Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите

септември 27, 2016

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска, 27.09.2016 година одржа информативна прес конференција за проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите” поддржан од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на прес конференцијата беше да ја информира јавноста за почетокот на проектот чија цел е да се поддржи развојот на политики и пракса за социјална кохезија на ранливите групи и да се подобри нивниот пристап до правда

Воведно обраќање на прес-конференцијата имаше Британскиот Амбасадор во Македонија, Чарлс Герет, кој истакна дека попреченоста, маргинализацијата, инклузивноста и различноста се сечија приказна. Општество кое сфаќа дека не се сите исти, кое создава простор за сите на кои им е потребен, кое не ги крие некои од своите членови, ќе биде општество со поголема самодоверба и посилно. Како дел од партнерството помеѓу Македонија и Велика Британија, Британската амбасада ја поддржува програмата на Хелсиншкиот Комитет која ќе им помогне на македонските институции и граѓански сектор во зголемувањето на инклузивноста во општеството.

Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, истакна дека преку овој проект сакаме да им дадеме глас на невидливите во нашето општество, маргинализираните и социјално исклучените групи и заедници. Целта е да се подобрат политиките и практиките за социјалната кохезија и да се подобри пристапот до правда за ранливите групи преку стратешко застапување во случаи на дискриминација.

Неда Чаловска, координаторка на проектот, истакна дека пристапот до правда, особено во случаи на дискримианција е скоро невозможен за ранливите групи во нашето општество кои често се наоѓаат и во социјален ризик. Поради ова, сакаме да им дадеме поддршка на граѓаните кои од различни причини се оневозможени да ги остварат или заштитат своите права. Правната поддршка особено ќе се фокусира на случаите во кои ќе се забележи дека постои системска дискриминација кон одредена ранлива група.