Резултати од изборот за наградата КВИР МАКЕДОНИУМ 2024
декември 31, 2024
Комисијата составена од:
- Биљана Тануровска-Ќулавковски (културна работничка и кураторка),
- Ѓорѓе Јовановиќ (визуелен уметник), и
- Дарко Алексовски (визуелен уметник)
на 26.12.2024 година одржа средба на која ги разгледа, дискутираше и направи селекција од вкупно 6 добиени апликации и одлучи главната награда за квир творештвото - „КВИР МАКЕДОНИУМ 2024“ – да ја додели на Крсто Глигоријадис, за концептот на делото „Здолништето на мојот татко“.
Комисијата исто така како исклучителен го забележа и уметничкиот концепт на Ивана Секулоска, и им порачува на организаторите на фестивалот Скопје Прајд Викенд да го имаат предвид овој проект за реализација во текот на следното издание.
Наградата предвидува:
- 1.000 американски долари во бруто износ,
- Презентација на делото на фестивалот Скопје Прајд Викенд 2025 – Фестивалот за квир култура, уметност и теорија, и
- менторска поддршка од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров во процесот на доработка и финализација на поднесениот концепт.
Во објаснувањето за изборот на наградата, Комисијата изјавува:
„Комисијата на наградата Квир Македониум, одлучи наградата да ја додели на Крсто Глигорјадис за уметничко перформативниот концепт во кој го воочува континуитетот на работа и развојот на неговата досегашна практика, која во голем дел е посветена на преиспитување на личните и колективните истории поврзани со разложување на родот и машкоста, и ја демистифицира моралноста како условена општествено историска конструкција. Деконструкцијата на родот и машкоста и нејзината поврзаност со насилството тој ги истражува преку перформативно ритуализирање на телесноста испитувајќи ги интерсекциите на идентитетот и родот, прикажувајќи ја трансформацијата која е условена од општествената контрола и традиционалните културни норми.
Во предложениот концепт како особено важен го гледаме и фокусот на перформативните практики и изведбата на „нови телесни“ изразности како поле за истражување, кои Глигорјадис веќе ги користи во неговите претходни дела, но и ги предложува како метод за понатамошно развивање на дела од неговите тековни интереси. Со овој метод, како квир пристап, преку кој го адресира антагонизмот помеѓу индивидуалната изразност и изведбата на субјектот во неа, од една страна, и колективните општествени регулации, од друга страна, тој ги проширува границите на квир уметничката пракса во полето на визуелната уметност, и внесува постапки кои овозможуваат појавности во имагинативното, непознатото, возбудливото, и изненадувачкото кое се појавува во хоризонтот, вон воспоставеното во полето.
Покрај овој уметнички концепт, како исклучителен, во смисла на понудена уметничка квир методологија која ги реартикулира традиционално конструираните архетипови и бајки на/за женственоста и женскоста како фрагилност и нежност, во симбол на бунтовност и отпор, е уметничкиот концепт на Ивана Секулоска. Овој концепт исто така нуди еден нов визуелен вокабулар кој наговестува нов генерациски поглед и запис.“
Организаторите и комисијата им се заблагодаруваат на сите што аплицираа и ги охрабруваат останатите апликанти да земат учество и наредната година.
Наградата се доделува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, кој го спроведува Коалиција МАРГИНИ Скопје, а во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, ХЕРА и Еквалис, а е финансиран од страна на УСАИД.