Менструалната хигиена не е привилегија! – протест пред Министерството за финансии
Активисти на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и „PERIOD Movement Skopje“ денеска одржаа протестен собир пред Министерството за финансии и ги доставија барањеата за намалување на ДДВ-то од 18% на 5% на менструалните производи за да се намали продажната цена и поттикнување на употребата на менструалните чашки со субвенционирање на цената. Меѓу барањата е и одвојување средства од буџетот за создавање соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети, како и бесплатни и достапни менструални производи во училиштата и јавните тоалети.
Во продолжение е интегралниот текст на прогласот:
Менструалната хигиена не е привилегија!
Денеска по повод 28 мај – Денот на менструалната хигиена, ние, здружени активистки и активисти-претставници на регионалната Мрежа за родово-одговорно буџетирање, Платформата за родова еднаквост и PERIOD Movement Skopje, сме пред Министерството за финансии да ставиме крај на менструалната и женската сиромаштија. Тука сме да побараме директно олеснување на достапноста и пристапноста до производи за менструална хигиена.
Менструалната сиромаштија е глобален проблем кој ја засега и нашата држава. На глобално ниво, околу 500 милиони луѓе кои менструираат немаат пристап до менструални производи. Во Република Северна Македонија:
- 55,3 % од работоспособните жени и девојки се економски неактивни или невработени, а со тоа и економски зависни;
- 22 % од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштијата;
- Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 % – исто колку и за шише виски или, пак, кутија цигари.
Менструалните производи не се луксузно добро, туку основна потреба!
Последните две истражувања, спроведени од Реактор и Тииит! Инк. и од Новинари за човекови права покажуваат дека:
- 77 % од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена;
- Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и сл;
- 29,5 % од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи;
- Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена.
- Во 2021 година за 70 % е зголемен бројот на вагинални инфекции поради недостапност до соодветни производи за управување со менструалното здравје.
Тука сме да ја разбиеме менструалната стигма. Не, менструацијата не е срамна. Менструацијата е природна појава за секое девојче, девојка и жена со која во просек се справуваме 38 години од животот. Менструалното искуство за секоја од нас е различно во времетраењето, обемот, болката, но она што ни е заедничко е потребата од менструални производи за ефикасно, безбедно и квалитетно одржување на менструалната хигиена.
Спроведената анализа на трошоци покажува дека на годишно ниво во Северна Македонија потребно е да се издвојат помалку од 1% од буџетот за да се обезбедат бесплатни менструални производи за ученичките од основно и средно образование. Менструалното здравје е прашање од јавен интерес, а менструалната правда е предуслов за социјална правда.
Кризата предизвикана од пандемијата со ковид-19 и воено-политичките случувања во Европа уште повеќе ја загрозија финансиската положба на илјадници жени и семејства во државата. Купувањето на менструални производи влијае на буџетот на секое семејство. Европскиот парламент во 2019 година донесе Резолуција со која ги повикува земјите-членки да ги намалат даноците за производи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата на родова еднаквост и недискриминација. Оваа директива е веќе спроведена од Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар каде што данокот се движи од 6 % до 5 %.
Бараме државата – која се декларира како земја кандидат за членство во Европската Унија – да ја преземе својата обврска и да го олесни одржувањето на менструалната хигиена за 50 % од населението. Националниот буџет мора да биде родово одговорен и распореден да ги задоволува подеднакво потребите на жените и девојчињата, како и на мажите и момчињата.
- Бараме намалување на данокот на додадена вредност од 18 % на 5 % на менструалните производи со цел намалување на нивната продажна цена;
- Бараме поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената;
- Бараме одвојување средства од буџетот за создавање на соодветни услови за одржување менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети;
- На товар на Буџетот на државата бараме бесплатни и достапни менструални производи во основните и средните училишта и во јавните тоалети на територија на Република Северна Македонија,.
Менструалната хигиена не е привилегија. Менструалните производи не се луксузно добро!
5% ДДВ СЕГА!
Фотографиите се преземени од Радио МОФ