Стигматизацијата во времето на вирусот мора да биде казнета
април 5, 2020
Неколку случаи во државава во кои се оцрнуваа наводно заболени од корона вирусот предизвика гнев во јавноста. Но за да се спречи стравот да не предизвика насилно однесување тие што стигматизираат мора да бидат казнети
Билјана Богдановска
Не се однесуваме рационално во време на кризи, па стигматизацијата на луѓето со Ковид-19 е очекувана појава, но не и оправдана, потенцираат социолозите.
Стравот од непознато, а деновиве тоа е новиот корона вирус кој однесе илјадници животи, го извадија најлошото од луѓето, па повикуваа на линч дури и на оние за кои не е докажано дека се носители на вирусот.
Некои битолчани беа особено груби, дури и со повици за насилство, откако во хотели во нивниот град беа сместени државјани на Македонија, повратници од странство, во задолжителен карантин со цел да се спречи ширењето на вирусот.
Еден корисник на социјалните мрежи повика да се запалат сите хотели во кои се сместени повратниците, нарекувајќи ги со погрдни имиња.
„Ајде браќа и сестри, сложно, запалете ги сите хотели во Македонија каде се сместени ѓаволите. А ако случајно некој сака да излезе, пречекајте го со куршум. Ова е последна шанса да ја зачувате Македонија“, гласи повикот на лицето-иницијатор.
На ова, речиси експресно, реагираше Славјанка Петровска, заменичката-министерка за внатрешни работи, која објави дека пријавила лице кое на социјалните мрежи покренало иницијатива да се запалат сите хотели во Македонија кои служат како државен карантин за превентивна самоизолација за македонските државјани повратници од странство.
„На социјалната мрежа ФБ беше споделуван пост од лице кое повикува на насилство кон нашите сограѓани кои се наоѓаат во хотелите кои се наменети за државен карантин. Случајот го пријавив и се постапува. Повикот за линч, насилство и говор на омраза не смее и нема да биде толериран, без оглед кон кого е насочен“, напиша Петровска на Фејсбук.
„Ние го пријавивме случајот со повикот на линч во Битола. Стигматизацијата беше проблем од почеток на оваа епидемија, затоа што кај нас владеат фобии, повикавме и да не се објавуваат имињата на заразените, токму за заштита од вакво однесување на другите кон нив. Кога владее страв од нешто, особено од ваков непознат вирус, ваквите фобии вообичаено се интензивираат. Се трудиме со нашите соопштенија да укажеме дека не треба да се стигматизираат луѓе кои се во изолација, а се вратиле од странство и најверојатно не се ни заболени“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за Nezavisen.mk.
Несвојствено е за човечко битие да не посака и да не пружи помош на оној кој е послаб и немоќен, смета проф. д-р Татјана Стојаноска-Иванова, од Институтот за социологија, но непознатото и стравотиите поврзани со новиот корона вирус, кои секојдневно ги следат на медиумите, придонесуваат можеби за таквиот паничен напад. Но тоа не ги оправдува.
„После ова не само нашата, туку и многу земји ќе бидат социолошки лабаратории и ќе треба да се направат многу истражувања. Но, примарно е говорот на омраза да згасне, за тоа треба да се објасни, но и оние кои ги прекршиле сите мерки да се санкционираат соодветно“, додава Стојаноска-Иванова.
Ова не е изолиран случај. Уште на почетокот од епидемијата, кога вирусот се ширеше само во Кина, наш сограѓанин, вербално нападна странци, во центарот на Скопје, за кои мислеше дека се од Кина. Подоцна се покажа дека тие не се од Кина, а јавноста тогаш го осуди човекот кој снимаше со телефон и викаше по луѓето: „Корона, корона“.
Ним им се извинија и повеќе функционери и институции како Министерството за надворешни работи.
„Во време на кризи, во време на елементарни непогоди, епидемии, пандемии, луѓето се помалку рационални, а повеќе емоционални, значи не размислуваат секогаш рационално, бидејќи постојат емоции на страв од непознатото. Но, во никој случај не оправдува насилство, бидејќи насилство спрема другиот, поинаквиот од себе, не треба да се оправда со ништо. Јас сум од оние поборници кои сметаат дека насилството треба строго да се санкционира и тоа секој вид на насилство соодветно да се казни (вербално, психолошко, емоционално, силеџиство, физичко насилство). Тоа подразбира дека не е доволно само извинување, туку соодветна санкција за насилниците“, вели проф. д-р Татјана Стојаноска-Иванова за Nezavisen.mk.
Во ваква ситуација може да се најде секој од нас, нашите семејства и блиски, смета претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и затоа мора заеднички да ја пребродиме оваа здравствена криза.
„Како здрава и солидарна нација мора да помагаме и да даваме поддршка на инфицираните, а не да стигматизираме и да покажуваме со прст кон нив“, оцени Заев во интервју на една телевија.
Тој не се согласува со стигматизирање, со маркирање. „Секој мора да се стави во нивна ситуација. Ние треба да им се најдеме на луѓето, да им помогнеме да го пребродат тоа побрзо. Стигматизирањето и покажување со прст е лошо“, порача Заев.
Нашите соговорници се согласни дека довербата во институциите се врати во контекст на здравствената криза.
„Полека се враќа довербата кон институциите на системот и тоа пред сѐ, се должи на смиреноста и начинот на кој ја води ситуацијата министерот за здравство Венко Филипче. Полека видовме дека и правдата се враќа, и други институции застануваат на нозе“, вели Стојаноска-Иванова.
„Политиките на Владата во следниот период треба да бидат во насока на заштита на граѓаните кои се, биле или ќе бидат заболени од корона висруот. Треба да се има соодветен одгвор од сите институции на говорот на омраза. Се забележува дека довербата во институциите е вратена со пристапот на министерот за здратвство и неговата транспарентност и отвореност во врска со епидемијата“, вели Пировска.
Социологот Стојаноска-Иванова вели дека епидемијата и справувањето со неа ќе донесе и позитивни ефекти, па така, децата повеќе време поминуваат со своите родители и имаат време да посветат повеќе внимание на процесот на воспитување, што беше запоставен со години.
„Дури и имаат уки и поуки од стручни и компетентни луѓе како да им ја објаснат и ваквата ситуација. Верувам, а истражувањата ќе покажат подоцна, дека се враќаме на патот на вистинските вредности-чесност, позитивност, пријателство, љубов, значење на колективитетот, интеграција, алтруизам, одговорност, емпатија и слично“, додава Стојаноска-Иванова.
Таа е на мислење е дека треба да се изготви национална стратегија за борба против секакво насилство со континуирана борба против стигматизација, предрасуди и стереотипи кон секој поинаков, а во овој случај кон лицата кои го победиле вирусот, за нив треба посебна поддршка.