Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – декември 2020

јануари 22, 2021

СОДРЖИНА

ПОЛИТИЧКООПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

-Ненаучените грешки скапо ги чинат работниците

-Одговорност за трудовите инспектори кои ги повредуваат начелата на постапување при инспекциски надзор

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ 

-53 случаи на прекршувања на работничките права на текстилните работнички

ДИСКРИМИНАЦИЈА        

Мајки на деца до тригодишна возраст без согласност работат ноќна и прекувремена работа 

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

-Барање за вонреден инспекциски надзор во центрите за социјална работа во Струга и во Ресен 

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ

-Назначувањето несоодветни кадри е спротивно на заложбите за подобар казнено-поправен систем

-Пречки во пристапот до здравствена заштита во казнено-поправните установи 

ГОВОР НА ОМРАЗА 

-Говорот на омраза врз етничка основа најзастапен и во декември

 

ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ 

Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Хелсиншкиот комитет во својот извештај за декември 2020 година се осврнува на областите: работнички права, дискриминација, родово базирано насилство, затворени институции и говор на омраза.

Имајќи ја предвид севкупната ревизија на процесот на пристапување во делот на политичките поглавја, процесот на преговори ќе започне и ќе заврши со првиот фундаментален кластер (имено и Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права). Иако земјата не ги започна формално преговорите за членство, Хелсиншкиот комитет ја нагласува важноста од Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права како катализатор на реформските процеси во 2021 година. Исто така, Комитетот нагласува дека од огромна важност за земјата е унапредување на спроведувањето на легислативата против говор на омраза и акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција. Говорот на омраза сè уште претставува клучен предизвик за државата во наредниот период, имајќи го предвид трендот од над 100 пријави месечно откако започна пандемијата во март 2020 година. Во овој контекст, од особено значење е спроведувањето на законодавството од областа на борбата против корупцијата, како основен елемент во обезбедување на владеење на правото. Клучен приоритет останува целосната примена на правната рамка за борба против дискриминацијата.

Во 2020 година, Европската комисија го објави извештајот за Република Северна Македонија за процесот на пристапување кој воедно требаше за служи за основ за почеток на преговорите за пристапување. Преговарачката рамка предложена од германското претседателство имаше за цел воспоставување неопходна правна инфраструктура за примена на правото на ЕУ и градење досие на успешност во спроведување на преземените реформи пред затворање на преговорите и потпишување Договор за пристапување во Унијата.

Сепак, и покрај инсистирањето на германското претседателство и интензивните преговори помеѓу делегациите од Република Северна Македонија и Република Бугарија, Советот на Европската Унија во декември не постигна едногласност за почеток на преговорите и одржување на првата меѓувладина конференција во декември. И покрај инсистирањето за вклучување на барањата на Бугарија во преговарачката рамка, сепак, останатите земји членки едногласно го отфрлија ова барање. Иако на крај беше постигнат иницијален консензус за усвојување на пакет заклучоци за земјите од процесот на пристапување, на инсистирање на Словачка и Чешка во рамки на Европскиот совет, заклучоците не беа усвоени. 

РАБОТНИЧКИ ПРАВА

 Работниците ги сносат последиците од пропустите на корумпираниот систем

 

 

Ненаучените грешки скапо ги чинат работниците

Откако во јули Управата за јавни приходи (УЈП) објави податоци за 708 работодавачи што за месеците април и мај примиле финансиска поддршка во вкупен износ од 384.730 евра, но не им ги исплатиле платите на 1706 вработени, заедно со неколку синдикати и здруженија на граѓани реагиравме дека финансиската помош во иднина треба да биде насочена директно кон работниците, за да се избегне можноста од повторна злоупотреба.

Во текот на август и септември, Владата објавуваше дека одржува редовни состаноци со коморите, организациите на работодавачите, синдикатите, универзитетските професори и практичарите, со цел носење на четвртиот пакет економски мерки. На 27 септември беше усвоен овој пакет како продолжение на претходните три, а неговата целокупна вредност беше проценета на 470 милиони евра. Пакетот мерки беше насочен кон овозможување директна финансиска поддршка, помош за ликвидноста на приватниот сектор и стимулирање на претпријатијата за враќање и задржување на работниците на работните места. Дел од овој пакет беше и мерката за поддршка на компаниите за исплата на плати на вработените за месеците октомври, ноември и декември. Новина кај оваа мерка е скалесто одредување на поддршката според падот на приходите кај претпријатијата ‒ колку е поголем падот на приходите, толку поголема ќе биде поддршката од државата за исплата на платите.

