Барања до Владата за заштита на работниците и сиромашните
април 13, 2020
Десетина синдикати и граѓански организации, меѓу кои и Хелсиншкиот комитет за човекови права, денеска доставија сет на барања до Владата на Република Северна Македонија:
Барања до Владата за заштита на работниците и сиромашните
Почитувани,
Првичните мерки на Владата како одговор на најголемата економска криза која на глобално ниво сè повеќе зема замав укажуваат дека нашата земја нема да биде исклучок од предвидувањата дека поради несоодветните реакции на државите – половина милијарди луѓе во светот ќе паднат во сиромаштија. Единствен начин ова да се спречи се решителни и храбри мерки за заштита на работниците и сиромашните, мерки што за жал ниту ги видовме ниту со нешто се навестуваат.
Токму спротивното, Владата настапува единствено на страната на бизнис заедницата и ги слуша само нивните сугестии. Во Економскиот совет на Владата која ја предводи партија што сака да се нарекува социјалдемократска нема ниту претставник на синдикатите, ниту еден активист за работнички права, но затоа има претставници на сите стопански комори, големи компании и неолиберални невладини организации.
Мерките што тој Совет ги носи се мерки за заштита на бизнис заедницата без каква и да е заштита на работниците.
Незадоволни поради потценувањето и игнорирањето на работниците со чиј труд се обезбедува егзистенцијата и на бизнисмените и на политичарите, бараме:
- Право на паричен надоместок за невработени лица во кризава да можат да остварат и лица на кои работниот однос им престанал поради сопствена изјава, спогодбено или поради наводно нарушување на дисциплината. Многу работници изминативе недели беа измамени од страна на работодавачите и работниот однос им беше прекинат на овој начин и Владата сега мора да ги заштити и овие работници.
- Да не се дава финансиска поддршка на фирми кои имаат отпуштено работници од почетокот на кризава, односно, од почетокот на март. Многу фирми отпуштија работници во изминативе недели, но сега повторно можат да добијат државна помош, и покрај отпуштањата.
- Да се обезбеди заштита на прекарните работници (хонорарци, фриленсери итн), кои се најнесигурната категорија работници и немаат речоиси никакво социјално ниту здравствено осигурување. Конкретно, бараме овие работници, по примерот на самостојните уметници и спортистите, да добиваат финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година, во месечен износ од 14.500,00 денари.
- Да се забрани пресметување камати за времетраењето на кризата, од страна на банките, штедилниците, финансиските друштва и извршителите, односно, да се спречи претходно наведените субјекти да профитираат во оваа криза на грбот на сиромашните.
- Да се поништи уредбата за ограничување на исплата на додатоци и надоместоци на плата за вработените во јавниот сектор за време на вонредна состојба, затоа што вакви додатоци и надоместоци примаат работниците кои работат и во ова време, и без кои државава би крахирала во кризава (инспектори, пожарникари, шумска полиција, железничари и сл.). Лишувањето на овие работници од нивните законски надоместоци е неправедно, несолидарно и неблагодарно.
- Владата да донесе уредба со која ќе уреди дека платите на работниците нема да може да се намалуваат повеќе од 20% за време на оваа криза, како што е дефинирано со Општиот колективен договор за приватниот сектор. Изминативе недели, многу фирми ги намалуваа платите за дури 50%, повикувајќи се на „виша сила“, што е незаконски.
- Одредбите за користење на неискористениот дел од годишниот одмор за 2019 година и на делот од годишниот одмор за 2020 година, да се однесуваат на сите работници, а не само на работниците опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19. Со ова ќе се обезбеди зачувување на работните места и ќе се спречи да се намалат платите на работниците.
- Државните служби (ДИТ, АВРМ, УЈП) поефикасно да реагираат за да се спречат злоупотреби во време на кризава, при спогодбени откази, откази од страна на работодавачи и сл. Бараме, исто така, државните служби да иницираат постапки за утврдување одговорност при евентуални кривични злоупотреби од страна на работодавачи во врска со спогодбените и другите откази на работници од изминативе недели.
Во прилог на овој допис доставуваме и конкретни предлози како секое од овие барања може лесно да се реализира.
Почитувани, ние немаме свои медиуми ниту лесен пристап до нив , како што тоа го има бизнис заедницата. Ние немаме финансиска моќ, како што ја имаат тие. Ние не финансираме политичари и политички партии. Ние ја немаме привилегијата да Ви се јавуваме на Вас, политичарите, кога ќе посакаме.
Но ние ги претставуваме 600-те илјади работници во оваа држава, без кои ниту бизнис заедницата ќе може да се богати, ниту вие ќе бидете на власт.
Затоа е крајно време да почнете да нè слушате и консултирате при носењето одлуки.
Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ)
Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ)
Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)
Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР)
Независен академски синдикат (НАкС)
Самостоен синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ)
Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ)
Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС)
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија
Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“
Левичарско движење „Солидарност“