Двомесечен извештај јули-август 2016

септември 30, 2016

Месечниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија за јули и август 2016 година ги опфаќа темите: Надлежните институции потфрлија во превенцијата и справувањето со последиците од поплавата; Се уште нема решение за дислоцираните Роми од населбата под Кале; Судиите се уште не го познаваат Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство; Избор на судија во Еврпоскиот суд за човекови права од Република Македонија; Неефикасна постапка за избор на слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ПОТФРЛИЈА ВО ПРЕВЕНЦИЈА И СПРАВУВАЊЕ СО ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ПОПЛАВАТА

На 06.08.2016 година, градот Скопје беше зафатен од големо невреме и поројни дождови, на одредени делови од градот настана голема поплава која зафати неколку градски подрачја и целосно ги уништи. Во поплавата досега официјално животот го загубија 22 лица,  6 лица се водат како изсчезнати, а околу стотина се повредени. Извори од терен и социјалните мрежи јавуваат број неколку пати повисок од официјалната бројка на загинати лица. Овој црн биланс на загубени животи можеше и требаше да биде избегнат, ако надлежните институци и тела за справување со кризи целосно ги исполнеа своите законски обврски на превенција и постапување во случај на поплави. Поради овие причини, Хелсиншкиот комитет смета дека има обврска да ја извести јавноста за обврските и мерките што би требало да ги преземат надлежните институции, а со цел да се избегне катастрофа од вакви големи размери.

Во деновите по поплавата, се забележа несоодветна координација на одделните компоненти во системот за управување со кризи, несоодветно постапување на одделните институции и тела и крахирање на системот во целост. Превентивните планови и мерки со години беа занемарувани, а мерките на заштита и спасување беа несоодветно и недоволно квалитетно спроведени. Уште повеќе, функционерите во Владата на РМ кои се членови во Управувачкиот комитет покажаа уште еднаш дека се заинтересирани повеќе за оставање впечаток дека работат на санирање на последиците од поплавата, отколку на самото санирање на последиците. Шест дена по поплавата, сé уште имаше  семејства и куќи кои немаат пристап до најосновните намирници (вода и храна), додека мерките на здравствена заштита и спречување на заболувања и епидемии сé уште не се применуваат.

Хелсиншкиот комитет смета дека е сторен огромен пропуст во преземањето на превентивните мерки за заштита, како и во начинот на справување со елементарната непогода што го погоди подрачјето на градот Скопје. Надлежните државни органи, не ги преземале законски определените превентивни мерки.  Процената на загрозеност од природни непогоди е застарена и не соодвествува со реалната фактичка состојба, никакво предупредување не беше упатено до граѓаните да се подготват за силното невреме, одводните канали и голем дел на канализациската мрежа не биле исчистени, а ниту пак биле изградени заштитни објекти.

Препорака: Органите на државните управи континуирано покажуваат дека не само што немаат капацитети да се справаат со оваа криза, туку и постапуваат спротивно на позитивните законски прописи. Ваквото постапување на органите на државната управа по настаната поплава и непреземањето на превентивните мерки за заштита, се директни виновници за црниот биланс на жртвите настрадани во оваа катастрофална поплава. Во овие моменти е најзначајно да се обезбеди помош и заштита на жртвите од поплавата, но Комитетот очекува надлежните институции во најкус можен рок да ги преземат потребните мерки за утврдување на одговорност кај надлежните институции и лицата кои придонесоа за потфрлањето на системот за превенција и заштита од поплави.

СЕ УШТЕ НЕМА РЕШЕНИЕ ЗА ДИСЛОЦИРАНИТЕ РОМИ ОД НАСЛЕБАТА ПОД КАЛЕ

И по истекот на еден месец од насилното бркање и рушењето на импровизираните бараки на Ромите под Кале, државата се уште нема решение за проблемот со домувањето на 121 лице кои во моментов живеат под отворено небо непосредно до кејот на Вардар. Државните институции не преземаат никакви чекори во решавањето на овој проблем, а Инспекторатот при Град Скопје не им дозволува на лицата повторно да подигнат привремени живеалишта.

