Месечен извештај (мај 2010)
јуни 10, 2010
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Чекор натаму во реалзација на преоктот „Државата полициска, полицијата партиска“
1.2. Полицијата, стечајците и слободата на здружување и изразување протест
1.3. Разгледување на вториот периодичен извештај на Република Македонија на КПД од страна на комитетот за правата на детето
1.4. Генерирање или борба против хомофобијата во Република Македонија
1.5. Селективно почитување на човековите права на локално ниво
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Нужноста од определувањето на мерката притвор – Случај Башким Али
2.2. Јаки најави за истрага, а резултати нема – Случај С. М.
2.3. Правно неодржливо образложение и самоволие во полициските постапувања – Случај Драги Трајковски, Гевгелија
2.4. Судскиот совет реалност или фикција. Случај Радевски Александар
_______________________________________________________________________
1. ЈАВНИ НАСТАНИ И ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
1.1. Чекор натаму во реалзација на преоктот „Државата полициска, полицијата партиска
Преку предлог имени и дополнувања на „технички закон“ (Законот за телекомуникации) Владата на РМ, како предлагач и власта, преку мнозинството во парламентот, се близу до остварувањето на еден голем чекор во целосното воспоставување на полициска држава и де факто бришење на правото на приватност, како едно од темелните човекови права.
Предлог законот не ги почитува Уставот на РМ (кој ја штити неповредливоста на слободата и тајноста на писмата и сите други облици на општење и гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот, на достоинството и угледот, бидејќи овозможува отстапување од овие начела без судска одлука) и еден куп меѓународни документи кои државата ги прифатила и кои како такви сами по себе се дел од нашата легислатива. Измените и доплонувањата на Законот за телекомуникации, кои го минаа првото читање и сега се на второ читање во Собранието на РМ, наместо да понуди негово услогласување со обврските на операторите и давателите на јавни комуникациски услуги со решенијата предвидени во Законот за следење на комуникациите, оди чекор натаму – нуди нови можности за лесно и директно зафаќање на полицијата и тајните служби во приватноста, патем непочтувајќи ги и важечките закони на државата – за крвична постапка и за следење на комуникации и оној за внатрешни работи.
Предлог законот прдвидува “операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни на барање на надлежните државни органи да им ги достават податоците за сообраќај кога е тоа потребно заради спречување или откривање на кривични дела, заради водење на кривична постапка или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Република Македонија”[1]. Предлагачите на измените одат и чекор понатаму во дерогирање на веќе постоечките законски и уставни норми давајќи му на овластениот орган за следење на комуникациите (МВР) неограничена моќ за располагање со податоците, заобиколувајќи секаква надворешна контрола. Во предлог законот[2] се определува дека на овластениот орган за следење на комуникации – а тоа е МВР, операторите на јавни комуникациски мрежи и давателите на јавни комуникациски услуги се должни да му овозможат постојан и директен пристап до своите електронски комуникациски мрежи како и услови за самостојно превземање на податоците за сообраќај. И ова решение е исто така проширено и на локациите на терминалната опрема на корисниците[3]. Сосема е јасно дека со ваквите решенија се избегнува Судот, Јавното обвинителство па дури и самите оператори затоа што на МВР му е овозможено самостојно преземање на податоците за сообраќај, така што никој друг нема потреба да знае дека МВР превзема податоци, додека за надворешна контрола не станува воопшто збор, што е во апсолутна колизија со веќе постоечкото законодавство.
Излишно е да се напомене дека во процесот на изготвување на предлог-измените е спроведен на нетранспарентен и неинклузивен начин, без овозможување на учество на релевантните институции (Делегација на Европска Унија во РМ, Дирекцијата за заштита на личните податоци), како и домашната и мешународна стручната јавност, приватниот и граѓанскиот сектор.
Хелсиншкиот комитет се придружи кон барањата на дел од невладините организации за повлекување на предлог законот, и самиот изготви коментари на предлог законот за измени доплнувања на Законот за телекомуникации и истите ги достави до пратениците во Собранието на РМ[4].
1.2. Полицијата, стечајците и слободата на здружување и изразување протест
Република Македонија се смета за демократска држава во која се води сметка за обезбедување и заштита на човековите права и слободи. Па така со самото прифаќање на меѓународните документи од кои произлегуваат основните гаранции за човековите права и нивно уставно интегрирање, меѓу кои и слободата на здружување и изразување на јавен протест државата презела обврска не само да ги овозможува туку истите да ги заштитува и обезбедува.
