Месечен извештај за човековите права во Република Северна Македонија – Јули 2020
август 7, 2020
СОДРЖИНА
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
- Газдите незаконски профитираа на грбот на работниците за време на најголемата криза со која се соочуваме
- За потребата од родовотрансформативни политики за заштита на работничките
- Работниците останаа без државната „помош“ што требаше да биде наменета за нив
ДИСКРИМИНАЦИЈА
- Декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација
- 50 % намалени плати за мајки на деца до десетгодишна возраст
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
- Конфекција од Чешиново не им исплаќа минимална плата на своите вработени
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
- Сексуално вознемирување на кандидатка при полагање возачки испит
ГОВОР НА ОМРАЗА
- Говор на омраза – Избори 2020
ПОЛИТИЧКО-ОПШТЕСТВЕН КОНТЕКСТ
Хелсиншкиот комитет продолжи со мониторинг на мерките на Владата, особено во контекст на почитување на темелните права во рамки на Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права. Имајќи го предвид горенаведеното и следејќи го развојот на настаните, Хелсиншкиот комитет во својот извештај за јули особено дава осврт на спроведувањето на мерките и на нивното директно влијание врз граѓаните. Слично како и за изминатите месеци и согласно со утврдениот тренд, вниманието треба да се насочи кон справување со социо-економската криза како резултат на пандемијата – заштита на маргинализираните заедници, соодветна имплементација на мерките, соодветен надзор и примена. Она што го обележа овој месец е повторното зголемување на говорот на омраза на социјалните медиуми во контекст на одржување на предвремените парламентарни избори и големиот број случаи со КОВИД-19 во текот на целиот месец. Исто така, во текот на месецот се забележа енормно зголемување на новозаболени граѓани со КОВИД-19 што предизвика негативен дискурс кој воедно доби и етнички карактер како резултат на бројот на заболени по општини.
На политички план, доминираше дискусијата околу одржувањето на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 15 јули 2020 година[1]. Овие избори се одржаа за време на светска пандемија и под мерки на заштита на граѓаните. Политичките партии направија напредок со презентирање на нивните политички платформи преку социјалните медиуми, но сепак не изостанаа и традиционалните митинзи. Покрај препораките за заштита, преку нашиот мониторинг на социјалните медиуми беше забележано непочитување на мерките од страна на дел од присутните, како и непреземање на соодветни мерки од страна на надлежните институции. Прелиминарните наоди на ОБСЕ/ОДИХР преку нивната набљудувачка мисија нотираа дека предвремените парламентарни избори на 15 јули генерално беа спроведени ефективно и покрај приспособувањата како одговор на пандемијата со КОВИД-19, но правната стабилност беше нарушена со суштински ревизии на Изборниот законик и последователна ad hoc регулатива донесена за време на вонредната состојба. Кампањата, иако со негативен тон, беше вистински конкуретна и учесниците беа во можност да ги пренесат своите пораки и покрај ограничувањата на вообичаената комуникација. На медиумското известување за изборите му недостасуваше критички осврт на платформите, а одредбите во врска со платеното политичко рекламирање ги фаворизираа трите најголеми партии. Денот на изборите се одвиваше непречено и покрај техничките предизвици во објавувањето на резултатите и забелешките во врска со регистрацијата на гласачи.
Во сенка на изборите беше утврдувањето на Преговарачката рамка помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија која беше презентирана за време на германското претседавање со Унијата на 1 јули 2020 година. Преговарачката рамка е резултат на новата методологија за пристапни преговори која беше усвоена во март, 2020 година. Во поглед на содржината, особено внимание ќе биде посветено на политичката посветеност на процесот, особено во спроведувањето на првиот кластер поглавја кои се однесуваат на демократијата и на владеењето на правото, особено усогласувањето со политиките од Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права.
РАБОТНИЧКИ ПРАВА
Газдите незаконски профитираа на грбот на работниците за време на најголемата криза со која се соочуваме
Во јули, сведоштвата на работничките во 27 случаи на прекршувања на работничките права, во најголем дел, говореа за непочитување на владините мерки за ослободување од работа на одредени категории работнички; за принудно користење боледување во случаи кога работничките би требало да бидат ослободени од работа; за намалување и/или неисплаќање на платите на оние работнички кои се ослободени од работни обврски; како и за работодавачи кои им вршеле притисок на работничките да се вратат на работа, под закана дека нема да им бидат продолжени договорите за вработување на определено време.
