октомври 20, 2022

Осврт на Хелсиншкиот комитет за човекови права за наодите на Извештајот на Европската Комисија за 2022 година во делот на темелните права

Во Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2022, прв по одржувањето на првата Меѓувладина конференција ова лето, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја препознава намерата на Европската комисија да даде позитивен осврт на изминатата година и со тоа дополнително да ги мотивира сите засегнати страни во реализација на преземените обврски во пристапувањето на државата кон Европската Унија.

Она што е видливо во извештајот за 2022 година е фактот што Европската комисија повикува на возобновување на националниот консензус за европската агенда на земјата, имајќи ја предвид активната блокада во Собранието и застојот во клучни реформи поради неможноста да се усвојат клучни законски решенија. Покрај позитивниот тон на извештајот, веќе од оваа година Европската комисија гледа на Република Северна Македонија како земја која преговара за членство и со тоа се бара посветеност и предвидливост во клучните реформски процеси – особено во првиот Кластер каде што се третираат темите поврзани со политичките и економските критериуми, функционалноста на демократските институции и реформата на јавната администрација.

Упатуваме овие пораки да бидат во целост разбрани од сите политички актери со тоа што ќе го вратат политичкиот дијалогот во демократските институции и целосно ќе се посветат на:

  • Создавање на инклузивна и позитивна одржлива реформска атмосфера, која нема да биде предмет на партиско пресметување и ќе ја врати довербата на граѓаните во демократските институции преку недовсмислна посветеност на јакнење на довербата во правосудните органи, борбата против корупцијата, борбата против говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите и градење на сеопфатна стратегија за информирање на граѓаните.
  • Консолидирање на институционалните и административни капацитети во спроведувањето на сите започнати реформски процеси и напуштање на праксата на ад-хок носење одлуки во Собранието на Република Северна Македонија, препорака која останува валидна од 2021 година. Особено истакнуваме дека е од особено значење енергијата во наредниот период да се насочи кон продлабочување на реформското досие, кое ќе ги даде очекуваните придобивки за граѓаните преку озобновување на националниот консензус,
  • Подигање на јавната свест и ангажираноста на граѓаните во сите сегменти на процесот на пристапување, што подразбира и менаџирање со очекувањата на граѓаните од пристапниот процес

 

ПРАВОСУДСТВО

Овогодинешниот извештај на Европската комисија за напредок на Северна Македонија повторно  оценува дека во областа на правосудство и фундаментални права државата е умерено подготвена да го применува законодавството на ЕУ и европските стандарди. Оваа година е наведено дека е постигнат одреден напредок во областа на правосудството, особено поради тоа што правосудството ја покажало својата посветеност да го заштити интегритетот и независноста, но сепак не ја адресира сеуште големата недоверба од страна на граѓаните како еден од клучните проблеми и предизвици.

Одредениот напредок кој го бележи Европската комисија се должи на имплементација на стратегијата за реформи во правосудството, а дополнително истакната е и инклузивната подготовката на новата стратегија за реформи во правосудството. Сепак, неопходно е да се нагласи дека претстојат уште многу чекори до исполнувањето на стратешките цели на државата, кои треба да бидат предвидени во следната стратегија за реформа на правосудниот сектор.

Се согласуваме со констатацијата во Извештајот, а дополнително и особено загрижува намалениот број на судии и јавни обвинители, поради пензионирање и ненавремен избор на нови. Исто така значајно е дека извештајот препознава дека неколку клучни закони не се донесени и подолг временски период се во Собрание, а ова има директно влијае на реформските процеси во областа на правосудство. Повторно Комисијата наведува дека Академијата за судии и јавни обвинители треба да биде единствена влезна точка во судството и обвинителството. За крај значајно е да се истакне дека државата треба на системски начин да ги адресира предизвиците кои постојат во оваа област.

 

СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА И ВРАБОТУВАЊЕ

И оваа година ЕК забележува само одреден напредок во областа на социјалната политика и вработувањето. Трудовото законодавство во 2022 година беше само делумно унапредено, на пример, со измените на Законот за работните односи и воведувањето на неделата како неработен ден. ЕК констатира дека капацитетите за имплементирање на трудовото законодавство и политиките не се доволно зајакнати, што е особено очигледно во работата на Државниот инспекторат за труд. Хелсиншкиот комитет се согласува со ова гледиште на ЕК и потенцира дека идната година треба да се предвиди поголем буџет за ДИТ, соодветно на неговите потреби за зголемување на капацитетите и ресурсите. Дополнително, Хелсиншкиот комитет уште еднаш ја потенцира неопходноста од донесување на новиот Закон за работните односи. Процесот на негова подготовка се одвива во рамки на МТСП и е нетранспарентен – во 2022 година Министерството не ја информираше ниту работната група на Законот ниту јавноста за текот на постапката.

 

НЕДИСКРИМИНАЦИЈА

Европската комисија ја препознава успешната работа на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и покрај бројните логистички и финансиски предизвици со кои таа се соочува. Оттука, Хелсиншкиот комитет се согласува дека неопходно е дејствување во насока на унапредување на принципот на еднаквост со тоа што парламентарните претставници ќе го зголемат буџетот на КСЗД преку објективни критериуми согласно надлежностите и соодветна поддршка од клучните институции. Во спротивно, нискиот буџет на КСЗД и последиците што тоа ги предизвикува најмногу ќе се одразат врз најмаргинализираните –  на овој начин ним значително им се ограничува пристапот до ефективен заштитен механизам, а воедно и се зајакнува и одржува системската дискриминација во нашето општество.

 

РОДОВА ЕДНАКВОСТ   

Во извештајот е утврден одреден напредок во областа на родовата еднаквост, пред се преку развојот на нормативната рамка за усогласување со Истанбулската конвенција, како и со усвојувањето на Стратегијата за родова еднаквост 2022-2027. Она што е значајно да се напомене е дека и покрај донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во јануари 2021 година (кој стапи во сила во мај 2021 година), измените на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција и законот се уште не се донесени, со што новите форми на насилство предвидени со новиот закон се уште не се криминализирани. Дополнително, и покрај тоа што работната група за изработка на Законот за родова еднаквост (претходно Закон за еднакви можности на жените и мажите) започна со работа во текот на 2020 година, законот се уште не е донесен. Оттука и новодонесената Стратегија за родова еднаквост 2022-2027 беше креирана врз основа на Законот за еднакви можности на жените и мажите, што укажува на тоа дека нема да биде усогласена со новиот Закон за родова еднаквост. Хелсиншкиот комитет за човекови права се согласува со констатацијата во извештајот дека се уште има потреба од дополнително усогласување на законодавството со Истанбулската конвенција, како и доуредување на политиките, преку усвојување на потребните подзаконски акти, но и воедно нагласува дека главен предизвик ќе остане соодветната имплементација на законската регулатива во оваа област.

Извештајот ја нотира состојбата со родовата еднаквост во однос на локалните избори во 2021 година односно дека само две од новоизбраните градоначалници се жени, истакнувајќи ја потребата политичките партии да преземат понатамошни чекори за охрабрување на учеството на жените во изборните процеси. Меѓутоа она што не е земено предвид е дека ситуацијата на последните локални избори претставува значаен регрес во однос на учеството на жените во политичките процеси.

Во извештајот е препознаено одржувањето на родовите стереотипи и постоењето на родов јаз во платите. Воедно, се уште не постои систем на евидентирање на случаи на сексуално вознемирување на работното место, додека новиот Законот за спречување и заштита од вознемирување на работа се уште не е донесен.

ГОВОР НА ОМРАЗА

Во делот на на темелните права Европската комисија ја споменува потребата за спроведување на легислативата за борбата против говор на омраза. Исто така, веќе трета година по ред се констатира дека говорот на омраза е забранет во јавниот простор и социјалните медиуми, но сепак се истакнува дека преовладува неговото присуство на социјалните медиуми, што Хелсиншкиот комитет го потврдува и со сопствениот мониторинг за што и редовно ја информира јавноста. Иако се согласуваме со констатацијата дека Министерството за внатрешни работи има контакт точка за пријавување на говор на омраза, сепак она што изостанува е објавување на редовна статистика од страна на надлежните органи која е од суштинско значење за поготовка на опции за јавни политики со кои ќе се работи на вградување на најдобрите европски практики во оваа област.

