Намерите на градоначалникот Мерко се отворено дискриминаторски и противзаконски
јуни 7, 2021
Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро ја осудува скандалозната изјава на градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, со која се заканува и најавува депортација на луѓето кои питачат на подрачјето на општината. Во изјавата пренесена од медиумите, струшкиот градоначалник вели: „Зазедовме став, одредивме и простор каде ќе ги задржиме 24 часа. Секако, децата не смееме по закон, но родителите смееме и ќе ги депортираме од каде што дошле, за да го намалиме бројот на питачи во Струга“
Ваквите закани и намери на градоначалникот Мерко се отворено дискриминаторски и противзаконски. Ниту еден градоначалник во Македонија нема никакви овластувања, ниту надлежност да задржува и да протерува граѓани. Питачењето се казнува прекршочно во согласност со Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, но градоначалникот нема право да депортира граѓани. Во оваа смисла, Кривичниот законик како кривично дело го предвидува противправното лишување од слобода во членот 140, за секој којшто друг противправно ќе затвори, ќе го држи затворен или на друг начин ќе му ја одземе или ограничи слободата на движење. Предвидената казна за ова дело е повисока, доколку го стори службено лице со злоупотреба на службената положба или овластување.
Дополнително, Кривичниот законик во член 417 предвидува дека секој што врз основа на расата, бојата на кожа, припадноста на маргинализирана група, етничката припадност и социјалното потекло или која било друга основа ги повредува основните човекови права и слободи признати од страна на меѓународната заедница, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.
За жал, оваа загрижувачка изјава на Мерко е само дел од широко распространетиот брутален и нехуман однос кон сиромашните и маргинализираните заедници во нашата држава. Тие честопати се жртви на полициска бруталност и се приморани да живеат со сите последици кои ги носи профилирањето на кое се подложени од страна на институциите и целото општество. Токму системската дискриминација врз сиромашните и маргинализираните е причина за зголемување на нивната ранливост, за зацврстување на стереотипите и предрасудите кон нив, како и за нивна прекумерна криминализација. Питачењето, иако е негативна појава, е резултат на отфрленоста, бесперспективноста и сиромаштијата. Тука е коренот на проблемот и тој може да се реши само со реално и конкретно подобрување на социо-економските услови за живот на овие луѓе.
Истовремено, ги повикуваме социјалните служби и другите надлежни институции итно да реагираат и да го спречат манифестирањето сила врз луѓе од оваа ранлива категорија и да ги заштитат нивните човекови права, кои се загарантирани со Уставот и законите.