Извештај од истражувањето: Потреби и проблеми на ЛГБТИК луѓето во Северна Македонија

октомври 20, 2021

Во рамки на проектот „Унапредување на човековите права и слободи на ЛГБТИ луѓето во Македонија“ поддржан од постојаното претставништво на Кралството Холандија во ОБСЕ, а имплементиран од страна на Хелсиншкиот Комитет за човекови права – ЛГБТИ Центарот за поддршка подготвивме „Извештај од истражувањето: Потреби и проблеми на ЛГБТИК луѓето во Северна Македонија“.
Ова истражување беше спроведено со цел подобро да се разберат потребите и проблемите со кои се соочуваат лезбејките, геј-мажите, бисексуалките и бисексуалците, трансродовите, интерсекс и квир (ЛГБТИК) луѓето во Република Северна Македонија (РСМ). Истражувањето се заснова врз истражување спроведено од страна на ЛГБТИ Центарот за поддршка во 2015 година. Дополнително, ова истражување прибра конкретни информации за искуствата на ЛГБТИК луѓето со дискриминација при пристап до образование и здравство.

 Колективните искуства на ЛГБТИК луѓето покажуваат високо ниво на изложеност на дискриминација, вознемирување и насилство поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување. И покрај тоа, најголемиот дел од нив не го пријавуваат тоа кај одговорните институции најчесто поради недоверба дека случајот ќе се реши и поради страв дека тоа може да предизвика штетни последици за нив. Тие малкумина што се охрабриле да пријават најчесто се соочиле со дополнителна дискриминација или несоодветен однос поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување или со ненавремено и неефикасно постапување, а тоа дополнително придонесува за веќе големата недоверба во институциите.

 Речиси сите ЛГБТИК луѓе што учествуваа во истражувањето сметаат дека институциите не обезбедуваат доволно информации за тоа како да се препознае дискриминација и насилство врз основа на сексуална ориентација, родов идентитет и/или родово изразување и каде да се пријави тоа со цел да се обезбеди правна заштита. Дополнително, голем број од нив сметаат дека се потребни континуирани обуки на службениците во институциите, јавни кампањи, како и афирмативни мерки за вработување ЛГБТИК луѓе во институциите што обезбедуваат социјални услуги во заедница или институција.

 Истражувањето беше спроведено кај 217 испитаници од целата територија на РСМ, а наодите покажуваат дека 56,67 % од испитаниците изразиле незадоволство од односот на стручната служба при користењето услуги од социјалната заштита (социјални услуги во институција и во локална заедница). Притоа, најчести причини за незадоволството се дискриминација и несоодветен однос на службениците поради сексуалната ориентација и/или родовиот идентитет на испитаниците (42,86 %) и ненавременото и/или неефикасно постапување (38,78 %). Загрижувачки е податокот дека ниту еден од испитаниците што преживеал дискриминација при користење социјални услуги во локална заедница, во институција или од страна на стручната служба не го пријавил случајот до ниту една релевантна институција или организација.

 Речиси половина од испитаниците (49,25 %) биле дискриминирани во рамките на образовниот процес од страна на соучениците, наставниот кадар или администрацијата, а од нив, 81,19 % не го пријавиле случајот во ниту една надлежна институција. При пристап до вработување биле дискриминирани 20,71 % испитаници на работното место и 16,76 % при процесот на вработување (за време на интервју, тестирање за работна позиција и слично) поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или изразувањето. Најголемиот дел од нив (87,89 %) не го пријавиле случајот на дискриминација во ниту една одговорна институција или организација.

 Половина од сите испитаници (51,17 %) преживеале некаков вид насилство поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување. Четворица од петмина испитаници (82,14 %) не го пријавиле случајот во ниту една надлежна институција или невладина организација. Од оние 17,86 % што го пријавиле насилството, 73,33 % не биле задоволни од третманот на институциите, и тоа повеќе од половина (53,85 %) поради дискриминација и несоодветен однос од страна на службениците поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување, а 46,15 % поради ненавремено и неефикасно постапување.

 Наодите покажуваат висок степен на дискриминација и несоодветен однос поради сексуалната ориентација, родовиот идентитет и/или родовото изразување на испитаниците, како и општ непрофесионален однос и злоупотреба на авторитет од страна на полициските службеници. Па така, дискриминирани биле една третина од испитаниците што имале контакт со полициски службеници надвор од полициска станица (31,31 %). Перцепцијата за непрофесионален однос на полициските службеници е поткрепена и со податоците што се однесуваат на примената на конкретните полициски овластувања. Наодите покажуваат дека само 17,24 % од полициските службеници самоиницијативно се легитимирале и дополнителни 4,83 % тоа го сториле на барање на испитаниците. Тоа придонесува за намалување на довербата на ЛГБТИК луѓето кон нив. Дополнително, четворица од петмина испитаници (88,95 %) одговориле дека немаат доверба во полицијата оти ќе ги заштити нив или нивните права кога ќе имаат потреба од тоа.

 Наодите од истражувањето покажаа мал пад во перцепцијата на дискриминација и насилство споредено со 2015 година, но значителен пораст на непријавување на тие случаи во одговорните институции. Може да се претпостави дека јавната поддршка од страна на политичкиот врв во РСМ, унапредувањето на легислативата во насока на заштита на правата на ЛГБТИК луѓето, но и работата на ЛГБТИК организациите, јавните кампањи за унапредување на положбата на ЛГБТИК луѓето и успешното одржување на првата Парада на гордоста во Скопје придонеле за пад во перцепцијата на дискриминација и насилство. Сепак, тоа не е доволно, затоа што податоците покажуваат повисоко ниво на недоверба во институциите споредено со 2015 година.

 Збирните наоди од истражувањето потврдуваат дека ЛГБТИК луѓето имаат ограничен пристап до права и услуги поради нивната сексуална ориентација, родовиот идентитет или родовото изразување во РСМ. Затоа, неопходно е да се преземат соодветни чекори и мерки од страна на сите засегнати страни, но, пред сè, од државниот апарат во насока на заштита на правата на ЛГБТИК луѓето во земјава. Препораките што ги вклучува овој извештај се базираат врз заклучоците од ова истражување, препораките од испитаниците и препораките од ЛГБТИК организациите, уредени во три области: унапредување и примена на законската рамка, развој на капацитетите на институциите и олеснување на пристапот до информации и подигнување на јавната свест.

 Навременото и целосно спроведување на овие препораки е од клучно значење со цел ЛГБТИ луѓето да може да го живеат својот живот без насилство и дискриминација и да го остварат својот полн потенцијал. 

Авторка на истражувањето е Биљана Гинова, а рецензијата е на Билјана Котевска.

На линкот подолу можете да го симнете подготвениот извештај на македонски, англиски и албански јазик.