декември 4, 2018

Отчетност и одговорност за пропустите и неажурноста на институциите кои резултираа со бегство на осудениот Никола Груевски

Најостро ја осудуваме неажурноста на институциите во спроведувањето на истрагите поврзани со утврдување на пропустите и одговорноста за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.

Бараме истрагите итно да завршат, и тоа во рок од 10 дена, и да се утврди одговорност за пропустите, евентуалното непостапување или соучество. Во спротивно ќе бараме политичка одговорност на највисоките функционери. Апелираме да не се подрива ЕУ перспективата на Македонија, која зависи од владеењето на правото. Потсетуваме дека избегнувањето на правдата ја урнисува надежта на граѓаните во демократијата, за која народот се бореше со години.

Имено, поминаа повеќе од две седмици од објавувањето на нашата прва реакција во која побаравме итно покренување истраги како и утврдување на фактичката состојба и пропустите кои доведоа до тоа Никола Груевски, најпознатиот осуденик на Балканот, да стане најпознат бегалец во регионот гладен за правда. Непреземањето на никаква одговорност и покрај индициите за сериозни пропусти и непочитување на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи, ги зголемува сомнежите дека не постои волја за утврдување на вистината. Со тоа повторно влегуваме во волшебниот круг на одржување на културата на неказнивост.

Бидејќи речиси три седмици по бегството не е утврдена одговорност, ние долупотпишаните граѓански организации бараме во наредните 10 дена, односно со истекувањето на еден месец од настанот, да бидат дадени одговори околу случувањата поврзани со бегството на осуденикот Никола Груевски. Нашите конкретни барања и апели се сумирани подолу.

1. Истрагите кои недозволиво се одолговлекуваат предизвикувајќи зголемена недоверба на граѓаните во системот е потребно итно да завршат. Натаму, мора да се поведат постапки за утврдување одговорност и санкционирање на лицата чии пропусти, евентуално непостапување или соучество го овозможиле бегството! Доколку правната одговорност изостане, тогаш дополнително би се зајакнала културата на неказнивост што во следна фаза би повлекло и наши барања за политичка одговорност на највисоките функционери кои ги предводат институциите чии пропусти го овозможиле бегството.

2. Со пропустите, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за разузнавање, Јавното обвинителство и останатите институции директно ги подриваат перспективите на Република Македонија за добивање на датум за преговори со Европската Унија во јуни 2019 година. Заклучоците од јуни годинава, недвосмислено укажуваат дека владеењето на правото и спроведувањето на правдата се услов за добивање датум за почеток на преговори. Со оваа постапка, членките на ЕУ кои се колебаат околу проширувањето добиваат нови против-аргументи за случајот на Македонија.

3. Избегнувањето на правдата од страна на криминалците ја урнисува надежта на граѓаните кои кои се гладни за правда и одговорност. Тоа го зголемува цинизмот и претставува најголем пораз за возобновениот демократски ентузијазам кој доведе до демократски промени во Македонија. Нема функционална демократија без надеж за промени. Цинизмот создава плодна почва за појава на демагогија, десничарски популизам и недоверба во демократијата. Влогот во оваа работа е затоа многу поголем од судбината на еден осуден криминалец од висок ранг.

Нашите барања, апели и заклучоци ги темелиме на следната анализа.

Покрај конкретното посочување на евидентните пропусти, резултатите од истрагата која МВР ја започна и ја водеше остануваат „тајна“ запечатена со отворањето на предистражна постапка од страна на ОЈО за организиран криминал и корупција. Меѓутоа, евентуалната кривична одговорност во никој случај не ги ослободува вмешаните во овој атак врз правната држава од нивната морална, професионална и политичка одговорност! За време на постапките против Никола Груевски, не беше определена мерка притвор, туку полесна мерка – одземање на патна исправа со обврска да се јавува во судот. Во оваа смисла, одговорноста за бегството на поранешниот премиер може да се лоцира во јавното обвинителство и судот од причина што не барале или определиле притвор (мерката се изрекува само по предлог на ЈО) и ова може да биде предмет на критика и одговорност доколку се покаже дека тие имале сериозни и поткрепени информации дека тој ќе избега. Покрај тоа што домашното и меѓународното право врз притворот гледаат само како на крајна мерка, со обврска обвинетиот да го остават на слобода согласно правното начело in dubio pro reo (in dubio pro libertate), улогата и значењето на Никола Груевски и целата правна и политичка состојба во државата, несомнено укажуваа на постоење на ризикот од евентуално бегство. Ова особено што бегството било добро подготвено и според сите информации со учество на странски тајни служби. Во оваа насока и навремените информации за кои се дозна во јавноста за подигањето во банка на поголеми износи на пари во готово и слично.

Со оглед на сето ова, Управата за безбедност и контраразузнавање, т.н. Петта управа морала да го следи и да има сознанија и информации за неговото движење, планови и контакти и согласно истите да подготви соодветни планови за проценка на безбедносните ризици и да биде во постојана комуникација со Судот и Обвинителството. Дополнително полициските службеници во вршењето на работните задачи во врска со обезбедувањето на државната граница и контролата на преминување на државната граница преземаат мерки и собираат известувања и податоци заради заштита на неповредливоста на државната граница, спречување и откривање на кривични дела и прекршоци и откривање и фаќање на нивни сторители, како и незаконско преминување на државната граница. Како што е познато, граничните премини биле благовремено информирани дека за лицето Никола Груевски се водат постапки и дека се изречени мерки на претпазливост според кои тој не може да ја напушти државата.

Со оглед на тоа дека се уште не е утврдена фактичката состојба за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски, неопходни се итни и темелни истраги во кои ќе биде утврдена одговорноста за пропустите во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје, на Министерството за внатрешни работи, како и на Агенцијата за разузнавање од аспект на тоа дали се постапувало согласно планот за обезбедување на Никола Груевски и дали се постапувало согласно тој план и согласно проценката за ризик.

Напомената од првата реакција дека ова е четврто лице осудено во високопрофилираните кривични постапки, кое поради неажурност и некоординираност на судските власти и органите на прогон, успеало да избега од државата го потврдува постоењето на сериозен системски проблем. Избегнувањето на издржувањето на казна затвор определена со правосилна и извршна пресуда од повеќе лица укажува на итната потреба од преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти. Сметаме дека само со ваков сериозен пристап за утврдување на вистината ќе може целосно и финално да се спроведе правдата која граѓаните долго ја очекуваат, а на која ние, долупотпишаните граѓански организации инсистираме.

Хелсиншки комитет за човекови права на РМ

Фондација Отворено општество- Македонија

Институт за демократија Социетас цивилис- Скопје

Евротинк

Центар за економски анализи

Mетаморфозис

Македонско здружение на млади правници

МОСТ

Коалиција сите за правично судење

Коалиција Маргини

Институт за европска политика

Институт за човекови права

НВО Инфоцентар

Младински образовен форум