За жал, континуираните опструкции на протестите на стечајците кои се обидуваат да ги искажат своите барања на мирен протест, наведуваат на заклучокот дека демократијата и заштитата на човековите права а особено на правото на здружување и протест во Македонија се само зборови на хартија.
Правото на искажување протест е законски регулирано и истото подразбира дека откако протестот ќе биде најавен, полицијата соработува со организаторот на јавниот собир заради непречено одржување на собирот и преземање на мерки за заштита на животот, личната сигурност и одржување на јавниот ред и мир[5].
Сепак, во случајот на стечајците изгледа како припадниците на полицијата да добиле наредба да заборават на своите обврски за обезбедување на јавниот ред и мир и заштита на личната сигурност на учесниците, па истите како неми набљудувачи на состојбите дозволуваат да дојде до физички и вербален напад над организаторите на протестот.
Полицијата е алатка за спроведување на законите а не за нивно прекршување и притоа треба да биде сервис на граѓаните во функција на нивната сигурност и безбедност без разлика на политичката припадност. Ова не е прв пат како сме сведоци на погазувањето на човековото достоинство во обидот да си го изрази своето мислење, такви беа и ланските случувања со јавните собири на студентите од архитектура како и фармерите од Битола, за што Република Македонија доби и експлицитни забелешки во Извештајот на Европската Комисија кои очигледно не биле доволни за Владата да го смени однесувањето.
Комитетот уште еднаш потсетува на најголемите придобивки на демократијата, како правото на здружување и изразување на протест, и укажува дека секое спротивно однесување освен нивна заштита претставува погазување на човековите права, а со тоа и на демократските принципи на едно општество.
1.3. Разгледување на вториот периодичен извештај на Република Македонија на КПД од страна на комитетот за правата на детето
На 54-та сесија на Комитетот за првата на детето, која се одржа на 27 и 28 мај 2010, присуствуваше и претставник на Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија. На сесијата беа разгледувани Вториот периодичен извештај на Република Македонија за исполнувањето на обврските од Конвенцијата за правата на детето и иницијалните извештаи за факултативните протоколи на Конвенцијата.
По пристапувањето и ратификацијата од страна на Република Македонија на Конвенцијата за правата на детето во 1993 година, потоа на Факултативниот протокол за трговија со деца, детска проституција и детска порнографија во 2003 година, и на Факултативниот протокол за инволвираност на деца во вооружени конфликти во 2004 година, Република Македонија презема обврска за почитување на нивните одредби, како и усогласување на домашното законодавство со нив.
Иако од страна на Комитетот за правата на детето беше поздравен напорот на државата да го усогласи законодавството со Конвенцијата и Протоколите, сепак беше констатирано дека има уште многу да се направи за да се обезбеди целосна заштита на правата на децата.
Хелсиншкиот Комитет како учесник во целокупниот процес при подготвувањето на Алтернативниот извештај[6] и присуството на пред -сесијата и сесијата на Комитетот за правата на детето, ги очекува конечните препораки кои треба широко да бидат дисеминирани, а истовремено ќе го мониторира нивното имплементирање и остварување.
1.4. Генерирање или борба против хомофобијата во Република Македонија
Меѓународниот ден за борба против хомофобијата (IDAHO) 17 мај, заедно со последното истражување на ХЕРА за курикулумите во образовниот систем, повторно го исфрлија на површина институционалното ширење на хомофобија, која е во спротивност со заложбите на Република Македонија за целосно имплементирање на принципот на човекови права и недискриминација.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Република Македонија најостро реагира на публикацијата и употребата на три учебници, кои активно се користат од страна на студентите на факултетите за медицина, стоматологија и психологија. Два од учебниците се потпишани од професор доктор Георги Чадловски (Психијатрија 1 и 2; Просветно дело; Скопје; 2004 и Медицинска Психологија; Просветно дело, Скопје, 2004 ), а еден од професор Олга Шкариќ (Развојна Психологија; Филозофски факултет, Скопје, 2004 ). Исто така во средното образование, во употреба се учебниците од Марија Костова, Анета Бараковска и Ели Маказлиева (ур). (Педагогија за трета година гимназиско, изборен предмет, Просветно Дело 2005); Темков Кирил (Етика за втора година гимназиско, Просветно Дело 2004). Во сите овие учебници хомосексуалноста се третира како болест и како социо-патолошка појава и како растројство на сексуалниот нагон. Со ваков став настапи и еден пратеник во Собранието на Република Македонија, што ги става хомосексуалците под висок ризик за трпење насилство.
