Пациентите плаќаат илјадници евра, а умираат поради алергија на пеницилин – лекување во Македонија

април 3, 2023

На 31 март се одржа презентацијата на „Извештајот за лекувањето на граѓаните во приватните и јавните здравствени установи по повикот за правна помош од страна на граѓанските организации“. Овој извештај беше подготвен од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), Хелсиншкиот комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Клубот на млади лекари, во рамки на проектот „Прекршување на човековите права во областа на здравствената заштита“, со финансиска поддршка од Шведската агенција за развој на меѓународна соработка- Сида овозможена преку Фондацијата Балканска мрежа за развој на граѓанското општество, Скопје.

По објавата на документарниот истражувачки филм на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) на 17 јули 2022 година и информациите за начинот на лекување со хемофилтрација кај пациенти болни од КОВИД-19, граѓани пријавија сомнежи дека третманите кои ги добивале тие или нивни блиски во јавни и приватни болници завршиле со фатален исход како смрт или траен инвалидитет.

ИРЛ заедно со Хелсиншки комитет за човекови права, Македонското здружение на млади правници и Клубот на млади лекари обезбеди правна помош за граѓаните.

Извештајот опфаќа пријави поднесени во периодот од 16 јули до 17 септември, 2022 година. Пријави сѐ уште приистигнуваат и ќе бидат дополнително анализирани.

Извештајот содржи преглед на општи и демографски податоци од истражувањето:  број на пријави по здравствена институција, обработени пријави по здравствена установа, вкупен број на пријави по возраст и пол, пријави по дијагноза, број на обработени КОВИД-19 пријави по здравствена институција. Понатаму податоци за исходот од лекувањето кај КОВИД-19 пациенти: најчести проблеми при хоспитализација кај пациенти со КОВИД-19 дијагнози, цената на целокупното лекување во приватните здравствени установи. Во делот  „Најчести проблеми при хоспитализација на лекувани од КОВИД-19 во државните јавни установи“  се обработените пријави од КОВИД-19 дијагнози за пациенти кои биле подложени на третманот на хемофилтрација. Извештајот содржи и оценки за квалитет на живот по лекувањето кај преживеаните пациенти, перцепција за сомнежи во лекарски грешки, најчести проблеми при хоспитализација на болни со други дијагнози, пристап до документација по отпуст,  веродостојност на документацијата и хуман третман на болни при лекувањето. Потоа право на одлучување на пациентите за текот лекувањето. Извештајот содржи и  информации за постапки пред надзорни институции и саморегулаторни тела поведени од пациенти.

Целта на воспоставената соработка помеѓу ИРЛ, Хелсиншкиот комитет, МЗМП и Клубот на млади лекари беше преку заеднички и систематизиран пристап, соодветно да се процесираат пријавите на граѓаните чии права биле загрозени при лекувањето од јавните и приватните здравствени установи, а човековите права биле повредени како резултат на отсуство на суштински надзор од надлежните институции над работата на тие здравствени установи.

Во продолжение се заклучоците констатирани во Извештајот по анализата на добиените пријави:

  • Во здравствениот систем не постои системска поврзаност меѓу државните и приватните здравствени установи, особено во делот на споделување на медицинската историја на пациентите и моменталното лекување.
  • Не постои унифициран здравствен систем кој ги поврзува приватните и здравствените установи за да приватните установи имаат увид каква била претходно здравствената состојба на пациентот, евентуално присуство на алергиски реакции на одредени лекови, како и хронични болести, препишана хронична терапија, но и обратно.
  • Здравствените работници недоволно ги информираат пациентите за третманите на лекување и ризиците од лекувањето, како и за нивните права и механизмите за нивна заштита.
  • Организацијата на јавниот здравствен систем во делот на матичните лекари потфрлила како прва брана во третманот на КОВИД-19 со што граѓаните добиле ненавремено и несоодветно лекување во почетна фаза на КОВИД-19
  • Лекувањето не се спроведувало според максималните можности коишто ги нуди медицината, туку според максималните парични можности на семејствата на пациентите што укажува на постоење на нееднаков третман и дискриминација.
  • Според сведоштвата на пациентите и фамилиите, пациентите се хоспитализирале и добивале третмани не секогаш по индикација дадена од лекар, често сам по желба на пациентот или фамилијата.
  • Постојат сериозни пречки во достапноста на квалитетни услуги во примарните, секундарните и терциарните здравствени установи кои го отежнуваат дијагностицирањето и навремениот третман на пациентите.
  • Спротивно на тврдењата на болницата ПЗУ Жан Митрев, третманот со хемофилтрација во лекување на КОВИД-19 бил во фаза на експериментална студија којашто ја спроведувала болницата и како таков е пријавен во „clinical trials“ каде што услов да регистрирате ваква студија е да пријавите и нулта пациент.
  • ПЗУ Жан Митрев третманот со хемофилтрација не го применувала согласно препораките на ФДА од САД како единствена држава која што го дозволила во експериментални цели и за привремена употреба.