СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА СЕПТЕМВРИ 2025
октомври 21, 2025

Септември го одбележаа активности насочени кон превенција од родово базирано насилство и реакции на граѓанските платформи за образовните политики. На почетокот на месецот, Хелсиншкиот комитет во партнерство со Националната мрежа против насилство врз жените го започна проектот „Опсерваторија за фемициди“, во соработка со клучните државни институции, со цел поефикасно следење на случаите и креирање политики за подобра заштита.
Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост остро реагираа на новиот Правилник на Министерството за образование и наука за заштита на ученици жртви на насилство. Тие оценија дека правилникот претставува уназадување на претходните напори, бидејќи ги лишува училиштата од можноста да ги препознаат родово базираното насилство и дискриминацијата, оставајќи го системот слеп пред најчестите форми на насилство.
Во текот на септември, Хелсиншкиот комитет регистрираше зголемен говор на омраза и повикување на насилство врз основа на етничка припадност, што кулминираше со предизборните кампањи и митинзи во Скопје. Комитетот нотираше дека ваквиот пристап, вклучително и прикажувањето снимки од конфликтот во 2001 година, дополнително ја продлабочува поларизацијата и создава ризик од конфликт и недоверба во политичкиот процес.
По повод трагичниот настан во Велес на 15 септември, каде се случи двојно убиство и самоубиство, Платформата за родова еднаквост реагираше дека овој фемицид е доказ за игнорантскиот однос на надлежните. И покрај законските измени од 2023 година, случајот покажа дека институциите не успеале да ја заштитат жртвата и покрај претходните пријави, што укажува на недостиг на ефикасни протоколи и одговорност.


