декември 3, 2021

10 години од ратификување на Конвенција за правата на лицата со попреченост

Конвенција за правата на лицата со попреченост (КПЛП) претставува меѓународен договор за човекови права на Организацијата на Обединетите нации наменет за заштита на правата и достоинството на лицата со попреченост. Текстот на КПЛП беше усвоен од страна на Генералното Собрание на ОН на 13 декември 2006 година и отворен за потпишување на 30 март 2007 година. Од октомври 2017 година КПЛП има 160 потписнички и 175 договорни страни, и вклучува 172 држави и Европската Унија. Од договорните страни на КПЛП се бара да промовираат, заштитуваат и обезбедат целосно уживање на човековите права од страна на лицата со попреченост и да обезбедат целосна законска рамноправност. Воедно, КПЛП ги афирмира концептите за попреченост како флексибилни и еволутивни концепти што подлежат на континуиран развој.[1] Исто така, КПЛП претставува првиот официјален меѓународен инструмент што ја разгледува попреченоста низ призмата на човековите права и се залага за замена на застарениот медицински модел со социјалниот модел.

Република Северна Македонија ја потпиша Конвенцијата на Организацијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост на 30 март 2007 година, а ја ратификуваше пред точно десет години, на 5 декември 2011 година. На 29 јули 2009 година, нашата држава го потпиша Факултативниот протокол кон Конвенцијата, кој беше ратификуван заедно со Конвенцијата. Нашиот Устав, како највисок правен акт, предвидува дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон.[2] Ова значи дека одредбите содржани во КПЛП се директно применливи кај нас. Дотолку повеќе, за нашите судови е предвидена обврска да судат врз основа на Уставот и законите и ратификуваните меѓународни договори, што значи дека ќе се создава судска практика во областа на заштитата на лицата со попреченост.[3]

Хелсиншкиот комитет за човекови права веќе години наназад работи на унапредување на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, пред се преку директна заштита на правата на оваа категорија на граѓани, со обезбедување на бесплатна правна помош, како и поддршка на процесите на усогласување на националното законодавство со КПЛП и следење на нивната имплементација. Со поддршка на меѓународните организации, како ОБСЕ, Британската амбасада во Скопје, УНИЦЕФ, Фондацијата за демократија на Вестминстер, како и преку соработка со други граѓански организации, Хелсиншкиот комитет даде свој придонес во борбата за заштита на правата на лицата со попреченост. Оттука, дел од процесите во кои Хелсиншкиот комитет беше вклучен и/или ги следеше изминатиот период се претставени во неколку позначајни тематски области. Податоците прикажани се дел од месечните и годишните извештаи на Хелсиншкиот комитет, како и истражувања и анализи кои организацијата ги има спроведено во оваа област.

 

Поддршка во заедницата и пристап до правда

И покрај тоа што во земјава постојат релативно добри законски решенија со кои се пропишани правата на лицата со попреченост, како и стандардите за обезбедување на пристап до јавните добра и услуги, нивната примена е се уште на многу ниско ниво, почнувајќи од физичкиот пристап до самата инфраструктура, па се до користење на јавните услуги, што се уште претставува сериозна пречка за секојдневното општествено функционирање на лицата со попреченост, но и на лицата кои се грижат за нив. Долгогодишната работа на Хелсиншкиот комитет во оваа област укажува на тоа дека лицата со попреченост и нивните семејства секојдневно се соочуваат со дискриминација, но и други правни проблеми во различни области за кои не се секогаш информирани каде би можеле да ги адресираат или пак за механизмите на заштита кои им се на располагање.