Хелсиншкиот Комитет се обрати до Канцеларијата на Светската Здравствена Организација во Скопје и како одговор ја доби Класификацијата на болести, во која јасно се гледа дека хомосексуалноста ја нема на листата на болести и растројства[7]. Земајќи го предвид фактот дека СЗО, АПА, Македонската Психијатриска Асоцијација и Лекарската Комора на Македонија ја имаат тргнато (првите две многу порано, а вторите подоцна) хомосексуалноста од листата на болести, ширењето на вакви информации е крајно дискриминирачки, нетолерантен и чин на стигматизација на хомосексуалците во Република Македонија. Присуството на овие информации во образовниот систем на Р.М. значи дека државата институционално шири хомофобија меѓу своите граѓани.
Kомисијата за Човекови права на ОН го воспостави тригодишниот мандат на Специјалниот известувач во 2002 и истиот беше продолжен во 2005 за 3 години. На десетгодишнината од конференцијата во Каиро, Специјалниот известувач говореше за репродуктивните и сексуални права во својот извештај за Комисијата за човекови права. Тоа е сеопфатен документ кој ги разграничува врската помеѓу репродуктивните/сексуалните права и човековите права и кој говори за сексуалните и репродуктивни права и ЛГБТ правата. Извештајот ја исклучува дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација при реализацијата на сексуалните и репродуктивните права. Правото на здравје, вклучувајќи го сексуалното и репродуктивното здравје ги вклучува сексуалните права кои се дефинирани како сексуални слободи од страна на Специјалниот известувач. Сексуалните права се човекови права и тие ги вклучуваат – „правото на секое лице да ја изрази својата сексуална ориентација, со почит кон добро состојбата и правата на другите, без страв од прогонство, ускратување на слободата и социјално вмешување“.
Важноста на јавното здравје исто така е потцртана во член 153 на Договорот на Европската Заедница и член 129 на договорот на Европската Унија.
Во насока за надминување на етаблираните стереотипи и циркулацијата на погрешни и застарени информации и во образовниот систем и во другите средства за информирање и десеминација на знаење, како и надминување на конфликтот на информации кој ќе се случи со воведувањето на часовите за Животни вештини, Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија организира јавна дебата од која произлегоа неколку заклучоци. Истражувањата и мониторинг спроведени врз курикулумите во средното и високото образование во Република Македонија покажуваат забележително присуство на стереотипни репрезентации на хомосексуалците, а во значителен број на примери и патологизација на хомосексуалноста, што е во спротивност со одредбите на СЗО, АПА, како и Лекарската Комора на Македонија и Македонската психијатриска асоцијација. Од овие причини, на дебатата беше упатен апел до Владата на РМ, а посебно до Министерството за образование и наука и Биро за развој на образованието за повлекување на постоечките учебници[8] и креирање на програми и содржини кои ќе бидат во согласност со современите сознанија и факти, како и кои ќе овозможат промоција на принципите на недискриминација, демократија и почитување на човековите права.
Истражувањето со наслов “Љубов после часови“, спроведено од НВО Х.Е.Р.А, покажува дека знаењата од областа на сексуалното и репродуктивното здравје помеѓу учениците од средно образование се се уште незначајни. Кај голем број на испитаниците се покажува комплетно непознавање на некои од основните методи за заштита од сексуално преносливи инфекции, како и големо присуство на предрасуди и стереотипи, посебно кон малцинските групи. Голем процент од испитаниците родители покажуваат позитивен став кон воведувањето на образование за сексуално здравје, а постоечите теми во програмите само парцијално ги покриваат темите кои влегуваат во комплексот на сексуалното образование. Од овие сознанија беше заклучено дека е неопходно воведување на образование за сексуално здравје кое ќе има холистички пристап кон проблематиката и ќе се заснова на добрите искуства и практики од други земји (Шведска, Белгија, Холандија итн.). Заеднички беше поздравена иницијативата за воведување на предметот за “Животни вештини“ и беше упатен апел за сериозно и доследно спроведување на оваа програма. Беше поздравено подготвувањето и на стратегијата за репродуктивно и сексуално здравје во подготовка на Министерството за здравство во соработка со експертската јавност и невладиниот сектор. Истовремено беше упатена и препорака дека Стратегијата мора сериозно да се заснова на пристап кој ќе ги земе предвид потребите и проблемите на маргинализираните заедници, посебно родовите и сексуалните малцинства.
1.5. Селективно почитување на човековите права на локално ниво
На 12 Maj 2010 година, на започната работилница наменета за општините Арачиново и Центар Жупа, претставниците на администрацијата и советниците на општина Арачиново одбија да присуствуваат и да имаат било какво натамошно учество доколку презентациите на истата се водат на македонски јазик, иако притоа сите потребни материјали заради потребите на работилницата беа обезбедени на албански јазик, беше овозможено прекинување и превод на албански јазик по потреба, во насока на дообјаснување на термините и беше договорено дискусијата да ја водат на албански јазик.
И покрај напорите на претставниците на Хелсиншкиот комитет за изнаоѓање на решение за продолжување на работилницата, како и покрај укажувањето дека треба да ни се приклучат и претставници од општина Центар Жупа, кои не го употребуваат албанскиот јазик, претставниците на општина Арачиново заминаа и ја напуштија салата, притоа нарушувајќи ги правата на претставниците на Хелсиншкиот Комитет да ја работат својата работа на јазик кој го разбираат и воедно е прв официјален јазик во Република Македонија.
Ваквата груба злоупотреба на принципот на човековите права и негирање на правото на другиот, Хелсиншкиот комитет најостро го осудува, а потегот на претставниците на општина Арачиново го смета како симптоматичен чекор кој не само што е спротивен на принципот на човекови права, туку е спротивен и на важечкото позитивно право во Република Македонија, заради кое Хелсиншкиот комитет ќе упати и протесна нота до Градоначалникот на општината. Во оваа пригода сакаме да потсетиме и на член 1 од Универзалната декларација за човековите права каде се наведува: “Сите човечки суштества се родени слободни и еднакви во достоинство и права.”
Хелсиншкиот комитет сака да укаже дека иако е невладина организација, формирано здружение на граѓани, не е државен орган и не е законски обврзан да обезбедува употреба и примена на јазикот кој го зборуваат најмалку од 20% од граѓаните на РМ, сепак на претставниците на општина Арачиново, која има мнозинство албанско население, на 12 Мај 2010 година им беа исполнети сите услови и можности за продолжување и одржување на работилницата.
Правото на употребата на јазиците е стриктно регулирано во домашното законодавство, и тоа во член 7 од Уставот на Република Македонија и Амандман V на Уставот (На целата територија во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо.) и член 2 од Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа (Во органите на државната власт во Република Македонија може да се користи и службениот јазик различен од македонскиот јазик во согласност со овој закон.) Со гореспоменатото законодавство се предвидува употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија, и тоа во:
O официјалните евиденции, во процесот на издавање на личните документи,
O во единиците на локалната самоуправа,
O во комуникацијата со министерствата и подрачните единици на министерствата и во органите на државната власт,
O во судските постапки,
O во пленарните седници на Собранието на РМ и
O при објавување на законите и прописите.
Хелсиншкиот комитет сака да укаже дека ваквите политики на исклучивост водат кон делби а не кон соживот, сечија слобода и права завршуваат на границата на правата и слободата на другиот. Ова е тажен пример кој укажува како се применуваат и се практикуваат човековите права на локално ниво и уште еднаш им укажува на претставниците на единиците на локалната самоуправа дека при нивното работење треба да ја имаат предвид универзалната народна мудрост “Однесувај се кон другите онака како што сакаш да се однесуваат тие кон тебе”.
Контекст:
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија доби одобрување и финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Прогрес за проектот “Воведување индикатори за мерење на дискриминацијата на локално ниво (преку информации, едукација и индикатори за мерење)”. Инволвиран партнер во спроведувањето на проектот исто така е и Секторот за еднакви можности при Министерството за труд и социјална политика.
Проектот поаѓа од премисата на поддршка и помош во функционирањето на правната држава, спроведувањето на законите и еднаквоста на сите пред законот. Посебен интерес на проектот се политиките и практиката на еднаков третман и еднакви можности за сите лица во Република Македонија, во светло на имплементација на неколку закони, а со посебен акцент на Законот за еднакви можности за мажите и жените (2006 година) и Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој се донесе во текот на април 2010 година. Индикаторите за мерење и следење на дискриминацијата на локално ниво имаат за цел да им овозможат на практичарите, општинската администрација и Советот со своите структури да обезбеди создавање и спроведување на политики, мерки и приоди со кои ќе се надминуваат проблемите со дискриминација преку инклузија и партиципативноста на разни сегменти од локалната заедница.
