Расизамот е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат
На Меѓународниот ден на Ромите, 8 април, ширум светот се прославува ромската култура, но општеството треба реално да се соочи со фактите и да ги преиспита практиките на социјална интеграција, кои во изминатиот период покажа скромен резултат во унапредувањето на правата на ромската заедница. Сè уште постојат многу структурни недостатоци кои влијаат на секојдневниот културен и општествен живот на ромската заедница. Расизамот е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и тоа најмногу се гледа во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина. Ромите остануваат најзагрозена и економски најранлива заедница во земјата. И годинава, како и претходните години, на тоа потсетуваат меѓународните организации меѓу кои и Европската комисија.
Токму расната дискриминација е клучниот проблем поради кој, децении наназад, сите политики и стратегии што се наменети за овие граѓани остануваат недоволни и неефикасни во секојдневниот живот.
Ова се согледува и од минатогодишните примери кога неколку ромски семејства сместени во прифатниот центар во Визбегово добија решенија да се иселат. Хелсиншкиот комитет за човекови права се обрати до МТСП, со барање за изнаоѓање алтернативно решение за овие семејства. Со тоа што нивните деца конечно се вклучиле во образованието, а мал дел од родителите започнале самостојно да заработуваат, се смета дека овие семејства излегле од состојба на социјален ризик, иако нерешеното домување и нивното евентуално враќање на улица значи поништување дури и на овие мали чекори напред.
Втор пример за кој извести Европскиот центар за правата на Ромите (ЕРРЦ) е дека локалните власти во Општина Прилеп добиле наредба за овозможување пристап до чиста вода во ромските населби „Дебарца“ и „Три багреми“ во Прилеп, по поднесена петиција од страна на Центарот, како и одлука од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за направена директна дискриминација.
Понатаму, и покрај тоа што образованието е еден од главните предуслови за излез од трансгенерациска сиромаштија, факт е дека голем број ромски деца се исклучени од образовниот процес, а тие кои посетуваат настава честопати се соочени со сегрегација во образовните установи. Хелсиншкиот комитет реагираше на овој проблем со поднесување тужба од јавен интерес за заштита од дискриминација (actio popularis) поради сегрегирање на ромските деца во две основни училишта во Битола и Штип.
На крајот на изминатата година, родителите Роми чиишто деца биле сегрегирани во две основни училишта во Северна Македонија добија важна пресуда пред Европскиот суд за човекови права против Северна Македонија. Судот утврди дека две основни училишта, „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип, го повредиле правото на децата на недискриминација (член 14) во врска со нивното право на образование (член 2 од Протоколот бр. 1).
Здравствената заштита е исто така право од кое Ромите често се лишени. Иако Комитетот за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените при ООН утврди дискриминација при пристапот на сексуални и репродуктивни права на Ромките и препорача соодветно буџетирање и пристап за здравствени услуги за овие жени, се соочуваат со намалување на финансиите, што дополнително ќе ја влоши неповолната состојба.
Во 2022 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврди 9 случаи на дискриминација врз граѓаните кои се припадници на ромската етничка заедница. Дискриминација е утврдена врз основа на етничка припадност, боја на кожа, раса, јазик, припадност на маргинализирана група, социјално потекло и имотен статус.
Утврдени се и 3 случаи на директна дискриминација од градските власти (општините и јавните комунални претпријатија) поради непристапност до вода во населбите каде живее претежно ромско население. Тука се и двата случаи на сегрегација врз учениците Роми во училишта за основно образование преку политиката на упис на ученици што ја спроведуваат, а која произлегува од одредби во Законот за основното образование. Утврдени се и по еден случај на дискриминација во пристап до услуги на угостителско-рекреативен објект, потоа нееднаков третман на ученик во училиште за средно образование, како и случај на вознемирувачки говор на социјалните мрежи.
Расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги, предизвикува случаи на полициска бруталност и уште повеќе го засилува нивниот маргинализиран статус во општеството. Токму поради сето ова, Хелсиншкиот комитет за човекови права смета дека реални подобрувања се можни само преку значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница. Само со системски промени се гради целосна инклузија и подобро општество.
Во препораките на Советот на Европа се сугерира да се зголемат напорите за спречување на кршењето на човековите права врз Ромите од страна на полицијата. Властите треба да се погрижат механизмите за надзор во Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и во Канцеларијата на Народниот правобранител да бидат ефективни и дека наводните случаи на полициско недолично однесување се истражени и соодветно санкционирани.
Да се подобри пристапот на децата Роми до квалитетно образование преку зајакнување на добрите практики како што се образовните медијатори, стипендиите и образовните додатоци. Властите, исто така, треба да го зголемат уписот во предучилишните установи и решително да се осврнат на сегрегираното образование. Понатаму, властите треба да обезбедат Ромите во пракса да имаат пристап до законски гарантираните бесплатни здравствени услуги. Посебно внимание треба да се посвети на пристапот до услуги за репродуктивното здравје за жените Ромки.