ИЗБОРИ 2016: Прв привремен извештај
декември 11, 2016
Во текот на вчерашниот ден, Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија забележа низа неправилности во гласањето во дијаспората како и кај посебните групи граѓани кои своето избирачко право го остваруваат на денот пред изборите.
Согласно Изборниот законик, денот пред изборите се прогласува предизборен молк. Молкот беше прекршен од неколку медиуми, интернет портали, кои објавуваа информации за неофицијални изборни резулти на социјалните мрежи. Со ваквите објави се прават обиди за манипулација на гласачите преку прикажување на наводно водство на одредена политичка партија и со тоа евентуално да се влијае на гласачите вечерта пред избори. Хелсиншкиот комитет бара од ДИК итно да поведе постапка со која ќе се утврди дали информациите се објавени од избирачките одбори на гласачките места и ако е така да постапи согласно закон за да ги санкционира истите. Во селото Орман се забележани случаи на делење пропаганден материјал од врата на врата на денот на изборниот молк.
Дополнително забележани се повеќе случаи на гласачи кои не се впишани во избирачкиот список и тоа во казнено поправните домови каде наводно 660 затвореници не можеле да гласаат бидејќи не биле запишани бо списокот. Незапишани гласачи имало и во дипломатско конзуларните претставништва во Брисел каде околу стотина македонци со ромско етничко потекло не биле запишани во списокот и не можеле да гласаат. Во Виена на најмалку педесет лица им било оневозможено да го остварат правото на глас бидејќи не биле запишани во списокот иако тие тврдат дека претходно уредно се пријавиле во амбасадата во Виена.
Во Демир Хисар и Кавадарци се документирани случаи на изборен поткуп. Имено, битолската полиција по пријава на набљудувачка на „Цивил“ на дело фатила лица кои нуделе по 1000 денари за глас во селата Брезово, Зашле и Илино. Набљудувачката направила видео запис за случајот, а воедно и сведок од Брезово се пријавил да сведочи дека му бил понуден поткуп. Случај на обид за поткуп е забележан и во Кочани каде партиски активисти им ги барале личните карти на граѓани како не би можеле да гласаат за надомест од 1000 денари. Интервенирало МВР и случајот е пријаван кај јавен обвинител. Хелснишкиот комитет апелира што поскоро да се процесуираат сторителите кои се осомничени за сторување кривично дело Поткуп при избори и гласање според член 163 од Кривичниот законик за што е предвидена затворска казна од 1 до 5 години.
Посебно загрижувачки е и случајот со прилепската болница каде одговорно лице вршело притисок врз вработените да гласаат за владејачката партија за што постои и аудио запис на кој се слушаат и зборовите „никој овде не е вработен од шо е многу способен, туку од шо е партиски член. Да не си дозволиме да имаме проблеми.“ Случајот е пријавен во МВР како и во Комисијата за спречување корупција.
Хелсиншкиот комитет забележа и повеќе случаи на говор на омраза и повикување на насилство на социјалните мрежи. Апелираме до граѓаните да се воздржат од вакви објави.