Претставниците на стопанските комори беа задоволни што и овојпат беа вклучени во креирањето на мерките и што Владата прифати голем број од нивните предлози. За разлика од нив, потребите на работниците што беа рефлектирани во барањата на синдикатите и граѓанските организации и во овој пакет мерки не беа земени предвид. Финансиските мерки што навидум се наменети за помош и поддршка на работниците, повторно не им се исплатени директно ним, а со тоа остана реалната опасност од нивно повторно злоупотребување.

Ненаучените грешки скапо ги чинат работниците и дополнително ја загрозуваат нивната егзистенција. Управата за јавни приходи во декември објави Анализа на финансиската поддршка на работодавачите заради исплата на плати на вработените за месец октомври 2020 година. Вкупно 179 работодавачи кои примиле финансиска поддршка во износ од 5.271.771 денари, не ја исполниле обврската за исплата на плата на 338 вработени за месец октомври.

Овие работодавачи се од дејностите: 

  • 40 работодавачи од дејноста трговија на мало примиле финансиска помош од 968.254 денари и на 63 вработени не им исплатиле плата.
  • 23 фирми што вршат подготовка на оброци и служење храна примиле помош од 830.614 денари и на 55 вработени не им исплатиле плата.
  • 12 фирми од дејноста транспорт, примиле помош од 418.512 денари и на 25 вработени не им исплатиле плата.
  • Тука влегуваат и дејностите трговија на големо, изградба на згради, трговија на големо и мало со моторни возила и мотоцикли. 

По региони, најголем дел од фирмите што не исплатиле плата се од: Скопје 52, Тетово 41 и Гостивар 15.  

По однос на компаниите кои не ја исплатиле платата за месеците април, мај и јуни 2020 година, УЈП информираше дека е спроведена присилна наплата поради неисплатени плати. За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство, за поведување кривична постапка.

  • април 55 работодавачи не исплатиле плати;
  • мај 48 работодавачи; и
  • јуни 82 работодавачи.
  • 149 работодавачи немаат исплатено плата само за еден месец;
  • 25 работодавачи немаат исплатено плата за два месеци; и
  • 5 работодавачи немаат исплатено плата за сите три месеци (април, мај и јуни).

Кај работодавачите кои примиле државна финансиска поддршка, а не ја исплатиле платата на работниците, Управата и Државниот инспекторат за труд ќе вршат детални контроли. Контролите ќе бидат проследени со инспекциски надзори кај компаниите кои исплатиле плата пониска од законски утврдениот минимален износ. Листата на компании кои ја злоупотребиле државната поддршка беше доставена до Генералниот секретаријат на Владата, за јавна и транспарентна објава на неплаќачите и таа нема да може да се менува, независно дали по објавата некој обврзник ќе направи исплата на плата за своите вработени.

При крајот на месецот беше најавен и петтиот пакет економски мерки и овојпат насочен кон компаниите. Проблемите и недостатоците што се игнорираат при спроведувањето на економските мерки значи дека работниците повторно ќе ги сносат последиците од пропустите на корумпираниот систем.

Одговорност за трудовите инспектори кои ги повредуваат начелата на постапување при инспекциски надзор

Случај 1:

Во декември, кај нас се обрати работничка која добила отказ додека користела боледување и против отказот повела работен спор за негово поништување. Покрај тоа што била донесена за времетраење на боледувањето на работничката, одлуката не го содржела основот за отказот. Работодавачот не ја докажал основаноста на причината за отказот и не ја навел во образложението на одлуката.[1] Дополнително, работодавачот не го образложил писмено откажувањето на договорот, ниту пак ја испочитувал законската обврска да ѝ укаже на работничката на правната заштита.[2]

