Иницијатива на граѓанското општество за спроведување на итни демократски реформи
јули 8, 2016
Група граѓански организации и експерти подготвија Предлог за итни демократски реформи кои имаат цел да ги вратат демократските стандарди и вредности во Македонија, враќајќи ја така и довербата на граѓаните во клучните државни институции.
Главната цел на документот е да предложи мерки за спроведување итни реформи кои ќе создадат услови за слободни, фер и кредибилни избори. Со оглед на степенот на заробеност на државата од страна на владејачките партии, сметаме дека најцелисходно е предложените мерки да ги спроведе експертска влада која во целост ќе се придржува до принципот „Прво реформи, а потоа избори“.
Документот кој го презентираме денеска е концизен текст кој претставува глас на здруженото граѓанско општество за насоката во која треба да се движат клучните демократски промени.
Сметаме дека овој документ треба да се прифати во целина. Прифаќањето на дел од документот, а отфрлање на друг дел, нема да доведе до посакуваниот ефект.
Потребно е да се обезбеди суштинска вклученост на граѓанското општество во проценката на состојбите во институциите, но и во мониторингот и евалуацијата на спроведување на овие реформи. Вклученост треба да постои на сите нивоа на власта вклучувајќи ги и независните, надзорните и регулаторните тела.
Оваа иницијатива не е дел од формален проект и таа не е финансиски поддржана од ниту еден странски или домашен фонд. Таа е израз на јасната визија на дел од граѓанските организации, академската заедница и експертите.
Со објавувањето на овој документ ги повикуваме граѓаните, граѓанските организации и движења, како и политичките партии да ја поддржат иницијативата и да дадат свој придонес кон надградување на документот.
########
Граѓанска асоцијација МОСТ – press@most.org.mk
Институт за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) – contact@idscs.org.mk
Институт за европска политика (ЕПИ) – contact@epi.оrg.mk
Институт за комуникациски студии (ИКС) – info@iks.edu.mk
Македонски центар за европско образование (МЦЕО) – mcet@mcet.org.mk
Фондација отворено општество – Македонија (ФООМ) – fosm@fosm.mk
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија (MХK) – helkom@mhc.org.mk
Центар за економски анализи (ЦЕА) – info@cea.org.mk
ЦИВИЛ – Центар за слобода – civil@civil.org.mk
Бранимир Јовановиќ – branimir.jovanovic@unito.it
Драган Гоцевски – dragangocevski@gmail.com
ПРЕГЛЕД НА НАЈВАЖНИ МЕРКИ ОД ПЛАНОТ ЗА ИТНИ ДЕМОКРАТСКИ РЕФОРМИ
Јавни финансии и економија: враќање на фискалната дисциплина и воспоставување на фискална транспарентност.
Правосудство: обезбедување на соодветна транспарентност и непристрасност во работата на институциите од судскиот систем, мерки за гарантирање на работата на СЈО.
Борба против корупција: одговорност од раководители на институции кои дозволиле да се рашири корупцијата на високо ниво; зајакнување на интегритетот на институциите; реформа на начинот на финансирање на политичките партии.
Избори и изборен систем: реформирање на Државната изборна комисија, прочистување на Избирачкиот список и одвојување на државата од политичките партии.
Медиуми: независност на регулаторното тело и медиумите од политичко влијание, институционална автономија и независност на Јавниот радиодифузен сервис; спречување на говорот на омраза и дискриминацијата во медиумите; зголемување на нивото на безбедност на новинарите.
Јавна администрација: Oневозможување злоупотреба на администрацијата за избори; зголемeна транспарентност/објавувањe на сите владини одлуки 24 часа по седниците; целосен пристап до информации од јавен карактер; еднаквост и правна сигурност во управните постапки; изрекувањето на глоби да се заснова на пропорционалност.
Контрола врз полицијата и агенциите за безбедност и (контра)разузнавање: Воспоставување на модел за кредибилна, ефективна и надворешна цивилна контрола врз полицијата и тајните служби, како и поддршка на експертската работната група на Совет на Европа и МВР за утврдување на моделот.
Собрание: зајакнување на механизмите на парламентарна контрола, транспарентноста и вклученоста на јавноста, надминување на слабости во постапката на донесување на закони и ефективноста на парламентарните дискусии.
Граѓанско општество: Намалување на законските прагови за сите видови на директно граѓанското учество; воспоставување на ефективен консултативен механизам за креирање на политики и одлучување; обезбедување на правна рамка за правото на протест согласно меѓународните стандарди.
Социјална заштита, благосостојба и одржливост: Утврдување на критичните недостатоци во системот на социјалната заштита и воведување надзор во постапките за доделување на социјална парична помош; меѓусекторски пристап во изготовката на стратешки акти и акциски планови за справување со сиромаштија, нееднаквост и неинклузивност.
Образовни и младински политики: воведување интегриран пристап во контролата на квалитетот на образованието, повлекување на Законите за академија за наставници и основање на универзитет Дамјан Груев, подобрување на студентското и ученичкото организирање, стопирање нови планови за Стратегија за млади и стопирање експанзија на високообразовни институции.
Животна средина: системски промени за овозможување соодветна употреба на собраните еко-такси, со цел да се заштити животната средина и имплементација на правото на Европската Унија.