштитата на своите права, како и барањето за надомест на штета да ги побараат по судски пат.

Препорака: Имајќи предвид дека најголем дел од образовните асистенти се финансирани преку програма на УНДП, а само мал дел од буџетите на општините, апелираме до сите релевантни инситуции да пристапат кон навремено обезбедување на соодветни ресурси за одржливост на мерките за поддршка кои ги предвидува Законот пред почетокот на новата учебна година, кои се однесуваат и на обезбедувањето на образовни асистенти, за кои од самиот почеток на претходната учебна година Хелсиншкиот комитет констатираше бројни недостатоци. Со оглед на тоа дека образовните асистенти се од особена важност за продолжување на образовниот процес на децата со попреченост, потребно е да се обезбедат можности за продолжување на нивниот ангажман во согласност со новонастанатата ситуација, а доколку е тоа потребно и во домот на децата со посебни образовни потреби.

ОНЛАЈНАКТИВНОСТИ ЗА ПОДДРШКА ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ

Во текот на месец мај, Хелсиншкиот комитет за човекови права реализираше серија онлајнактивности наменети за лица кои се грижат за деца и лица со попреченост.

Беа реализирани две бесплатни онлајнобуки наменети за родители, старaтели и други лица кои се грижат за деца и лица со попреченост на тема „Како да препознаете дискриминација и како да ја пријавите?. Обуката беше одржанa од страна на правните советнички од Хелсиншкиот комитет кои работат на давање бесплатна правна помош. Темите кои беа опфатени на обуката вклучуваа информации за бесплатна правна помош и услови и можности за нејзино користење, како да се препознае дискриминација и како и каде да се пријави, права од одредени области од интерес (здравство, социјална заштита, образование, работни односи итн.), како и можност за поставување на прашања и адресирање на конкретни проблеми од страна на самите учесници.

На крајот на месецот, беа организирани и две бесплатни онлајн-работилници на тема Поддршка во домот кога сервисите не се достапни, кои исто така беа наменети за поддршка на родители и други лица кои се грижат за деца со попреченост, во услови кога достапноста на сервисите е ограничена. Двете работилници опфатија различни теми во зависност од возраста на децата, со фокус на различни начини на приспособување на новонастанатата ситуација, давање практични совети за креативно организирање на денот во домот, за стимулација на когнитивниот развој и моториката, како и поддршка поврзана со проценката според МКФ (Меѓународна класификација на функционирање, попреченост и здравје) и инклузија во редовното образование. Работилниците беа одржани од страна на сцецијални едукаторки со долгогодишно искуство во работа со деца со попреченост и нивните семејства.

ГОВОР НА ОМРАЗА

ГОВОР НА ОМРАЗА ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА 

Овој извештај се однесува за мај 2020 година. Слично како за март и април, Хелсиншкиот комитет за човекови права продолжи да евидентира голем број пријави поврзани со говор на омраза на социјалните медиуми, односно вкупно 105 верификувани пријави за мај. Најголем број од случаите кои беа регистрирани во април се однесуваа на ситуацијата со пандемијата со вирусот КОВИД-19, повторното продолжување на вонредна ситуација и мерките на Владата за справување со кризата. Реакциите на социјалните медиуми, слично како и за април 2020 година, се однесуваа на очекувањата за прекин на полицискиот час, изјавите на верските лидери и одржувањето верски обреди (литијата во Струга, како и верскиот празник Рамазан Бајрам).

Тренд на говор на омраза, мај 2020 година

          Како што може да се утврди од табелата за трендот на говор на омраза на социјалните медиуми за мај 2020 година, најголем број пријави се забележани во два периода – одржувањето на ѓурѓовденската литија во Струга – наспроти препораките на Владата за социјално дистанцирање и соодветните протоколи[1], и, слично како и во април пред верскиот празник Велигден, пред муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.  И покрај јасните препораки на Владата за почитување на мерките за спечување на ширењето на КОВИД-19, дел од религиските лидери имаа спротивни ставови и препораки во тој период и дозволија одржување на религиски обреди. Потврдените пријави за говор на омраза можете да ги прегледате на www.govornaomraza.mk.

 

Говор на омраза на социјалните медиуми за мај 2020 година.

Најголем број од пријавите (или 67 % од вкупниот број на верификувани пријави), слично како во март и април, повторно се однесуваат на две категории, и тоа етничка припадност и политичка припадност. Како што нагласивме погоре, зголемениот број повторно се должи на продолжената вонредна состојба во државата за спречување на ширењето на КОВИД-19. Исто така, беше забележана активна негативна дискусија помеѓу поддржувачи на партиите на власта и опозицијата, особено за начинот како државата се справува со кризата, особено расправата околу можниот датум за одржување на предвремени парламентарни избори.

Хелсиншкиот комитет и во овој извештај уште еднаш изразува загриженост за драстичното зголемување на говорот на омраза, особено во новонастанатиот контекст со продолжувањето на вонредната ситуација во државата. Ова е особено важно во отсуство на функционално Собрание и можност за ефикасен надзор врз работата на извршната власт во време на вонредна ситуација. Соодветно на ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права ги повикува граѓаните да пријавуваат говор на омраза на социјалните медиуми на платформата www.govornaomraza.mk или директно во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.

СУДСКИ СЛУЧАЈ

СУДСКИОТ СОВЕТ УТВРДИЛ НЕСТРУЧНО И НЕСОВЕСНО ВРШЕЊЕ НА СУДСКАТА ФУНКЦИЈА ОД СТРАНА НА СУДИЈА ВО ПЕНЗИЈА

До Хелсиншкиот комитет за човекови права со барање за бесплатна правна помош се обрати судијата Снежана Геровска Попчевска. Таа нѐ извести дека во 2007 година Судскиот совет на РМ ја разрешил од функцијата судија при Основниот суд Скопје 1 Скопје поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција за предметот П.бр.2904/01 попознат како „Бачило“. Ова решение г-а Попчевска го обжалила до Советот при Врховниот суд кој нејзината жалба ја одбил како неоснована и го потврдил решението на Судскиот совет за нејзино разрешување од судиската функција. Поради сторени повреди на постапката, г-а Попчевска повела постапка пред Европскиот суд за човекови права, кој во јануари 2016 година донел пресуда со која утврдил повреда на членот 6 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Имено, повредата се однесувала на немање потребна непристраност и независност на Судскиот совет, поради учеството на тогашниот претседател на Врховниот суд и на тогашниот министер за правда, во постапката и одлучувањето на Судскиот совет за разрешување на судијата. Во февруари 2016 година, г-а Попчевска се стекнала со право на старосна пензија, а во мај 2016 година поднела Барање за повторување на постапката врз основа на конечната пресуда на Европскиот суд за човекови права. Две години подоцна, во февруари 2018 година Судскиот совет го усвоил нејзиното барање и дозволил потворување на правосилно завршената постапка.

Со решение од 5.6.2019 година Судскиот совет на Република Северна Македонија утврдил нестручно и несовесно вршење на судиската функција на сега веќе судијата во пензија Снежана Геровска Попчевска. Ова решение г-а Попчевска го обжалила до Советот при Врховниот суд поради суштествени повреди на постапката при донесување на решението, ненадлежност на Судскиот совет да одлучува во конкретниот предмет, неотстранета повреда утврдена со пресуда на Европскиот суд за човекови права, погрешна примена на материјалното право, а воедно и поради непостоење елементи за утврдување несовесност и нестручност во вршењето на судиската функција. Г-а Попчевска дополнително навела во жалбата дека воопшто не бил ценет приложениот доказ ‒ решение донесено од Судскиот совет во 2008 година со кое се запира поведената постапка за утврдување нестручно и несовесно вршење на судиската функција кон судија во апелационен суд, поради тоа што судијата ги исполнила условите за старосна пензија, а постапувањето на Советот станало беспредметно.

Советот за одлучување по жалби формиран при Врховниот суд во октомври 2019 година ја усвоил жалбата на г-а Попчевска и го укинал решението на Судскиот совет. Советот оценил дека жалбениот навод за сторена суштествена повреда на одредбите на постапката бил основан, поради тоа што побиваното решение било нејасно и неразбирливо и не содржело доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководел Судскиот совет при одлучувањето. Советот наведува дека во образложението на побиваното решение било наведено дека при неговото донесување Судскиот совет имал предвид дека жалителката не е активен судија, па поради тоа таа не се разрешува, туку само во изреката на одлуката се утврдува нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Судскиот совет истакнал дека во конкретниот случај не постои законска можност да се донесе одлука за разрешување на судијата, со оглед на тоа што таа ги исполнила условите за старосна пензија. Поради ова, Судскиот совет одлучил деклараторно. Но, за Советот при Врховниот суд ова образложение било контрадикторно, нејасно и неразбирливо, поради тоа што изреката на решението не соодветствувала и била противречна со причините за неговото донесување содржани во образложението.

Дотолку повеќе, Советот при Врховниот суд навел дека во цитираните законски одредби на кои Судскиот совет го засновал своето решение не е предвидена законска можност за деклараторно утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиската функција, туку поради нестручно и несовесно вршење на функцијата единствено е можно разрешување од судиска функција. Советот потенцира дека законодавецот предвидел можност за Судскиот совет единствено да донесе одлука со која се запира постапката и одлука со која се разрешува судијата поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција, а не предвидел можност за утврдителна одлука за нестручно и несовесно вршење на судиска функција од деклараторен карактер, каква што Судскиот совет донел во конкретниот случај. Поради ова, за Советот при Врховниот суд било нејасно врз основа на кои законски одредби Судскиот совет го донел спорното решение за веќе пензиониран судија кој не може да биде разрешен, со оглед на тоа што по сила на закон веќе му престанала судиската функција. Дополнително, Советот при Врховниот суд утврдил дека Судскиот совет не навел според кој Закон за судови и Закон за судски совет се раководел при одлучувањето, имајќи го предвид времето на поведување на постапката и донесувањето на одлуката за разрешување на судијата, како и правилата за временското важење на законите. Поради сето ова, Советот при Врховниот суд одлучил дека без отстранување на констатираните суштествени повреди, Судскиот совет не бил во можност ниту правилно да го примени материјалното право и да донесе правилна и на закон заснована одлука.

Судскиот совет повторно во февруари 2020 донел решение со кое утврдил нестручно и несовесно вршење на судиската функција, со идентично образложение во однос на деклараторниот карактер на донесената одлука и покрај тоа што станува збор за судија во пензија, спротивно на напатствијата дадени од Советот при Врховниот суд. Дополнително, Судскиот совет контрадикторно објаснил кои закони ги применувал во носењето на одлуката, наведувајќи закон кој не го применил. Во правната поука е наведено дека решението е конечно и против него не е дозволена жалба, согласно со член 96 став 4 од Законот за судскиот совет.

Сметајќи дека оваа одредба од Законот е неуставна и го повредува нејзиното право на двостепеност на постапката, г-а Попчевска поднела Иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на оваа одредба. Во меѓувреме, таа го обжалила донесеното решение, а овојпат Судскиот совет донел решение со кое жалбата на Снежана Геровска Попчевска ја отфрла како недозволена, поради тоа што било утврдено дека жалбата е изјавена против одлука на Судскиот совет која е конечна и против која не е дозволена жалба.

[1] https://vlada.mk/protokoli-koronavirus?fbclid=IwAR1w6Y8bSmsKrVT-W2Jl9XhweWRFuHK4tOeQcRSC6kGVuDSeMs65nYS-hhw