Уставниот суд да ја образложи одлуката за ограничување на аудио и визуелно снимање на седниците на Судот
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија не смета дека е изненадувачка одлуката на претседателката на Уставниот суд да ја прекине праксата на аудио и визуелно снимање од страна на медиумските работници на седниците на Уставниот суд, поради тоа што ваквото ограничување следи по донесувањето на одлуката на Уставниот суд да го одбие барањето за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на јавното изразување и информирање за настаните од 24 декември 2014. Во оваа одлука, меѓудругото, беше наведено дека „ само присуството на новинарите во салата и директното пренесување не ја прави една седница јавна, бидејќи постојат повеќе начини на кои Собранието овозможува јавност во неговото работење и кои што биле применети во конкретниот случај.” Оваа одлука беше донесена без јавна расправа и без да бидат повикани засегнатите страни и народниот правобранител, иако, по правило, за барања за заштита на слободите и правата, Уставниот суд треба да закаже јавна расправа (член 55 од Деловникот на Уставниот суд).
По бурните реакции од страна на новинарите и медиумските работници за спорната одлука, очекувавме претседателката на Уставниот суд да даде образложение на кој начин е донесена одлуката за ограничување на јавноста на седниците на Уставниот суд, односно дали е донесена единствено од страна на претседателката или пак со мнозинство гласови на судиите на Уставниот суд, прецизно да ги образложи причините за нејзиното донесување, во кои случаи ќе се применува (дали и во оние случаи на јавни расправи). Согласно Деловникот, претседателот раководи со конкретна седница, но во ниту еден член не е наведено дека единствено претседателот носи одлуки со кои може да се утврди понатамошната работа и одржување на седниците на судот.
Сметаме дека Уставниот суд не смее ја поддржи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на она што претставува вистинско јавно информирање (кое секако го вклучува и аудио и визуелното снимање). Ваквата одлука со која беше променета долгогодишната пракса новинарите да ги следат и аудио и визуелно да ги снимаат седниците на Уставниот суд, претставува негативен пример за останатите институции, особено за правосудните органи. Впрочем, во период на отсуство на дебата и ограничена слобода на изразување и информирање, Уставниот суд треба да биде чувар на и така кревките демократски принципи на општеството, а не да носи одлуки со кои делумно се ограничува правото на информирање и не се штити јавниот интерес.
Оттука, бараме Уставниот суд да им одговори на граѓаните, новинарите и медиумските работници како е донесена спорната одлука, дали постапката која претходела на нејзиното донесување е согласно Деловникот и кои се причините за нејзиното донесување. Доколку претседателката по своја проценка одлучила да ја прекине праксата на аудио визуелно снимање без запазување на соодветна постапка и без цврсто оправдани причини, сметаме дека треба да поднесе отставка од функцијата претседателка на Уставниот суд, поради очигледната неуспешност целосно да го заштити правото на јавно информирање и интегритетот на институцијата Уставен суд.