За потребата од родовотрансформативни политики за заштита на работничките
Една од родовосензитивните мерки на Владата за справување со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 e ослободувањето од работни обврски на родителите кои имаат деца до 10-годишна возраст. Навидум, оваа мерка ја препознава поделеноста на правата и на обврските на родителите во рамки на домот и грижата за децата, но пријавите за прекршување на работничките права покажуваат дека оваа мерка во најголем дел ја користат мајките. Ваквите податоци повторно ја извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество, што е директен резултат на недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.[2]
Државниот инспекторат за труд најчесто постапувал по пријави за прекршување токму на оваа мерка, односно овие пријави претставувале 28 проценти од вкупниот број пријави за прекршување на работничките права, во првите месеци од кризата.[3] Работничките се соочиле со ситуации во кои работодавачите не ги ослободувале од работните обврски или, пак, кога ги ослободувале им ја намалувале платата. Некои работодавачи оделе дотаму што им се заканувале на работничките со откази и непродолжување на договорите за вработување. Овие беа и најчестите прекршувања на работничките права пријавени кај нас во јули.
Во еден таков случај инициравме постапка пред Државниот инспекторат за труд. Имено, текстилна работничка – мајка на деца до десетгодишна возраст, нè информираше дека е ослободена од работни обврски, но работодавачот незаконски ѝ исплатил само 50 проценти од целосната плата за месеците април и мај. Жените се доминантно застапени во работната сила во текстилната индустрија,[4] која е убедливо најслабо платена, што значи дека текстилните работнички често добиваат плата која не е многу повисока од минималната. Поради ваквите злоупотреби и незаконски исплаќања на помала плата, во текстилната индустрија се случува работничките со деца до десетгодишна возраст да примаат плата во износ од околу 7500 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија работнички во нееднаква положба наспроти мажите работници. Жените го носат најголемиот товар за извршување на обврските во домот и грижата за децата, а во градови каде текстилната индустрија преовладува како главен извор на приходи, тие истовремено се и главните носители на приход во домаќинството (breadwinners).[5] Оттука, незаконитото намалување на платите за работничките претставува износ кој не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство.
Меѓународната организација на трудот (МОТ) ги наведува четирите сектори врз кои кризата со вирусот има најсилно влијание и тоа, сместувањето и прехранбената индустрија, недвижностите, бизнис и административниот сектор, преработувачката – текстилната индустрија и трговијата. Во 2020 година, 527 милиони жени (или 41 процент од вкупниот број работнички) се вработени во овие сектори, споредено со 35 проценти од вкупниот број мажи работници. Ова покажува дека кризата многу потешко ќе ја погоди женската работна сила, а во посиромашните земји постои ризик дека ќе исчезнат многу работни места токму во преработувачката индустрија.[6]
Извор: International Labour Organization “The COVID-19 response: Getting gender equality right for a better future for women at work” (2020).
Поради сето ова, се приклучуваме кон заложбите на МОТ за имплементирање родовотрансформативни политики кои ќе ја адресираат специфичната положба во која се наоѓаат работничките, а истовремено ќе овозможат постојниот општествен и трудов систем да ги заштити подеднакво сите работнички, без разлика на нивниот статус во работните процеси (формален или неформален).
Работниците останаа без државната „помош“ што требаше да биде наменета за нив
Во март оваа година, Владата воведе економски мерки за справување со последиците од коронавирусот, кои предвидуваа директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, мали и средни компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија.[7] Притоа, беше донесена уште една мерка, која се однесуваше на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во погодените компании.
Владата предвиде поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати со субвенционирање на придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50 % од просечната плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намалила бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката; понатаму, компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година, до денот на поднесувањето на годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година и компанијата да нема исплатено награда ‒ бонус по влегување во сила на мерката. Само компаниите што имаа остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 требаше да вратат субвенции за придонес во износ од 50 % од добивката пред оданочување, што значи дека мерката беше директно насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот.
Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, изјави дека станува збор за 281 работодавач кои во април примиле финансиска поддршка во износ од 9.995.565 милиони денари, но не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработени. Лукаревска посочи дека 427 компании во мај воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, иако добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 милиони денари. Други компании на 52.465 работнички им ја скратиле и минималната плата и на нивните сметки исплатиле 1,5 милиони евра помалку.
Заедно со неколку синдикати и здруженија на граѓани, ги осудуваме сите работодавачи кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати на своите вработени. Целта на државната финансиска поддршка утврдена со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 беше да се зачуваат работните места на работничките, а не работодавачите незаконски да профитираат на нивниот грб за време на најголемата здравствена, социјална и финансиска криза со која се соочуваме. Ваквото однесување на работодавачите е недозволиво, неправедно, незаконско и нехумано, и побаравме:
- Управата за јавни приходи, без одложување и во најкус можен рок согласно со своите законски овластувања да изврши присилна наплата на платите на работничките во фирмите кои добиле државна финансиска поддршка, а не ја исполниле обврската за исплата на плати во месеците за кои ја земале поддршката или исплатиле помалку плата за овие месеци.
- Управата за јавни приходи, во соработка со Државниот инспекторат за труд, а согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување на споменатите работодавачи да им изрече глоба за сторен прекршок и да ги задолжи работодавачите да ги вратат добиените државни финансиски средства.
- Основното јавно обвинителство да поведе постапка по допрен глас против сите работодавачи кои добиле државна финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите работнички за сторено кривично дело измама по чл. 247 од Кривичниот законик.
- Владата на Република Северна Македонија како носител на мерката и исплаќач на државната финансиска поддршка јавно да ги објави фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не им исплатиле плати на своите вработени.[8]
- Во иднина сите финансиски мерки за помош и поддршка на работниците да им се исплаќаат директно на работничките, а не на работодавачите, за да се избегнат вакви и слични злоупотреби.
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација
Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамките на Мрежата за заштита од дискриминација ги повика политичките партии кои учествуваа на парламентарните избори да ја поддржат декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на идниот парламентарен состав.
Целта на декларацијата е политичките партии да се обврзат дека овој Закон ќе го донесат веднаш по формирањето на Собранието на Република Северна Македонија, без дополнителни одолговлекувања и дека потоа, во согласност со законскиот рок, ќе го изберат новиот состав на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Мрежата за заштита од дискриминација, заедно со 9 мрежи на здруженија на граѓани, кои заедно бројат повеќе од 100 здруженија, ги повика сите политички партии, без разлика на идеолошката позадина, да ја поддржат оваа декларација и да се обврзат дека ќе се застапуваат за итно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Декларацијата за приоритетно донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација ја потпишаа 17 политички партии. Политичките партии кои стојат како потписници на оваа Декларација се (по азбучен ред): Алијанса за Албанците, ВМРО-ДПМНЕ, Глас за Македонијa, ДЕМОКРАТИ, Демократски сојуз (ДС), Зелена партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ), Либерално демократска партија (ЛДП), Нова социјалдемократска партија (НСДП), Обединета партија за еднаквост на Ромите (ОПЕР), Партија за движење на Турците (ТХП), Партија за демократски просперитет на Ромите (ПДПР), Партија за економски промени 21 (ПЕП21), Партија на пензионери (ПП), Партија за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Сојуз на Ромите на Македонија, Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и Твоја партија.
Заклучок: Од една страна сме задоволни што голем број политички партии ја поддржаа декларацијата. Помеѓу партиите поддржувачки има политички партии со различна идеолошка позадина, различна големина, моќ и искуство во законодавниот дом. Но, од друга страна, за жал, по 10 години од донесувањето на првиот Закон за спречување и заштита од дискриминација сѐ уште има партии кои не ја поддржуваат нашата борба за поеднакво општество без дискриминација. Еднаквоста на граѓаните не е прашање на политичка волја, туку претставува уставна обврска за сите пратеници и за секоја влада, и предуслов за напредок, демократија и благосостојба. Унапредувањето на состојбите во земјата на кое било поле нема да ги даде посакуваните резултати доколку сите граѓани без разлика на различностите не можат да пристапат и под еднакви услови да ги уживаат правата, услугите и можностите.
