Промоција на нов тригодишен проект „Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица“
Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското пенолошко друштво и здружението Избор, во наредните 36 месеци ќе го спроведуваат проектот „Градење услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица”, кој е финансиран од Делегацијата на Европската унија во Скопје.
На промотивниот настан што се одржа на 21 декември, 2022 година, Карл Џијацинти, програмски менаџер во Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем е добар документ, но најважна е имплементацијата. „За жал и покрај напредокот, затворските услови и натаму се исклучително тешки“, рече Џијанцити. Според него потребна е итна акција, реновирање на просториите во затвореното одделение во Идризово, потоа соодветна здравствена заштита, мерки за третирање на зависниците од дроги, а посебно внимание потребно е да се обрне на ресоцијализацијата и рехабилитацијата, како и на образованието со помош и невладиниот сектор. „Ова е навремена и многу важна иницијатива на граѓанското општество. Земјата веќе ги започна преговорите и овој месец се одржаа и билатерални средби за Поглавјето 23. „Ги охрабрувам сите да го искористат овој процес и да придонесат за реформи во овој дел кои едноставно не смеат дополнително да се одложат. Претходно и воспоставувањето на пробациската служба беше предизвик, но денес е реалност. Проектот што го презентираме денес ќе даде некои долгорочни решенија за овие проблеми. Неговите амбициозни цели бараат силна меѓуинституционална координација помеѓу судовите, казнено-поправните установи, службениците за пробација, центрите за социјална работа и другите даватели на услуги. Ги повикуваме сите релевантни актери да ја поддржат оваа иницијатива која, доколку биде успешна, дополнително ќе ги подобри условите за ресоцијализација, реинтеграција и постпенална нега“.
Поддршка за овој проект изразија и претставниците на Министерството за труд и социјална политика, на Управата за извршување на санкции при Министерството за правда и на Заводот за социјални дејности.
Наташа Станојевиќ, советничка во кабинетот на министерката за труд и социјална политика, рече дека е жално што поддршката на социјалните центри се сведува на еднократна парична помош и ја истакна важноста на меѓусебната соработка на институциите. Побара сите институции од оваа сфера да назначат одговорни лица кои треба да формираат вмрежен тим што заеднички ќе работи на интеграцијата и рехабилитацијата на осудуваните лица. „Рецидивизмот и ранливоста на осудените лица по нивно излегување на слобода треба да биде дел од стручната работа на мултидисциплинарни тимови кои ќе понудат сервиси за нивна ресоцијализација, реинтеграција и пост – пенална грижа во согласност со законските регулативи, но и во согласност со најдобрите меѓународни и европски стандарди“.
Директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски истакна дека затворскиот систем е една сложена и комплексна област и постои континуирана потреба од негово натамошно подобрување и усовршување согласно современите текови и трендови од областа на извршувањето на санкциите. Во таа насока, зајакнувањето на процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, вклучително и пост-пенелната грижа е поставена како стратешка цел во рамките на Националната стратегија за развој на пенетенцијатниот систем во РСМ (2021-2025), на кој се посветува сè поголемо внимание. „Поддршката која ја добиваме од нашите партнери е голема и секогаш добредојдена. Управата за извршување на санкциите дава целосна подршка на проектот и во иднина ќе земе активно учество при реализацијата на проектните активности“.
Директорот на Заводот за социјални дејности, Стојан Станиславски рече дека Заводот ќе даде придонес во изработка на специјална тренинг програма за зајакнување на капацитетите на стручните работници во центрите за социјална работа и останатите даватели на социјални услуги за нивно ефикасно постапување со поранешно осудени лица пред и по издржување на казната затвор со цел нивна реинтеграција и ресоцијализација во заедницата.
Проектниот тим составен од претставници на Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво, Хелсиншкиот комитет за човекови права и здружението ИЗБОР ги презентираше очекуваните резултати од проектот, активностите преку кои ќе се следи стратегијата за пробација, а беше презентирана и основната студија која содржеше анализа на податоци и препораки во врска со ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените, поранешно осудените лица и лицата под пробација.
Ирена Здравкова од Македонското здружение на млади правници потенцираше дека главна цел е намалувањето на стапката на рецидивизам, а резултатите кои се очекуваат се подобрување на квалитетот на услугите за осудуваните лица, зајакнување на капацитетите и меѓуинституционалната соработка, како и подобрување на правната рамка.
Елена Мујоска Трпевска од Македонското пенолошко друштво ја презентираше основната студија која содржеше анализа на податоци и препораки во врска со ресоцијализацијата и реинтеграцијата на осудените, поранешно осудените лица и лицата под пробација.
Според податоците од анализата на Македонското пенолошко друштво, во периодот 2017-2021 година, рецидивизмот сфатен во казнено-правна смисла на зборот во просек изнесува 18%. Односно, од вкупниот број осудени лица (во просек 6.165), во просек 1.112 се рецидивисти. „Она што може да забележиме е дека во услови кога бројот на вкупно осудени лице опаѓа во 2018 година, стапката на рецидивизам бележи пораст од 32 единици, или за 6%. Сличен тренд се забележува и во 2021 година во однос на претходната година“.
Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека ќе бидат вклучени во обезбедувањето на правна поддршка на осудените лица по нивното напуштање на казнената установа и тоа во поглед на вадење лични документи, имотно правните, семејните прашања итн. „Понатаму ќе бидеме вклучени во регионалните работилници за зајакнување на меѓуинституционалната соработка во областа на пробацијата и постпеналната помош. Овие работилници ќе претставуваат јавни дебати на кои ќе се дискутира кои се најголемите предизвици на локално ниво во поглед на пробација и постпенална помош со цел да се изнајдат конкретни решенија, мерки и предлози за надминување на овие недостатоци. Во соработка со Македонското здружение на млади правници ќе поддржуваме и три локални меѓуинституционални тимови што ќе треба да ја координираат постпеналната помош. Но, нашата најголема задача ќе биде да ја мониторираме Стратегијата за развој на пробациска служба, која е донесена во јуни, 2021 година. Овој мониторинг ќе се заснова на претходно подготвена методологија за која веќе сме во фаза на нејзино изготвување. Оваа стратегија предвидува законски измени и донесување на подзаконски акти, како и зајакнување на институционалните капацитети и подобрување на меѓусекторската соработка. Сметаме дека треба да постои независен мониторинг врз спроведувањето на оваа Стратегија, истовремено со надзорот кој ќе биде спроведуван од страна на владините институции, кој ќе може да покаже кои се најголемите предизвици, односно на каков начин се имплементираат активностите. Особен фокус ќе биде примената на алтернативните мерки, особено на електронските алатки за надзор“.