Усогласување на Кривичниот законик со Истанбулската конвенција: Секој сексуален однос без согласност претставува силување

јули 15, 2021

Додека ЏЏ се враќала дома една вечер пешки од диско, бидејќи не можела да најде такси, била пресретната од машко лице, кое се појавило од градежен објект. Лицето ја повлекло за раката и почнало да ѝ упатува сексуално вознемирувачки зборови и да ја допира по задникот. ЏЏ го замолила да престане и да ја пушти, на што лицето ѝ се обратило со зборовите „ајде, ајде не се прави дека не ти е убаво, знаем дека и ти сакаш“, по што ја повлекол кон оградата на објектот и почнал да ѝ ја соблекува облеката и да пенетрира во нејзиниот полов орган. Девојката се „смрзнала од страв“ и поради тоа не дала никаков отпор кон насилникот, плашејќи се за својот живот. Полицијата не ја процесуирала пријавата на жртвата до обвинителството, поради непостоење траги на насилство. [*]

Тоа што жртвата не дала отпор и изречно не кажала „НЕ‘‘ не значи дека се согласила односно дека доброволно имала сексуален однос.

Постоечкиот Кривичен законик го дефинира силувањето како акт од две дејствија „обљуба“ и „присилба“, односно за да постои силување потребно е да има применета сила од една страна и активен отпор од друга.

СОГЛАСНО ИСТАНБУЛСКАТА КОНВЕНЦИЈА СЕКОЈ СЕКСУАЛЕН ОДНОС БЕЗ СОГЛАСНОСТ ПРЕТСТАВУВА СИЛУВАЊЕ.

Ниту во законодавството, ниту пак во пракса, не треба да се смета дека жртвата дава согласност со тоа што физички не дава отпор на несаканиот сексуален однос, без оглед на тоа дали сторителот употребува сила или се заканува дека ќе употреби. Согласноста треба да биде изречно дадена.

Новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство не предвидува дека жртвата на сексуално насилство и силување треба да дава активен отпор.

УСОГЛАСУВАЊЕТО НА КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК СО ИСТАНБУЛСКАТА КОНВЕНЦИЈА И ЗАКОНОТ Е ОБВРСКА НА НАШАТА ДРЖАВА.

 

 

 

[*] Ликовите и настаните во случаите се фиктивни. Сите сличности со постоечки лица и настани е случајна.