Хелсиншкиот комитет учествуваше на конференцијата на ОБСЕ за граѓанско општество
декември 5, 2022
Северна Македонија го презема претседавањето со ОБСЕ во 2023 година. За таа цел, Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Македонското здружение на млади правници и Институтот за Европска политика се во процес на подготовка на документ за самоевалуација на човековата димензија, согласно насоките на ОБСЕ во Република Северна Македонија, документ што ќе послужи за застапување на унапредувањето на правата во Северна Македонија, во областа на човековата димензија.
На 30 ноември, 2022 година, Ина Џугуманова од Хелсиншкиот комитет присуствуваше на годишната Паралелна конференција на ОБСЕ за граѓанско општество во 2022 година, која се одржа во Лоѓ, Полска. Оваа конференција e потсетник да се оддаде почит на работата на поединци кои активно се залагаат за заштита на основните човекови права како и за работата насочена кон промовирање на мирот и безбедноста во регионот на ОБСЕ.
Почнувајќи од 2010 година, оваа конференција традиционално се одржува непосредно пред Министерскиот совет на ОБСЕ, кој оваа година се одржа на 1 и 2 декември во истиот град.
Конференцијата беше поделена на четири панели: Агресијата на Русија кон Украина: Решавање на јазот во одговорноста, Кризата во Русија и Белорусија: Од репресија до агресија, Евалуација на имплементацијата на одредени определби за човекови димензии од страна на државите кои претседаваат: Северна Македонија и Полска и дискусија за иднината на ОБСЕ, проследена со презентација на документ којшто произлезе од конференцијата и коментари од официјални претставници на ОБСЕ.
На Паралелната конференција во третиот панел, Џугуманова се осврна на придонесот што ќе го дадат граѓанските организации во областите на човековата димензија кои имаат приоритет во Северна Македонија, како и на клучните наоди од тие области и тоа: изборна реформа, заштита на националните малцинства (во насока на исполнување на препораките од страна на Високиот комесар на ОБСЕ за национални малцинства), нетолеранција (говор на омраза и дела од омраза), слобода на изразување и здружување, трговија со луѓе и родова еднаквост.
На конференцијата учество зема и министерот за надворешни работи Бујар Османи кој ја потенцираше важноста од соработката на државата со граѓанските организации и најави преземање на неколку конкретни мерки како учество на граѓанските организации за време на состаноците и активностите со ОБСЕ, учество на граѓанските организации во имплементирањето и исполнување на сите релевантни инструкции и основање на специјален претставник за граѓанските организации согласно една од клучните препораки од Паралелната конференција во Стокхолм од минатата година.
Треба да се нагласи дека во последите две декади Северна Македонија во континуитет работи во унапредување на спроведувањето на препораките од ОБСЕ, но сепак постои простор за обезбедување на дополнителен напредок во клучните области кои се дел од човековата димензија. Во последните пет години во Северна Македонија остварен е одреден напредок во обезбедување на инклузивен дијалог со граѓанските организации кои имаат за цел да дадат активен придонес во афирмирањето на земјата на меѓународно ниво преку воспоставување на најдобри практики во областа на човековите права и фундаменталните слободи како столб во демократскиот напредок на земјата.