Во извештајот за имплементацијата на проектот Правно зајакнување во заедницата во процесот на деинституционализација , кој Хелсиншкиот комитет го спроведуваше во периодот од август 2019 година до август 2020 година, претставени беа дел од бариерите со кои најчесто се соочуваат лицата кои се грижат за деца и/или лица со попреченост при остварување на нивните права, особено во однос на степенот на препознавање на дискриминација односно прекршувањето на некое право. Во рамки на проектот, корисници на вкупно шест дневни центри за деца и лица со попреченост односно на лицата кои се грижат за лицата со попреченост кои ги користат услугите на дневните центри, ги споделија своите искуства во однос на најчестите проблеми со кои се соочуваат при остварување на своите права како и начините на кои се справуваат со истите.

Во директен контакт, родителите и лицата кои се грижат за деца и лица со попреченост релативно слободно зборуваат за своите проблеми. Најголем дел од нив покажаа релативно високо ниво на свесност и способност за препознавање на случаите на дискриминација и прекршување на нивните прва, дури и во случаите на индиректна дискриминација односно дискриминација по асоцијација, меѓутоа само мал дел од нив ги пријавиле случаите до релевантните институции. Имено, 55.6% изјавиле дека се соочиле со ситуација во која биле дискриминирани и/или им биле прекршени некои права, од кои само 36% го пријавиле случајот, а само 37.5% од нив изјавиле дека биле задоволни од постапката. Кога станува збор за причините за непријавување на дискриминација, 29.8% изјавиле дека не верувале дека нешто ќе се промени доколку го пријават случајот, а нешто помалку (21.3%) не пријавиле поради недоверба во институциите. 17% не пријавиле поради страв од понатамошни штетни последици, а 14.9% не знаеле каде можат да го пријават случајот. Најголем дел од лицата кои се обраќаат за бесплатна правна помош во Хелсиншкиот комитет иницијално делуваат охрабрено да преземат понатамошни правни дејства, но сепак најголем дел по првичниот контакт се откажуваат токму поради недовербата во институциите.

Во однос на областите, овие лица најчесто се соочиле со дискриминација во предучилишно образование (42.5%) и социјална заштита (38.3%), здравство (34%), основно образование (31.9%) и јавен транспорт (29.8%). Во споредба со останатите области, скоро 40% упатуваат на дискриминација на некое ниво од образовниот процес.

Се уште еден од најчестите проблеми е непристапноста на инфраструктурата, почнувајќи од самите институции, па се до улиците, тротоарите, паркинзите и јавните објекти. Непристапноста се уште претставува сериозен проблем, дури и во случај кога лицето се движи со придружник. Во дел од изјавите беше истакнато дека се уште постои непочитување на законите кои се однесуваат на градење и урбанистичко планирање при изградбата на станбени и други објекти.

Голем дел од лицата изјавија дека не можат да ги уживаат правата кои им следат на работното место и покрај тоа што се запознаени со права кои ги имаат. Во однос на правото на надоместок на плата за скратено работно време, и покрај информираноста, дел од учесниците имаа нејасности околу начинот на кој се исплаќа платата, а повеќето изјавија дека се уште имаат страв од губење на работно место (особено доколку се вработени во приватни фирми). Дел од нив никогаш не ни побарале да користат некои од правата кои им следуваат, дури и покрај тоа што некои веќе имаат документ со кој можат да работат скратено работно време.

Најчестите проблеми со кои се соочуваат лицата кои се грижат за деца со попреченост се лоцирани во образовниот процес. Еден од проблеми на кој укажуваат е отпорот за прием на нивните деца во одредени градинки и училишта, како и нивно постојано префрлање од една во друга воспитно-образовна институција, како и потребата од стручни тимови во сите градинки и училишта. Непристапноста на воспитно-образовните институции е се уште проблем за голем дел од децата со попреченост.