Поради сето ова, работничката го искористила своето право и поднела иницијатива до Државниот инспекторат за труд за носење решение со кое ќе се одложи извршувањето на одлуката за отказ. Работничката побарала да биде изречена привремена мерка за нејзино враќање на работа до правосилното окончување на работниот спор, заверен пред Основниот граѓански суд Скопје.[3]

Инспекторот кој постапувал по нејзиното барање, не констатирал неправилности во постапката за откажување на договорот за вработување и ја запрел постапката за вонреден инспекциски надзор. Инспекторот не донел решение согласно со Законот за работните односи, дотолку повеќе што и во писмениот одговор до работничката не образложил зошто ја запира постапката, односно зошто сметал дека во конкретниот случај не станува за повреда на право од работен однос. Конечно, инспекторот ја упатил работничката правото од работен однос да го бара пред надлежен суд, доколку не е задоволна од исходот на постапката пред Инспекторатот и покрај тоа што во прилог на барањето работничката ја доставила поднесената тужба.

Кога работници се обраќаат до Државниот инспекторат за труд како примарен механизам за заштита, недозволиво е инспекторите да изготвуваат необразложени одговори на барања, во кои со само една реченица се констатира, а не се образложува, зошто немало повреда на правата од работен однос. Обраќајќи се до Инспекторатот, работниците очекуваат од самиот надзор да добијат корисни информации за работниот спор кој го повеле пред надлежен суд, за повредите на нивните работнички права и за правната заштита која им стои на располагање.

Случај 2:

Во текот на месец декември, неколкумина работници анонимно пријавија дека работодавачот каде што работат не водел посебна евиденција за прекувремената работа, часовите за прекувремената работа не ги навел посебно во месечната пресметка на платата и не им ја исплатил прекувремената работа. На работниците не им биле исплатени ниту додатоците на плата, како додатокот за работа во празници и додатокот за работа во ден на неделен одмор. Поради овие прекршувања, до Државниот инспекторат за труд поднесовме барање за спроведување вонреден инспекциски надзор, со цел Инспекторатот да испита дали е сторена повреда на трудовите правила од страна на работодавачот, по овие конкретни прашања.

На нашето барање, Државниот инспекторат за труд единствено достави Известување (кое не е управен акт и не може да се обжали), а дотолку повеќе писмениот одговор содржеше контрадикторни заклучоци, поради неправилно утврдена фактичка состојба. Имено, едно од прекршувањата кое побаравме да се испита е тоа што работодавачот не ги навел посебно часовите за прекувремената работа во месечната пресметка на платата на работниците. Дополнително, побаравме да се испита дали работодавачот им издава на работниците месечни пресметки на плата. Во Известувањето на Државниот инспекторат за труд беше наведено дека:

Од увидот во писмените пресметки за плата за работниците не може точно да се утврди пресметката на додатокот и надоместокот на плата за работа во празник и прекувремената работа, поради што е побарано од вработената во сметководство писмено да се произнесе по пресметувањето на додатоците и надоместоците на плата.

Во писменото произнесување е наведено дека системот за пресметки за плата е стар систем и нема можност за софтверска поддршка за промена, но дека е купен нов софтвер за пресметка за плата (…) истиот е во фаза на имплементација, а ќе биде активен на почетокот на 2021 година. Во писменото произнесување се потврдува дека пресметувањето и исплаќањето на сите додатоци на вработените се извршуваат согласно Законот за работните односи и Колективен договор.

За трудовиот инспектор кој го спровел инспекцискиот надзор ова било доволна потврда дека се исплатени сите додатоци на вработените и часовите на прекувремена работа. Само во претходната реченица е наведено дека од увидот во писмените пресметки за плата за работниците, не може точно да се утврди пресметката на додатокот и надоместокот на плата за работа во празник и прекувремената работа.