Хелсиншкиот комитет за човекови права неколку пати изврши посета на терен на дислоцираните лица и при тоа утврди дека станува збор за 29 семејства или 121 лице, меѓу кои 64 деца, вклучувајќи 10 бебиња и три бремени жена кои живеат под отворено небо, без минимални услови за живот. Како резултат на тоа, како и заради топлото време и недостатокот на средства за лична хигиена голем број од лицата имаат кожни инфекции и низа здравствени проблеми. Дополнително дел од лицата немаат лична документација, а со самото тоа не можат да ги остварат своите права од здравствена и социјална заштита.

Во остварените контакти и одржаните состаноци со надлежните органи од страна на невладината организација Амбрела, информирани сме дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста за решавање  на проблемот. Претставници од Град Скопје велат дека за решавање на проблемот надлежно е Министерството за труд и социјална политика. Од Министерството за труд и социјална политика одговорноста ја префрлаат на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, кој како единствено решение предлага лицата да бидат сместени во прифатниот центар во Чичино Село. Овој прифатен центар нема капацитет да ги смести сите 29 семејства, ниту пак има соодветни услови за живот.

Препорака: Поаѓајќи од уставната обврска на државата да се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност и обврската да им обезбеди заштита на оние граѓани кои немаат можности за материјална и социјална егзистенција, Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со партнерските организации Ромски едукативен центар АМБРЕЛА Скопје, Центар за развој на ромската заедница БАИРСКА СВЕТЛИНА Битола, Здружение Ромска организација на жени од Македонија ДАЈА Куманово, Невладина организација КХАМ Делчево, Ромската организација за мултикултурна афримација РОМА С.О.С. Прилеп и РОМАНО АВАЗИ – здружение за јакнење и организирање на ромската заедница до реални промени Тетово, бара од државата да ги преземе следниве мерки за решавање на проблемот на дислоцираните Ромски семејства:

1.  Министерството за труд и социјална политика да изврши итно мапирање на семејствата кои се дислоцирани

2.   Дислоцираните семејства итно да бидат сместени во некои од прифатилиштата под надлежност на Министерството за труд и социјална политика кои исполнуваат адекватни услови за живот или да бидат времено сместени во објекти од привремен карактер.

3.  На дислоцираните семејства да им бидат распределени социјални станови од проектот за домување на социјално ранливите групи Ф/П 1674.

4.   На сите дислоцирани лица да им се обезбедни здравствено осигурување и итна здравствена заштита.

5.  На дислоцираните лица кои немаат лична документација да им се олесни пристапот до вадење на лична документација

6.    На сите семејства да им биде доделена еднократна парична помош и социјална парична помош

7.      Децата кои се наоѓаат на возраст за основно и средно образование итно да бидат вклучени во образовниот процес.

СУДИИТЕ СЕ УШТЕ НЕ ГО ПОЗНАВААТ ЗАКОНОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

До Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати странка која побара правна помош како жртва на физичко и психичко семејно насилство. Имено родителите на  странката подолг период врз неа вршат физичко и психичко семејно насилство, секојдневно тепајќи ја и навредувајќи ја со погрдни зборови. Хелсиншкиот комитет за човекови права за потребите на странката изготви барање за изрекување на привремени мерки за заштита од семејно насилство и истото беше поднесено до надлежниот основен суд. Во барањето странката од Судот побара изрекување на сите предвидени мерки за заштита предвидени во чл. 35 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насислство и назначи претставник/претставничка Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, кој/а ќе ја придружува на судските рочишта за изрекување на привремените мерки.

При извршениот мониторинг на досегашните судски рочишта Хелсиншкиот комитет за човекови права е загрижен од непознавањето на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство од страна на судиите. Имено, во текот на главната расправа судечкиот судија по предметот на странката изјави дека “законот не му дава овластувања да изрече привремени мерки со кои ќе ги испрати вршителите на семејното насилство во соодветно советувалиште, ниту пак има законски овластувања привремено да ги отстрани вршителите на семејно насилство од домот.”

Потсетуваме дека во член 35 од Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, предвиени се сите мерки за привремена заштита, меѓу кои и отсранување од домот без оглед на сопственоста (чл. 35 став 4) и задолжително посетување на соодветно советувалиште (чл. 35 став 8). Воедно во член 42 од истиот Закон предвидено е дека судовите одлучуваат во постапките за привремени мерки за заштита и во истите се применуваат одредбите од Законот за парнична постапка, ако со Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство не е поинаку предвиено.