Препорака: Повторно апелираме идниот состав на Собранието веднаш да го донесе новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и најавуваме дека активно и будно ќе ги потсетуваме на оваа обврска и на ова ветување.
50 % НАМАЛЕНИ ПЛАТИ ЗА МАЈКИ НА ДЕЦА ДО ДЕСЕТГОДИШНА ВОЗРАСТ
Една од родовосензитивните мерки за справување со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД-19 кои ги донесе Владата e ослободувањето од работни обврски на родителите кои имаат деца до 10-годишна возраст. Навидум, оваа мерка ја препознава поделеноста на правата и на обврските на родителите во рамки на домот и грижата за децата, но пријавите за прекршување на работничките права покажуваат дека оваа мерка во најголем дел ја користат мајките. Ваквите податоци повторно ја извадија на површина родовата нееднаквост во нашето општество и недоволната посветеност и работа на ова поле во периодот пред кризата.[9] Податоците на Државниот инспекторат за труд покажуваат дека најчестите пријави за прекршување на мерките на Владата биле токму за оваа мерка, односно во 28 % од вкупните пријави поднесени до Инспекторатот. Работничките се соочувале со неослободување од работни обврски или пак намалување на платите во случај на ослободување, а за работодавачите да успеат во нивната цел, им се заканувале со откази и непродолжување на договорите за вработување. Таков случај изминатиов месец беше пријавен и во Хелсиншкиот комитет. Работничка вработена во текстилната индустрија нè информираше дека како мајка на деца до 10-годишна возраст е ослободена од работни обврски, по што платата за месеците април и мај ѝ била незаконито намалена и изнесувала само 50 % од целосната плата.
Заклучок: Вработените во текстилната индустрија во најголем дел се жени работнички, на кои платата не им е повисока од минималната плата. Оттука, дел од работничките, мајки на деца до 10-годишна возраст од оваа индустрија, додека се ослободени од работни обврски за време на кризната состојба, примаат плата во износ од околу 7.500,00 денари. Ваквата ситуација ја доведува оваа категорија работнички во нееднаква положба наспрема мажите работници. Имајќи предвид дека тие како жени го сносат најголемиот товар за извршување на обврските во рамки на домот и грижата за децата, па од тие причини и ја користат оваа владина мерка, тоа резултира и со незаконито намалување на нивните плати, до износ кој не е доволен да ги задоволи ниту основните егзистенцијални потреби на едно семејство.
Препорака: Апелираме Државниот инспекторат за труд, каде Хелсиншкиот комитет го пријави овој случај, да продолжи со позитивната практика на брзо и ефикасно постапување по барањата за спроведување инспекциски надзор, да спроведе инспекциски надзор и да има позитивен исход од спроведувањето на инспекцискиот надзор.
ТЕКСТИЛНИ РАБОТНИЧКИ
Конфекција од Чешиново не им исплаќа минимална плата на своите вработени
Во извештајниот период, Хелсиншкиот комитет дојде до сознанија дека една текстилна конфекција од Чешиново на поголемиот дел од своите вработени не им исплаќа минимална плата согласно со Законот за минимална плата, не им исплаќа додатоци на плата за прекувремена работа и за минат труд, како и дека не им издава пресметки на плата. Хелсиншкиот комитет за овој случај иницираше постапка пред Државниот инспекторат за труд во кој побара Инспекторатот да утврди дали текстилната конфекција во својство на работодавач им исплаќа на сите свои вработени минимална плата согласно со закон, дали текстилната конфекција во својство на работодавач им исплаќа на своите вработени додатоци на плата за прекувремена работа и минат труд и дали текстилната конфекција во својство на работодавач им издава на своите вработени месечни пресметки на плата.
Заклучок: Проблемот на исплата на минимална плата останува системски проблем кој и понатаму ги погодува текстилните работнички. И покрај носењето на нов Закон за минимална плата и тргањето на одредбата за нормиран учинок како услов за исплата на минимална плата, државата сè уште не успева да најде решение за еден од најгорливите проблеми во текстилната индустрија.
Препорака: Постапувањето на Државниот инспекторат за труд во ваквите индивидуални случаи не е доволно за да се произведе системска промена. Апелираме за поголема ангажираност на Управата за јавни приходи, финансиската полиција и останатите релевантни државни институции, како и поголема меѓуинституционална соработка во обидот да се надмине овој системски проблем.
РОДОВА ЕДНАКВОСТ
Кандидатка која изминатиот месец полагала за возачки испит претрпела сексуално вознемирување од страна на членовите на комисијата. За време на полагањето на испитот, еден од членовите на комисијата во повеќе наврати непристојно ја допирал кандидатката ставајќи ја неговата лева рака на нејзината десна надлактица и тоа во време кога возилото било во движење. Ова дејствие се повторило во три наврати за време на полагање на испитот. Ваквата ситуација на кандидатката ѝ предзвикала огромен стрес и вознемирување, а од страна на другиот член на комисијата воопшто немало никаква реакција за да го спречи ваквото однесување на неговиот колега.
Комисијата во случаи на грешки од кандидатите смее да реагира исклучиво преку двојната команда на возилото и директно интервенирање во вртење на воланот. Оттука, очигледно е дека однесувањето на членот на комисијата било сексуално вознемирување врз кандидатката кој не е прв, ниту единствен ваков случај на вознемирување врз кандидатки, кои се најчесто млади девојки на возраст од 18 години. Настанот од страна на кандидатката и Хелсиншкиот комитет беше веднаш пријавен во Испитниот центар, од каде многу брзо добивме позитивен одговор за преземени дејствија и мерки од нивна страна. Испитниот центар по прегледување на видеоснимките и по извршен разговор со кандидатката во присуство на претставник на Хелсиншкиот комитет, поведе дисциплинска постапка против членовите на комисијата, а на кандидатката ѝ беше овозможено повторно полагање на возачкиот испит со друг состав на комисија.
ЗАКЛУЧОК: Сексуалното вознемирување како форма на родовобазирано насилство е ретко препознаено, а жените како најчести жртви на ваквиот вид насилство, многу ретко се свесни дека се жртви на сексуално вознемирување. Ваквото однесување е потребно што поскоро да биде инкриминирано како кривично дело во нашиот Кривичен законик, а за сторителите да следат најстроги санкции. Сексуалното вознемирување не смее никогаш да биде сфатено како комплимент и од особена важност е поттикнување на јавната свест за пријавување на ваквиот вид насилство за тоа да не продолжи да се нормализира и во иднина.
ГОВОР НА ОМРАЗА
ГОВОР НА ОМРАЗА – ИЗБОРИ 2020
Како што Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди во својот јунски извештај, како резултат на предизборната кампања и континуираниот број на евидентирани КОВИД-19 случаи, Комитетот верификуваше вкупно 104 верификувани пријави за месец јули. Најголем број од случаите во јули се однесуваа на одржувањето на предвремените парламентарни избори (15 јули 2020 година) и генерално негативната политичка атмосфера што придонесе кон висок број пријави за говор на омраза на социјалните медиуми врз основ на политичка и етничка припадност.
Поради начинот на којшто се водеше оваа политичка кампања како резултат на заштитните мерки од КОВИД-19, најголемиот број пораки од страна на политичките партии беа пренесувани и дискутирани на социјалните медиуми. Иако голем дел од кампањата се водеше виртуелно, сепак следеше и традиционална кампања со одржување митинзи на кои не се почитуваа до крај мерките за заштита (особено носењето маски). Ова придонесе кон размена на говор на омраза на социјалните медиуми, кој освен политички, доби и етнички контекст. Само за споредба, од 1.4.2019 до завршувањето на вториот круг од претседателските избори, Хелсиншкиот комитет евидентираше 63 пријави (од кои 51 % се однесуваа на етничка и на политичка припадност). За време на овие избори забележано е зголемување од над 80 % на пријави за истите категории.
Од почетокот на 2020 година, Хелсиншкиот комитет за човекови права има поднесено вкупно 11 кривични пријави за ширење говор на омраза врз основ на член 319 од Кривичниот законик. Интересно е тоа што од овој број, 5 пријави беа поднесени во текот на јули 2020 година и тоа – една пријава до Полициска станица СВР Битола против непознати сторители за испишување графити кои поттикнуваат и шират говор на омраза врз лице на етничка и национална припадност, и четири пријави до Основното јавно обвинителство – Скопје (две против лидер на политичка партија за предизвикување верска омраза и ширење говор на омраза кон лице претставник на група, една против лице за предизвикување раздор и нетрпеливост кон политичките неистомисленици и една против непознати сторители за ширење говор на омраза на социјалната мрежа Фејсбук упатено кон лице претставник на група.
Тренд на говор на омраза, јули 2020 година
Говор на омраза на социјалните медиуми за јули, 2020 година.
Најголем број од пријавите (или 65 % од вкупниот број верификувани пријави) се однесуваат на две категории: етничка припадност и политичка припадност, кои особено беа забележани по завршувањето на предвремените парламентарни избори. Најголем пораст на говор на омраза предизвикаа твитовите на популарната пејачка Дуа Липа[10] кои наидоа на различни реакции во домашната јавност оценувајќи ги нејзините реакции како националистички. Реакциите на Фејсбук и Твитер, како повод на оваа реакција, добија и етнички предзнак имајќи го предвид потеклото на пејачката. Исто така, овој месец се бележи повторно зголемување на пријавите за говор на омраза врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет. Високиот број пријави, како што Хелсиншкиот комитет потенцираше и во претходниот период, се во корелација со одржувањето на предвремените парламентарни избори. Реакциите на јавноста кои беа верификувани од Хелсиншкиот комитет се достапни на: https://www.govornaomraza.mk/reports/.
[1] https://ec.europa.eu/commission/presscorner/detail/en/IP_20_1021
[2] Реактор – истражување во акција, „Платена и неплатена работа, родовобазирана дискриминација и работнички права во време на КОВИД-19“ (2020); достапно на <https://reactor.org.mk/publication-all/платена-и-неплатена-работа-родово-баз/>.
[3] Реактор – истражување во акција, „Платена и неплатена работа, родовобазирана дискриминација и работнички права во време на КОВИД-19“ (2020); достапно на <https://reactor.org.mk/publication-all/платена-и-неплатена-работа-родово-баз/>.
[4] Дури 90 проценти од вкупниот број вработени во текстилните фабрики во Штип се жени ‒ Center for Research and Policy Making “Macedonian Clothes for Europe” (2006); достапно на <https://www.crpm.org.mk/wp-content/uploads/2012/03/MACEDONIAN-CLOTHES-FOR-EUROPE1.pdf>.
[5] Maria Mies “Patriarchy and Accumulation on a World Scale: Women in the International Division of Labor” (1986).
[6] International Labour Organization “The COVID-19 response: Getting gender equality right for a better future for women at work” (2020); достапно на <https://www.ilo.org/wcmsp5/groups/public/—dgreports/—gender/documents/publication/wcms_744374.pdf>.
[7] Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, можеше да добие од 3 до 30 илјади евра. Микрокомпаниите, до 10 вработени, можеа да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, можеа да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, можеа да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра.
[8] Управата за јавни приходи на 30.7.2020 година објави листа со фирмите кои ја користеле државната финансиска поддршка, а не исплатиле плати на своите вработени, достапна на <https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/analiza-neplateni_fin_poddrska_finalno_0.pdf>.
[9][9] Платена и неплатена работа, родовобазирана дискриминација и работнички права во време на КОВИД-19, Реактор – истражување во акција, 2020, достапно на: https://reactor.org.mk/publication-all/%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b0-%d0%b8-%d0%bd%d0%b5%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d1%82%d0%b5%d0%bd%d0%b0-%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%b0-%d1%80%d0%be%d0%b4%d0%be%d0%b2%d0%be-%d0%b1%d0%b0%d0%b7/