Како надградба на овој проект, од почетокот на февруари Хелсиншкиот комитет започна со реализација на уште еден проект поддржан од програмата на Цивика мобилитас: “Подготовка и тестирање на инструменти за следење на буџетските алокации и трошења на локално ниво преку приодот заснован на почитување на човековите права”. Општа цел на проектот е преку анализа да се осознаат проблемите и нејасностите кои ги имаат граѓаните во врска со буџетите на централно и локално ниво и да им се дадат инструменти и насоки на граѓаните за подготвување на буџетска анализа од аспект на човековите права како и нивното учество во креирањето на локалните политики преку учеството во буџетскиот процес.
Општините како активни партнери во проектот во период од февруари до април 2010 година беа повикани да пристапат на соработка преку потпишување на Меморандум за соработка како и преку пополнување на Прашалник од страна на претставници на администрацијата и советниците на Советите на општините.
Општина Арачиново, како и 62 од вкупните 84 ЕЛС, пристапи кон потпишување на Меморандумот за соработка и пополнување на Прашалникот.
2. ПОЛИЦИСКИ И СУДСКИ СЛУЧАИ
2.1. Нужноста од определувањето на мерката притвор – Случај Башким Али
Преку поднесено писмено барање Хелсиншкиот комитет беше известен дека Башким Али на ден 25 Ноември 2009 година бил лишен од слобода. По 24 – часовно приведување во полиција му била определена мерка притвор согласно 199 став 1 точка 1 и 3[9] од ЗКП. Утредента против Али од страна на Основен суд Скопје 1 – Скопје, истражен судија, е донесено Решение за спроведување на истрага за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ согласно член 215 став 2 вв со став 1 од КЗ.
Од моментот на определување на мерката притвор, на осомничениот/обвинетиот Али истата му е продолжена секој месец[10] од страна на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје со потполно исто образложение по поднесен предлог од страна на истражниот судија.
На 19 Февруари 2010 година, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција покренал обвинителен акт. По поднесениот обвинителен акт Кривичниот совет повторно го уважил предлогот за продолжување на мерката притвор со потполно copy – paste образложение како и во претходните решенија, со укажување дека “Се уште траат причините за изрекување на мерката притвор“, без притоа да постојат основано и правно одржливо образложение.
Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје упорно му ја определил мерката притвор на обвинетиот Али (нормално и на другите обвинети) само со формално продолжување на решенијата за определување на мерката притвор и укажување дека се исполнети условите предвидени во Законот за кривична постапка член 199 став 1 точка 1 и 3 од ЗКП, без да се впуштат во пошироко и формално објаснување на истите.
Мерката притвор, како најтешка мерка за обезбедување присуство на обвинетиот во кривичната постапка, е регулирана во Законот за кривична постапка[11]. Уште од 2006 година па и во следните години, Хелсиншкиот комитет во континуитет укажуваше на потребата судските власти да ги почитуваат стандардите за употреба на притворот како средство за обезбедување присуство на обвинети лица, кој воедно претставува последна мерка која се применува доколку целта не се постигнува со поблага мерка[12]. За жал, преку овој случај се покажа праксата дека судските органи и понатаму продолжија да ја злоупотребуваат мерката притвор на начин што го користат како нужна мерка за обезбедување на обвинетиот во водење на кривичната постапка.
Ваквиот однос на злоупотреба на мерката притвор во неколку наврати е критикуван од страна на Хелсиншкиот комитет, кој преку месечните извештаи апелираше до судските органи да ги земаат во предвид алтернативните мерки подеднакво како притворот, со оглед на фактот дека истиот претставуваат исто така средство за обезбедување присуство, а не казна за обвинетиот, притоа да не се заборави и на пресумпцијата на невиност како уставен принцип[13].
Хелсиншкиот комитет смета дека особено кога се решава за ограничување на слободата на движење на личноста, при определување или продолжување на мерката притвор треба да се пристапи со должно внимание и релевантно правно издржани и образложени причини, како и со итно постапување, бидејќи се работи за едно од основните човекови права.
Хелсиншкиот комитет апелира на соодветна, еднаква и правна примена и употреба на мерката притвор, и ги охрабрува и повикува судските органи на употреба на другите соодветни мерки на обезбедување, се со цел да не се нарушат човековите права и повредата на достоинството на личноста.
