ноември 28, 2018

​Повеќе координација за да не се повтори бегалската криза

Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија на 27.11.2018 година го презентираше завршниот Извештај за правата на бегалците, мигрантите и барателите на азил во Република Македонија за 2018 година. На тркалезна маса за „Тековните трендови на миграција и баратели на азил во Република Македонија за 2018 година“ свои обраќања имаа директорката на Хелсиншкиот комитет Уранија Пировска, државната секретарка во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска, директорот на регионалната иницијатива за миграција и азил (МАРРИ) Сашко Коцев и заменик директорот на Центарот за управување со кризи Зеќир Јакупоски. На настанот се дискутираше за научените лекции од бегалската криза, потребата од понатамошно зајакнување на соработката и координацијата, како и размена на стекнатите знаења.

Извештајот е подготвен во рамките на проектот „Помош на рутата – обезбедување заштита на бегалците и мигрантите што транзитираат низ Македонија и Србија“, поддржан од Европската унија, а имплементиран од страна на Фондацијата „Ана и Владе Дивац“ од Србија, во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, Новосадскиот хуманитарен центар и Здружението на самарјански работници (ASB) – Србија.

Во извештајот се опфатени состојбите со бегалската криза во Република Македонија во текот на 2018 година од повеќе аспекти. Работењето на транзитните кампови, условите и третманот што бегалците и мигрантите ги добиваат во нив, текот на нелегалната миграција и изолирани инциденти, како и носењето и спроведувањето на националните политики и законските решенија поврзани со мигрантите и бегалците, се некои од темите што ќе бидат обработени во овој извештај. Воедно, неизбежно е реферирањето на општествено-политичкитеслучувања во земјата, што оставија свој печат врз динамиката на бегалската криза во Република Македонија.

Една компонента од проектот претставуваше поврзувањето на 24 граѓански организации од Македонија и од Србијa во мрежа за регистрирање на прекршувањата на правата на бегалците и мигрантите1 и обезбедување на нивна поголема заштита, во која, покрај четирите партнерски организации-имплементатори, учествуваат и пет граѓански организации од Македонија и 15 од Србија. Секоја од овие организации дејствува во рамките на својот мандат и обезбедува разни услуги за заштита на правата на бегалците и мигрантите. Меѓу нив се Црвениот крст на Република Македонија, „Легис“, „Отворена порта“ (La strada), Регионалниот центар за одржлив развој (РЦОР) – Гевгелија, НВО „Граѓански развој“ (Ваксинце). Податоците и наодите во овој извештај се должат на нивните известувања.

Документи