октомври 20, 2021

Oсврт на Хелсиншкиот комитет за човекови права по повод објавувањето на извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија за 2021 година

Хелсиншкиот комитет за човекови права го оценува овогодишниот Извештај на Европската комисија за Република Северна Македонија како објективен приказ на состојбите во областа на демократијата и владеењето на правото, особено во делот на упатените препораки на кои итно треба да им се посвети целосно внимание. Позитивно е тоа што Европската комисија ја препознава посветеноста на сите чинители во европската агенда, особено улогата на граѓанското општество како корективен механизам, кој активно придонесува кон вградување на европските вредности дома. Се препознава активната улога на европските институции кои бараат конечно усвојување на Преговарачката рамка со Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција за време на словенечкото претседателство во Европскиот совет. Хелсиншкиот комитет се согласува со оценката на Европската унија дека преговорите за членство на државата во Европската Унија треба да започнат веднаш, имајќи го предвид кумулативниот демократски напредок на државата кој е констатиран во последните три последователни извештаи на Комисијата.

Упатуваме овие пораки да бидат во целост разбрани од сите политички актери со тоа што ќе го вратат политичкиот дијалогот во демократските институции и целосно ќе се посветат на:

  • Консолидирање на институционалните и административни капацитети во спроведувањето на сите започнати реформски процеси и напуштање на праксата на ад-хок носење одлуки. Особено истакнуваме дека е од особено значење енергијата во наредниот период да се насочи кон продлабочување на реформското досие, кое ќе ги даде очекуваните придобивки за граѓаните,
  • Подигање на јавната свест и ангажираноста на граѓаните во сите сегменти на процесот на пристапување, што подразбира и менаџирање со очекувањата на граѓаните од пристапниот процес и
  • Создавање на инклузивна и позитивна одржлива реформска атмосфера, која нема да биде предмет на партиско пресметување и ќе ја врати довербата на граѓаните во демократските институции.

Во делот на првиот кластер – Темели (Демократија и владеење на правото), Хелсиншкиот комитет за човекови права нотира дека:

  • Во делот на реформите во правосудството, фокусот треба да се насочи во конкретно спроведување на новите законски решенија кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудството. Исто така, покрај позитивните придвижувања, Комитетот цени дека сериозно треба да се размислува во насока на дополнително унапредување на административно-техничките капацитети и зголемување на судскиот буџет што ќе придонесе кон унапредување на квалитетот на правдата и со тоа ќе се зголеми и довербата на граѓаните. Особено ја истакнуваме споредбата на Европската комисија за судското финансирање, кое во овој момент изнесува 19,5 ЕУР по глава на жител, наспроти просекот во Западен Балкан од 38 ЕУР по глава на жител.
  • Во делот на борбата против корупцијата, особено високата корупција, Хелсиншкиот комитет се согласува со констатациите на Европската комисија, особено процесирањето на сите случаи кои беа иницирани од поранешното Специјално јавно обвинителство се до конечна правна разврска. Принципот на доследност во постапката, вклучително и унапредувањето на судската пракса во оваа област преку воспоставување на систем на казнивост е од исклучителна важност за враќањето на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

 

  • Во делот на човековите права и темелните слободи,

Хелсиншкиот комитет за човекови права го препознава преземањето на европските стандарди во националниот систем, но врз основ на својата работа директно со граѓаните, повикува на зголемување на напорите на сите институции на системот во непречено обезбедување на услугите спрема граѓаните кои се загарантирани со устав и закон. Исто така, треба да се напушти праксата за користење на пандемијата со Ковид-19 како изговор на институциите во нивната работа со граѓаните.