Од наведеното лесно може да се заклучи дека судовите имаат законски овластувања да изрекуваат привремени мерки со кои ќе ги упатуваат вршителите на семејно насилство во соодветни советувалишта или пак ќе ги отстранат вршителите на семејно насислтво од домот, независно од споственоста, што укажува на елементарно непознавање на законските одредби на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство  од страна на судечкиот судија во конкретниот предмет.

Препорака: Апелираме судиите да почнат ефикасно, доследно и правилно да го применуваат  Законот за превенција, спречување и заштита на семејно насилство, особено одредбите кои се однесуваат на изрекувањето на привремените мерки за заштита, како би се обезбедила најдобра заштита и би се отсраниле непосредните и сериозни опасности по животот и физичкиот интегритет на жртватите на семејното насилство  и членовите на нивните  семејство.

ИЗБОР НА СУДИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ СУД ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА ОД РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

На 23.02.2016 година беше донесена Одлука за основање на Комисија за избор на кандидати на Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Одлуката не беше објавена во Службен весник поради што за јавноста остана непознато кој е нејзиниот доносител. Врз основа на Одлуката, а во врска со член 22 од Европската конвенција за човекови права, Комисијата за избор на кандидати на Република Македонија за судија oбјави Jавен оглас за избор на тројца кандидати. Остана нејасно кој и зошто донел одлука Комисијата да работи во рамките на Министерството за надворешни работи, а не во Министерството за правда кое има надлежности во областа на правосудството.

Во врска со условите што треба да ги исполнуваат кандидатите опишани во огласот, очигледно беше дека тие не соодветствуваат на минимум условите и карактеристиките што треба да ги исполнува идниот судија. Во наведените минимум услови не беше наведено колку години искуство треба да имаат кандидатите во областа на човековите права и дека треба да ја познаваат работата и праксата на ЕСЧП. За споредба, во еден од минатите огласи, во минимум условите било наведено дека кандидатот може да биде редовен или вонреден универзитетски професор или да има искуство од најмалку 8 години во областа на човековите права и да биде истакнат активист во невладини организации во оваа област.

Мандатот на сегашната судијка од Македонија – Мирјана Лазарова-Трајковска, завршува на 31 јануари 2017 година. Република Македонија листата од тројца кандидати до Парламентарното собрание на Советот на Европа требаше да ја достави до 26 август 2016 година. Изборот на судија од Македонија е предвидено да се случи во октомври 2016 година. Тековниот судија останува на функција сè до изборот на нов судија. Вакви случаи во минатото имало со неколку држави кои предложиле кандидати што не биле соодветни за судиската функција, односно не ги исполнувале предвидените услови. Во Словачка и Ерменија, Советодавното тело на Комитетот на министри или Парламентарното собрание на Советот на Европа ги одбивало листите на предложените кандидати поради тоа што постапката не била транспарентна и правична или кандидатите биле предложени врз основа на политичко лобирање. Во Шпанија и Хрватска, терминот за изборот на кандидати се совпаднал со функционирање на техничка влада, поради што било одлучено конкурсот воопшто да не се распише до завршувањето на националните избори и до изборот на нова Влада.

И покрај сите формално-правни и суштествени недостатоци на објавениот оглас и постапката за избор, во периодот помеѓу мај и јуни 2016 година, Владата одлучи да испрати листа со тројца кандидати за судија во ЕСЧП. На 28 јули 2016 година, неколку интернет портали објавија дека Советодавниот панел на експерти за избор на судии при Комитетот на министри на Советот на Европа ја одбил предложената листа. На 9 август 2016 година, порталите објавија дека Владата доставила нова листа со кандидати на која се наоѓа еден од претходните и двајца нови кандидати. Истиот месец, Министерството за надворешни работи одбиваше на новинарите да им даде било какви информации во врска со постапката која се одвива во Стразбур.

Сметаме дека постапката за избор на тројца кандидати од Република Македонија за судија во Европскиот суд за човекови права не бeше водена согласно критериумите за транспарентност, отчетност и правичност. Покрај пропустите од формално-правен аспект, целата постапка се водеше во услови на длабока политичка криза во државата и постоење на техничка влада. Од имињата на кандидатите објавени во медиумите, можеше да се забележи дека меѓу нив се наоѓаат некои од најодговорните за посочените состојби во правосудството. Со оглед на нивното влијание и блискоста со политичката елита, дел од нив наместо да бидат повикани на морална, политичка и правна одговорност беа главни „фаворити“ за избор на претставник – судија за човекови права во ЕСЧП.

