Приказната на Ацо – лице со физичка попреченост
март 3, 2017
Пишува: Елизабета Јадровска – сопруга на Ацо
До неодамна воопшто не ни размислував, ниту претпоставував со какви потешкотии се соочуваат лицата во количка во Република Македонија во нивното живеење. Веројатно свеста за овие прашања и чувствувањето на секојдневната борба во совладувањето на пречките и проблемите со кои се соочуваат овие лица, доаѓаат кога лично ќе се соочиме со нив или преку пример на некој од најблиските. Дел од проблемите се поврзани со инвалидноста (физичката попреченост) на овие лица, а дел со нефункционирањето на системот и на државните органи. Моето име е Елизабета Јадровска. Веќе 33 години сум во брак со мојот сопруг Ацо. Тој пред 5 години доживеа силен мозочен удар како резултат на кој има траен инвалидитет, односно има целосно блокирани десни екстремитети и отежнат говор. Во оваа приказна ке пробам да ви ги пренесам системските проблеми со кои се соочуваме со мојот сопруг во секојдневното живеење.
Првиот проблем е поврзан со добивањето на инвалидската количка, како основно помагало за неподвижните лица. Луѓето кои имаат потреба од инвалидски колички можат да добијат инвалидска количка на сметка на Фондот за здравствено осигурување еднаш на 5 години. Сите поправки и сервисирања на количката во овие 5 години, без разлика дали се заради неправилна употреба на количката или заради трошење и амортизација на количката паѓаат на сметка на корисникот. Бидејќи живееме во Ѓорче Петров, населба која има доста неасфалтирани улици и улици кои не се погодни за движење со инвалидска количка, имаме потреба од чести сериси на количката, кои исклучиво паѓаат на наш трошок. Исто така проблем се јавува и со т.н. тоалетна инвалидска количка, која на сметка на фондот можат да ја добијат само мал дел од лицата во количка, а реална потреба за ваква количка имаат сите лице кои се целосно неподвижни и не можат да вршат нужда во wc школка. Купувањето на ваква количка на приватно чини 5000-6000 денари.
Вториот голем проблем со кои се соочуваме е поврзан со бесплатниот превоз кој ЈСП преку своите специјално прилагодени комбиња го нуди за луѓето во количка. Бидејќи има мал број на вакви комбиња, а многу луѓе имаат потреба да ги користат, многу често се случува комбето да не можеме да го закажеме во посакуваниот термин, најчесто кога одиме на лекарски контроли, а уште потешко се закажува термин кога треба да се вратиме од лекарските контроли. Возачите на комбињата велат дека не можат да бидат флексибилни заради големиот обем на работа и најчесто ни даваат термини кои не ни одговараат согласно закажаната контрола, па се случуваше неколку часа порано да отидеме на контрола бидејќи комбето само тогаш е слободно, а многу често се случуваше комбето да го чекаме и неколку часа после контролата за враќање. Во последно време на лекарски контроли одиме со такси превоз, кој секако паѓа на наш трошок, а бесплатниот превоз на ЈСП останува убава мерка на хартија, која ние (а верувам и многу други луѓе кои имаат потреба од него) не ја користиме затоа што е неефикасна.
Се јавува проблем и со неефикасното функционирање на Мој Термин. Мојот сопруг има отежнат говор, па при секоја лекарска контрола му се потребни повеќе од 15 минути за да поразговара со докторот и да му каже како се чувствува. И закажувањето на термини преку Мој Термин не е лесно. Дел од лекарските контроли кои мојот сопруг треба да ги направи два пати годишно, успеваме да ги направиме само еднаш годишно, бидејќи дел од докторите преку Мој Термин ни даваат само еден слободен термин годишно. Останатите неопходни лекарски контроли кои заради нефункционирањето на Мој Термин не можеме да ги направиме како здравствени осигуреници, можеме единствено да ги направиме приватно, но бидејќи истите се премногу скапи и не можеме да си ги дозволиме, најчесто остануваме само на контролите од Мој Термин.
Мојот сопруг користи помош и нега од друго лице. Со специјалистички наод и мислење кај него е констатиран траен целосен инвалидитет – неподвижност на десните екстремитети, па сосема ми е нејасно зошто секоја година морам да го носам мојот сопруг на лекарска комисија која треба уште еднаш да констатира нешто што е веќе констатирано? Се добива чувство дека докторите од комисијата при Министерството за труд и социјална политика не им веруваат на докторите специјалисти кои го имаат констатирано трајниот инвалидитет кај мојот споруг. И при исплаќањето на самиот додаток се чека пет до шест месеци од моментот на добивањето на решението за одобрување на додатокот. Недостасува и поголема информираност од страна на институциите за правата кои ги имаат лицата во количка. Иако мојот сопруг 5 години е неподвижен и во количка, јас пред само неколку месеци дознав дека тој може да користи додаток за мобилност, како и дека има олеснувања и намалувања на сметките за користење на одредени услуги како на пример за користење на телефон, телевизија и интернет.
И поркај сите овие пречки, проблеми и потешкотии ние остануваме со ведар дух, упорни во нашата борба, со надеж дека државните институции ќе почнат ефикасно да функционираат, ќе носат мерки кои ќе бидат во корист на лицата во количка, а не само добри мерки на хартија и ќе имаат слух за потребите на овие лица.
____________________________________________________________________________________________________________________
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Поддршка на граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада во Скопје.