СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ОКТОМВРИ 2025
ноември 25, 2025

Октомври, месецот на првиот круг од Локалните избори, беше одбележан со драстично зголемување на говорот на омраза и политичка поларизација. Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој во овој период спроведе кампања „Фер избори – силна демократија“ за пријавување на говор на омраза, забележа вкупно 107 случаи на својата платформа, со доминантна етничка, национална и политичка основа. Особена загриженост предизвикаа злоупотребата на деца во политички цели, користењето на исклучувачки наративи од политичките актери и инцидентите на спортски настани, како оној со навивачката група „Балисти“, по што Комитетот поднесе пријава до МВР. Во делот на делата од омраза, регистрирани се 5 инциденти, вклучително и напади со етнички мотиви и такви насочени кон мигранти, при што во дел од нив се вклучени малолетници како сторители или жртви. Во затворените институции, Комитетот продолжи со бесплатната правна помош и посети на установи за деца со воспитно-социјални проблеми и Специјалниот завод Демир Капија, при што беа констатирани делумно задоволителни услови во некои установи, но и сериозни проблеми со преоптовареност на персоналот и потреба од деинституционализација и подобрување на квалитетот на грижата.