Значаен дел од лицата кои се грижат за лица со попреченост сметаат дека не се доволно информирани за своите права, ниту пак, за процесите на носење нови мерки и закони, изразувајќи незадоволство во однос на нивно недоволно вклучување и неземањето предвид на нивните потреби и барања во процесот на нивно донесување. Оттука потекнува и високиот степен на отпор и скептицизам кај овие лица кога станува збор за воведување на промени, односно нови закони, мерки, стандарди и слично, без разлика дали станува збор за новини кои имаат за цел да им го олеснат секојдневното функционирање. Со оглед на општата обесхрабреност и недоверба да ги бараат своите права пред релевантните институции, потребно е да се работи на зајакнување на довербата во институциите на лицата со попреченост и нивните семејства, како и на нивно активно вклучување во процесите на донесување одлуки кои се од суштинско значење за остварување на нивните права, но и за задоволување на специфичните потреби кои ги имаат. Имајќи предвид дека лицата кои се грижат за лица со попреченост, како извор на информирање за правата, новите законски одредби и мерки најчесто ги користат медиумите односно интернетот, потребна е поголема транспарентност на овие процеси, особено преку овој вид на медиуми.

 

Меѓународно застапување

Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2015 година, во име на малолетното лице Л.Р., лице со комбинирана попреченост, поднесе апликација до Европскиот суд за човекови права за нечовечки и понижувачки третман вршен од страна на вработените во Заводот за рехабилитација ,,Бања Банско”. Европскиот суд за човекови права на 23 јануари, 2020 година  донесе пресуда, со која едногласно утврди прекршување на членот 3 од Европската конвенција за човекови права – Забрана за нечовечки или понижувачки третман. Оваа одлука претставува и своевиден преседан на прифаќање на апликација во име на малолетно лице со попреченост, без можност да даде согласност да биде застапувано пред Европскиот суд .

Постапувајќи по случајот, Јавното обвинителство започна истрага врз основа на која било утврдено дека сместувањето на Л.Р. во оваа институција било несоодветно и дека тој повремено бил врзуван за својот кревет со јаже од ,,безбедносни причини’’, односно за да го спречат да избега и со тоа да се стави себеси во опасност. Но, и покрај утврдените неправилности, Јавното обвинителство не најде основ за кривично обвинение со објаснување дека кај вработените не постоела намера детето да се подложи на нечовечки и понижувачки третман. Ваквата одлука беше обжалена од страна на Хелсиншкиот комитет без позитивен исход и со потврдување на одлуката од страна на Вишото јавно обвинителство.

Европскиот суд одлучи дека во случајот на Л.Р. против Северна Македонија државата потфрлила во спроведувањето на соодветна истрага за случајот и системски потфрлила и постапувала спротивно на забраната за нечовечки и нехуман третман. Дополнително, Европскиот суд одлучи дека Северна Македонија треба да му исплати 18.000 евра на апликантот за нематеријална штета и 1.650 евра за трошоци. За да можеме да зборуваме за извршување на оваа пресуда, од особена важност е во наредниот период државата да му обезбеди соодветна рехабилитација и да осигура дека средствата ќе бидат употребени за негова заштита. Л.Р. е во меѓувреме сместен во мал групен дом во надлежност на Специјалниот завод Демир Капија каде беше посетен од страна на претставнички на Хелсиншкиот комитет за човекови права во почетокот на годината.

 

Социјална заштита

Новиот Закон за социјална заштита[4] беше донесен во мај 2019 година. Со новиот текст на Законот дел од правата и услугите содржани во претходниот Закон беа променети и/или преформулирани, а воедно беа предвидени и значаен број на целосно нови права и услуги за социјална заштита, како услуги во домот, во заедницата и вон-семејна заштита. Развивањето на овој тип на услуги е во согласност со целите на процесот на деинституционализација, што би требало да придонесе за олеснување и поддршка на процесот на преселување на корисниците од институциите за социјална заштита од една страна, но и да спречи понатамошна институционализација и реинституционализација, преку поддршка во домот и заедницата, од друга. Во контекст на процесот на деинституционализација, Законот предвиде и трансформација на постоечките институциите за социјална заштита во нови сервиси за социјални услуги.

