За многу жени, домот е небезбедно место – два случаи на фемицид во време на пандемија
мај 12, 2020
Веднаш по донесувањето на првите мерки за заштита од вирусот КОВИД-19, Хелсиншкиот комитет посочи на ризикот од зголемување на семејното насилство во кризните услови со кои се соочуваме. Во неколку наврати Комитетот предупреди дека донесените мерки кои се засноваат на самоизолација, мора да бидат родовосензитивни и да ги имаат предвид сите аспекти на постоечките односи на моќ, за да не доведат до прекршување на правата на жените во нивните домови.
Изминатиов период, во медиумите излегоа објави за две убиства на жени од страна на интимен партнер, пред две недели во Арачиново[1] и пред два дена во Скопје[2]. Фемицидот, или убиството на жена затоа што е жена, претставува најтешка форма на насилство врз жената, која е една од водечките причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво. Според истражувањата во нашата земја,[3] во повеќе од 80% од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата, а во најголем дел од случаите убиството е извршено од страна на сегашен или поранешен партнер. Оттука, имајќи предвид дека најчестиот вид на фемицид е како последица на семејно насилство, домот може да претставува место на страв и насилство за многу жени и деца, што значително доаѓа до израз во случаите на изолација за време на пандемијата. Во случаи кога семејното насилство останува непријавено или пак, релевантните институции на жртвата не ѝ ја обезбедуваат соодветната заштита, поголема е веројатноста дека насилството ќе резултира со фемицид. Во нашата држава фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во Кривичниот законик и се квалификува како потежок облик на убиство, кога е сторено при вршење на семејно насилство. Оттука, останува проблематичен недостатокот на статистички податоци за фемицидите, за што најчест извор на неофицијални статистички податоци се известувањата и податоците на медиумите.
Со ратификација на Истанбулската конвенција, Република Северна Македонија ја презема и обврската за криминализирање на секој намерен акт на физичко насилство кон друга личност без оглед на контекстот во кој се случува; а терминот „физичко насилство“ се однесува на повреда на телото како резултат на непосредна и незаконска сила, при тоа опфаќајќи го и насилството кое резултира со смрт на жртвата. Нашата држава ја презема обврската да го усогласи нашето законодавство со оваа конвенција, па пристапи кон подготвување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, во чија подготовка учествуваа и претставници на Хелсиншкиот комитет. Овој Закон беше предвидено дека ќе се донесе до крајот на 2019 година, меѓутоа заради закажување на предвремените парламентарни избори не беше ставен на гласање во Собранието.
Вонредната состојба не смее да биде изговор за прекршување на човековите права на жените, а особено правото на живот и правото на живеење без насилство. Спречувањето на фемицидите подразбира преземање на сите неопходни чекори на сите нивоа на општеството. Поради тоа, уште еднаш потенцираме дека од особена важност во овој период е државите да пристапат кон изнаоѓање на нови и креативни решенија за поддршка и заштита на жртвите, а со крајна цел спречување на потенцијалните фемициди. Непрепознавањето на насилството врз жените/родово базираното насилство и семејното насилство значително ја намалува довербата во надлежните институции. Оттука, Хелсиншкиот комитет апелира инситуциите да ги спроведуваат обврските кои ги преземаа со ратификацијата на Истанбулската конвенција.
[1] https://360stepeni.mk/ubistvo-vo-arachinovo-edno-litse-privedeno/
[2] https://360stepeni.mk/ojo-27-godishnik-osomnichen-za-ubistvo-do-smrt-pretepal-zhena/?fbclid=IwAR1g3kG2IZ3HaTf7ZkNTIOam3xXXMC1ZgAnR-XBlYtm6GCrCpZPqXE77rxQ
[3] https://www.glasprotivnasilstvo.org.mk/wp-content/uploads/2013/11/Femicidi-mk.final_.pdf