Дискриминаторско толкување на уредба за породилно отсуство
септември 1, 2020
Поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, на 2 април 2020 година Владата на РСМ донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи за време на вонредна состојба, со која породилното отсуство се продолжува до истекот на времените мерки за заштита од ширење и превенција од вирусот КОВИД – 19, а надоместокот за отсуството продолжува да се исплаќа.
Работничка на која договорот за вработување склучен на определено време ѝ истекол во декември 2019 година, го користела своето право на породилно отсуство до април оваа година. Откако Владата ја донесе уредбата со законска сила, по барање на работничката Фондот за здравствено осигурување усно ја информирал дека таа е опфатена со владината мерка и нејзиното породилно отсуство се продолжува. Од причина што на работничката не и бил исплатен надоместокoт за плата за месеците април и мај, таа повторно се обратила до Фондот за здравствено осигурување од каде овој пат и дале информација дека нејзиното породилно отсуство не е продолжено бидејќи нејзиниот договор за вработување истекол во декември 2019 година.
Законот за работните односи во членот 170 став 2 предвидува дека работничката на која и престанал договорот за вработување на определено време поради истек на договорот и користи надоместок на плата за време на отсуството поради бременост, раѓање и родителство, продолжува да го користи правото до истекот на отсуството на товар на органот надлежен за спроведување на задолжителното здравствено осигурување. Оттука, без исклучок, на сите работнички на кои им престанал договорот за вработување на определено време додека го користат породилното отсуство имаат право на продолжување на породилното отсуство и исплата на надоместокот се до истекот на времените мерки.
Хелсиншкиот комитет за човекови права е во очекување на официјален одговор од страна на Фондот за здравствено осигурување и исправка на ваквиот начин на толкување на Уредбата со законска сила кое оваа група на работнички ги става во нееднаква положба.
#трудбездискриминација
Овaa објава е финансиранa од Европската Унија и ко-финансирана од Шведската агенција за меѓународен развој и соработка. Содржината на објавата е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права и не мора да ги одразува ставовите на Европската унија или на Сида.