Од прибраните податоци од барателите на правна помош во рамки на услугата која ја обезбедува Хелсиншкиот комитет, како и од разговори со корисници на права од социјална заштита, произлезе дека корисниците се недоволно информирани за промените кои беа воведени со новиот Закон и дел од нив сметаа дека им се ускратени некои права кои ги имале со претходниот Закон. Оттука, несоодветната информираност на корисниците произлегува од недоволното познавање на законските промени од страна на давателите на услуги надлежни за спроведување на Законот и притоа потребно е унифицирање и правилна примена на законските одредби.

 

Деинституционализација

Процесот на деинституционализација, кој првично започна во 2005 година, беше во период на стагнација повеќе од 10 години, за повторно да биде обновен во 2017 година. Во насока на обезбедување на достоинствен и квалитетен живот и социјална инклузија, за што освен затворањето на институциите подразбира и воспоставување и развој на услугите во заедницата, но и учество на корисниците во процесите на донесување на одлуки на различни нивоа, процесот на деиниституционализација има за цел д придонесеа за зајакнување на правата на лицата со попреченост кои се содржани во КПЛП.

Процесот на деинституционализација во 2018 година го имаше својот најголем развој почнувајќи од инклузивното изготвување, но и усвојувањето на новата Национална стратегија за деинституционализација 2018–2027 „Тимјаник” со која институционалното живеење конечно требаше да го започне процесот на трансформација кон социјални сервиси во локалната заедница. Со ова започна постепеното напуштање на институционалното живеење и префрлување на дел од штитениците во мали групни домови и згрижувачки семејства. Хелсиншкиот комитет беше активно вклучен во донесувањето на  Националната стратегија и ја следи нејзината имплементацијата, како и целокупниот процес на деинституционализација.

Процесот на деинституционализација, чиј фокус во изминатиот период беа децата згрижени во институциите за социјална заштита, во текот на 2019 година продолжи да се спроведува и за возрасните лица. Забрзаното темпо со кое процесот се одвиваше во 2018 година продолжи и во 2019, со отворање на нови мали групни домови, трансформација на постоечките институции, како и развивање на сервисите во рамки на локалната заедница. Активностите за развивање на локалните сервисите, меѓу другото, вклучија и започнување на процесот на трансформација на дневните центри за деца и лица со попреченост, која подразбира одделување на корисниците во зависност од возраста, реорганизација на работата, подготовка на нови индивидуални планови за развој на корисниците, обезбедување кадар и соодветна стручна обука, како и подобрување на инфраструктурата на центрите.

Со преселбата на децата од Домот за доенчиња и мали деца „Мајчин дом“ Битола беа згрижени и последните деца под тригодишна возраст, додека со преселбата на децата сместени во Заводот за згрижување, воспитување и образование на деца и младинци „Ранка Милановиќ“, со завршувањето на 2019 година сите деца под 18-годишна возраст го напуштија институционалното живеење и беа сместени во алтернативни форми на вонинституционално згрижување, како згрижувачки семејства и мали групни домови. Малите групни домови обезбедуваат 24-часовна нега и/или надзор, како и стручна поддршка за соодветен развој на децата и нивна реинтеграцијата во средината.

Со започнување на преселбата на корисниците од Специјалниот завод Демир Капија во 2018 година во рамки на трите мали групни дома во Неготино, с. Тимјаник и Скопје, во следните три години процесот на деинституционализација продолжи со отворање на нови мали групни домови во с. Корешница, Скопје и Демир Капија. Во меѓувреме се одвиваше и процесот на деинституционализација и во Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“. Предвидувања на Министерството за труд и социјална политика во однос на процесот на деинституционализација беа дека до крајот на 2023 година, со поддршка на Делегацијата на ЕУ и агенциите на ОН во земјата, нема да има  лица сместени во институции за социјална заштита.

