Неуставно и незаконско спречување на протестот за поддршка на новинарот Кежаровски
Денес, 23 октомври 2013 година, спротивно на Уставот на РМ, Кривичниот законик и Законот за јавните собири, полициски службеници спречија одржување на мирен протест и го ограничија слободното движење на граѓаните. Во текот на вчерашниот ден протестот беше најавен преку медиумите од страна на Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски. Во најавата беше наведено местото, времето и причината за одржување на собирот. Иницијативниот одбор повика на мирен протест преку кој на симболичен начин беше планирано да се изрази несогласување со затворската казна во траење од четири и пол години за новинарот Кежаровски.
Во улога на набљудувач, на местото планирано за одржување на протестот присуствуваше и претставник на Хелсиншкиот комитет. Уште пред почетокот на најавениот собир, околу Музејот на македонската борба за државност и самостојност (познат и како Музеј на ВМРО) беше видливо присуството на околу педесетина полициски службеници од редовите на редовните полициски служби, но и од Единицата за брзо распоредување. Покрај овие единици, забележливо беше и затскриено присуство на дополнителен број полицајци кои се наоѓаа во околината и кои беа во состојба на готовност. И покрај тоа што на собирот присуствуваа околу 150 новинари и граѓани кои беа дојдени своето незадоволство да го изразат на мирен и ненасилен начин, сите полицајци беа опремени со специјална полициска опрема која вообичаено се користи за демонстрации од насилен карактер.
Преку поставување на кордон, целосно беа блокирани сите пристапи до Музејот и не беше дозволено ниту движење на граѓаните ниту одржување на најавениот протест. Со цел да им укаже на полицајците дека ваквиот начин на постапување е неуставен и незаконски, набљудувачот на Хелсиншкиот комитет се обиде да стапи во контакт со еден од раководните полициски службеници. Од страна на полицијата беше даден одговор дека тие не ги знаат причините за настанатата ситуација, дека се работи за „наредба од горе“, а не беше даден одговор ниту на прашањето која полициска станица е одговорна за ограничувањето на движењето. Незадоволството на насобраните граѓани кулминираше кога од страна на полицајците беше употребена непотребна физичка сила преку употреба на пендреци со цел да не биде пробиен кордонот. Соочени со опасност по нивниот физички интегритет, граѓаните набрзо се разотидоа.
Хелсиншкиот комитет укажува дека правото на јавен собир и слободата на движење на граѓаните се темелни вредности на македонскиот уставен поредок. Законот за јавните собири утврдува дека јавен собир, заради мирно изразување на мислење или протест, може да се одржува на секое место кое е соодветно за таа намена, освен до здравствени установи, до детски градинки и училишта. Според тоа, музеите не претставуваат забранети зони, туку установи од јавен карактер. Кривичниот законик пак утврдува дека доколку службено лице со злоупотреба на својата службена положба или овластување, со сила или на друг начин ќе спречи или ќе смеќава одржување мирен јавен собир ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Бидејќи ова спречување на протест не е прво од ваков тип и се повторува неколкукратно во последните 4 години, Хелсиншкиот комитет до Јавното обвинителство ќе поднесе кривична пријава против непознат полициски службеник кој ја издал незаконската наредба за спречување на протестот.