Колумна: На пат кон никаде: збор, два за говорот на омраза (во македонски услови)
Пишува: Тамара Лазаревска
Синтагмата која реферира на феноменот говор на омраза кај свесниот граѓанин секогаш буди непријатно чувство – во последно време проследено со разочараност и пред се немоќ, впрочем тоа е и нејзината цел. Во спротивниот табор – пред се несвесни граѓани за самата проблематика, нејзините појави и реперкусии во секојдневието гледани не низ призмата која ја дава ваквата ‘’стручна’’ дефиниција, па навидум велат дури им е непозната. Водени од својата неукост, а пред се нељубов кон другиот, не можеме да ги оправдаме а притоа да заборавиме дека самата цел на говорот на омраза е да предизвика инфериорност , вознемирување и омаловажување на другиот со што самото изговарање на кобните зборови претставува волев и свесен чин од страна на самата индивидуа – аргументот за неинформираност останува победен од хуманоста и човечноста како базични вредности.
Неколку скалила погоре го сместуваме метастазираниот тумор на нашето општество, свесните и волеви предизвикувачи на раздор – практикантите на ваквата изразита нетолеранција кон другиот базирана на свој личен вредносен суд дека другиот, едноставно е различен од перспективата на говорникот, па тоа го прави подложен на вакви коментари и изливи.
Парадоксално како и секогаш, дека во македонски услови проблемот лежи токму во точките каде што би барале негова разрешница претставува алфа и омега на нашата незавидна ситуација, градирана последниве години до степен на сериозна и длабока загриженост за нашата иднина воопшто.
За жал, сламката спас за оние најповиканите да го превенираат проблемот е токму, повторно во потпирањето на говорот на омраза. Сведоци бевме последниве месеци на импозантни говори од јавни личности кои (за жал ) допреа до пошироката јавност, пропагирајќи ‘’смрт за предавниците’’, ‘’чиста Македонија’’ односно ‘’ноќ на долгите ножеви да ви се случи’’ за сите неистомисленици. Соросоиди, предавници и патриоти, сороспии или Индијанци. Етикета добивате – може и пакет понуда, во зависност од степенот на неистомисленоста.
Несомнено дека криминалните дела од омраза започнуваат со навидум наивна и спонтана реторика која продуцира говор на омраза, а дека знае да резултира во насилство сведочи историјата. И покрај обидите да се пронајдат други претпоставени вистини за изговорените фрази во деновите околу декемвриските избори кои алудираа на најмрачната ноќ 1938 (според многу теоретичари Pogromnacht е иницијалната фаза на се она што понатаму ќе претставува систематски прогон на Евреите и самиот холокауст). Обидите да се избегне корелацијата или наивна желба за истата со нацистичките вредности, остануваат неуспешни.
Имено, Walter Pele, историчар специјализиран од областа на модерна Германија нагласува дека целата смисла на називот Kristalnaacht била да се прикажат случувањата тие кобни часови како нешто сјајно и блескаво (како стакло) кое ќе тлее во историјата на нацистичка Германија.
Дека изразот кристална ноќ делува многу еуфемистички, се сложуваат најголем дел теоретичари реферирајќи дека Германците биле и премногу исплашени тогаш за да работите ги нарекуваат со вистинско име, но сепак доволно свесни биле за да нотираат дека кобната ноќ никогаш и не била ‘’спонтан излив на гневот’’ кој наводно тлеел во германскиот човек, туку акт на терор инициран единствено во режија на нацистичката партија.
Деновиве во употреба најчесто се сретнува, останува терминот Pogromnacht односно ноќта на погромот, израз кој потекнува од царска Русија, периодот на 1880ти означувајќи стварна или фингирана спонтаност во насилствата, односно отсуство на реакција на власта која е или немоќна во случајот или потајно го одобрува и посакува чинот на масовно насилство со цел истребување на одреден етникум односно заедница.
Реферирајќи во светски рамки, добар дел од анализите и извештаите посочуваат глобална тенденција на пораст на говорот на омраза повторно од најповиканите да делуваат против него: „Отровната реторика што ја користеше Трамп во предизборната кампања, илустрира една глобална тенденција на гневни политики на поделби. Политичарите бесрамно и активно промовираат реторика и политики на омраза базирани на идентитетот на луѓето, расизмот, омразата кон жените и хомофобијата. Прва цел се мигрантите, но ако ваквата тенденција продолжи и во 2017 година, цел на напади може да станат и други категории на лица.’’(извештај на Amnesty International , февруари 2017)
Не помалку загрижува и последниот објавен извештај од страна на Народниот правобранител, чиј заклучок децидно наведува дека човековите права во Р. Македонија стагнираат додека во одредени области сериозно назадуваат. „Продолжува трендот на постоење на дискриминацијата по етничка основа, како и дискриминацијата во работниот процес со политички елементи во јавната администрација. Вработените се свесни за постоење на дискриминација по овој основ, но плашејќи се за своите работни места бараат само заштита од мобинг.’’
И покрај постоечката правна регулатива во македонското законодавство во поглед на овој проблем која не би сакала да ја повторувам како многумина пред мене – институциите остануваат глуви на многубројните изјави од јавни личности кои беспоштедно се расфрлаат со реторики кои секојдневно повикуваат на насилство. Напорите на граѓанскиот сектор истите да се санкционираат со што би превенирале следни остануваат во позадина – говорот на омраза во македонски услови станува секојдневие и верувам за истите, излитена фразеологија.
Имплементирајќи активности во рамки на кампањата со цел едукација и подигање на свеста кај младиот човек со фокус на основна и средношколска возраст ученици, во поглед препознавањето на говорот на омраза и соодветното познавање на механизмите за заштита, загрижено нотирам тенденција на пораст на нетолеранција кон одредени маргинализирани групи, формирани ставови најчесто пресликани врз основа на следење некритички настроени медиуми како и хронична индиферентност и неинформираност кон самата појава и нејзините далекусежно штетни последици. Имајќи во предвид дека зборуваме за сензитивен период во формирањето на младата личност – животот во услови кога омразата кон другиот само затоа што не размислува како нас е и повеќе од кобна и трогателна.
Да се живее во склад со диверзитетот во македонското општество, деновиве не би требало да претставува предизвик. Длабоката поларизираност и реториката за добро утро од одредени јавни личности која иницира и промовира говор на омраза – поттикнува и повикува на насилство, не доведе да и денес (април 2017) остануваме со сериозен хендикеп вистински да ги почувствуваме придобивките на мултикултурноста и секојдневно потфрламе во секој обид еднаш засекогаш да се соочиме со предизвиците на она што би требало да претставува здрава демократија, далеку од нашата токсична и канцерогена реалност кога не можеме ни да говориме за држава.
Овој текст е објавен во рамките на проектот „Борба против говор на омраза“ поддржан од Американската фондација за демократија (National Endowment for Democracy). Ставовите изразени во тесктот му припаѓаат исклучиво на авторот.