Сметаме дека ниту Комисијата за избор ниту Владата која што е директно одговорна за состојбите во судството немаа кредибилитет да ја спроведат оваа постапка. Ова уште повеќе што дел од предложените кандидати се луѓе за кои што постои основано сомнение дека својата функција не ја извршувале професионално и непристрасно, односно биле под директно влијание на власта со што немаат морален и правен интегритет да бидат кандидирани за оваа функција.

Препорака: Постапката за избор на тројца кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права треба да биде замрзната, односно да се донесе одлука за одложување до изборот на нова Влада која ќе ужива доверба од граѓаните и ќе биде избрана од претставници во Собранието што ќе бидат избрани за време на фер и демократски избори.

НЕЕФИКАСНА ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА СЛУШАТЕЛИ НА ПОЧЕТНА ОБУКА ВО АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ

Академијата за судии и јавни обвинители на ден 09.11.2015 година објави оглас  за прием на 30 слушатели на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Според известувањето објавено на веб страната на Академијата на 04.07.2016 година, јавноста беше информирана дека по спроведувањето на писмениот и усниот дел од испитот, Комисијата за приемен испит утврдила листа на оцени на кандидатите од одржаниот писмен и усмен дел на приемниот испит. По објавување на листата до Комисијата за приемен испит биле поднесени вкупно 44 приговори, против кои потоа биле поднесени 29 жалби до Управниот одбор на Академијата. Против одлуката на Управниот одбор на Академијата, незадоволните кандидати можат да поведат управен спор пред Управниот суд, а против одлуките на Управниот суд дозволена е жалба во до Вишиот управен суд. Со оглед на ваквата можност, 9 кандидати повеле постапка пред Управниот суд по управните спорови против одлуките на Управниот одбор на Академијата . По одлуката на Управниот суд, кандидатите имаат право на жалба до Вишиот управен суд.

Земајќи ги предвид кратките законски рокови за одлучување по приговорите, жалбите и тужбите на незадоволните кандидати за прием во Академијата за судии и јавни обвинители, очигледно е дека временската рамка за завршување на целата постапка е неколкукратно пречекорена. Имено, во член 88 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители е наведено дека незадоволниот кандидат од добиената оценка има право на приговор до Комисијата за приемен испит во рок од 3 дена од денот на објавувањето на резултатите на официјалната веб-страница и на огласната табла на Академијата. Комисијата за приемен испит е должна да одлучи по приговорот во рок од 2 дена сметано од денот на приемот на приговорот во Академијата. Против одлуката на Комисијата за приемен испит незадоволниот кандидат има право на жалба до Управниот одбор на Академијата во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката. Управниот одбор одлуката по жалба ја донесува во рок од 3 дена сметано од истекот на рокот за поднесување жалби против одлуките на Комисијата за приемен испит. Против одлуката на Управниот одбор незадоволнот кандидат во рок од 3 дена од денот на приемот може да поведе управен спор пред Управниот суд. По тужбата Управниот суд одлучува во рок од 5 дена. Против одлуката на Управниот суд дозволена е жалба до Вишиот управен суд во рок од три дена од денот на приемот на одлуката на Управниот суд. Вишиот управен суд по жалбата одлучува во рок од 7 дена од приемот на жалбата.

Со оглед на фактот што и по повеќе од 10 месеци нема информација за конечниот избор на кандидатите, повеќе од очигледно е дека целата постапка за прием на слушатели на почетната обука во шестата генерација на Академијата не е ефикасна.

Дополнително, Академијата на 29.08.2016 година објави нов оглас за прием на 60 слушатели на почетна обука – кандидати за јавни обвинители . Со оглед дека постапката по претходниот оглас од се уште не е завршена, кандидатите кои аплицирале на тој оглас нема да можат да се пријават и на новиот оглас за прием на кандидати за јавни обвинители.

Препорака: Академијата мора да ја информира јавноста кои се причините за одолговлекување на постапката за избор на кандидати. Во иднина мора доследно да се почитуваат кратките законски рокови за приговори, жалби и тужби утврдени во Законот за Академијата за судии и јавни обвинители, чија цел е да обезбедат ефикасност на постапката за избор на кандидати во Академијата.