 

Функционалност наспроти попреченост

Почнувајќи од април 2019 година во земјава беше формирано ново стручно тело за спроведување на новиот модел на функционална проценка на деца со попреченост според Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Наспроти досегашниот модел на категоризација на попреченоста кај децата, во чиј фокус беше степенот на попреченост, новиот модел на проценка според МКФ е насочен кон развивање на постоечкиот потенцијал на детето преку анализа на степенот на функционалност, но и на постоечките бариери во средината. Покрај можностите за посоодветна инклузија на децата со попреченост преку детектирање и развивање на нивните индивидуални капацитети, новиот модел на проценка придонесува и за намалување на автостигматизацијата од страна на семејствата на децата со попреченост, што беше една од причините за одбегнување на категоризација според одамна застарениот модел. Новиот Центар за функционална проценка и поддршка на деца и млади беше сместен во зградата на поранешниот Дом за деца без родители и родителска грижа 11 Октомври во Скопје, што беше дел од планот за пренамена на просториите на домот со процесот на деинституционализација. Проценката, која е од особена важност за изготвувањето на понатамошните препораки за инклузија на децата со попреченост во образовниот процес, освен во Центарот се спроведува и во домот, како и во образовните институции во кои е вклучено детето. Во постапката на проценка вклучени се и родителите, старателите или други лица кои се грижат за детето.

И покрај направените позитивни чекори во ова поле, се уште постојат значаjни ограничувања, особено во однос на возрасните лица со попреченост односно лицата над 26 годишна возраст. Имено, системот на проценка во земјава се уште во голема мера е заснован на медицинскиот модел, каде услугите и сервисите се дефинирани согласно степенот на „оштетување“ и возраста на лицата односно возрасните лица се уште се подложни на категоризација според застарениот модел. Оттука, она што е потребно е да се унифицира системот за проценка, со цел целосна примена на социјалниот модел, во согласност со принципите на КПЛП.

 

Инклузивно образование

Во август 2019 година беше донесен новиот Закон за основно образование[5], кој започна со примена во септември истата година и со кој основното образование беше институционално, кадровски и содржински организирано да овозможи инклузија на сите деца во редовното основно образование. Со цел да се обезбеди соодветна поддршка низ целокупниот образовен процес на децата со попреченост, Законот предвиде различни видови на поддршка на неколку нивоа. Меѓу другото, новиот Закон даде јасни дефиниции за учениците со посебни образовни потреби, вклучувајќи притоа три категории на ученици: ученици со попреченост, ученици со нарушување во однесувањето или емоционални проблеми или со специфични тешкотии во учењето и ученици кои потекнуваат од неповолни социо-економски, културни, и/или јазични депривирани средини.

И покрај тоа што инклузијата на децата со попреченост во редовното образование за прв пат беше законски регулирана и Законот предвиде низа промени за прилагодување на целокупниот образовен процес, уште од самиот почеток на учебната година беа забележани бројни недостатоци во неговата имплементација. Еден од најголемите проблеми кој Хелсиншкиот комитет го евидентираше во овој првичен период произлезе од несоодветниот број на образовни и лични асистенти кои им беа на располагање на  училиштата, кои во голем размер не одговараа на потребите на учениците. Ова го потврди и истражувањето на Народниот правобранител за имплементацијата на Законот во училиштата во Скопје, каде само 26% од потребите за образовни асистенти и 73% од потребите за лични асистенти биле задоволени.[6] Според истото истражување, најзначајни фактори кои придонесуваат за отежнување на инклузијата е неподготвеноста на училиштата за спроведување на законските одредби односно недоволно стручен наставен кадар, неприлагодена средина за учење и непристапност на училишната инфраструктура.

Голем дел од овие недостатоци кои произлегоа од имплементацијата на Законот се се уште присутни, а инклузивното образование се соочи со дополнителни особено предизвици кои ги наметна пандемијата на висусот Ковид-19. Воедно останува во наредниот париод да се пристапи кон промена и на останатите закони во полето на образованието, со цел да се овозможи инклузивно образование за сите ученици, на сите нивоа на образование во земјава.

