По 16 години Мемети ја напушта фотелјата – со какви резултати заминува и кој ќе го наследи?
„Црниот понеделник“ е терминот кој во колективната меморија на земјава е врзан за 24 декември 2012 година – денот кога тогашната власт ги отстрани новинарите а потоа ја исфрли опозицијата од собраниската сала поради противењето на носењето на Буџетот за следната година.
Но, освен буџетот, тој ден помина уште една одлука. Без опозицијата во Собранието и протести надвор, Иџет Мемети доби втор осумгодишен мандат на Народен правобранител или заштитник на граѓанските слободи и права во Македонија.
За два месеца, тој ја напушта фотелјата на која е 16 години. Со какви резултати заминува Мемети и кој ќе го наследи?
Национална конференција за недискриминација. Време да слушнат или да кажат нешто одвоија министри, пратеници, претставници од институциите, експерти за човекови права. Но, празно остана столчето резервирано за Народниот правобранител, Иџет Мемети, кој не дојде да ги слушне забелешките во извештајот за еден сегмент од неговата работа во изминатите 10 години – спречувањето и заштитата од дискриминација.
Во документот на невладината Мрежа за заштита од дискриминација се заклучува дека позитивни аспекти од работата на Омбудсманот се покренувањето постапки за дискриминација, почитувањето на роковите, спроведувањето увид во некои случаи, но и дека клучен проблем е немањето резултати од неговата работа во унапредувањето на еднаквоста и спречувањето и заштитата од дискриминација.
Раскажано во бројки, од вкупно поднесените 42 618 претставки, 556 се за дискриминација. Народниот правобранител не отворил постапка или набрзо ја запрел во 59% од овие случаи. Во 41% од случаите, каде е отворена постапка, се нотира дека процедурата најчесто е долга. Често и повеќе од 90 дена, доколку е во прашање дискриминација кон ЛГБТИ заедницата, сексуалните работици и луѓе што употребуваат дроги. Народниот правобранител може да поведува постапки и по сопствена иницијатива, но го правел тоа само два пати годишно.
Но, и кога Омбудсманот носел одлуки по утврдена дискриминација, само во 43% од случаите засегнатите институции ги прифатиле неговите препораки. Во мнозинство од дури 57% случаи, институциите не го почитувале Народниот правобранител. Само за 3,8% од ваквите случаи на непочитување, Мемети одлучил да се реагира до Владата.
„Kонкретно во предмети за дискриминација на полициско постапување кон сексуални работници, препорачува МВР да се обучи како да постапува со оваа маргинализирана група. И тука завршува постапката. Народниот правобранител понатаму не монитрорира дали МВР стварно ги спровело тие обуки, дали не ги спровел. Кои се ефектите и резултатите од тие обуки, дали сега имаме некакво подобрување. Во најголем од случаите тука и завршува постапката“,
вели Драгана Дрндаревска од Коалицијата „Маргини“.
Според Дрндаревска, Народниот правобанител вели дека државните органи доцнат при давањето одговори и не ги почитуваат препораките. Но, од друга страна, тој не ја користи законската можност – да покрене прекршочна постапка против нив.
Како последица, граѓаните наместо да завршат работа кај Народниот правобранител, често битката ја продолжуваат кај невладините организации. Според Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, Омбудсманот треба да е почесто во јавноста за да ги исполни законските обврски – соработка со граѓанскиот сектор, промоција на човековите права и слободи, да спроведува истражувања и едукации и да иницира законски измени.
Како пример за добра идеја а лоша реализација, го посочува проектот „Омбудсман плус“, кој треба да ја следи работата на полицијата.
„Беа избрани 3 претставници од страна на Собранието – Хелсиншкиот комитет, Здружението на млади правници и Здружението на кривичари. Но, поради своеволното погрешно толкување на одредебите од законот кои се однесуваат на работата на тоа тело, Народниот правобранител фактички го оневозможи функционирањето на тоа тело. Никогаш не смее личноста која раководи со една таква институција, своето его да го стави над она што треба да биде функција на таа институција, особено кога станува збор за човекови права“
смета Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Забелешките на „Мрежата за заштита од дискриминација“, за заменикот народен правобранител Јован Андоновски се добронамерни препораки.
„Нашиот закон предвидува можност во годишниот извештај кој го доставуваме до Собранието да се носат заклучоци, кои по усвојувањето од Собранието стануваат задолжителни за институциите на кои се однесуваат. И обратно. И институциите се обврзани два пати годишно да реферираат кон Собранието за степенот на реализација на овие обврски. Но, за жал, ова некако во пракса не заживеа. Народниот правобранител предложува одредени заклучоци, тие се усвојуваат од Собранието, но немаме фидбек. Ниту институцијата прави дополнителен напор да го следи степенот на реализација“,
објаснува заменикот народен правобранител Андоновски.
Критиката на Андоновски за институцијата во која работи не завршуваат тука. Тој директно го посочува првиот човек, Иџет Мемети, како виновник за нарушени меѓучовечки односи во институцијата.
„Од страна на Народниот правобранител беше побарано од мене да извршам промена во датумот на еден предмет, нешто што категорично го одбив зашто сметав дека е незаконски. Оттогаш наваму се изродија низа проблеми во нашата релација, која кулминираше со незаконско одземање на моите надлежности што ги имам добиено од Собранието, а произлегуваат од закон за Народен правобранител, значи не зависат од волјата на еден човек. Делумно ми беа вратени наделжностите, а областите на кои претходно работев ми беа одземени“,
раскажува Андоновски.
За изборот на заменик народен правобранител за Кичево постапува Антикорупциската комисија по претставка на Камер Имери, државен советник од канцеларијата на омбудсманот во Кичево.
„Според резултатите, констатирам дека Илбер Руфати е избран за заменик на Народниот правобранител кој ќе работи во подрачната организациона единица на Народниот правобранотел во Кичево“,
говореше на седницата за избор претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Имери во претставката до Антикорупциска изразува сомнеж дека Илбер Руфати, предложен од Мемети, ги исполнува законските услови за заменик правобранител.
„Илбер Руфати дипломирал на Меѓународниот универзитет во Струга на Правниот факултет во 2009 година. Се сомневам дали ги има законски потребните 240 кредити или пак само 180, бидејќи по Болоњскиот систем е 3 плус 2 години. Од 2010 до 2015 година е вработен во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, а потоа во УЈП. Логично се поставува прашањето кога кандидатот стекна седумгодишно искуство во областа на правото, чија активност е докажана во областа за заштита и промоција на човековите права, што е и законски услов за избор на заменик?“,
прашува Имери во претставката до Антикорупциска.
Од ДКСК велат дека работат на случајот:
„Доставени се барања за прибирање на податоци и информации до надлежни институции и добиени се одговори во законски предвидениот рок. Постапувањето по предметот е во фаза на разгледување и одлучување на Комисијата на седница согласно нејзините законски надлежности“,
одговараат од ДКСК.
Мемети има уште околу два месеца од својот мандат, па иако веќе требаше да се знае барем кои се најсериозните кандидати, Собранието се уште не распишало оглас, а тоа требаше да се случи уште пред еден месец.
„Јас како претседател на Комисијата за прашања поврзани со изборите и именувањата сме надлежни во делот на именувањето и изборот. Во делот на распишување на огласот, со сигурност, е надлежност на Собранието. Јас очекувам дека и координаторите на координација кај претседателот на Собранието ќе се договорат кога на дневен ред на пленарна седница да се најде и одлуката за оглас за Народен правобранител“,
одговори на новинарско прашање пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ.
Најгласни во јавното лицитирање за тоа кој треба да го наследи Мемети, се политичките партии на Албанците. За ДУИ, местото е соодветно за нивниот кандидат за премиер Насер Зибери. Од Алијанса за Албанците, пак, не споменаа имиња, но отворено велат дека тоа место треба да и припадне на опозицијата.
Не политичко туку професионално решение е желба на граѓанскиот сектор.
„Се надевам дека пораките кои стигнуваат од граѓанскиот сектор ќе бидат сериозно сфатени од страна на власта. Апсолутно е несоодветно да имаме Комисија за Антикорупција на која членовите се избрани на транспаретен начин во Собранието и Комисија за антидискриминација која на ист таков начин треба да биде избрана во Собранието, а да имаме Народен правобранител кој ќе биде производ на меѓусебното разбирање на коалиционите партнери во власта“,
вели Пировска.
Во неодамнешниот извештај Европската комисија повторно апелира на именување членови на независните тела засновано врз заслуги, со што ќе се осигура нивната компетентност и интегритет. Ќе допре ли пораката од ЕУ до партиите?