2.2. Јаки најави за истрага, а резултати нема – Случај С. М.
Во дневните медиуми беше пласирана веста дека се кон крајот на месец март 2009 година се самоубил осуденик во затворот во Т., прилог нормално проследен со шпекулации/инсинуации дека можеби осуденикот бил тепан.
Заради дознавањето на вистината и текот на преземањето на мерки и дејствија од страна на надлежните државни органи, Хелсиншкиот комитет упати допис до Управата за извршување на санкции со кое е побарано да ни се дозволи извршување на посета. Посетата беше извршена во текот на месец април 2009 година, при што се одржа средба со директорот од затворот во Т. Од страна на директорот бевме известени за општи работи за затворот, а за конкретниот случај ни кажа само дека осуденикот бил примен пред еден ден и ништо повеќе. Најави дека се чека завршување на истрагата, па да се каже заклучокот.
Во текот на јуни месец 2009 година повторно е пратен допис до затворот и до Управата за извршување на санкции со барање да бидеме известени за конечниот исход на истрагата. На 1 Септември 2009 година добиен е одговор од страна на затворот во Т. со кој не известуваат дека истрагата е се уште во тек и се води од страна на Основниот суд Тетово.
Во почетокот на годината претставници на Хелсиншкиот комитет извршија посета во затворот, при што повторно се заинтересира за исходот на истражната постапка, при што повторно добија одговор дека немаат повратна информација од судот.
На 4 Март 2010 година повторно е пратен допис до затворот во Т. со прашање до каде е истрагата и дали затворската установа конечно добила одговор од истражниот судија. На 5 Мај 2010 година добиен е одговор со кој не известуваат дека – „од страна на Основен суд Тетово со известие од 28 Август 2009 година сме известени дека од нивна страна до ОЈО – Тетово се доставени записникот и фото албумот од извршениот увид на лице место, меѓутоа ОЈО нема доставено барање за спроведување на истрага или предлог за преземање на истражни дејствија, така да пред овој суд не се води истрага или пак истражни дејствија во врска со смртта на починатиот С. М.“
Хелсиншкиот комитет, а и целата јавност се уште се сеќава на најавите на надлежните дека истрага ќе се спроведе, дека одговори ќе се дадат, дека јавноста ќе биде известена и слични помпезни најави, но после одреден временски период управата спласнува и се останува на дадените ветувања. Значи молк, како и за скоро секој втор случај.
После цела година натегање со кратко известување сме известени дека “во судот не се води истрага во врска со смртта на починатиот осуденик“, без поподробни податоци за тоа дали воопшто се водела истрага, како истата завршила, каков е заклучокот и дали роднините се известени за исходот на истата (доколку ја имало воопшто).
Иако уште при првите одговори доставени од страна на затворот како и при извршените посети, директорот имал сознанија дека „истрага пред овој суд не се води, ниту пак дека истражни дејствија во врска со смртта на починатиот С. М.“, сепак тој податок беше прикриен и недостапен за Комитетот.
Хелсиншкиот комитет ги повикува роднините и нивните застапници, да доколку истите не се соодветно известени за преземените мерки и дејствија од страна на државните органи (ОЈО и СУД) да не го оставаат случајот така да тапка на место и да се затвори се едно кратко известување, туку да поднесат апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за повреда на член 3[14] од Европската конвенција за човекови права – во делот на неефикасна спроведена истрага.
2.3. Правно неодржливо образложение и самоволие во полициските постапувања – Случај Драги Трајковски, Гевгелија
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија од страна на г. Драги Трајковски од Гевгелија беше известен дека на 18 Ноември 2009 година од страна на двајца полициски припадници на полицијата, вработени во Полициска станица Гевгелија бил приведен и спроведен во Основен суд Гевгелија, со наредба наводно издадена од страна на Основен суд Гевгелија. Истиот веднаш побарал копија од наводната наредба, но за жал припадниците на полицијата му одговориле дека нема да му дадат примерок од наредбата. Приведувањето и спроведувањето биле извршени и истиот бил спроведен во Основен суд Гевгелија. Пред да излезете од судот г. Трајковски повторно им побарал примерок од наредбата за присилното спроведување на припадниците на полицијата, но повторно добил негативен одговор. Потоа отишол во просториите на полициската станица, каде бил упатен да поднесе писмено барање, што и направил.