 

Лицата со попреченост и пандемијата

Лицата со попреченост во целиот свет, но и во нашата земја, се уште претставуваат една од најмаргинализираните групи во општеството, кои беа диспропорционално засегнати од ефектите на пандемијата. И покрај тоа што попреченоста сама по себе не значи дека едно лице е во поголем ризик од заразување со вирусот, голем дел од лицата со попреченост имаат поранлива здравствена состојба која ги става во поголем ризик од самата болест. Непристапноста на информациите поврзани со вирусот, затворање на дневните центри за поддршка, неприлагодено учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот. Лицата кои живеат со попреченост генерално имаат поголеми здравствени потреби од останатите луѓе, без разлика дали станува збор за секојдневни потреби или потреби поврзани со попреченоста, што ги прави поранливи во случај на непристапност и/или ограничување на здравствените услуги. Доколку имаме предвид дека и во “нормални“ услови лицата со попреченост имаат отежнат пристап до здравствени услуги, образование, вработување, средства за информирање, итн., во услови на здравствена криза пристапот до одредени права за овие лица може да биде значително оневозможен.

Кај лицата со попреченост, особено кај лицата со интелектуална попреченост и кај лицата со нарушувања од аутистичниот спектар, многу важен сегмент во функционирањето претставува секојдневната рутина. Во услови кога движењето е ограничено временски, но и физички, доаѓа до промена на рутината што кај многу лица со попреченост може да предизвика појава на анксиозност, оттука оние лица кои се грижат за деца и лица со попреченост се соочија со предизвикот за наоѓање на алтернативни начини на секојдневно функционирање и воспоставување на нови рутини. Затворањето на дневните центри, наметна дополнителен предизвик за лицата со попреченост кои редовно посетувале дневен центар како дел од секојдневното функционирање, но и за лицата кои се грижат за нив, имајќи предвид дека мораат да останат во домот, а со тоа многу често и за сметка на губење на работното место.

Имајќи предвид дека за голем дел од лицата со попреченост движењето претставува терапевтска активност и дел од воспоставена навика, Владата на РСМ донесе уредба со која беше утврден посебен режим на движење за лицата со попреченост за времетраење на полицискиот час.[7] Лицата со попреченост можеа да излегуваат со еден придружник во одредените термини за движење, а за оваа цел не беа задолжени да вадат посебна дозвола за движење, туку единствено со себе да имаат наод или решение кое се докажува попреченоста.[8]

Рестриктивните мерки, кои првенствено се состоеа во препораките за самоизолација и социјално дистанцирање, за голем дел од лицата со попреченост беше исклучително тешко да ги применуваат, особено имајќи предвид дека значителен дел од нив зависат од поддршката на други лица, некогаш и во извршувањето на основните физиолошки потреби. Во однос на мерките за поддршка на лицата со попреченост, само 27 општини во земјава беа опфатени со мерката на Министерството за труд и социјална политика за поддршка во домот.[9] Оваа мерка беше наменета за олеснување на секојдневно функционирање на лицата со попреченост, вклучувајќи асистенција за реализација на итни администривни процедури, набавки и друг вид на поддршка во согласност со потребите на лицето. Олеснителна околност претставуваше и одлуката на Владата за редуцирање на административните процедури кои се однесуваат на користење на одредени права од социјална заштита, при што корисниците не беа задолжени да ја обновуваат потребната документација доколку сакаат да продолжат да користат одредени бенефиции, а за користење на одредени услуги документацијата можеа да ја достават електронски.