Овие два заклучоци се целосно контрадикторни еден на друг. Инспекторот кој постапувал по овој предмет не смеел да се потпре единствено на писмената потврда од работодавачот дека се исплатени сите додатоци на платата, кога истовремено постојат писмени пријави од работници (кои поради вакви и слични случаи на неказнивост на работодавачите сакаат да останат анонимни). Зошто овие пријави за прекршувања на работниците не се ценети подеднакво како и писмената потврда на работодавачот? На овој начин само дополнително се зајакнува недовербата на работниците во заштитните механизми кои им стојат на располагање, како што е Државниот инспекторат за труд, а уште повеќе се продлабочуваат нееднаквите односи на моќ меѓу работодавачите и работниците.

Заклучок за двата случаи:

Инспекторите се одговорни ако пропуштат да извршат обврски или да преземат мерки, кои по законот биле должни да ги извршат, односно преземат, во постапката на надзор.[4] Дополнително, поради повреда на начелата за постапување на инспекторите при спроведување на инспекциските надзори побаравме директорот на Државниот инспекторат за труд да поведе дисциплинска постапка против инспекторите кои постапувале во овие два случаи, доколку не ги отстранат сторените неправилности. За случајот со отказот на работничката бевме известени дека е започната дисциплинска постапка против инспекторот, додека за другиот предмет сè уште се чека одговор.

  • Начело на еднаквост, непристрасност и објективност[8]

ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ

53 случаи на прекршувања на работничките права на текстилните работнички

Во декември Хелсиншкиот комитет регистрираше 53 случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и поднесе три барања за вонреден инспекциски надзор во текстилни фабрики за прекршувања на работничките права на текстилните работнички. Во еден од случаите станува збор за неисплатени плати, а во два од случаите станува збор за непреземени превентивни мерки за заштита од КОВИД-19 на работните места.

Хелсиншкиот комитет за сите наведени случаи иницираше постапки за вонреден инспекциски надзор пред Државниот инспекторат за труд.

Дополнително, Хелсиншкиот комитет во овој период обезбеди 27 правни советувања на текстилни работнички за остварување на правото на регрес за годишен одмор (К-15).

ЗАКЛУЧОК: Текстилните работнички и понатаму остануваат една од најранливите категории граѓани чии работнички права се најподложни на прекршување за време на пандемијата предизвикана од КОВИД-19. Декември е месец во кој се зголемуваат документираните случаи на прекршување на правото за исплата на регрес за годишен одмор.

ПРЕПОРАКА:          Апелираме Државниот инспекторат за труд навремено и ефикасно да постапува по поднесените барања за инспекциски надзор, почитувајќи ги законските рокови за постапување и известување на подносителот на барањето од Законот за инспекциски надзор. Дополнително апелираме Инспекторатот да го засили надзорот по службена должност за исплата на регрес за годишен одмор (К-15) од страна на работодавачите.

 ДИСКРИМИНАЦИЈА

Мајки на деца до тригодишна возраст без согласност работат ноќна и прекувремена работа

Неколку работнички од Велес, кои имаат деца до едногодишна возраст, се обратија до Хелсиншкиот комитет бидејќи вршат прекувремена работа и работат ноќе, а дел од нив, кои имаат деца до тригодишна возраст, вршат работа ноќе со писмена согласност дадена под принуда.

Работничките, кои се мајки на деца со возраст до три години, се во работен однос кај работодавачот со склучени договори за вработување на определено време. Тие од страна на работодавачот биле уценувани дека доколку не потпишат писмена согласност со која се согласуваат да работат прекувремена и ноќна работа, нивните договори нема да бидат продолжени. Под страв дека ќе останат без средства за егзистенција во период на пандемија, работничките ги потпишале согласностите. Работодавачот знаел дека тие стравуваат да не го изгубат своето работно место и знаел дека со нивните потписи тешко би се докажало пред трудовиот инспекторат и обвинителството дека тие не се согласни да работат ноќна и прекувремена работа поради што ја злоупотребил нивната положба во своја корист, а на нивна огромна штета. Тој не само што ги принудил да работат на ваков начин на работа туку и не им ја исплатил ни прекувремената работа, за што се утврдени неправилности од страна на Државниот инспекторат за труд, по пријава од Хелсиншкиот комитет.

Законот за работните односи предвидува посебна заштита за време на бременост и родителство во врска со ноќната и прекувремената работа. Имено, за време на бременост или со дете до една година возраст, работничката не смее да врши прекувремена работа или да работи ноќе (член 164, став 1). На работничката која има дете од една до три години возраст, може да ѝ се наложи да врши прекувремена работа или работа ноќе, само по нејзина претходна писмена согласност (164, став 2). Писмената согласност од страна на работничките мора да биде дадена слободно и своеволно без принуда и закана.

Ваквиот начин на постапување на работодавачот, кој буквално ги принудил работничките да работат ноќна и прекувремена работа, претставува кривично дело против работните односи и се повредуваат одредбите за ноќна и прекувремена работа, за што е предвидена парична казна или казна затвор до една година. 

РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО

Барање за вонреден инспекциски надзор во центрите за социјална работа во Струга и во Ресен

Со барање за бесплатна правна помош, до Хелсиншкиот комитет се обрати 25-годишна мајка од Ресен, чие 15-месечно дете, добиено во вонбрачна заедница, останало да живее со таткото во Струга. Таа нè извести за недавањето заштита и за непрофесионалното постапување на Центрите за социјална работа во Струга и во Ресен.

Иако Центарот за социјална работа во Ресен бил известен за заканите и уцените од страна на мажот кон жената и нејзините родители, Центарот ниту ги заведувал пријавите за семејно насилство ниту постапувал по нив.

Странката ни ја опиша голготата со која се соочува во борбата за старателство врз детето, кое со оглед на неговата мала возраст трпи штети по психофизичкиот развој поради неможноста мајката да се грижи за него. Од доставените документи, забележливо e непрофесионално и незаконско постапување и на  Центарот за социјална работа Струга, кој очигледно го фаворизира таткото. Имено, ЦСР Струга го усвоил барањето за доделување старателство на таткото, а по истоветното барање на мајката воопшто не постапил, иако истото е претходно доставено. Така, во Решението за доверување на малолетното дете на таткото, Центарот за социјална работа Струга навел паушална основа за своето постапување: „… имајќи ја предвид возраста на детето, развојните потреби во оваа фаза од личниот развој и фактот дека мајката го напуштила брачниот партнер и малолетното дете, стручниот тим при овој орган одлучи детето на чување и воспитување да го додели на таткото“. 

Ваквото скандалозно образложение нема основ во Законот за семејство, каде не е пропишан основ за доверување на малолетното дете на таткото, затоа што мајката ја напуштила вонбрачната заедница. Напротив, законската рамка која ја регулира оваа материја најнапред ги зема предвид интересите на детето, а интересите на 15-месечното дете не се поклопуваат со живеење во заедница во која се случувало семејно насилство, ниту е во негов интерес да биде лишено од мајчинско присуство и грижа.

Поради наведените причини, Хелсиншкиот комитет поднесе Барање за спроведување вонреден инспекциски надзор врз работата на центрите за социјална работа во Струга и во Ресен.  

ЗАТВОРЕНИ ИНСТИТУЦИИ 

Назначување несоодветни кадри е спротивно на заложбите за подобар казнено-поправен систем

Владата на Република Северна Македонија на седница одржана на 15.12.2020 година го разреши в.д. директорот на Казнено-поправната установа Скопје, Есад Рахиќ, а за нов директор го назначи Филип Андов, советник на премиерот Заев, кој претходно работел како менаџер на локални барови. Во изминатиот период беше разрешен и директорот на Воспитно-поправниот дом Волковија на негово барање, а за нов директор беше назначен Даниел Антовски, кој претходно работел како наставник.

Директорот на установата и неговиот заменик ги именува и ги разрешува Владата на Република Северна Македонија на предлог на директорот на Управата. Потребните услови кои треба да ги исполнува едно лице за да биде назначено за директор или заменик-директор на казнено-поправна установа се таксативно набројани во Законот за извршување на санкциите, а како еден од дополнителните услови е лицето да има најмалку седум години работно искуство, од кои четири години во областа на извршувањето на санкциите или сродни работи. [1]

Истражувачката репортерска лабораторија Македонија информира дека Филип Андов, кој е назначен за нов директор на КПУ Скопје, претходно бил советник на премиерот Заев за креирање политики кои се од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје, додека паралелно тој професионално работел и како стопанственик во бизнис-секторот.

