Што се случи со независноста и ефикасноста во правосудството?

јуни 26, 2024

Завршната конференција на проектот „За правда – Граѓанските организации за независно и ефикасно правосудство“, насловена „Реформите во правосудството – што се случи со независноста и ефикасноста во правосудството?“ во организација на Блупринт групата за реформи во правосудството, поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија, собра правни експерти од различни области на правосудството.

Клучните резултати од работењето на Блупринт групата на граѓански организации за реформи во правосудтвото ги презентираше Александра Цветкова, претседателка на Македонско здружение на млади правници. Се одржаа три панел дискусии на темите: Реформите во правосудството – што се случи со независноста и ефикасноста во правосудството?, втората, што предвидува и какви импликации има новата Развојна секторска стратегија за правосудтвото 2024 – 2028 и Правосудството во патоказот за владеење на правото за пристапување на ЕУ – дали и во колкава мерка Развојната секторска стратегија заправосудството 2024-2028 е усогласена со патоказот?

Во дискусијата како понатаму да се зајакне соработката помеѓу институциите за унапредување на независноста на судството, Александра Трајановска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права која истакна дека политичката волја е од клучно значење за подобрување на односите меѓу граѓанското општество и институциите, особено во промовирањето на независноста на правосудството. Политичките лидери мора да бидат посветени на спроведувањето  на реформите кои ја зајакнуваат независноста на правосудството и воедно да промовираат суштинско учество на граѓанското општество во процесите на донесување на одлуки.

„Од друга страна, правосудството треба да работи на начин на кој суштински, навремено, правично и транспарентно ќе се обезбеди правдата за граѓаните. Ова може да се постигне со целосно почитување на правните процедури, зголемување на правосудниот капацитет, подобрување на услугите за правна помош меѓутоа и обезбедување на одговорност и транспарентност притоа штитејќи ја независноста на правосудството од надворешни влијанија. За да може да зборуваме за владеење на правото во државата потребно е правосудството како една од трите фундаментални гранки на власта да се почитува. За тоа потребно е судиите и јавните обвинители да се препознаат како трета власт во државата која што е независна и како таква да се постават“.

Подобрувањето на соработката помеѓу граѓанските организации, институциите и судството е од суштинско значење за зајакнување на независноста и ефикасноста на правосудството. Неопходна е вклученост на граѓанското општество а, особено на членовите на Блупринт групата која е препознаена со својата експертиза во унапредување на правосудството.

Експертите оценија дека предлогот за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители преку закон, значи мешање на извршната во судската власт. Според професорот Владо Камбовски, ваквиот предлог не е во согласност со препораките на т.н. Оценска мисија на европски експерти кои даваа предлози како да се подобри работата на Судскиот совет.

 

фото: Ванчо Џамбаски