Хелсиншкиот комитет во 2021 година спороведе истражување на тема Влијанието на кризата предизвикана од Ковид-19 врз лицата со попреченост во Северна Македонија[10]  за состојбата во која се најдоа лицата со попреченост и лицата кои се грижат за нив како резултат на мерките и политиките што беа донесени за време на пандемијата, но и на самата пандемија. Ова истражување ја потврди маргинализираната положба во која се наоѓаат лицата со попреченост и лицата што се грижат за нив, а тоа особено беше изразено за време на пандемијата. Истражувањето укажа на тоа дека во процесот на изготвување и донесување на мерките, кои директно или индиректно се однесуваа на лицата со попреченост, не беа вклучени ниту лицата со попреченост, ниту, пак, здруженијата на граѓани што работат во оваа област. Единствено, по поднесените реакции и барањата на здруженијата биле направени измени на мерките, но по нивното донесување од страна на Владата. Донесените мерки ги игнорираа потребите специфични за лицата со попреченост, особено на оние што живеат во руралните средини. Имајќи предвид дека постои сериозен недостиг на статистика за лицата со попреченост во земјава и дека сè уште не е воспоставен регистарот за нивна евиденција при Министерството за труд и социјална политика, не располагаме со соодветни информации за видовите попреченост на оваа група граѓани, што придонесува за тоа да не може да се изготват соодветни мерки што ќе одговараат на нивните потреби.

На најголем дел од лицата со попреченост, мерките за превенција и заштита од вирусот им предизвикале тешкотии во секојдневното функционирање. Тешкотиите се однесуваат на ограничената социјализација и ограниченото движење, како и на тешкотиите поврзани со следењето на мерките за заштита (одржување физичка дистанца, носење маска, избегнување групирање и сл.). Лицата со попреченост и лицата што се грижат за нив се соочиле со тешкотии во остварувањето на своите права за време на пандемијата, од кои само мал дел се обратиле за помош најчесто во центрите за социјална работа, а помал дел побарале помош од граѓанските здруженија. Само мал дел од лицата ја добиле бараната помош, односно ги оствариле бараните права.

Децата со попреченост се соочиле со сериозни проблеми при следењето на онлајн наставата, која во голема мера беше несоодветна и неприспособена на нив и на различните видови попреченост. Спроведувањето на наставата се одвиваше во недостиг на соодветни образовни помагала, односно немање потребна техничка опрема за следење на наставата, како и недостиг на соодветна поддршка за следење на наставата (образовен асистент, специјален едукатор и сл.).

Здравствените установи беа ставени целосно во функција на надминување на последиците од пандемијата, а сите други тековни прегледи и интервенции беа одложени. Услугите за рехабилитација, кои се од особена важност за лицата со попреченост и позитивно влијаат врз нивниот развој, биле недостапни за голем број лица со попреченост. Дури и пунктовите за тестирање за Ковид-19 не се пристапни за лицата со попреченост.

И покрај направените приспособувања во однос на обезбедувањето одредени здравствени услуги, пред сè, поврзани со продолжување на важењето на документацијата потребна за остварување некое право од здравствена заштита, голем дел од испитаниците се соочиле со тешкотии при добивањето здравствени услуги и здравствена заштита за време на пандемијата. Лицата со попреченост и лицата што се грижат за нив се соочиле со гужви и чекање редици во здравствените установи и во аптеките, а тоа сериозно го зголемува ризикот од заразување со вирусот. Дополнително, имајќи предвид дека дел од лицата со попреченост имаат тешкотии во однос на почитувањето на мерките за заштита од вирусот, како што е, на пример, носењето маска, ризикот од зараза може да биде значително зголемен и за нив, но и за останатите лица. Лицата со попреченост и лицата што се грижат за нив изразија незадоволство во однос на професионалноста на здравствените работници и начинот на меѓусебна комуникација, нагласувајќи ги нетрпението и непознавањето на специфичните потреби што ги имаат тие.

Еден од најчестите проблеми со кој се соочиле лицата со попреченост во однос на пристапот до услуги од социјална заштита произлегува од неможноста за користење на услугите на дневните центри. Иако, во меѓувреме, дневните центри започнаа со работа, сепак нивната работа е со ограничен капацитет, а организираниот превоз до центрите сè уште е ограничен. Професионалноста од страна на стручните лица, како и организираноста на администрацијата за обезбедување услуги од социјална заштита е на ниско ниво, односно испитаниците сметаат дека е потребно подобрување во оваа област во насока на позитивен развој на пристапот до услугите. За време на пандемијата значително беа изразени тешкотиите при прибирањето и обновувањето документи за остварување на правата од социјална заштита, а во некои случаи тоа довело до губење на правото за нивно користење. Тесно дефинираната рамка за социјална заштита придонесе за тоа голем број лица со попреченост што не ги исполнуваат условите за парична поддршка, а поради кризата останале без или со намалени приходи или, пак, изгубиле работа, да се соочат со зголемен социјален ризик и со сиромаштија.

Пандемијата неминовно се одрази и на финансиската состојба на лицата со попреченост, притоа значително зголемувајќи ги трошоците што се однесуваат на превенција на здравјето, вклучувајќи ги трошоците за хигиенски средства и за лекови. Потребата од набавка на лекови што не се наоѓаат на позитивната листа на лекови на Фондот за здравствено осигурување, како и за оние што потребната терапија ја набавуваат од странство. Тешкотиите со кои се соочиле лицата што се грижат за лица со попреченост на работното место за време на пандемијата во најголем дел се однесувале на отсуството од работа поради грижа за лице со попреченост во домот.

Проблемот на ограничен или отежнат пристап до институциите со кој секојдневно се соочуваат лицата со попреченост беше значително изразен за време на пандемијата, а тоа се должи на редуцираното функционирање на институциите и на ограниченоста на превозот во текот на овој период. Дел од лицата не биле во можност да користат јавен превоз поради неможноста да носат маска и целосно да ги почитуваат мерките за заштита од вирусот. Само мал број институции целосно се пристапни за лицата со попреченост, а тоа ја опфаќа и пристапноста на информациите во нив.

Имајќи предвид дека пандемијата е сè уште присутна и последиците од пандемијата ќе ги чувствуваме и во наредниот период, од особена важност е при креирање на идните мерки и политики, особено во насока на ублажување на негативните ефекти од кризата, да се земат предвид потребите на децата и лицата со попреченост, како и на лицата кои се грижат за нив.

 

[1] Ортаковски, Т., Анализа за процена на националните програми и мерки за вработување на лицата со попреченост. Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Достапно на: https://www.osce.org/files/f/documents/7/5/372051.pdf.

[2] Собрание на Република Македонија (1991, ноември 17). Устав на Република Македонија. Прогласен со одлука број 08-4642/1. Член 118.

[3] Амандман XXV на Уставот на Република Македонија.

[4] Службен весник на РСМ, бр. 104/2019

[5] Службен весник на РСМ, бр. 161/2019

[6]http://ombudsman.mk/upload/Posebni%20izvestai/2019/Poseben%20izvestaj-Deca%20so%20posebni%20potrebi%20vo%20skopski%20region-2019.pdf

[7] Достапно на: https://vlada.mk/node/20925

[8] Достапно на: http://www.mtsp.gov.mk/pocetna-ns_article-licata-so-poprecenost-ne-treba-da-vadat-dozvola-za-dvizenje-so-sebe-da-nosat-naod.nspx

[9] Достапно на: http://mtsp.gov.mk/pocetna-ns_article-licata-so-poprecenost-i-starite-lica-vo-27-opshtini-kje-dobijat-asistencija-za-polesno-spravuvanje-s.nspx

[10] Достапно на: https://mhc.org.mk/publicationsanalyzes/vlijanieto-na-kovid-19-krizata-vrz-licata-so-poprechenost-vo-severna-makedonija/

Документи