Повик за ангажирање набљудувачи на судски постапки во Скопје, Куманово, Штип, Гостивар, Тетово и Битола
мај 27, 2020
Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот IPA/2019/413-342 ,,Основите прво – Активен придонес во владеење на правото” поддржан од Европската унија, објавува оглас за ангажирање на набљудувачи на судски постапки во шест градови: Куманово, Скопје, Штип, Гостивар, Тетово и Битола.
Кандидат(к)ите за оваа позиција треба да ги исполнуваат следните услови:
- Завршено високо образование – Дипломиран/а правник/чка со завршено четиригодишно високо образование на правни студии (т.н „стара програма”) или дипломиран правник со стекнати 180 кредити согласно ЕКТС
- Познавање и работење во Microsoft Word и Microsoft Excel;
- Солидни познавања на следните закони и конвенции:
- Законот за кривичната постапка;
- Законот за парнична постапка;
- Кривичниот законик;
- Законот за спречување и заштита од дискриминација;
- Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство;
- Законот за работните односи и
- Европската конвенција за човекови права;
За предност (но не и услов) ќе се смета поседување на магистратура по кривично право, положен правосуден испит и/или претходни работни ангажмани како набљудувач/ка на судски постапки.
Од избраните кандидати/ки се очекува:
- Да се придржуваат до принципите на објективност, непристрасност и доверливост;
- Да присуствуваат на предвидените обуки за набљудувачи за мониторинг на судски постапки и
- По секое судење да пополнат извештај за наодите од следење на постапката.
Динамиката на следење на судењата ќе се утврди со секој/а кандидат/ка поединечно, во зависност од потребите на Хелсиншкиот комитет за човекови права и можностите на кандидатот/ката.
Времетраење на ангажманот e 6 месеци. Постои можност за продолжување на ангажманот по првичното времетраење.
Рок и потребни документи за аплицирање: Заинтересираните кандидати можат да аплицираат преку испраќање на CV во word или pdf формат на македонски јазик.
Рокот за пријавување е до 03.06.2020 година на следната е-маил адреса: helkom@mhc.org.mk со назнака „Апликација за набљудувач на судски постапки“
Постапка за избор на кандидат/ка:
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе формира комисијата и ќе ги разгледа примените апликации. Ненавремената и нецелосна пријава од кандидатите, нема да бидe земени во предвид. Комисијата ќе изработи ранг листа од примените апликации во зависност од степенот на исполнување на квалификациите опишани во овој оглас.
*За привремениот ангажман е предвиден паричен надоместок за секое судење во зависност од динамиката на ангажманот. Сумата за ангажманот ќе биде договорена пред потпишување на договорот.