На 26 Ноември 2009 година добил известување дека “полициските службеници во врска со постапувањето по судската наредба на Основен суд Гевгелија постапиле согласно законските прописи”. И толку.
Хелсиншкиот комитет се обрати до Полициската станица Гевгелија и побара да биде известен за причините поради кои не му била дадена копија/примерок од наредбата за негово присилно спроведување, што е спротивно на член 187 став 4[15] од ЗКП.
На 11 мај 2010 година добиен е одговор од ПС Гевгелија со известување дека “согласно наредба од Основниот суд Гевгелија полициските службеници постапиле, го привеле г. Трајковски до Судот, кој воедно и бил предаден на судијата. Пред почетокот на приведувањето на Трајковски му е предочена напред наведената наредба издадена од страна на ОС Гевгелија и со истата е запознаен и дадена му е на увид.“ Понатаму во известувањето се наведува „Бидејќи наведениот е познат на службата на истиот не му е дадена наредбата согласно Законот за полиција, член 46 став 4“. Чудно! Да гледаш и да не поверуваш!
Никој не го спори фактот дека имало наредба, ниту пак г. Трајковски се противел на спроведувањето на истата, мирно си постапил по истата, но проблематично е што на г. Трајковски на му е дадено копија од наредбата за кое нешто државните органи (ПС Гевгелија) биле задолжени согласно Законот за полиција и Законот за кривична постапка.
Хелсиншкиот комитет укажува дека во позитивното право не е предвидено категоријата познанство ниту пак е дозволено самоволјата на овластените службени лица. Дали некој и е познат на полицијата или не, не е битен фактор за предочување на наредбата, туку дали има основано сомнение дека лицето ќе даде отпор или обвинетиот ќе одбие, па присилно ќе треба да биде спроведен, што не соодветствува со конкретниот случај.
Хелсиншкиот комитет смета дека во конкретниот случај има непочитување на законската регулатива предвидено во Законот за кривична постапка и Законот за полиција.
2.4. Судскиот совет реалност или фикција. Случај Радевски Александар
Општинскиот Суд во Берово, решавајќи по оставината на покојниот Р.А., носи решение со кое како наследници ги огласува неговите синови Р.Ќ на 2/3 и Радевски Александар 1/3 на недвижен имот куќа, двор, овошна градина и ниви, наведени во решението.
Странката Радевски Александар не извести дека по смртта на неговиот брат Р.Ќ, Општинскиот Суд во Берово ги огласува како наследници, неговата ќерка С.Ј. на која и припаѓа дел од куќата „една соба на спратот од северната страна” и неговиот син Р.С. на кого му припаѓа подвижниот имот детално опишан во наследното решение и 2/3 од куќата, дворот и овошната градина. Врз основа на барање за исправка на решение поднесено до Основниот Суд Берово, Судот носи решение со кое се врши исправка на Диспозитивот на решението, со тоа што во описот на недвижниот имот на наследничката С.Ј. се додава „1/3 идеален дел од куќата”, кој согласно поседовниот лист издаден од Општинската геодетска управа Берово му припаѓа на Александар Радевски. Врз основа на вака извршената исправка во наследното решение, Државниот Завод за геодетски работи, Одделение за премер и катастар врши промена, односно делот од 1/3 врз објектите во сопственост на Александар Радевски се запишуваат во сопственост на С.Ј акт со кој спротивно на законските одредби се одзема имотот во сопственост на странката Александар Радевски. Ваквата постапка е спротивна на член 128 ст.8 од Законот за вонпарнична постапка кој јасно говори за можноста да се извршат исправки од Формален карактер но не и за исправки кои ја менуваат суштината на решението.
Хелсиншкиот Комитет за човекови права се обрати до Претседателот на Основниот Суд во Берово, кој не извести дека „странката при секоја промена на Судскиот Совет поднесува преставки со иста или слична содржина за истиот оставински предмет по кој исправка извршила судијата Ф.К.”
Незадоволен од ваквото образложение, кое дефинитивно не претставува одговор на поставените прашања, ниту пак оди во насока на заштита на правото на Сопственост заштитени со Уставот и Законот за сопственост и други стварни права, Хелсиншкиот Комитет побара преземање на конкретни дејствија за случајот од страна на Судскиот Совет а против судијката Ф.К.
