Примери од праксата: Каде грешат медиумите кога известуваат за ранливите групи?“
Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 28 ноември, ја промовираше публикацијата „Медиумите и човековите права (анализи)“. Во панел дискусијата по овој повод учествуваа: Насер Зибери – Народен правобранител на Република Северна Македонија, Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, д-р Вики Младенова од меѓународните студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол, проф. д-р Сефер Тахири – универзитетски професор по новинарство и јавни комуникации и Џабир Дерала – претседател на ЦИВИЛ.
Авторката Славица Анастасовска, во анализата под наслов „Примери од праксата: Каде грешат медиумите кога известуваат за ранливите групи?“, изнесува наоди и случаи детектирани преку мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој го следи известувањето на медиумите и дискурсот на социјалните мрежи, особено за објави што се однесуваат на маргинализирани и ранливи групи на граѓани, со посебен фокус на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор.
Анализата посочува дека кај дел од граѓаните има вкоренети предрасуди и стереотипи, во степен на развиен анимозитет кон одредени групи на лица, што придонесува за застапеност на говорот на омраза, кој пак се рефлектира во нетолеранција и нетрпеливост, а не отсуствува и насилството од омраза. Ова е видливо особено во комуникацијата преку интернет, односно кај онлајн медиумите и на социјалните мрежи.
Анализата препорачува донесување соодветна легислатива за спречување на говорот на омраза на интернет во согласност со меѓународните стандарди, посилна саморегулација и санкционирање на порталите што работат во спротивност со Кодексот, зајакнување на капацитетите на новинарите за известување за ранливите групи, како и зголемување на присутноста на маргинализираните заедници во медиумите, што би придонело за сензибилизација и едукација на јавноста за проблемите со кои тие се соочуваат.
Извор: Институт за медиуми и аналитика (ИМА)