Оттука, се отвора прашањето дали компетенциите на новоизбраните директори одговараат на висината на задачата, а тоа е раководење со една од најголемите казнено-поправни установи и со единствената воспитно-поправна установа во државата. Лицата кои раководат со овие установи мора да имаат претходно искуство во областа на извршувањето на санкциите. Тие мора добро да ја разбираат проблематиката за да ја застапуваат установата, да се грижат за унапредување на правата на притворените и осудените лица, да одлучуваат за нивните погодности и обврски, за нивниот третман и работен ангажман со цел ресоцијализација и нивна понатамошна социјална интеграција во општествениот живот.

Во последниот период е нотиран некаков напредок во поглед на подобрување на условите и состојбите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија. Така, реконструирана беше најголемата казнено-поправна установа во државата – Идризово во чии нови нови објекти беа трансферирани голем број осудени лица. Заврши и реконструкцијата на КПУ Битола, со комплетно опремување на просториите во кои престојуваат осудените лица, а беше отворен и новиот објект на Воспитно-поправниот дом во Општина Волковија. Покрај ова, не смее да се занемари фактот дека во некои установи сè уште постојат системски проблеми кои се провлекуваат во оваа област подолг период. Пенитенцијарниот систем сè уште се соочува со големи тешкотии и предизвици, особено во поглед на материјалните услови, здравството, образованието и ресоцијализацијата на осудените лица.

Години наназад, апелираме на потребата на раководните позиции во казнено-поправните установи да бидат назначени луѓе кои не само што имаат експертиза и искуство во затворскиот систем туку се и сензибилизирани за потребата од унапредување и заштита на основните човекови права на осудените и притворените лица. Поставувањето несоодветни кадри е сосема спротивно на ваквите заложби и може да доведе до уназадување наместо до унапредување на пенитенцијарниот систем во земјава.

[1] Закон за извршување на санкциите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 99/19 и 220/19) 

Пречки во пристапот до здравствена заштита во казнено-поправните установи

Здравствената заштита во Република Северна Македонија претставува загарантирано право предвидено со член 39 став 1 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Со Законот за здравствена заштита, меѓу другото, е определено дека задолжителното здравствено осигурување и основната здравствена заштита им се обезбедуваат и на лицата кои се наоѓаат на издржување казна затвор, лицата кои се наоѓаат во притвор, ако не се осигурани по друга основа, и на малолетните лица кои се наоѓаат на извршување воспитна мерка упатување во воспитно-поправен дом.

Покрај тоа што во 2019 година Управата за извршување на санкции започна да го плаќа здравственото осигурување за сите осудени лица, пристапот до ова основно право на осудените лица сè уште не се остварува непречено и претставува еден од горливите проблеми во казнено-поправниот систем за кој е потребен системски пристап.

Само во месец декември до Хелсиншкиот комитет се обратија четири осудени лица од КПУ Битола и КПД Идризово кои се пожалија дека медицинската терапија им е намалена без препорака од доктор специјалист, им се дава во помали количини, не им се дели за време на викендите или пак осудените лица се приморани од сопствени средства да ја платат половина од сумата за терапијата.

Законот за извршување на санкции во членот 182 предвидува дека на осудените лица им е гарантирано правото на здравствена заштита, а трошоците за здравствената заштита паѓаат на товар на Буџетот на РСМ. Оттука, недозволиво е осудените лица кои најчесто се и невработени, сами да ја плаќаат својата медицинска терапија, да ја земаат во количина помала од онаа која ја утврдил доктор специјалист или пак да не ја земаат континуирано за време на викендите поради отсуство на медицинско лице во установата.

Потсетуваме дека несоодветниот пристап до здравствена заштита може да доведе до нечовечко и нехумано постапување кон осудените лица, поради што за сите овие случаи ќе побараме да биде спроведен надзор од страна на Управата за извршување на санкции.

