Властите не ги почитуваат правата на младите

мај 1, 2015

Хелсиншкиот комитет и Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, како организации кои со свои претставници беа присутни на вчерашната средба, реагираат на несоодветниот начин на кој беа третирани претставниците на Средношколскиот пленум од страна на високите државни функционери.

Поставувајќи се од позиција на моќ, министерот и заменик министерот за образование и наука и вице премиерот Владимир Пешевски, се обидоа да го дискредитираат Средношколскиот пленум со поигрувања на поими како „легитимитет“ и „репрезентативност“; „малцинство/мнозинство“ како и претставување на претставничката демократија (делегирање на моќ преку избори) како едниствениот начин на демократско делување. Според прашањата и коментарите беше прилично јасно дека  Власта не знае како да се носи со хоризонтални структури кои користат начини на делување на директна демократија.  Беа чести реторичките прашања и коментари како: „Кои сте вие?“ „Не може во  име на сите ученици да зборувате.“ „Не може малцинството да донесува одлуки за мнозинството!“ „Немате група, немате репрезент! Кој ви е раководство? Кои ви се членови? Со кого преговараме? Од каде сте вие овластени? Имавте избори?!“ „Треба да се организирате на некој начин на репрезентативност-што ако дојдат други тројца?“ „Имате ли мандат да одлучите сега ?“, „Имате или немате овластување?“ „Прв пат кога се појавивте какви барања имавте?“ „Кој се потпиша од ваша страна? Врз основа на што?“

Иако средбата траеше час и 15 минути, претставниците на Средношколскиот пленум успеаа да се изборат за време од 20 минути за образложување на нивните барања, што повторно ја докажува позицијата на моќ. Со ваквиот начин на водење на разговорите со средношколците Владата на РМ и Министерството за образование и наука ги прекршуваат одредбите од Конвенцијата за правата на детето, која во член 12 предвидува дека секоја држава на детето кое е способно да формира свое сопствено мислење му обезбедува право на слободно изразување на тоа мислење за сите права кои го тангираат, посветувајќи му должно внимание.

Присутни беа и суптилни заплашувања дека доколку продолжи бојкотот ќе се доведе во прашање можноста на средношколците да земат сведителства, притоа потенцирајќи дека ваквите изјави не се закана. Притисоците врз средношколците се спротивни на Уставот на Република Македонија, но и на сите меѓународни стандарди, а особено Конвенцијата за правата на детето, кои гарантираат заштита на правото на слободно здружување, изразување и мирен протест.

Во однос на барањата на Средношколскиот пленум резултатите од екстерното тестирање да не бидат засметани во успехот на средношколците за оваа учебна година, Владата на РМ и Министерството за образование и наука констатирале дека е противуставно, поради тоа што некои средношколци од завршна година веќе полагале и оттука не можат да направат никаква промена во овој дел.

Во оваа насока, би сакале да потсетиме на членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија во кој е наведено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните. Оттука, неосновани се ваквите изјави поради тоа што средношколците бараат законски измени кои ќе бидат поповолни за нив, особено за оние во завршната година.

Воедно, потсетуваме дека согласно Конвенцијата за правата на децата, образованието е еден од основните процеси каде ставовите на децата треба да бидат слушнати и почитувани и одбивањето на нивното мислење е прекршување на ваквите одредби. Очигледен е отпорот на средношколците кон екстерното тестирање, кое не придонесува кон унапредување на образовниот процес и затоа сметаме дека нивните барања во овој дел мора да бидат прифатени. Во целост ги поддржуваме барањата на студентите согласувајќи се со нивната констатација дадена на вчерашната средба дека „ ектерното тестирање не може да ја измери љубовта, страста и посветеноста на учениците кон одреден предмет, екстерното тестирање единствено сака да станеме статистика и бројка и да ги учиме работите дека се само а, б или в.„