Известувањето на Судскиот Совет по повод поднесената преставка од наша страна, ја содржи погоре цитираната изјава/образложение на Претседателот на Основниот Суд Берово и не известува дека во конкретниот случај не се пронајдени елементи на одговорност за нестручно и несовесно постапување на судија при вршење на судиска функција.
Од друга страна пак Судскиот Совет на Република Македонија јавно објавува решение за разрешување на судијата С.С. од Основниот Суд Скопје I Скопје поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Превземените дејствија на судијата во конрекетен случај (образложени во решението), кои се основа за поведување на постапката за несовесно и нестручно работење, во целост наликуваат на дејствијата во случајот на Александар Радевски. Во образложението на решението е наведено „во конкретниот случај, исправените исправки не се однесуваат на очигледни грешки во имињата и броевите или во очигледни грешки во пишувањето и сметањето, туку напротив извршена е исправка во извршниот предмет на цели катастарски парцели и броеви на имотни листови… судијата го изменил целиот диспозитив… При ваква состојба, Советот по двата предмети утврдил постоење на нестручно и неосвесно вршење на судиската функција од страна на судијата С.С. од С., со злоупотреба на положбата или пречекорување на службените овластувања според член 75 став 1 алинеја 8 од Законот за судовите.”
Хелсиншкиот Комитет за човекови права во текот на 2007 год. неколкупати укажуваше на Двојните стандарди на одлучување на Судскиот Совет, селективниот пристап во одлучувањето за предметите и неиспитувањето на наводите во поднесените претставки. Очигледно е дека праксата на пристрасност, селективност и поткопување на правната сигурност врз основа на Владеење на правото од страна на органот кој се декларира како самостоен и независен и понатаму продолжува.
Хелсиншкиот Комитет смета дека ваквото постапување на Судскиот Совет на Република Македонија е неприфатливо, спротивно на неговата надлежност делегирана со Уставот и Законите. Истото води кон поткопување на начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и ја руши нивната доверба во независниот судски систем.
——————————————————————————–
[1] Член 72 од предлог измените на закон за електронски комуникации (нов став 7 на член 112 од законот)
[2] Член 72 од предлог измените на закон за електронски комуникации (нов став 8 на член 112 од законот)
[3] Член 73 од предлог измените на закон за електронски комуникации (нов став 8 на член 114 од законот)
[4] Коментарите во целост можат да се најдат на интернет страницата на комитетот www.mhc.org.mk
[5] Член 78 од Правилникот за вршење на полициски работи
[6] https://www.mhc.org.mk/WBStorage/Files/Pravata%20na%20deteto%20-%20mk.pdf
[7] https://apps.who.int/classifications/apps/icd/icd10online/
[8] Марија Костова, Анета Бараковска и Ели Маказлиева (ур). Педагогија за трета година гимназиско, изборен предмет, Просветно Дело 2005; Темков Кирил. Етика за втора година гимназиско, Просветно Дело 2004; Чадловски Георги. Психијатрија (Скопје, Просветно дело: 2004); Чадловски Георги. Медицинска психологија (Скопје, Просветно дело: 2004); Шкариќ Олга. Развојна Психологија (Скопје, Филозофски факултет: 2004)
[9] Член 199 – Закон за кривична постапка
Ако постои основано сомневање дека определено лице сторило кривично дело, притвор против тоа лице може да се определи ако:
1) се крие, ако не може да се утврди неговиот идентитет или ако постојат други околности што укажуваат на опасност од бегство;
3) особени околности го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело, или ќе го доврши обиденото кривично дело или дека ќе стори кривично дело со кое се заканува.
[10] на 24.12.2009 година, на 22.01.2010 година и на 22.02.2010 година, но сега како на обвинет по покренат обвинителен акт
[11] член 198 до 208 од Законот за кривична постапка
[12] Член 185 од Закон за кривична постапка
Мерките што можат да се превземаат спрема обвинетиот за обезбедување на негово присуство и за успешно водење на кривичната постапка се покана, приведување, ветување на обвинетиот дека нема да го напушти престојувалиштето односно живеалиштето и други превентивни мерки со кои се обезбедува присуство на обвинетиот, гаранција, кучен притвор и притвор.
[13] Член 13 – Устав на Република Македонија
Лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
[14] Член 3-Забрана на мачење
Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.
[15] Закон за кривична постапка
Лицето на кое му е доверено извршувањето на наредбата му ја предава наредбата на обвинетиот и го повикува да појде со него. Ако обвинетиот го одбие тоа, ќе го приведе присилно.