Одговорните институции неми за состојбата на измачуваното глувонемо дете
октомври 7, 2014
Хелсиншкиот комитет за човекови права на 30 јуни 2014 се обрати до јавноста и надлежните институции за глувонемото дете – жртва на тортура од страна на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација Бања Бањско. Претставници на Хелсиншкиот комитет, во тој временски период ја посетија здравствената установа и им се даде можност да остварат средба со малолетното дете. Според медицинската документација, беше утврдено дека се работи за дете со комбинирани пречки во развојот – психички и физички. Степенот на пречките во психичкиот развој е умерен, додека за пречките во телесниот развој се утврдени пречки во говорот и гласот и тешка форма на церебрална парализа. Претставниците на Комитетот, за време на посетата имаа можност да го видат детето и да утврдат дека нормално се движи – оди и трча, оттука, се наметнува сомнежот за погрешно поставена дијагноза од страна на докторите кои го изготвиле наодот и мислењето за видот и степенот на попреченост во физичкиот или психичкиот развој на малолетното дете.
Земајќи ги во предвид сите околности, Хелсиншкиот комитет, достави барање за информации до: Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски, Државниот здравствен инспекторат и Народниот правобранител.
Од надлежните институции беше побарано: да биде извршена рекатегоризација со која точно ќе биде утврдена здравствена состојба на детето и ќе му се овозможи соодветна грижа и нега; да се изврши надзор врз работата на Центарот за социјални работи Битола и да се превземат мерки за утврдување на одговорност на овластените лица што постапиле во конкретниот случај. Понатаму, на ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски„ Битола и предложивме да превземат мерки за внатрешен надзор над стручната работа на стручните лица кои го изготвиле наодот и мислењето за видот и степенот на попреченост за развојот на детето. Исто така му беше предложено на Министерството за здравство, да изврши надзор над законитоста на работата на ЈЗУ Клиничка болница „ Д-р Трифун Пановски„ – Битола. Од Народниот правобранител побаравме да не информира кои активности и мерки се преземени од нивната страна, односно дали планираат да извршат надзор над законитоста на работата и надзор над стручната работа на ЈЗУ Клиничка болница „ Д-р Трифун Пановски„ – Битола.
Во текот на месец септември, покрај горенаведените дописи, Хелсиншкиот комитет побара од ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци (Топанско Поле – Скопје), да се овозможи средба со детето, но барањето беше одбиено. Известени сме дека до денешен датум до оваа установа не е доставен нов стручен наод и мислење за состојбата на детето.
Бидејќи надлежните институции се уште се неми за состојбата на измачуваното глувонемо дете, а имаат обврска да известат кои дејствија ги имаат преземено за заштита и унапредување на неговите права, бараме сите надлежните органи кои имаат законска обврска да постапат по случајот да одговорат кои дејствија ги имаат преземено и дали е утврдена одговорност за нестручно и несовесно работење кај лицата кои постапувале во конкретниот случај.