  • Хелсиншкиот комитет се согласува со констатацијата дека државата доволно ги исполнува европските стандарди за социјална политика и вработување. ЕК забележува одреден напредок поради примената на олеснителни социоекономски мерки за справување со ефектите на пандемијата и поради зголемувањето на опфатот на социјалната помош. Сепак, Хелсиншкиот комитет се согласува со ЕК дека сè уште постои потребата од имплементирање на минатогодишните препораки, кои не се целосно спроведени. Неопходно е државата да продолжи со носење мерки за долгорочно активирање на нискоквалификуваните невработени лица на пазарот на трудот, вклучително и жените, лицата со попреченост и Ромите, како и да обезбеди соодветен мониторинг и евалуација на примената на тие мерки. ЕК повторно ја нагласува потребата за зајакнување на капацитетите на Државниот трудов инспекторат во областа на безбедност при работа и за зацврстување на социјалниот дијалог меѓу работодавачите и работниците.  ЕК забележува дека сè уште активно се работи на новиот Закон за работните односи, а Хелсиншкиот комитет се согласува дека е неопходно што поскоро овој закон да влезе во собраниска процедура.
  • Иако во 2020 година, Европската комисија упати јасна порака за ревидирање и унапредување на заштитните механизми за борбата против говорот на омраза, во изминатиот период не се преземени проактивни мерки од страна на надлежните институции. Хелсиншкиот комитет кој долги години го следи овој феномен и постојано предупредува за неговото продлабочување и ширење во јавниот дискурс, упатува на итно формирање на меѓуресорска работна група со вклучување на претставници од правосудството и граѓанскиот сектор за градење на стратегија за спречување и управување со овој ризик. Говорот на омраза, според нас, има тесна врска со ширењето на лажни вести и дезинформации кои го поткопуваат јавниот дискурс и креирањето на јавното мнение. Исто така, говор на омраза честопати е основот за дела од омраза во кои за жал учесници се младите луѓе. Најчести облици на говор на омраза се врз основ на етничка припадност, политичка афилиација и сексуална ориентација и родов идентитет. Ова особено беше видливо за време на пандемијата и потоа процесот на јавна имунизација преку вакцинација.
  • Хелсиншкиот комитет ја препознава важноста на Законот за спречување и заштита од дискриминација, како и воспоставувањето на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација и нејзината проактивна улога во 2021 година. Повикуваме, слично како и со Државната комисија за спречување на корупција, да се работи на целосно екипирање на Комисијата (преку соодветен буџет) со цел успешна работа и ревносно постапување.
  • Хелсиншкиот комитет исто така ја препознава реформата во казнено-поправниот систем и мерките преземени за спречување на тортура и нехумано однесување, сепак укажува на потребата од интензивирање на институционалните напори за целосно спроведување на препораките од Комитетот за спречување од тортура. Во оваа област, Хелсиншкиот комитет во партнерски однос со надлежните институции ќе продолжи и во иднина интензивно да работи и да придонесува кон исполнување на целите од реформата.
  • Во делот на родова еднаквост, Хелсиншкиот комитет се согласува со утврдениот напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените. И покрај делумната усогласеноста на националното законодавство со правото на ЕУ во оваа област, има потреба од доуредување на политиките преку усвојување на потребните подзаконски акти особено во однос на воспоставување на ефективен систем на мониторинг на Истанбулската конвенција, што според нас е врвен приоритет за наредната година.
  • И покрај веќе упатените препораки од страна на Европската комисија во изминатите неколку извештаи, не е забележан значаен напредок во однос на правата на лицата со попреченост кои беа една од најранливите и најпогодените групи за време на глобалната пандемија. Постои потреба од системски пристап кон ова прашање (во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост) имајќи предвид дека оваа група е изложена на континуирана дискриминација и социјална исклученост. Има потреба од јакнење и на институционалната и јавната свест за унапредување на правата на оваа категорија граѓани.
  • Хелсиншкиот комитет за човекови права се согласува со наодите на Европската комисија во делот на заштита и унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата. Особено задоволува фактот што се препознава активната улога на граѓанските организации и нивната директна работа во и со заедницата, особено за време на пандемијата преку обезбедување на различни услуги со кои се штитат нивните права – превенција на насилство во училишта, употреба на хомофобичен говор и говор полн со омраза како и дела од омраза, ревизија на учебниците и борбата со стереотипите. Исто така, Хелсиншкиот комитет повторува и повикува на целосна истрага и разрешница на нападите врз Центарот за поддршка на ЛГБТИ заедницата, констатација која Европската комисија не изостава да ја напомене во ниту еден извештај. Комитетот се согласува со потребата од зајакнување на капацитетите на националните институции и услугите кои се во надлежност на државата и се наменети за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата.