Произволно и неуедначено толкување на одредбите за регрес за годишен одмор за оние кои користеле породилно отсуство
Хелсиншкиот комитет за човекови права остро реагира на погрешнa примена на одредбите кои се однесуваат на регрес на годишен одмор за работниците кои користеле породилно отсуство, кои во Република Македонија се најчесто жените.
Во изминатиот период Хелсиншкиот комитет регистрираше случаи на различна примена на одредбите од колективниот договор за стопанството кои се однесуваат на регресот на годишен одмор. Имено, се појавија случаи каде по пријави до трудовиот инспекторат испратени од Хелсиншкиот комитет по однос на неисплата на регрес за годишен одмор, наречен к-15, инспекторатот утврдил дека на работничките кои во текот на календарската година користеле породилно отсуство не им следува регрес за годишен одмор. Ваквиот став се „оправдува” со толкување на одредбата од член 35 од Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството (Службен весник на РМ број 115/2014 од 01.08.2014 година) согласно која „работникот има право на надомест на трошоци поврзани со работа меѓу кои е и правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач”. Користењето на породилно отсуство во текот на календарската година, дел од инспекторите го сметаат за неисполнување на условот работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Од друга страна дел од инспекторите сметаат дека правото на регрес на годишен одмор им следува на работничките кои користеле породилно отсуство.
Ова е апсолутно погрешна и неуедначена примена на оваа одредба од колективниот договор за приватниот сектор, со кое толкување се предизвикува правна несигурност. Потенцираме дека породилното отсуство во никој случај не може да се смета за прекин на работниот однос кај работодавачот или одново започнување на работен однос и да биде причина за неисплата на регрес на годишен одмор за работниците/чките кои го искористиле правото на породилно отсуство. И самиот термин породилното отсуство или како што е уредено во законот „Отсуство од работа поради бременост, раѓање и родителство” укажува дека се работи за отсуство, а не прекин на работниот однос и никако не смее произволно да се толкува. Впрочем, работниците кои користат породилно отсуство не го губат правото на годишен одмор, кое пак е тесно поврзано со исплатата на регресот. Оттука е нејасно врз основа на која одредба трудовите инспектори одлучуваат дека се губи правото на регрес за годишен одмор, кога не се губи правото на годишен одмор. Ваквото толкување и различна примена на одредбите за регрес на годишен одмор се спротивни на начелата за недискриминација и еднакви можности и третман на мажите и жените гарантирани со Уставот и законите, земајќи предвид дека најголем дел од работниците кои користат породилно отсуство се жени.
Овој проблем се надоврзува на досега идентификуваните проблеми поврзани со третирањето и засметувањето на породилното отсуство, а тоа е незасметувањето на породилното отсуство како дел од бенифициран стаж. Регистрирани се случаи во Министерството за внатреши работи дека месеците во кои се користи отсутво поради бременост, раѓање и родителство, не се засметуваат во бенифицираниот стаж на вработените кои го користат овој тип на отсуство. Со оваа пракса вработените во Министерството за внатрешни работи кои користеле породилно отсуство, најмногу жени, остваруваат право на пензија 3 месеци подоцна од вработените кои не користеле породилно отсуство, најчесто мажи, а кои работеле подеднакво долго во министерството.
Од овие причини Хелсиншкиот комитет го повикува Министерството за труд и социјална политика да испрати насоки до Државниот трудов инспекторат со цел уедначена пракса при примена на законските одредби кои се однесуваат на регрес на годишен одмор, бидејќи очигледно е дека имаме различна примена на колективниот договор на штета на работничките. Доколку Државниот трудов инспекторат не ја промени ваквата пракса, работничките можат да иницираат соодветни постапки за заштита на нивните права.