ГОВОР НА ОМРАЗА 

Говорот на омраза на етничка основа најзастапен и во декември

Хелсиншкиот комитет за човекови права во декември 2020 година, слично како и во текот на целата 2020 година, нотираше висок број случаи со говор на омраза на социјалните медиуми. Говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавите, опфаќајќи 48 % од сите случаи регистрирани за тековниот месец. Истовремено, пријавите врз основ на политичка ориентација и сексуална ориентација и родов идентитет повторно забележаа подем во декември, со по 30 % од вкупниот број пријави.

Комитетот верификуваше вкупно 110 пријави за декември 2020 година, што претставува зголемување за 130 % во споредба со истиот месец во 2019 година. Најголем број од случаите во октомври се однесуваа повторно на пријави поврзани со говор на омраза врз основ на етничка припадност, што беше во постојан пораст од почетокот на глобалната пандемија. Најголем пораст на вакви пријави беше забележан во периодот кога Владата на Северна Македонија обезбеди средства за поддршка на работата на Општина Арачиново, одлука која наиде на остри критики и дискусија во јавноста бидејќи ѝ се даде етничко-политички предзнак.

Исто така, внатрешните политички случувања доведоа до продлабочување на негативната реторика која честопати се заснова врз дезинформации и лажни вести без проверка на фактите за водење на понатамошна дискусија. Може да се констатира дека честопати кога нема доволно информации од надлежните институции за одредена одлука или предлог, дискусијата придружена со омраза на социјалните медиуми ескалира. Ова особено беше видливо при објавувањето на предлог-концептот за реформа на дел од образовните процеси, од страна на Министерството за образование и наука.

Како и во изминатиот период, Хелсиншкиот комитет продолжи да бележи употреба на крајно хомофобичен тон во јавниот дискурс, со користење навредливи и дискриминаторски зборови. Во овој период беше забележан пораст на говорот на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет по објавата за формирање на  Интерпарламентарната група за поддршка на правата на ЛГБТИ-заедницата во рамки на новиот собраниски состав.

На крај, неможноста Република Северна Македонија да ги почне преговорите за пристапување во Европската Унија придонесе кон дополнително внесување на негативна реторика во јавниот дискурс, што се рефлектира во  пријавите врз основ на политичка припадност.

 

 

 Хелсиншкиот комитет за човекови права ја повикува Владата на Република Северна Македонија, особено Министерството за внатрешни работи, итно да преземат мерки што се во нивна надлежност за санкционирање на овој феномен – односно поинтензивна работа со граѓанските организации и јавна кампања за дополнителна едукација на граѓаните.

Што се однесува на длабинските промени кои се неопходни за да се спречат негативните трендови на омраза и злосторства во земјава, ги повторуваме нашите заложби за суштински реформи во образовниот процес, културата и јавната комуникација, а пред сè во начинот на кој надлежните институции (не) го третираат говорот на омраза и неговите последици. Може да се констатира дека една од главните причини за ширење на говор на омраза е немањето верификувани информации и ширењето дезинформации и лажни вести. Дополнителен фактор за ваквата состојба е  непостапувањето по случаите на говор на омраза, особено од страна на Јавното обвинителство.

Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.

[1] Член 72 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/05, 106/08, 161/08, 114/09, 130/09, 50/10, 52/10, 124/10, 47/11, 11/12, 39/12, 13/13, 25/13, 170/13, 187/13, 113/14, 20/15, 33/15, 72/15, 129/15, 27/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/19 и 267/20).

[2] Член 74 од Законот за работните односи.

[3] Ако инспекторот на трудот утврди дека со конечна одлука на работодавачот е повредено право на работникот, на барање на работникот, со решение ќе го одложи извршувањето на таа одлука, ако работникот завел работен спор до донесувањето на правосилна одлука на судот. – Член 262 став 1 од Законот за работните односи.

[4] Член 9 од Законот за инспекцијата на трудот („Службен весник на Република Македонија” бр. 35/97, 29/02, 36/11, 164/13, 44/14, 33/15, 147/15 и 21/18).

[5] Член 7 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 102/19).

[6] Член 8 од Законот за инспекциски надзор.

[7] Член 9 од Законот за инспекциски надзор.

[8] Член 11 од Законот за инспекциски надзор.