Потребни се реформи за справување со говорот на омраза – „Општество без омраза – заеднички напор и заедничка цел“
јуни 1, 2023
Препораката на Комитетот на министри до земјите-членки за борба против говор на омраза беше усвоена во мај, 2022 година, во рамки на проектот „Борба против омразата и нетолеранцијата“ и е дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“. Овој документ беше преведен и на македонски јазик.
Со цел да се промовира Препораката, но и на едно место да се соберат релевантни чинители и институции кои би дискутирале за наодите од препораката, како и за реформите за справувањето со говорот на омраза, на 31 мај, 2023 година, канцеларијата на Советот на Европа во Скопје организираше конференција на тема: „Општество без омраза – заеднички напор и заедничка цел“.
На промоцијата обраќања имаа Славица Грковска, заменик на претседателот на Владата, Гордана Силјановска Давкова, пратеничка, Викторија Аврамовска Мандиќ, заменик-министер за правда и Стефано Валенти од Одделот за антидискриминација на Совет на Европа.
„Само преку заеднички заложби можеме да ја постигнеме нашата заедничка цел: општество без омраза и без говор на омраза, кој дискриминира, омаловажува и поттикнува насилство кон цели групи во општеството“, беше речено на конференцијата.
Се одржаа и три панели на кои се дискутираа неколку важни области опфатени со препораката, а кои се тесно поврзани со ЕУ интеграциите: правна рамка, медиуми и граѓанско општество (меѓусекторска соработка).
Славица Анастасовска, правна советничка од Хелсиншкиот комитет за човекови права, заедно со Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права, Бојан Кордалов, од Институтот за добро управување и евро-атлански перспективи и Кире Василев, експерт, дискутираа за подобрувањето на процесот на собирање и обработка на податоци и меѓусекторската соработка во борбата против говорот на омраза.
„Хелсиншки комитет во фокусот на своето работење го има говорот на омраза од 2015 годиина, од кога опстојува и нашата платформа za регистрирање на говор на омраза www.govornaomraza.mk. Имаме внатрешна методологија и протоколи за мапирање и регистрирање на говорот на омраза. Статистиките ги објавуваме јавно, во вид на месечни и годишни извештаи. Исто така ги анализираме овие податоци за да утврдиме трендови, на пример сега влегуваме во месецот на гордоста, јуни и во овој месец со зголемување на видливоста на ЛГБТИ заедницата ќе се зголемува и говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Така дискурсот зависи од општествено-политичките настани во државата и секоја година има свои специфики.
Во однос на водењето статистики сметаме дека клучните органи на прогонот (МВР и ЈО) како и судовите треба да водат разделена статистика и јавно да ја објавуваат. Во однос на податоците кој се прибираат добро е државата да располага со колку е можно повеќе податоци (карактеристики на жтрви, сторители, примени кривични пријави, отворени истраги, донесени пресуди, ослободителни, осудителни итн.) со цел подетална анализа на состојбите и преземање мерки за подобрување. Но не само овие органи, туку и Комисијата за заштита од дискриминација и Народниот правобранител треба да собираат податоци по однос на вознемирувањето. Исто така може да се размисли и сите овие податоци да се собираат, обработуваат и објавуваат во Државниот завод за статистика, како носител надлежен орган и координатор за државните статистики.
Но, со оглед на распространетоста и комплесноста на говорот на омраза, како и степеност на нетолеранција во нашето општество, потребно е не само овие институции туку и училиштата и образовните институции да собираат податоци за говорот на омраза и делата од омраза. Овие податоци би послужиле за градење на стратегии и конкретни активности, како на локално, така и на национално ниво, каде во фокус би биле младите кој пак најчесто се и сторители и жртви на делата од омраза. Исто така, сметаме дека институците и сите општествени чинители мора меѓусебно да соработуваат и да се координираат, рече Анастасовска.