ВИДЕО | Димитрова од Хелсиншки: „Јавна соба“ е кривично дело кое мора час поскоро да се реши
јануари 28, 2021
Групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа „Телеграм“ која пред неколку месеци ја вознемири македонската јавност е повторно активна.
Во текот на минатата година група со исто име имаше околу 7 илјади членови кои меѓу себе разменуваа експлицитни фотографии од девојки од Македонија, меѓу кои имаше и малолетни лица.
Хелсиншкиот комитет побара од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.
– Деновие симболично се одбележува 1 година откако дознавме што се случува во „Јавна соба“. Институциите рекоа дека веднаш ќе почнат да го работат случајот. Потоа видовме некое стишување. Првичната „Јавна соба“ беше дисфункционална, но се отворија слични групи. Овие групи се со иста цел и содржина. Се работи за одржување на култура на насилство, родово-базирано вознемирување кое не се санкционира од институциите. Сè додека тоа не се санкционира, насилниците ќе чувствуваат дека никој не може да ги допре, изјави во Утрински брифинг Калиа Димитрова од Хелсиншкиот комитет и уредник на феминистичката платформа „Медуза“.
– Во најмала рака, она што излезе како став на МВР, е срамно. Ние знаеме за многу жртви конкретно од овој случај, да не зборувам за жртви на сексуално и родово базирано насилство, коишто пријавуваат во МВР. Се соочуваат со двојна виктимизација, не добиваат соодветна грижа, не се сфаќаат нивните случаи сериозно, сторителите многу ретко се наоѓаат, а кога се наоѓаат не добиваат соодветна казна, такашто да се излезе со такво тврдење кога знаеме дека жртвите се обесхрабрени да пријавуваат, е непрофисонално. Од друга страна, тоа што и било кажано на Ана, конкретната девојка, не е точно. Иако е полнолетна, таа може да поведе постапка за злоупотреба за лични податоци, тоа е предвидено и за тоа има предвидено затворска казна до една година и парична казна, што не е „сјајно“. Тоа што сакам да го пратам како апел и е многу важно, е дека мора да се инкриминира интернет сексуалното вознемирување. Ова е само еден пример со којшто се соочуваме, мислам дека ваков тип на вознемирување и насилство навистина ќе биде во пораст и затоа е многу важно да биде инкриминрано. Имаме нов Закон за заштита од родово засновано насилство и семејно насилство којшто предвидува ваков тип на насилство и вознемирување, такашто многу е важно институционално и системски ова да го решаваме. Вистина е дека „Телеграм“ е мрежа што не соработува со Владата и слично. Нормално, ние не бараме од нашата Влада да го сопре функционирањето на „Телеграм“, ова се навитина базични операции кои тие треба да ги направат. Ние познаваме девојки кои знаат кои лица ги имаат проследено нивните фотографии и податоци во овие групи. Навистина во прашање е несфаќање на сериозноста на случајот, несфаќање на сериозноста на реперкусиите на животите, безбедноста и достоинството на жртвите и непостапување. Јас навистина сметав дека кога мината година се случи ова, треба да се фокусираме на едуцирање на јавноста, сензибилирање за тоа што е двојна виктимизација, зошто не може да се обвинуваат жртвите… Сите напори ми беа во таа насока, на информирање и образование, но сега гледам дека се додека институциите не постапуваат, јавноста, односно луѓето не може да ги сменат своите ставови по овие прашања. Се додека гледаме дека е „океј“ да се употребуваат лични податоци на девојки и жени, дека е „океј“ да се ставаат во порнографски контекст, дека е „океј“ да се навредуваат на социјалните мрежи и слично, мислам дека едноставно не можеме да се помрднеме од оваа мртва точка. Мора институциите да постапуваат и да кажат кој е виновникот во овој случај, а не ние да кажуваме и да им ја работиме работата, истакна Димитрова.
Целиот разговор со Калиа Димитрова од Хелсиншкиот комитет и уредник на феминистичката платформа „Медуза“ погледнете го во видеото: