Состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово за периодот 11.01.2016 – 17.01.2016 година

јануари 20, 2016

Неделниот извештај за состојбата на граничните премини Гевгелија и Куманово ги опфаќа темите: Просторни капацитети и услови во кампот и Институционално постапување за периодот 11.01.2016 – 17.01.2016 година.

Гевгелија 

Просторни капацитети и услови 

Во овој период се регистрирани 12.917 бегалци, што е за 13% повеќе од минатата недела, кога беа регистрирани 11.211 бегалци.

Намалувањето на бројот на бегалците најверојатно се должи на временските услови и разбрануваното море.

Новина во кампот е тоа што е започнато со изградба на настрешница непосредно пред кампот, каде што влегуваат бегалците, чија намена ќе биде заштита на бегалците и полициските службеници од временски услови при поднесување на документите за регистрација. Иако е отпочнато со поставување на бандери за осветлување на патеката од Кампот до Кота 59 кај грчката граница, патеката сè уште не е осветлена поради што бегалците навечер се движат отежнато.

На 16.01.2016, кампот го посетија министрите за внатрешни работи на Република Македонија и Република Србија.

Со падот на температурите се зголемува потребата од медицинска помош кај бегалците, бидејќи има се повеќе разболени и премрзнати лица.

Поради зголемените врнежи од дожд и снег, има зголемена потреба од облека и обувки за сите возрасти, како и зимска опрема (ракавици, шалови).

Институционално постапување 

Постапувањето на полициските службеници е професионално и совесно. Унгарската полиција која е присутна во кампот асистира при влезот на бегалците во кампот, како и при нивното качување во воз, при што го одржува редот.

Се поздравува праксата на полициските службеници со која им се дава предност на жени со бебиња и мали деца.

Куманово 

Просторни капацитети и услови 

Во кампот се пуштени во употреба нови контејнери кои се прилагодени за преспивање на бегалците.

На 16.01.2016 година, во кампот оствари посета Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, која се запозна со начинот на кој функционира кампот.

Институционално постапување 

На 15.01.2016 година, во 0:15 часот, во близина на бензинска пумпа „Детоил“ крај автопатот во близина на с. Речица, Куманово од страна на набљудувачот на Хелсиншкиот комитет на Граничниот премин за бегалци кај Табановце била затекната група од 8 таканаречени „економски мигранти“ од Мароко кои биле во лоша состојба. При остварениот контакт соопштиле дека биле нападнати од страна на вооружена група од три лица кои излегле од автомобил БМВ Х5 со сребрена боја. Напаѓачите физички ги нападнале бегалците при што им одзела лични предмети. Едниот припадник на групата поседувал пиштол, а останатите ножеви. Набљудувачот на Хелсиншкиот комитет извести дека ова е трета група на нападнати бегалци која го споменува сребреното БМВ Х5. Од страна на набљудувачот случајот веднаш беше пријавен во СВР Куманово.


„Овој извештај е овозможен со поддршка од Фондација Отворено Општество- Македонија (ФООМ) во рамките на проектот „Подобрување на правната заштита за мигрантите и барателите на азил во Република Македонија“. Содржината на извештајот е одговорност на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и не ги изразува ставовите на ФООМ“.