Во тој контекст нашата оценка е за справување со овој феномен е дека механизмите за борбата против говор на омраза не се воспоставени соодветно и во насока на заштита на достоинството за сите граѓани во оваа држава, без разлика на етничката припадност, сексуланата оринтација или родов идентите, основи кој се најзастапени кога станува збор за говорот на омраза. Единствено механизмите финкционираат кога станува збор за говорот на омраза врз основ на политичка припадност и кога заштитата е потребна за се спречи говорот на омраза насочен кон политичари, што не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права. Хелсиншкиот комитет во многу прилики предупредува дека говорот на омраза води кон дела од омраза, во кој за жал учесници се најчесто младите луѓе. Истакнуваме дека особено е важно, во времиња кога говорот на омраза има експанзија, јавните личности, особено политичарите јасно и недвосмилено да го осудат говорот на омраза и да не користат говор кој понатаму ќе предизвикува раздор и нетрпеливост помеѓу различните групи.

Поради комплексноста и интензитетот на овој феномен, Хелсиншкиот комитет цени дека има потреба од формирање на меѓуресорка рабпотна група со вклучување на претставници на правосудството и граѓанскиот сектор за градење сеопфатна стратегија за спречување на ризикот од понатамошно продлабочување и ширење на говорот на омраза со цел да се надминат препораките на Европската комисија која во речиси ист формат ги повторува од 2022 година. За крај, цениме дека постои потреба од проактивно вклучување на образовниот сектор во превенција и едукација против говорот на ормаза и негативните ефекти од овој феномент.

УНАПРЕДУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЛГБТИ ЗАЕДНИЦАТА

Извештајот на Европската комисија за Репблика Северна Македонија нотира одреден напредок по однос на вниманието кое се дава на ЛГБТИ правата во земјата. Сепак, деловите кои се однесуваат на ЛГБТИ правата се прилично фактографски и не даваат суштинска анализа на општествениот и политички контекст, како и обврските кои државата ги презела во делот на унапредување на човековите права на ЛГБТИ луѓето, а не ги исполнила. Освен донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација со вклучени сексуална ориентација и родов идентитет како заштитни карактеристики во 2020 година, не е донесено ниту едно ново законско решение, подзаконски акт, политика, кои ги адресираат проблемите и предизвиците со кои се соочува ЛГБТИ заедницата во земјата.

Европската комисија нотира дека следствено на одлуката на Европскиот суд за човекови права (јануари 2019) властите подготвиле амандмани на на Законот за матична евиденција внесувајќи дел за правно признавање на родот, кој подоцна (во март 2022) бил повлечен од собраниска процедура заради негова доработка. Во овој дел Комисијата не дава приказ на целосната состојба и не го гледа ваквото постапување на власта критички. Законот за матична евиденција се работеше во работна група две и пол години со експертска поддршка со цел креирање на соодветни измени во делот на правно признавање на родот. Предлог измените беа поднесени до Собранието во мај 2021 година и цела година чекаа да дојдат на ред за рагледување и гласање. Кога конечно надлежната комисија при Собранието закажа седница за разгледување на законот, еден ден пред одржувањето на седницата Владата без никакво дополнително објаснување го повлече предлог-законот. Ваквото постапување на Владата беше силно критикувано од граѓанските и меѓународните организации, но најмногу од целата заедница која остана без правен основ за промена на своите лични податоци, иако за тоа постои пресуда од Европскиот суд за човекови права.

Дополнително, Европската Комисија констатира дека нема напредок во отстранувањето на негативните стереотипи и говорот на омраза кон ЛГБТИ во учебниците или во усвојувањето на националниот акционен план за ЛГБТИ за 2021-2025 година. Комисијата не се осврнува критички кон процесот на подготовка на Националниот акциски план за ЛГБТИ и заложбите на државата да подготви ваков акциски план за прв пат во 2020 година, кои заложби подоцна целосно исчезнаа. Овој акциски план се подготвуваше заеднички со граѓанскиот сектор на работни групи кои се одржуваа редовно и континуирано и изготвен беше сеопфатен и инклузивен акциски план базиран на најдобрите практики. Министерството за труд и социјална политика без никакво известување до членовите на работната група го застана процесот на утврдување и усвојување на акцискиот план, за подоцна да извести дека ваков план воопшто нема да биде донесен и дека прашањата од акцискиот план ќе влезат во Националната стратегија за еднаквост и недискриминација. Националната стратегија беше усвоена во мај 2022 година и не вклучува ниту еден дел за ЛГБТИ кој беше дел од Националниот акциски план.