8 април, Меѓународен ден на Ромите
Одбележувајќи го меѓународниот ден на Ромите, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја потсетува државата за нејзините обврски за целосна имплементација на активностите од Националната стратегија за инклузија на Ромите – Декада на Роми 2005-2015. Имено, последната анализа која ја изготви Хелсиншкиот комитет за човекови права покажува дека постои голема колизија помеѓу она што е утврдено во стратегијата и она што е реално имплементирано во пракса. Притоа, особено загрижува фактот дека припадниците на ромската заедница сеуште се соочуваат со непоседување на лични документи и обезбедување на основни услови за домување.
Припадниците на ромската заедница најчесто се соочуваат со зголемен социјален ризик поради високиот процент на невработеност и социјална зависност, непоседувањето на лични документи, субстандарните услови за живеење и ниските социјални надоместоци дополнително го оттежнуваат животот на оваа етничка заедница.
Како резултат на констатациите од спроведената анализа Хелсиншкиот комитет цени дека заради унапредување на процесот на инклузија на Ромите во Република Македонија државата приоритетно треба да ги преземе следните активности:
• Менување на Законот за државјанство на начин што условите, предвидени во Законот, ќе бидат приспособени на состојбата и условите за живот во кои живеат Ромите и ратификација на Конвенцијата за статусот на лицата без државјанство и олеснување на постапката за евиденција во матичната книга на родените и добивање на лични документи
• Да се разгледа можноста за продолжување на поставените рокови за поднесување барање за легализација од страна на Роми кои во 2011 година немале лични документи, а општините при усогласувањето на урбанистичките планови да ги вметнат бесправно изградените објекти во сопственост на Роми.
• Да се разгледа можноста за додавање одредба во Законот за легализација на бесправно изградени објекти со којашто ќе им се даде можност на сите граѓани, согласно одредбите на овој закон, да ги легализираат своите објекти и по изминување на предвидените рокови, ако докажат дека поради објективни причини (недостаток на лични документи, материјална и финансиска состојба, неевидентирани во матична книга на родени или непоседување државјанство) биле спречени да поведат постапка во законски предвидениот рок.
• Зголемување на социјалната парична помош и утврдување на минимален приход на годишно ниво, што нема да биде пречка за остварување на правото на социјална парична помош.
Комитетот исто така потсетува дека постои потреба од поголемо финансиско учество од страна на државата во имплементација на Националната стратегија за Роми со цел да се обезбеди оддржливост на преземените мерки.